fbpx

Моментот на вистината за универзалното образование

Гордон Браун

Јавен интерес

Образование

23.03.18

Прегледи

Гордон Браун (Gordon Brown)

Gordon Brown 200x250„Не сакам да умрам“, моли едно преплашено девојче од една од воените зони, „сакам само да учам“. Сепак, во нејзиното писмо до пријателче од Обединетото Кралство, таа храбро додава: „Уште сум жива, а живи се и моите сништа“. Нејзиното бегство, нејзините надежи и нејзиното срце, сите се поврзани со образованието.

Изминаа скоро седум децении, полни со бурни настани, откога Универзалната декларација за човекови права стои како зрак надеж за целиот свет. Сепак, некои од внимателно составените одредби во неа се вратија да нè прогонуваат, отелотворени во шокантни нови статистички податоци.

Членот 26 од Декларацијата јасно вели дека секое дете има право на бесплатно основно образование. И покрај тоа, 69 години откако е направена таквата заложба, рекорден број на деца, приближно 70 милиони, фатени во средина на новонастанатите хуманитарни итни состојби, не ги добиваат основните права и нивната иднина е загрозена. Од оваа бројка, повеќе од 31 милион девојчиња и момчиња се раселени од нивните домови, а 11 милиони се присилени да ги напуштат нивните татковини.

Веројатноста е дека 50 отсто од младите луѓе кои се раселени поради конфликти и кризи ќе посетуваат училиште. Не нè изненадува и фактот што тие најчесто се жртви на злоупотреба на детски труд, брак склучен со деца и недозволена трговија со деца – тоа е несветото тројство што би требало повеќе да тежи на совеста на целиот свет отколку што гледаме дека реално е така. Од 70-те милиони деца кои се во опасност, две од секои пет лично искусиле насилство или злоупотреба. И покрај тоа што многу од овие деца најверојатно нема никогаш да стапнат во училница, училиштето е токму местото каде тие сакаат и би требало да бидат.

„Не сакам да умрам“, моли едно преплашено девојче од една од воените зони, „сакам само да учам“. Сепак, во нејзиното писмо до пријателче од Обединетото Кралство, таа храбро додава: „Уште сум жива, а живи се и моите сништа“. Нејзиното бегство, нејзините надежи и нејзиното срце, сите се поврзани со образованието.

Вкупниот број деца што се заробени во итни состојби, бројка која порасна за половина милион само во последниве неколку години и е поголема од вкупното население на Франција, само ќе се влошува во 2018 година ако не преземеме одлучни чекори.

Плановите за глобалната хуманитарна реакција за следната година, координирани под водство на Марк Лоукок и Бирото за координација на хумарнитарни работи на Обединетите Нации (БКХР/OCHA), во иднина ќе посветат повеќе внимание на образовните потреби на раселените деца, со посебна поддршка за девојчиња кои се изложени на ризик од стапување во присилен брак. Сепак, и покрај храбрите напори на агенциите за помош, условите може да продолжат да се влошуваат пред да станат подобри. Во Бангладеш, на пример, повеќе од 300 илјади деца бегалци се присилени да ги напуштат своите домови, како последица од насилството помеѓу различните секти во соседниот Мијанмар. И покрај тоа што повеќето бегалци таму добиваат помош во вид на храна, здравствена грижа и итно засолниште, само едно од десет, за приближно 30 илјади деца, во моментов посетува училишна настава, затоа што се обезбедени само 5 отсто од хуманитарната помош која е потребна за да се овозможи образование на децата бегалци од Мијанмар.

И покрај тоа што е навистина големо постигнување фактот што еден милион деца од Сирија во моментов се запишани во формални и неформални образовни програми во регионот, вклучувајќи и многу училишта кои одат во две смени, уште еден милион деца бегалци од тој конфликт уште ја чекаат таквата можност. Уште 1,7 милиони деца не одат во училиште, а се наоѓаат во Сирија.

Не смее да има изговори за нашето неуспевање да обезбедиме образование за децата во 19-те глобални кризни зони во кои има итни состојби пет години или подолго, особено во Демократската Република Конго (ДРК), Судан и Сомалија, каде што кризите траат и подолго од 20 години. Во ДРК, на пример, дури и по сето ова време, успешно сме се погрижиле за само 8 отсто од 760 илјади деца. Само 230 американски долари годишно по лице се достапни за основните потреби како што се вода, храна и засолниште, а помалку од 10 американски долари по дете се наменети за образование.

Оваа година мора да биде година на образованието, зрак на можност отворен со нов консензус дека образованието е клучно за постигнување на Целите за одржлив развој на ОН, вклучувајќи и намалување на стапките на смртност за мајки и новороденчиња, поттикнување на создавање нови работни места, подобрување на квалитетот на живот и отворање на нашите умови за прашањата поврзани со родовата рамноправност. Сепак, најважно е тоа дека ова е моментот за образованието затоа што младите луѓе во светот го бараат тоа.

Кога едно девојче ќе крене книга пред пушката на некој востаник во Пакистан, кога мајка која е уште во тинејџерските години и е протерана од Јужен Судан во соседната Уганда ќе каже дека образованието е врвен приоритет за нејзините деца и кога светлата што се гледаат од вселената може да бидат и групи од деца собрани заедно под запалени свеќи обидувајќи се да читаат и да учат, знаеме дека моментот на образованието е пристигнат. Образованието нуди надеж, надеж дека едно дете може да планира и да се подготвува за иднина полна со можности, а не со злоупотреба на детски труд, брак или живот на улица.

Гордон Браун, поранешен премиер и канцелар на трезор на Обединетото Кралство, е посебен пратеник на Обединетите Нации за глобално образование и претседавач на Меѓународната комисија за финансирање глобални можности за образование. Тој истовремено претседава и со Советодавниот одбор на Фондацијата Каталист.

Copyright: Project Syndicate, 2017.
www.project-syndicate.org

Гордон Браун

Гордон Браун, поранешен премиер и канцелар на трезор на Обединетото Кралство, е посебен пратеник на Обединетите Нации за глобално образование и претседавач на Меѓународната комисија за финансирање глобални можности за образование. Тој истовремено претседава и со Советодавниот одбор на Фондацијата Каталист.