fbpx

Собраниската одлука за уставни измени не може да произведе правно дејство

Димитар Апасиев

Политика

31.10.18

Прегледи

доц. д-р Димитар Апасиев 

dimitar apasiev200x250Виртуелното создавање на некаков си имагинарен „правен основ“, на мала врата, да се заобиколи народната волја и одлуката на граѓаните од задолжителниот Референдум 1991 во иднина да не биде обврзувачка за Собранието е правно недопустливо и невозможно да се изведе без правење стек на тешки кривични дела од сферата на сериозниот т.н. антидржавен криминалитет, за кои е пропишана максимална затворска казна од 15 години.

Форсираните уставни измени, предложени од Владата на РМ, немаат никаков валиден правен основ и гласањето за нив на т.н. Црн петок, т.е. на ноќната тензична собраниска седница од 19 октомври 2018 година, претставува кривично дело „Саботажа“ – казниво по чл. 315 и „Организирање отпор“ – казниво по чл. 387 од Кривичниот законик на РМ. Уставниот суд на РМ има правна можност во целина да ја поништи контроверзната Одлука за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија Бр. 08–6054/1 (Сл. весник на РМ - 192/18) и со тоа да го запре овој нелегитимен и нелегален процес кој е дијаметрално спротивен на народната волја изразена на два референдума: задолжителниот од 1991 и консултативниот од 2018.

Собраниската одлука е спротивна на задолжителната референдумска Одлука од 1991

Собранието на РМ, со Одлуката за распишување на референдум во Република Македонија, распиша задолжителен референдум, на кој македонските граѓани се изјаснуваа за прашањето: „Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија, со право да стапи во иден сојуз на суверените држави на Југославија“? Согласно официјалниот Резултат од референдумот во Република Македонија одржан на 8 септември 1991 година Бр. 2–29, со непосредно и тајно гласање се изјаснија 1.132.981 граѓани – или излезноста беше 75,75 отсто од вкупниот број граѓани со право на глас – со што беше исполнет цензусот за успешност на референдумот! За прашањето за кое се одлучуваше, со ЗА се изјаснија 1.079.308 граѓани [72,16 отсто од вкупниот број на граѓани со право на глас]; a ПРОТИВ 39.639 граѓани [2,65 отсто]. Врз основа на резултатот од изјаснувањето, тогашната Републичка комисија за спроведување на референдумот, утврди дека тој е полноважен – согласно чл. 4 од тогашниот Закон за републички референдум (1973).

Според чл. 5 од споменатиот Закон – преземен како републички пропис со Уставниот закон за спроведување на Уставот на РМ (1991) – „одлуката донесена на референдумот е задолжителна“! Ваквата одредба подоцна беше вградена и во самиот Устав на РМ, како највисок и супериорен државно-правен акт [чл. 73, ст.4 од УРМ]. Во насока на правен континуитет при имплементацијата на задолжителноста на референдумската одлука, слични одредби содржеше и подоцнежниот Закон за референдум и граѓанска иницијатива [1998]: „Собранието не може да донесе закон ако на законодавен (претходен) референдум избирачите се изјасниле против донесување на закон или против начинот на уредување на определено прашање, што би бил во спротивност со резултатите од референдумот. Собранието е должно, во рок од 60 дена по спроведениот законодавен (дополнителен) референдум, да го уреди прашањето, односно законот по кој е одлучувано на референдумот, во согласност со резултатите од референдумот“ [чл. 24 и 25].

Членовите 8 и 30 од најновиот и сè уште актуелен Закон за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните (2005) ја потврдуваат задолжителноста на референдумскатa одлука кога станува збор за т.н. обврзувачки референдум, каков што впрочем беше плебисцитот за македонската независност од 1991. Ова значи дека е присутен елементот на коерциција, сфатена како „институционална принуда“ кон државните органи и до пратениците – кои во случајов се само делегати на народната волја – тие да мора стриктно да ја почитуваат одлуката на мнозинството граѓани донесена на референдум, без оглед на нивното лично и интимно согласување или несогласување со неа.

Sobraniskata odluka za ustavni izmeni ne moze da proizvede pravno dejstvoИзвор: МКД.мк

Задолжителниот референдум е помоќен од консултативниот

Во македонското јавно право постојат пет легислативни поделби на видовите референдуми. Релевантен критериум во конкретниов случај е според задолжителноста на донесената одлука, при што републичките референдуми кај нас се делат на: 1) Задолжителен/обврзувачки/одлучувачки референдум [законскиот назив му е референдум за одлучување, каков што беше оној во 1991] – чија одлука е задолжителна и правно обврзувачка спрема сите, па дури и спрема парламентот; и 2) Незадолжителен/необврзувачки/неодлучувачки/консултативен/советодавен референдум [„референдум за консултирање“, каков што беше овој од 2018] – чија одлука, во случај таква да има, не е обврзувачка за Собранието.

