fbpx

Балканската миграциска рута и Македонија како коридор или решение

Влатко Митковски

Јавен интерес

10.01.17

Прегледи

Влатко Митковски

V Mitkovski bvПоминаа 10 месеци откако земјите членки на Европската Унија донесоа одлука за затвoрање на протокот на мигранти преку таканаречената Балканска миграциска рута, а бранот обиди за илегално преминување на границите долж рутата никако да стивне. На нов бран мигранти предупредува и Фронтекс, за што од овој месец најави испраќање граничари во Евзони со цел да превенира пасивен однос на грчките власти при можен втор миграциски бран кој би го насочиле кон границата со Македонија.

Само во првите шест месеци од затвoрањето на рутата, во Македонија успеале илегално да влезат барем 26.000 лица, кои потоа се пренесени во Србија, Унгарија и Хрватска. Приведените илегални мигранти главно се уапсени во реонот на македонско-грчката граница, каде воедно се регистрирани и голем број „трговци“ на луѓе кои речиси секој ден паѓаат во полициски заседи. Овие трговци или т.н. криумчари на мигранти, давајќи конкретни насоки на мигрантите им го олеснуваат илегалното преминување на границите на државите долж Балканската рута. Припадниците на МВР, следејќи ги будно точките на движење, секојдневно на јужната граница во просек спречуваат по 150 лица илегално да влезат од Грција во Македонија и да го продолжат патот кон земјите од Европската Унија.

Сведоци сме на реки бегалци што поминуваа низ Македонија пеш, со велосипеди, автобуси, возови, такси возила, а со цел да стасаат во побогатите земји на Европската Унија, а пред сè во Германија. Одлуката на Германија за суспендирање на Даблинската регулатива, според која бегалците имаа обврска да побараат азил во првата земја во која ќе стапнат, предизвика воодушевување меѓу мигрантите од Сирија. Пораката од германската канцеларка Ангела Меркел дека ќе им овозможи привремен престој на сите бегалци, дополнително ги израдува сите мигранти и ги наведе да ја одберат Германија за конечна дестинација, покрај другите земји во западна Европа.

mapa karta bv               

Обиди за решавање на кризата

Околу преземањето мерки за справување со миграциската криза, насочени, пред се`, кон затворање на Балканската рута, отсуствуваше заедничка европска стратегија. Земјите членки на Европската Унија искажаа различни ставови како можни одлуки за решавање на овој глобален феномен. Од една страна, државите од Вишеградската група Унгарија, Полска, Чешка и Словачка инсистираа на затворање на Балканската рута за бегалците преку затворање на македонската граница со Грција. Од друга страна беше предлогот од германската канцеларка Ангела Меркел за организирано директно префрлување на стотици илјади бегалци од Турција во земји-членки на ЕУ и ставање крај на Балканската рута. Во решавањето на ова прашање начелно беа прифатени двата предлога, со што Европската Унија излезе со став за затворање на Балканската рута на македонско-грчката граница и прием на одредени контигенти бегалци од Турција и нивна распределба низ ЕУ.    

Како резултат на затворањето на рутата на македонската граница, само првото тримесечие, според извори од МВР, откриени се вкупно 11.803 мигранти, сите на влез во Република Македонија при илегален обид за преминување на македонско-грчката граница. Сосема идентична и очекувана ситуација се одрази и на останатите земји долж рутата. Во Србија е нешто помала бројката на спречени илегални преминувања и изнесува 7.500 обиди главно спречени на границата со Бугарија и Македонија. Во Унгарија од почетокот на 2016 година се спречени 17.351 обиди за илегално преминување, главно на унгарската граница со Хрватска и Србија.

suma migranti vnb

Турција и Балканската миграциска рута

Договорот што Европската Унија го постигна со Република Турција во март 2016 година за справување со миграциската криза, вроди со плод и секако го намали протокот на мигранти долж Балканската рута. Покрај финансиската помош што ЕУ ја понуди во замена за кампови кои Турција ќе ги изгради на своја територија и на тој начин ќе ги одврати мигрантите, како составен дел од договорот на официјална Анкара ѝ беше понуден и безвизен режим за своите граѓани за влез во Шенген зоната на Унијата. Притоа, ЕУ постави и дополнителни услови, односно измени во законот за борба против тероризмот кој според Унијата ги ограничува граѓанските слободи во Турција. Анкара категорично одби да спроведе измени во овој закон се додека нејзината борба против тероризмот продолжува активно да се води, потврдувајќи го својот став дека визната либерализација за турските граѓани и измените во законот за борба против тероризмот се две различни прашања.

