fbpx

Храбра, но (по)паметна фискална политика по изборите

Д-р Марјан Петрески

Јавен интерес

18.11.16

Прегледи

Д-р Марјан Петрески

mpetreski blogerНивото на јавниот долг од 50.6 отсто од БДП не е високо. Но гледано од апсект на брзината на порастот и намената на позајмените пари, долгот зазема опасни размери. Првите разумни чекори после изборите треба да бидат намалување на буџетските дефицити и тековните трошоци, особено за пензискиот и социјалниот систем, и давање приоритет на капиталните трошења.

Во време на продукцијата на „Покриениот вагон“ (1923), еден амбициозен филм за пионерите кои тргнаа кон Западот во 1840-те, шефот на студиото Парамаунт, Адолф Зукор, почнал да се грижи за растечкиот буџет на филмот и му наредил на продуцентот Џеси Ласки да ја суспендира продукцијата на филмот. „Театрите, објаснил тој, се жалат за бројот на вестерни што се произведуваат и се жедни за нешто различно“. „`Вагонот` не е вестерн“, возвишено се спротивставил Ласки. „Тоа е епска приказна.“ „Епска приказна?“ возбудено реплицирал Зукор. „Па, тоа е различно – тогаш, терајте понатаму!“

Јавниот долг на Македонија ја премина психолошката бариера од 50 проценти од БДП и со издавањето на последната еврообврзница се искачи на 50.6 отсто. Навидум, ова ниво на јавниот долг не е високо, особено ако се има предвид дека многу земји се доближуваат или ја надминуваат границата од 100 насто јавен долг од БДП. И, навистина, ова ниво на јавен долг немаше да ме загрижува ако не беа проблематични два други аспекти: брзината на зголемување и намената на јавниот долг.

Јавниот долг порасна драматично за краток период

Кога оваа влада ја презеде власта во 2006 година, на депозитната сметка на државата затекна салдо од околу 325 милиони евра, кои во еден дел беа генерирани и поради исклучително стегнатото трошење на буџетот во постконфликтниот период. Исклучително поволните економски движења во 2007 ја дополнија депозитната сметка до близу 500 милиони евра. Ваквата позиција на фискалните финансии претставуваше своевидно бинго, па во втората половина од 2007 година беа предвремено отплатени 233 милиони евра кон концесионалните кредитори - Светската банка, Европската инвестициска банка и Парискиот клуб. На крајот од 2007 година, на депозитната сметка на владата останаа близу 250 милиони евра. Со доаѓањето на Големата економска криза кон крајот на 2008 и особено во 2009, реализацијата на буџетските приходи не одеше добро, па депозитната сметка до крајот од таа година се испразни на само 30-тина милиони евра.

Предвремената отплата на долгот придонесе тој да се намали од 33 проценти на 23 отсто од БДП. Тоа овозможи и отстранување на стегите што врз трошењето и фискалната политика ги наметнуваа меѓународните концесионални кредитори. Така, се создаде фискален простор со релативно низок јавен долг и без било какви условувања од меѓународните финансиски организации. Денес, речиси 10 години подоцна, долгот е повеќе од двојно повисок, 50.6 насто од БДП, а во апсолутни бројки и повеќе од тројно повисок.

Затоа, првиот проблем е што долгот порасна драматично за релативно краток временски период, без притоа да постои надворешна сила која ќе има барем некаква улога во контролирањето на тој раст.

За што се потрошија парите

Вториот проблем е за што се потрошија овие пари? Еден помал дел од позајмените средства, за волја на вистината, се наменски – изградбата на патиштата, кредитот што неодамна го одобри Советот на Европа за изградба на клиничкиот центар, кредитите од Светската банка за подобрување на комуналната инфраструктура, и други. За овие кредити, нема дилема: нивната намена го оправдува нивното земање. Но, постои еден друг, поголем дел позајмици, за кои намената не се знае. На пример, дали некој знае за што се наменети средствата од последната еврообврзница од 450 милиони евра? Тоа владата не ни го објасни, па се стекнува впечаток во јавноста дека тие пари се потрошени за алиментација на сите ветувања што владата ги даваше во претходните 10 години, главно за зголемувањето на пензиите, социјалната помош, платите во администрацијата – сите над потенцијалот на самата економија, како и низа непродуктивни или нископродуктивни проекти.

pari iljadarki blog

Извор: Deutsche Welle

Како понатаму

Оттука, долгот гледан како ниво, во моментот не е висок. Но, гледан како тренд/брзина на пораст и како намена на позајмените пари, тој зазема опасни размери. Фискалниот простор, во моментов е значајно, ако не и целосно потрошен. Ако тоа е така, тогаш клучното прашање, е како понатаму?

