fbpx

Шест карактеристики на ерата на дезинформации

Кели Борн

Јавен интерес

Медиуми

05.10.17

Прегледи

Кели Борн

Kelly Born 200x250Загриженоста за растот на дезинформации, погрешни информации и пропаганда достигна до точка кога многу влади предлагаат нова легислатива. Сепак, понудените решенија покажуваат дека проблемот не е добро разбран – и може да имаат ненамерни негативни последици.

Во изминатиов јуни, Парламентот на Германија усвои закон што вклучува одредба за парични казни кои одат до 50 милиони евра на популарни сајтови, како што се Фејсбук и Јутјуб, ако тие не ги отстранат содржините што се „очигледно незаконски“, како што се говор на омраза и поттикнувања на насилство, во рок од 24 часа. И Сингапур ги најави своите планови да воведе слична легислатива следната година, со цел да се справи со „лажните вести“. Во јули, пак, Конгресот на САД одобри широк пакет на санкции против Русија, делумно како одговор на нејзиното наводно спонзорирање на дезинформациски кампањи чија цел била да извршат влијание на изборите во САД. Дијалогот помеѓу Конгресот на САД и Фејсбук, Твитер и Гугл се засили во изминативе неколку недели, поради појавувањето на јасни докази за рекламни огласи купени од руски субјекти.

Овие постапки се пресудни, ако сакаме да го сопреме злонамерниот круг на дезинформирање и политичка поларизација со која се поткопува способноста на демократиите да функционираат. Но, додека сите овие интервенции во легислативата се насочени кон дигиталните платформи, тие немаат во предвид најмалку шест начини на кои денешното дезинформирање и пропаганда се разликуваат од минатото.

Прво, демократизацијата на создавањето и дистрибуирањето на информации. Како што Ренд Волцман, поранешен член на американската Агенција за истражувачки проекти за унапредување на одбраната, неодамна забележа, секој поединец или група сега може да комуницира онлајн со голем број други луѓе, а со тоа може и да влијае врз нив. Ова има свои предности, но исто така носи со себе сериозни ризици – почнувајќи со губењето на новинарските стандарди на квалитет, кои вообичаено се применуваат во реномираните медиуми. Без традиционалните институционални чувари на медиумите, политичкиот дискурс веќе не се заснова на заеднички сет на факти.

Втората карактеристика на ерата на дигитални информации – што е директен нус производ на демократизацијата – е социјализацијата на информациите. Наместо да ги добиваме информациите директно од чуварите на институциите, кои, иако често погрешно се применуваат, во основа се посветени на исполнување на уредничките стандарди, денес информациите ги добиваме преку споделување помеѓу лица кои се на исто ниво со читателите.

Таквите мрежи, сочинети од лица на исто ниво, може да направат разни содржини да бидат поактуелни врз основа на број на кликови или ангажираност меѓу пријателите, занемарувајќи ја при тоа нивната точност или важност. Дополнително, информациите што се филтрираат преку мрежите на пријатели може да резултираат со „ехо комора на вести“, со кои се поддржуваат предрасудите на поединци (и покрај тоа што е голема неизвесност колку сериозен проблем е тоа). Исто така значи дека луѓето што инаку би можеле умерено да конзумираат вести, сега се преплавени со политичка полемика и дебата, вклучувајќи екстремни ставови и лажни информации, со што се зголемува ризикот за погрешно информирање или поларизирање на поголеми групи од јавноста.

Третиот елемент на денешниот изглед на информациите е атомизацијата – разликувањето помеѓу вести на поединци и вести од познати имиња или извори. Порано, читателите лесно можеа да направат разлика помеѓу извори кои не се за верување, како што се шарените и сензационалистички таблоиди на полиците крај касите во маркетите, и помеѓу оние кои се од доверба, како што се долгогодишните локални или национални весници. Сега, за разлика од порано, напис што го споделил пријател или член на семејството од „Њујорк тајмс“ може да не изгледа многу различно од напис што доаѓа од блог на теоретичар на заговори. И, како што открива една неодамнешна студија од Американскиот новински институт, оригиналниот извор на написот не е толку важен за читателите колку што е важно кој од нивната мрежа го споделил линкот.

