fbpx

Воведување родова еднаквост во глобалното јавно здравје

Хелен Кларк и Саниа Ништар

Хелен Кларк (Helen Clark) и Саниа Ништар (Sania Nishtar)

Clark NishtaРодовото прашање е клучен двигател за резултатите на здравството. Родот е фактор кој влијае во тоа дали некое лице пуши тутун, редовно прави физички вежби или дали има пристап до храна со висока хранлива вредност. Земајќи предвид дека повеќе од 75 отсто од здравствените работници ширум светот се од женски пол, се укажува на веројатноста на тоа кој ќе се грижи за вас ако се разболите.

Во изминативе неколку децении, меѓународната заедница си постави задача да постигне голем број социјални и еколошки цели, а многу од тие цели се вклучени во Одржливите развојни цели (ОРЦ) на Обединетите Нации за 2030 година.

Ние се боревме за остварување на голем број од тие цели, се боревме и за многу иницијативи што постоеја пред ОРЦ, затоа што веруваме дека ваквите колективни проекти се потребни за создавање на свет во кој сакаме да живеат нашите деца и нашите внуци. Истовремено, увидовме и дека кај значително голем број од иницијативите за исполнување на глобални задачи нема воведени механизми за известување кои се потребни за успех на иницијативите. Ако веќе сериозно сме решени тие реченици срочени со висок стил да ги претвориме во вистински напредок за луѓето и за планетава, тогаш тоа мора да се смени.

Земете го за пример јавното здравје, што е прашање што ги засега сите. Глобалната агенда за оваа област ги утврдува нормите и стандардите со кои се обликува сликата во која јавноста и приватните актери го унапредуваат здравството, спречуваат болести и обезбедуваат здравствени услуги. Во неа се вклучени иницијативи за истражување и глобални јавни производи како што се вакцините и програми за подготвеност за итни случаи при можна појава на епидемии. Истовремено, агендата ги обединува сите во напорите за обезбедување глобално здравствено покритие и обезбедување на правото на здравствена грижа за сите.

Во рамките на ОРЦ, посебните точки за родово прашање и за здравство се испреплетени, затоа што родовото прашање само по себе е клучен двигател за резултатите на здравството. Родот е фактор кој влијае во тоа дали некое лице пуши тутун, редовно прави физички вежби или дали има пристап до храна со висока хранлива вредност. Земајќи предвид дека повеќе од 75 отсто од здравствените работници ширум светот се од женски пол, се укажува на веројатноста на тоа кој ќе се грижи за вас ако се разболите.

Веќе со децении глобалната здравствена заедница само декларативно признава дека нееднаквите односи на моќ се од клучна важност, особено кога е родот во прашање, за резултатите што се постигнуваат во здравството. Во овој момент веќе би можело да се очекува да се види висок степен на родова еднаквост во здравствениот сектор. Сепак, од извештајот на групата за застапување и одговорност Глобално здравје 50/50 што беше објавен неодамна, може да се заклучи спротивното.

Всушност, извештајот во кој се проучени 140 организации кои функционираат во глобалниот здравствен сектор содржи во себе многу вознемирувачки факти. Голем број од овие организации алармантно малку внимание посветуваат на решавање на родовите разлики. Стратегиите на половина од организациите не содржат конкретна заложба за родова еднаквост; а иако една третина од нив се фокусира на здравјето на жените и девојчињата, тие сепак не се осврнуваат на родовите ризици.

Уште полоша е ситуацијата за мажите и момчињата, кои статистички живеат пократко и водат помалку здрав животен стил од нивните женски врсници, без оглед на државата од која потекнуваат. Според извештајот на Глобално здравје 50/50, само една третина од организациите го зеле во обѕир родовото прашање кога ги разгледувале здравствените потреби за целото население, а ниту една организација не направила посебен осврт на мажите и момчињата.

Дополнително, само 43 отсто од организациите што биле испитувани имале посебни мерки за поддршка на кариерите на жените во јавното здравство, и покрај многу високиот процент на жени во вкупната бројка на здравствени работници. Не би требало да нè зачуди фактот што на чело на поголемиот број од овие организации стојат мажи. Од вкупниот број испитувани организации, 80 проценти од претседавачите на одбори и 69 отсто од главните извршни директори се мажи.

Она што нас најмногу нè изненади во извештајот беше наодот дека две третини од организациите не ги делат своите податоци по пол. Без податоци, транспарентност и соодветни механизми за известување за родовите разлики, не може да има напредок во остварувањето родова еднаквост.

Сепак, не се сите наоди во извештајот негативни. Шведската агенција за меѓународна развојна соработка, организацијата BRAC со седиште во Бангладеш, организацијата Save the Children International и Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија се само неколку од десетиците организации кои постигнуваат добри резултати по сите прашања. Она што е заедничко кај сите нив е тоа што тие се посветени лидери кои преземаат проактивни мерки за обезбедување напредок.

Сите успешни организации имаат усвоено јасни политики и планови за придвижување на организациски промени. Тие имаат воспоставени системи на одговорност кои вклучуваат и мерки со кои се води сметка родовата компетентност да биде вклучена во описите на работни места и во оценките на резултатите од работењето на вработените. Исто така, тие имаат создадено флексибилни работни средини во кои се обезбедува породилно отсуство и други политики што се ориентирани кон поддршка на семејството.

Гледајќи кон иднината, се надеваме дека сите глобални здравствени организации ќе усвојат конкретни мерки за решавање на проблемите идентификувани во извештајот на Глобално здравје 50/50. Доколку тоа не се случи, би препорачале во извештајот за следната година да се направи рангирање на организациите за кои станува збор, за да се разјасни точно кои заостануваат.

Жените во минатото мораа да се изборат за нивното право на гласање, а сега се бориме за платено породилно отсуство и еднакви плати. Без оглед на сè, ние мора да одиме понатаму со тоа што ќе се трудиме да постигнеме одговорност и родова еднаквост во сферата на глобалното јавно здравство.


Хелен Кларк, поранешна премиерка на Нов Зеланд, е поранешна администраторка на Програмата за развој на Обединетите Нации. Саниа Ништар е ко-претседавач на Независната висока комисија за непреносливи болести на Светската здравствена организација, поранешна сојузна министерка на Пакистан и основач и претседател на „Хартфајл“ (Heartfile).


Copyright: Project Syndicate, 2018.
www.project-syndicate.org

Хелен Кларк и Саниа Ништар

Хелен Кларк, поранешна премиерка на Нов Зеланд, е поранешна администраторка на Програмата за развој на Обединетите Нации. Саниа Ништар е ко-претседавач на Независната висока комисија за непреносливи болести на Светската здравствена организација, поранешна сојузна министерка на Пакистан и основач и претседател на „Хартфајл“ (Heartfile).