Прво, на економијата и е потребна неодложна фискална консолидација. Намалување на буџетските дефицити, проследено со одложување на зголемувањата на тековните трошоци, вклучително и трошењата за пензискиот и социјалниот систем, како и итна приоритизација на капиталните трошења се чини како прв разумен чекор. Но, тоа наметнува две прашања: Дали фискалната консолидација треба да значи фискално штедење односно генерирање фискални суфицити? и Дали е повторно потребна надворешна сила која ќе прави мониторинг, контрола и условувања во водењето на фискалната политика?

Одговорот на првото прашање е негативен. Во оваа фаза од развојот, македонската економија треба храбро да остварува разумни фискални дефицити – во рангот од 2.5 до 3 проценти од БДП – исклучиво наменети за финансирање на инфраструктурата во најширока смисла на зборот, со цел да создаде претпоставки еден ден во иднина фискалните суфицити да  се случуваат сами од себе, без преголемо стегање на ременот. Инвестициите во инфраструктура денес – патна, железничка, здравствена, информатичка, образовна, научна, поттик на малите и средни претпријатија, иновации и стартапи – ќе го подигнат продуктивниот капацитет на економијата утре и таа лесно ќе може да генерира суфицити од кои ќе се отплатат долговите. Поради значајната ограниченост, сепак фискалната политика ќе мора да биде попаметна и да инвестира во проекти кои носат најголема економска корист, односно проекти за кои ќе се постигне општествен консензус дека имаат такви карактеристики. Од друга страна, фискалните суфицити денес, ќе придонесат да се намали јавниот долг, но ќе ја отапат економијата, односно ќе го инхибираат нејзиниот раст, како што тоа го сторија во годините после конфликтот, кога, иронично, светската економија ги живееше своите златни години.

Одговорот  на второто прашање,  исто така е негативен.  Во  моментов имаме доволно памет за самите да извршиме фискална консолидација на разумни дефицити потрошени само за приоритизирани капитални инвестиции со висок мултипликативен ефект врз економијата, односно позајмениот денар да создаде вредност поголема од денар кога ќе биде потрошен. Всушност, крајно време е тоа да го направиме сега, затоа што веќе утре, чукањето на вратата на ММФ може да стане неопходно. Но, тоа значи дека денес ќе мора да постигнеме консензус дека пари за понатамошно зголемување на пензиите нема, како што не би имало пари за поврат на 15% од ДДВ-то на граѓаните или други слични небулози. Во истата оваа насока, фискален совет – идејата којашто во јавноста се заговараше порано – може да биде некаква опција, меѓутоа со соодветно дефинирани ингеренции, во смисла на вето на одлуките за задолжување кое надминува одредени размери, а не само со советодавна улога.

На крајот, ако се вратиме  на почетокот, се чини дека ние сме покриениот (со странски кредити) македонски вагон, кој моментално има јавен долг на опасната граница на неодржливост. Но, се чини дека живееме во епска приказна, и веројатно тоа го оправдува ваквото однесување на фискалната политика. Дали е тоа доволно за да се „тера понатаму“? Одговорот дадете го самите.


Пост скриптум: За волја на вистината, филмот „Покриениот вагон“, еден од најголемите спектакли на т.н. Глува доба, завршил со спектакуларен успех.


Во текстот се преземени некои идеи од колумна на истиот автор, објавена во „Економија и бизнис“ во 2011 година.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Д-р Марјан Петрески

Д-р Марјан Петрески е вонреден професор по економија и проректор за истражување и развој на Универзитетот Американ Колеџ во Скопје. Тој има големо теоретско знаење и практично искуство во широката област на макроекономијата и развојната економија, особено до делот на критичката анализа и креирањето на политики. Учествувал во многубројни проекти поврзани со економски анализи, анализи на инфраструктурни проекти и финансиски анализи на проекти и компании во држави со економии во развој и транзиција, како Македонија, балканските држави и земји од Далечниот Исток и од Африка.