fbpx

Како да се надминат разликите во платите на мажите и жените

Иван В'чков

Иван В`чков

Ivan Vckov 200x250Родовиот јаз во платите во Македонија, според податоците од 2014 година, е присутен во сите занимања, а најмногу во занаетчиските (32 отсто) и општите занимања (26 отсто). Највисокиот родов јаз во платите е во образовниот сектор (33 отсто). Во секторот недвижности и во другите услужни дејности, жените имаат предност пред мажите и заработуваат 14 отсто повеќе од своите машки колеги.

Иако академската и експертската јавност по трудова економија тврдат дека разликата во платите помеѓу мажите и жените е во опаѓање, жените и понатаму продолжуваат да заработуваат помалку од мажите.

Родовиот јаз во платите е појава за која многу се дискутира и претставува проблем за сите земји во светот. Постојат различни закони и регулативи за родова еднаквост кои се насочени кон правата на жените при вработување и работен однос, кои ги применуваат многу од земјите за да го намалат овој родов јаз. И покрај огромниот напор на многу земји за решавање на овој проблем, сепак, платите на мажите и жените и понатаму се различни. Џефри Хејс во својот труд за проекција на родовиот јаз во платите тврди дека иако тој се намалува, овој тренд е толку бавен што родовата еднаквост во платите може да биде постигната дури во 2058 година.

Сегрегација и културни предрасуди

Според Извештајот на Обединетите нации за жените за 2015-2016 година иако се зголемува нивото на образование на жените, половите предрасуди во домаќинствата и на пазарот на трудот влијаат врз поделбата на професиите помеѓу мажите и жените што има индиректни последици врз платите и бенефициите според видот на работата.

Сегрегацијата врз основа на работното место е континуиран проблем кој се забележува насекаде низ светот при што жените обично се насочуваат кон професии кои се нископлатени и со лоши работни услови. Исто така, жените се соочуваат со културни предрасуди, според кои, наместо да уживаат во личниот професионален успех и прогрес на пазарот на трудот, од нив се очекува да се насочат кон обврските во домаќинството или семејството. Поради огромните обврски во домаќинството, жените имаат ограничен пристап и можности при изборот на видот на работата на пазарот на трудот. Исто така, дел од жените работат и како неплатени семејни работнички односно работат без плата во деловен субјект, дуќан или земјоделски имот кој е во сопственост на некој член од нивното домаќинство.

Ваквото ограничување дополнително ја влошува социо-економската состојба не само на жената, туку и на домаќинството. Според податоците од извештајот на ОН, просекот на вклученост на жените на пазарот на трудот во светот во 2013 година изнесувал 50,3 отсто додека на мажите бил 76,7 отсто. Стапката на невработеност во светот за 2013 изнесувала 7 отсто кај жените, а 5,9 проценти кај мажите. Исто така, просечниот родов неприлагоден јаз во платите на светско ниво изнесувал 23,5 проценти. Овие податоци дополнително ја зголемуваат загриженоста дека жените дури и во 21 век се соочуваат со големи предизвици за својата социо-економска положба.

Над половина од жените во Македонија надвор од работната сила

Според Анкетата за работната сила на Државниот завод за статистика (ДЗС), од вкупното работноспособно население во 2015 година во Република Македонија, само 33,7 отсто од жените биле вработени додека процентот на вработени мажи изнесувал 50 отсто. Стапката на невработеност од работноспособното население изнесувала 18,4 отсто кај мажите додека, пак, кај жените таа била 11,3 отсто. Најзагрижувачки е податокот за стапката на неактивност на работноспособното население (луѓе кои не се вклучени во категориите вработени и невработени, односно луѓе кои се надвор од работната сила), која изнесувала 55,1 отсто кај жените и 31,1 отсто кај мажите.

Податоците од Анкетата за структура на заработувачката на вработените на ДЗС за 2014 година откриваат дека неприлагодениот родов јаз во платите на национално ниво изнесувал 12 проценти. Родовиот јаз е присутен во сите занимања, а најмногу во занаетчиските (32 отсто) и елементарните т.е. општите занимања (26 отсто). Највисокиот родов јаз во платите е во образовниот (33 отсто) и во професионалниот сектор. Во секторот недвижности и во другите услужни дејности, жените имаат предност пред мажите и заработуваат 14 отсто повеќе од своите машки колеги.

Gender Differences Man Woman Inequality

Јазот не е само пресметка на разликата во платите

Неприлагодениот родов јаз во платите ја означува процентуалната разлика помеѓу бруто годишната заработувачка на вработените жени и мажи прикажана како процент од заработувачката на мажите. За пресметка се земаат предвид сите вработени со полно и скратено работно време. Имајќи предвид дека огромен дел од работноспособните жени во Македонија се неактивни или невработени, тогаш овој родов јаз може да даде податоци и информации што водат кон погрешни заклучоци. За да се опфати целата женска популација и влијанието на јазот во платите потребна е примена на економетриски методи. Ваквата калкулација го прави јазот во платите прилагоден зашто се земаат предвид сите релевантни податоци за продуктивноста, човечкиот капитал и за човечките особини, како и сите други контролни варијабли кои се сметаат за важни во анализата. Оттука, прилагодениот јаз во платите се однесува на процентуалната разлика помеѓу машките и женските плати според истите карактеристики и работни места.