Четвртиот елемент е анонимноста во создавањето и дистрибуирањето информации. Често, онлајн вестите не само што немаат бренд зад нив, туку често немаат и наведен автор. Со ова се прикрива можен конфликт на интереси, се создава можност државни актери да одречат дека знаат или дека се одговорни за нешто и се создава плодна почва за размножување на компјутерски автоматизирани програми (ботови).

Една студија од 2015 година утврдила дека околу 50 отсто од целиот сообраќај на интернет се генерира со автоматизирани компјутерски програми, со дури 50 милиони корисници на Твитер и 137 милиони корисници на Фејсбук кои покажуваат нечовечко однесување. Секако, постојат и „добри“ ботови, да речеме оние кои нудат услуги за клиентите или метеоролошки информации ажурирани во реално време. Но постојат и многу лоши актери кои „лажно претставуваат“ онлајн информациски системи за промовирање на екстремистички ставови и неточни информации, давајќи им изглед на општа популарност и прифатеност.

Петто, денешната информативна средина се карактеризира со персонализација. За разлика од печатените медиуми, радиото, па дури и телевизијата, создавачите на интернет содржина може да направат А/Б тестови и во реално време да ги приспособат пораките кои имаат микро мети.

Според неодамнешно експозе, групи како што се Кембриџ аналитика може да создадат персонализирана и приспособлива пропаганда, што во крајна линија предизвикува зависност, „со максимално искористување на автоматизираното емотивно манипулирање заедно со роеви на ботови, темни објави на Фејсбук, А/Б тестирање и мрежи на лажни вести“. Кампањата на Доналд Трамп мерела реакции на 40–50.000 варијации на реклами секој ден, а потоа нивните пораки ги кроеле по мерка и ги насочувале на соодветни целни групи.

Последниот елемент со кој се одвојува денешниот информациски еко систем од оној од минатото, како што забележал Нејт Персили, професор по право на Универзитетот Стенфорд, е сувереноста. За разлика од телевизијата, печатените медиуми и радиото, социјалните медиумски платформи, како што се Фејсбук или Твитер, се авто-регулаторни – и таа задача не ја извршуваат многу добро. И покрај контроверзиите на кампањските реклами во САД во изминатите неколку недели, ниту една платформа досега не се советувала со водечки експерти, наместо тоа тие се обиделе да ги решат проблемите сами, внатре во своите организации. Дури во средината на септември, Фејсбук се согласи да ги сподели информациите за рекламни пораки од политички кампањи; тие сè уште одбиваат да понудат податоци за други облици на дезинформирање.

Ваквиот недостиг на податоци ги ослабува реакциите за растот на дезинформации и пропаганда, а да не ја споменуваме политичката поларизација и трибализам кои се хранат од нив. Фејсбук не е главниот виновник: со 1,32 милијарди дневни активни корисници во просек неговото влијание е огромно, но и покрај тоа, компанијата одбива да им овозможи пристап на надворешните истражувачи до информациите кои им се потребни да ги разберат најосновните прашања за точката на пресек помеѓу интернетот и политиката. (Твитер ги споделува своите податоци со истражувачите, но тие и натаму се исклучок.)

Ние живееме во храбар нов свет на дезинформации. Сè додека податоците што ни се потребни за да ги разбереме ги имаат само оние што ги шират дезинформациите, реакциите што ние ќе ги смислиме ќе бидат несоодветни. И, сè додека тие се погрешно насочени, на крајот резултатот може да биде повеќе штета отколку корист.

Кели Борн е раководно лице на програма за Иницијативата Медисон во Фондацијата Вилијам и Флора Хјулит.

Copyright: Project Syndicate, 2017.
www.project-syndicate.org

Кели Борн

Кели Борн е раководно лице на програма за Иницијативата Медисон во Фондацијата Вилијам и Флора Хјулит.