На последниот неуспешен државен консултативен референдум граѓаните се изјаснуваа на капциозното прашање: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“ – кој имплицитно го предвидува новото планирано уставно име „Северна Македонија“. Но, во званично објавените официјални резултати, на надлежната Државна изборна комисија, (Сл. весник на РМ - 186/18) се констатира дека: „Согласно конечните резултати од Референдумот 2018, одлуката не е усвоена бидејќи не гласале повеќе од половината од вкупниот број граѓани запишани во Избирачкиот список“ [§5]!

И стандардизираната меѓународно прифатена дефиниција на Венецијанската комисија при Советот на Европа, што точно значи неуспешен референдум и како треба да се толкуваат резултатите од него – дадена во нејзиниот Кодекс на добри референдумски практики (2007) – во целост ја потврдува тезата дека е правно невозможно да се продуцира валидна одлука за промена на името при пропаднат референдум [параграф 51 од т.н. Explanatory Memorandum на Венецијанскиот кодекс].

На референдумот за т.н. Преспански договор не беше донесена нова одлука која би ја заменила претходната

Ова практично значи дека, со излезност од 36,9 отсто и вкупен број граѓани кои излегле на гласање од 666.344 избирачи [од кои ЗА Северна Македонија гласале само 609.427, наспроти очигледното квалификувано мнозинство од 1.079.308 граѓани кои гласале ЗА Република Македонија во 1991] овој консултативен референдум е правно неуспешен, бидејќи не е постигнат потребниот уставен цензус, кој е conditio sine qua non за воопшто да се пристапи кон броење на „мнозинството“ од електоратот кој гласал. Оттука, последниот Референдум 2018 не може да продуцира никакви нови и различни правно релевантни последици кои би го тангирале уставното име на земјата.

Ова од причина што е очигледен и ноторен фактот (facta notoria) дека воопшто не постои изгласување на никаква нова правовалидна референдумска одлука, која евентуално би ја заменила онаа од 1991, па затоа таа и понатаму останува во потполна правна важност. Во конкретнава ситуација, спротивно на сите општоприфатени и демократски правни правила, Собранието делува своеволно и арбитрарно и, неовластено од никого, потполно ја негира и поништува еднаш изразената недвосмислена волја на народот за тоа како ќе му се вика Републиката во која живее.

Доколку Собранието продолжи со илегалните и тенденциозни активности на шверцување на уставните измени мимо волјата на 2/3 мнозинство граѓани на РМ, преку инсцениран политички процес на злоупотреба на правото и изигрување на законите (fraudem leges), до непрепознатливост би се релативизирала уставната релација помеѓу граѓаните и парламентот и таа карикатурално би се деконституционализирала. Виртуелното создавање на некаков си имагинарен „правен основ“, на мала врата, да се заобиколи народната волја и одлуката на граѓаните од задолжителниот Референдум 1991 во иднина да не биде обврзувачка за Собранието е правно недопустливо и невозможно да се изведе без правење стек на тешки кривични дела од сферата на сериозниот т.н. антидржавен криминалитет, за кои е пропишана максимална затворска казна од 15 години.

Огромното тивко 2/3 мнозинство од народот, по пат на пасивен отпор (Satyāgraha) и Гандиевска „ненасилна нелојалност“ кон властодршците, организирано одби да учествува во наместената игра и странските замешателства, па преку масовна апстиненција умешно му се спротивстави на октроираниот т.н. Преспански договор и учествуваше во неговото погребување. Разумните граѓани ја сфатија стапицата и интелигентно решија да го бојкотираат манипулативниот референдум за промена на името, на тој начин оневозможувајќи изгласување на никаква нова одлука по која во иднина би постапувал парламентот.

Референдумска одлука може да се замени само со нова референдумска одлука

Согласно моќниот авторитативeн правен стандард на веќе еднаш пресудена работа (res iudicata) и понатаму во задолжителна правна сила непречено си останува првично донесената референдумска Oдлука од 1991, бидејќи отсуствува нова одлука која евентуално би ја заменила! А референдумската одлука, која ја донесоа македонските граѓани при сецесијата од СФР Југославија, изречно го содржи само зборот МАКЕДОНИЈА, како име на новата држава за која народот масовно и позитивно се изјасни. Оттука, владиниот Предлог за пристапување кон измена на Уставот на РМ со насоки за негово изменување и дополнување Бр. 44-9241/1 (8.X.2018), којшто реферира на некаква си „имплементација и усогласување со Договорот со Грција“, е противправен документ кој не може да произведе никакво правнообврзувачко дејство, затоа што директно контрира на народната волја изразена на обата референдума.

Во правото ниту се видело, ниту се чуло парламентот – како секундарен претставнички орган на граѓаните – да може да ја дерогира и суспендира примарната референдумска одлука, и згора на сè да донесе нова одлука спротивна на мнозинската волја на истите тие граѓани од кои извира народниот суверенитет, а којашто тие изрично и експлицитно ја изразиле по пат на т.н. непосредна демократија, како инстанционо врховен и императивен облик на одлучување vis-à-vis посредната демократија. Според уставноприфатената постулирана теорија за граѓански суверенитет, гарантирана во чл. 2 од Уставот, народот е фундаментален и врвен носител на државната власт – или, како што вели Алексис Де Токвил, тој е извор и утока на сè: „Сè извира од него и сè се влева во него! Народот владее со политичкиот свет, како Господ со Вселената“.