Пресметката на прилагодениот родов јаз во платите во Република Македонија е со податоци од aнкетата на ДЗС за приходи и услови на живеење за 2010. Вообичаените економетриски методи кои ги применува академската заедница за анализа на родовиот јаз во платите се ОЛС моделот (метод на најмали квадрати), Хекмановиот модел за селекција и методот на повторени импутации.

ОЛС моделот го анализира родовиот јаз според различностите помеѓу индивидуалните човечки особини (како на пример, нивото на образование, стажот, секторот итн.). Хекмановиот модел за селекција го анализира родовиот јаз во платите земајќи ги предвид и контролните вариjабли, како на пример, бракот и бројот на децата, што би влијаеле на изборот на жените за учество во работната сила. Додека, пак, методот на повторени импутации го анализира родовиот јаз преку пресметката и оценката - колкава плата би добивала личноста која е неактивна или невработена врз основа на човечките особини, правејќи споредба со иста таква личност која е вработена.

Неприлагодениот родов јаз во платите во Македонија изнесувал 14,1 отсто за 2010 година. Кога ќе се применат ОЛС и Хекман моделите, родовиот јаз се зголемува на 19 отсто. Овој феномен на зголемување се забележува кај многу од земјите во транзиција што означува дека жените обично имаат подобри карактеристики на пазарот на трудот отколку мажите, но сепак заработуваат помалку. Спротивно, во развиените земји, каде што неприлагодениот јаз е обично поголем од прилагодениот јаз, значи дека обично еден дел од жените земаат помала плата од мажите поради пониското ниво на образование, искуството и поради недостатоци во другите индивидуални карактеристики што се барани на пазарот на трудот.

Методот на повторени импутации го намалува прилагодениот родов јаз на речиси 8 отсто што е значителен пад од околу 11,25 процентни поени во споредба со прилагодениот родов јаз пресметан според ОЛС и Хекман. Тоа значи дека изборот на работната сила е во можност да објасни околу 60 отсто од половата разлика во платите. Моделот покажува дека постои негативна селекција на жените при вработувањето, односно жените кои се надвор од пазарот на трудот не се оние со најлошите човечки капитални особини.

Причини и решенија

Во академскиот труд Полови разлики во платите кога жените се крајно неактивни се напоменува дека големата женска неактивност или ниска вклученост на пазарот на трудот е поврзана со многу фактори.

Излегувањето од пазарот на почетокот од транзицијата се должи на недостатокот од вештини, потоа на тенденцијата на жените во руралните средини да бидат неплатени семејни работнички, како и на зависноста од девизните дознаки (поттикнување на жените да се потпрат на дознаките испратени од мажите во странство). Долгорочната невработеност и потребата од повисока плата од понудената, исто така можат да бидат меѓу причините што ги тераат жените да останат надвор од пазарот на трудот.

Недостатокот од инфраструктура (патишта и јавен превоз), посебно во руралните средини, е натамошна причина зошто жените се неактивни на пазарот на трудот. Традиционалните и општествените норми во Македонија, каде жената се гледа како одговорна за домаќинството, дополнително ги зголемуваат бариерите за учество на жените на пазарот на трудот. Исто така, тенденцијата на две или повеќе генерации семејства да живеат заедно во едно домаќинство претставува дополнителен притисок кон жената со оглед на фактот дека од неа се очекува не само да се грижи за децата, туку и за членовите на поширокото семејство (постарите).

Недостатокот или неразвиеноста на јавни политики во корист на семејството (family-friendly public policies) може да има огромно влијание врз неактивноста на жените на пазарот на трудот. Недостапните или неразвиените политики во корист на семејството и други програми, како породилното отсуство кое го користат тактовците, заштитата на работното место, должината на породилното отсуство на мајките, флексибилното работно време (прилагодено за мајките) и скратеното работно време и работни места кои се прилагодени за мајките, можат да имаат големо влијание врз неактивноста на жените, а со тоа и на родовиот јаз во платите. Згора на тоа, малата достапност на градинките, особено во руралните области, како и малата достапност на домови за нега на стари лица во Македонија, можат да ги мотивираат жените да се определат за семејните обврски.

За решавање на наведените проблеми потребно е да се развијат и имплементираат веќе постоечките мерки и програми и да се воведат други дополнителни мерки. Тие не само што би предизвикале поголемо вклучување на жените на пазарот на трудот, туку и подобрување на социо-економската состојба на жените и на нивните домаќинства. Таквиот тренд би го подобрил и генералниот стандард на живеење на домаќинствата во Македонија, со што индиректно би се подобрила и економската состојба во земјата.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Иван В'чков

М-р Иван Вчков дипломирал на Универзитетот од Оулу, Финска во областа на финансиите и на Универзитетот од Велс – Институт, Кардиф, во областа на управувањето со агробизнис. Неговите интереси се во областите на макроекономијата, финансиските пазари и финансиските инструменти. Член e на Финската асоцијација на дипломци од бизнис школи. Од 2015 е дел од тимот на Finance Think  каде што работи на прашања поврзани со фискалната транспарентност, буџетски процес, буџетско партиципирање, дознаките и родовиот јаз во платите.