fbpx

Безбедносни импликации од руското мешање во Република Македонија

м -р Тимурленк Чековиќ

Политика

11.02.19

Прегледи

ALB

м-р Тимурленк Чековиќ

timurlenk cekovic200x250Досега се говореше за отворено мешање на Русија во внатрешните работи на Република Македонија, но многу малку се укажуваше какви импликации може тоа да има по безбедноста на РМ.

Македонија уште на 23 декември 1993 година, со Одлука на Собранието реши да стане членка на НАТО. Од тогаш, таа го потпиша Договорот Партнерство за мир, учествуваше во 6 мировни мисии со над 4000 војници, ја професионализираше армијата според НАТО стандардите, сработи рекордни 17 акциски планови и го започна 18. Акциски план (АПЧ) и сега е во чекалната на НАТО заедно со БиХ, Грузија и Украина.

До пред некоја година, Русија не се спротивставуваше отворено на желбата која Република Македонија ја искажуваше на секој НАТО самит и која ја потврдуваше секоја наша власт избрана од мнозинството граѓани. НАТО интеграциите беа нормален процес од национална важност и неизоставен дел од Стратегијата за национална безбедност. Но, од неодамна руската држава отворено најави дека ќе се спротивстави на таквиот чин, дека тој може да ги наруши билатералните односи помеѓу двете земји. Што се смени во меѓувреме?

Распаѓањето на поранешниот СССР доведе до колапс на еден безбедносен систем и исчезнаа дотогаш познатите класични закани. Денес, најголем снабдувач со гас за европскиот пазар е Русија и тоа во голема мерка ја прави Европа ранлива, а ставот кој ќе го има во иднина кон безбедносните прашања ќе зависи од растечкиот хегемонизам на Русија наследен уште од времето на СССР.

Со јакнењето на Русија на економски план се зајакна и нејзината улога на светска сила и политички фактор кој не може да се заобиколи. Таква дилема не постои за САД кои во последниот период отворено се спротивставуваат на мешањето на Русија во поглед на проширувањето на НАТО, како во Источна Европа, така и на Балканот.

Дел од политичките аналитичари во Македонија и Европа сметаат дека Македонија, па дури ни целиот Балкан, не е стратешка цел на Русија, туку е реакција од засиленото ширење на НАТО кон исток. Тие сметаат дека за да го запре тоа, Русија користи многу агресивна политика.

Односите НАТО - Русија

НАТО воспостави блиски врски со сите поранешни советски републики и продолжува да ја поддржува нивната политичка независност. Новите превентивни цели на НАТО треба да им помогнат на поранешните членки на Варшавскиот договор и да ги заштитат од евентуалните закани од страна на Русија.

Слика: Проширувањето на НАТО во Европа. Извор: Patrickneil, Wikipedia.

Покрај тоа, НАТО ѝ подаде рака на Русија со цел да се обиде да ги ублажи сомневањата во врска со проширувањето на НАТО во нејзиното соседство. На 27 мај 1997 година, лидерите на земјите членки на НАТО и Руската Федерација потпишаа основачки акт за заеднички односи и соработка на полето на безбедноста. Русија ја прифати понудената соработка и во 1998 година на нејзин предлог беше формиран Евроатлантски координативен центар за реакции при елементарни непогоди (ЕАДРЦЦ). Соработката во областите на заеднички безбедносен интерес, како што се меѓусебното намалување на воените ризици и соработката во антитерористичките операции, според Стратешкиот план од 2010 укажува на тоа дека НАТО не посакува конфликт со Русија.

Анексијата на Крим во 2014 година, последователното влошување на односите со НАТО по воената акција во Грузија и воената поддршка на руските сепаратисти во Украина го вклучија црвениот аларм на НАТО. Поради превирањата во тој регион, во догледно време станува невозможно членството на Украина и Грузија во НАТО. Состојбата во тој регион и на Балканот, по тие настани дополнително се усложни.

Кибер напади како предвесници на бурата во Македонија

Кибер одбраната на НАТО беше наметната од силното руско мешање во процесите кои се одвиваат во Европа. Тие закани со новиот стратешки концепт од 2010 година се сметаат за закана, но членките на НАТО сепак не можат да се повикаат на членот 5 од Атлантската повелба за заедничка одбрана. Најчесто таквите напади не можат да се докажат, но и доколку се докажат, инволвираната страна лесно може да го негира тој факт со отфрлање на одговорноста.