Остварувањето на суверенитетот е апсолутно и неотуѓиво право на мнозинството од народот и тоа е правило, а не исклучок! Ниту еден закон или одлука што не ја одобрил народот нема обврзувачка вредност за него. Впрочем, тоа не е никаква одлука ако се противи на неразрушливата и неотуѓива „општа волја“ (Жан Жак Русо). Со други зборови, граѓаните, во прв и последен степен, донесоа конечна референдумска Одлука која важи erga omnes, т.е. спрема сите, па и спрема Собранието. Со тоа, во иднина, de iure им ги врзаа рацете на пратениците и правно ја ограничија легислативната волја на законодавецот. Затоа, овој колективен државен орган не смее да ја става вон сила званичната народна одлука, без оглед што за неа гласале 80 уценети или подмитени пратеници – од кои 45 се декларирале како Македонци, а 35 се припадници на другите етнички заедници.

Но, бројката на пратеници во овој случај е правно ирелевантна – оти дури и сите 120 пратеници да гласаат спротивно на постоечката референдумска Одлука од 1991, таа одлука нема може да биде укината или поништена со никаква спротивна собраниска одлука, во било каква деловничка парламентарна процедура. Дотолку повеќе што постои и законска забрана оваа правовалидна одлука, pro futurо, да не може да се промени ниту на нов државен референдум, а камоли, пак, во собраниската зграда.

Непосредната демократија е правно појака од посредната!

Обврзувачкиот карактер на вака донесената референдумска одлука, која важи „за вјек и вјеков“, на неопределено идно време, експлицитно и императивно ја дефинира појаката положба на директната демократија (англ. direct democracy) во однос на индиректната, односно појакиот правен статус на граѓаните во однос на парламентот. Ова суптилно ја открива и јуристичката концепција на чл. 120 од Уставот, кој не остава никаков маневарски простор за поинакво „креативно толкување“ и беспоговорно тврди дека штом граѓаните се повикани да се изјаснат на референдум за истапување од сојуз или заедница со други држави, како оној од 1991, тогаш нивната одлука е конечна, правосилна и извршна за Собранието и за секој друг орган (urbi et orbi). Можело да биде поинаку, но не е!

Според тоа, Собранието на РМ овие прашања не смее да ги пренебрегне, ниту да ги преуреди, заобиколи или, пак, да засегне во нивната суштина – оти парламентот не може самиот, како второзначна и пониска создадена власт (фр. pouvoir constitué), своеволно и арбитрарно да го твори и уредува сопствениот конституционален однос кон граѓаните, како извори на власта, по прашањата што прецизно ги уредил уставотворецот – како примарна и повисока создавачка власт (pouvoir constituant).

Во случајов, тотално спротивно на волјата на уставотворецот, законодавецот цели кон тоа неосновано да им ја одзема одлучувачката позиција на граѓаните што, во случај на излегување на референдум, им ја гарантира Уставот! Ова, во крајна линија, е спротивно и на чл. 2 и чл. 73 од Уставот, кој референдумот – како врховен облик на мнозинска демократија – не го дефинира како церемонијална форма на советување или просто опипување на пулсот на граѓаните, туку како империјална и изворна форма на нивно директно учество во „остварување на власта“ (imperium/potestas)!

Да резимираме: не само што Собранието на РМ не може да ја поништи веќе постоечката одлука од Референдумот 1991, туку тоа – во догледен т.н. заштитен временски период – не смеат да го направат ниту самите граѓани, оти постои изрична законска забрана (expresis verbis) за повторно одлучување за истото прашање, кое „не може да се повтори пред истекот на рокот од две години од денот на одржаниот референдум“ [чл. 19 од ЗРДОНИГ]. Со други зборови, ова значи дека уставното име на државата не ќе може никој и со ништо да го промени сè до истек на законски точно предвидениот двегодишен календарски рок или, попрецизно, до 30 септември 2020 година (според правилата на т.н. цивилна компутативна доктрина на terminus certus quando).

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Димитар Апасиев

Димитар Апасиев (1983, Велес) е доктор на правни науки. Дипломирал, магистрирал и докторирал како првенец на повеќе генерации на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Тој е долгогодишен активист на Движењето за социјална правда „Ленка“ и член на президиумот на Левица. Има учествувано на преку стотина домашни и меѓународни научни симпозиуми. Автор е на десетина правни книги и монографии, како и на над 50 статии и стручни трудови. Бил правен консултант на неколку правосудни државни органи, синдикални организации, граѓански здруженија и неформални активистички иницијативи. Во моментов работи како доцент на Правниот факултет при Државниот универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, Катедра за граѓанско право. Предава: Римско право, Судскa реторика и Философија на правото.