На инсистирањето на Турција за безвизен режим што прејде во закани за раскинување на Договорот со ЕУ доколку барањето не биде спроведено, членовите на Европскиот парламент возвратија со изгласување привремено замрзнување на преговорите за членство на Турција во ЕУ. Како главна причина за таквиот потег посочија на несразмерната реакција на Анкара по пропаднатиот државен удар во земјата, извршен на 15 јули минатата година. Иако ваквата иницијатива на Европскиот парламент не е обврзувачка, таа претставува еден вид „благ удар“ кој би послужил како предупредување кон Турција околу заканите кои таа ги упати, а кои се однесуваат на раскинување на Договорот постигнат за миграциската криза. Последниот збор околу третманот на Турција го имаат членките на ЕУ. Австрија веќе се изјасни за стопирање на преговорите. Други земји, како Германија и Франција, стравуваат дека ваков чекор ќе има влијание врз договорот со Турција.

Можно сценарио од преговорите ЕУ – Турција и неговите последици врз Македонија

Како можно сценарио, доколку иницијативата за замрзнување на преговорите за членство на Турција во Европската Унија биде потврдена од земјите членки, е ризикот Турција да ги отвори своите граници и бегалците од Сирија повторно да тргнат кон ЕУ. Тоа би значело грчките острови повторно да почнат да се полнат со бегалци,  Балканската рута повторно да се активира, а во Македонија повторно да се врати притисокот на границата со Грција со сите немили сцени што тоа ги донесе изминатиот период.

На нов бран мигранти предупредува и Фронтекс, за што од овој месец, најавува испраќање граничари во Евзони со цел да превенира пасивен однос на грчките власти при можен втор миграциски бран кој би го насочиле кон границата со Македонија. За евентуален нов бран мигранти поттикнат од турските вербални закани, неодамна апелираше и претседателот на државата Ѓорге Иванов.

Поаѓајќи од една од главните причини за бегалската криза, а тоа е нестабилноста и граѓанските војни во Северна Африка и Блискиот Исток, потребно е на глобално ниво да се постигне политичко решение за конфликтите, кои како реални мерки би се реализирале и на терен. Со прекинот на конфликтите, особено во Сирија и Либија, или пак нивно ставање во граници на нормала, ќе се отвори патот за постепено враќање на нивните граѓани кои во најголем процент заради војната ги напуштиле своите домови.

Во исчекување на глобално решение, сепак е повеќе од потребна комплетна реорганизација на терен, за колку толку да бидеме во можност првично да реагираме на потешкото сценарио за Македонија, а тоа е повторно отворање на Балканската рута и овозможување непречен транзит низ нашата територија. Македонија, како дел од Балканската миграциска рута, ниту смее да биде оставена ниту може сама да се справи со целокупниот товар особено ако биде „принудена“ да  отвори бегалски кампови во кои присилно ќе држи на своја територија мигранти на кои целта не им е да бараат подобра иднина на нашата територија, туку едноставно да го продолжат патот до некоја од нивните крајни дестинации.

Процесот на реадмисија - ново поглавје во ставањето крај на миграциската криза? 

Живеејќи во надеж и во очекување на позитивно европско решение за прекин на миграциската криза, а со тоа и  заборав на Балканската миграциска рута, се отвара ново поглавје во целосното решавање на овој глобален проблем. Тоа е враќањето на мигрантите по евентуалното постигнување глобална политичка одлука за прекин на војната која ја создаде оваа миграциска криза, а први би биле оние мигранти кои потекнуваат од земји кои не беа зафатени со воените конфликти. Потоа, сосема нормално, би следело враќањето на мигрантите кои потекнуваат од земјите зафатени со воените конфликти - или во нивните матични земји доколку се целосно исполнети условите за тоа, или во првата „безбедна“ држава која е најблиску до нивната матична држава.

Ова е секако сложен процес на реадмисија (враќање на лица од територија на која влегле нелегално или престојуваат нелегално), кој повторно би бил спроведен врз основа на заедничка глобална одлука. Дали тоа ќе го спроведе со директни авионски летови или со организиран транзит повторно низ земјите од Балканската рута, е прашање за кое допрва треба сериозно да се размислува.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Влатко Митковски

Влатко Митковски е дипломиран филолог по македонска книжевност и хрватски јазик и книжевност. Стипендист и учесник на Славистичката школа при Филозофскиот факултет во Загреб, Република Хрватска. Постојан судски преведувач од македонски на хрватски јазик и обратно. Моментално студент на магистерски студии за менаџирање на стратегиски комуникации на Институтот за комуникациски студии. Долгогодишно работно искуство во Министерството за внатрешни работи од областа на меѓународната соработка каде моментално раководи со билатералната соработка на министерството. Поле на особен интерес му е јавната дипломатија, надворешната безбедносна политика, преговори, лобирање и кризно комуницирање.