Прв ваков пример во историјата на кибер нападите комбинирани со вооружени дејствија се случи за време на војната во Грузија во 2008 година, кога многу грузиски владини сервери беа нападнати и уништени. Владата на САД во една студија заклучи дека кибер нападот во Украина, зад кој стои руската влада, предизвикал прекин на снабдувањето со електрична енергија за над 200.000 луѓе во 2015 година. Повторно немаше официјален одговор од Москва. Во случајот на кибернападот врз Естонија, никој од Алијансата не се осмели директно да ја посочи Русија. Во истата 2015 година, Си-ен-ен (CNN) објави дека руски хакери, кои најверојатно работат за руската влада, се осомничени за најбезобѕирниот хакерски напад врз Стејт департментот. Руската влада ги отфрли обвинувањата.

Како дел од одбраната, Република Македонија донесе нов национален стратегиски концепт за кибер одбрана, како најмодерен предизвик на безбедноста на една земја. Оваа година Република Македонија се соочи со сите модерни предизвици на кибер војувањето меѓу кои се лажните вести и пропагандата. Во текот на летото 2018 година се појавија стотици нови интернет страници кои повикуваат на бојкот на гласањето и постови на Фејсбук и Твитер кои ги повикуваат Македонците да не гласаат на референдумот. Според македонски и американски претставници, тие профили беа создадени за ширење на класични дезинформации режирани од групи поддржани од Русија.

Во Република Македонија се спроведени одредени новинарски истражувања во поглед на руското мешање и загрозувањето на безбедноста. Меѓу нив може да се спомене  истражувањето  спроведено во јуни 2017 година од страна на ТВ Нова со партнерите од „ОССРП“ и Српската мрежа за истражување кримнал и корупција – „КРИК“, во партнерство со британскиот весник „Гардијан“. Според истражувањето, подготвен е извештај на почетокот на 2017 година од страна на Управата за безбедност и контраразузнавање каде се укажува дека во последните 9 години Република Македонија е под силна субверзивна пропаганда и разузнавачки активности спроведувани преку Амбасадата на Руската Федерација и тоа коинцидира со напорите Македонија да се приклучи на НАТО.

Освен тоа, забележан е извор на лажни вести и пропаганда кој најмногу влијаеше на ширењето предвоена еуфорија во земјата, и тоа од никој друг туку од познатата руска новинска агенција „Спутник“, сопственост на Кремљ. Според друго новинарско истражување, „Спутник“ отворено објавуваше написи со кои се навестуваше војна во Македонија и се цитираа изјави дека „постои опасност да се случат организирани напади, како што беше оној во Куманово, во мај 2015 година“. Очигледно дека интересот на Русија беше насочен кон тоа да се шират разногласија во поглед на опасностите кои можат да се случуваат во Република Македонија во однос на косовско - српските односи.

Покрај сѐ, американските претставници сметаат дека разоткривањето на намерите на лицето Иван Савидис, грчки бизнисмен со руско потекло, во Грција и протерувањето на руските дипломати од Македонија и Грција е ретка победа во битката против руската кампања на дезинформирање во Европа и во САД.

Регионални предизвици за безбедноста

Несомнено, со брзото темпо на промени во регионот постепено ќе се усложнува и нашата безбедност. Во догледно време, формирањето на проруски партии нема да биде обележје само на Република Македонија, туку и на целиот регион.  Сепак, иако постојат партии и организации за руски пријателства, се градат цркви со руска архитектура, па дури се шират пансловенски пагански влијанија, тие не се клучни во загрозување на безбедноста на Република Македонија.

Растечкото влијание на Русија и нејзиниот интерес да се наметне како политичка сила врз Балканот, кој е на некој начин прогласен за ново виртуелно боиште, ќе продолжи и во наредниот период, што остава простор за неизвесност во регионот и пошироко. Широката дипломатска активност на САД, Германија, Европската Унија и НАТО во последниот период во Македонија се показател дека безбедносните импликации во регионот ќе се усложнуваат предизвикани од руското мешање.

Република Македонија со влегувањето во НАТО ќе ги отфрли поголемиот дел од можните закани и ризици по нејзината безбедност и со тоа ќе спречи инволвирање на туѓи елементи кои во иднина можат да се одразат на нејзиниот воен и безбедносен потенцијал.

Напомена: Мислењата и ставовите в оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

м -р Тимурленк Чековиќ

Тимурленк Чековиќ магистрирал кризен менаџмент на Воената Академија во Скопје. Истражува за влијанијата на глобалните закани и безбедност. Заинтересиран е да пишува и споделува новости во технологијата, глобалните промени и настани. Посветува интерес во геопросторно разузнавање и технолошки напредок, како и етички вредности и историја. Има активен блог и е автор на неколку книги, академски статии и истражувања. Моментално е вработен како инспектор во Граничната полиција.