fbpx

Колку се остварливи ветувањата на претседателските кандидати?

Светомир Шкариќ

Политика

17.04.19

Прегледи

проф. д-р Светомир Шкариќ

Блерим Река би ја затворил Палатата на Водно и сака да биде со народот. Го препознава монархискиот карактер на сегашниот претседател кој живее изолирано на Водно, со дворско опкружување и гломазен кабинет, без советнички тим. Гордана Силјановска - Давкова би ги укинала привилегиите - претседателската пензија и претседателската канцеларија. Македонија е сиромашна држава и не може да поднесува такви привилегии кои третиот по ред претседател ги користи веќе десет години. А Стево Пендаровски ги смирува вработените во Претседателската палата да не стравуваат од партиски реваншизам. Досегашната кампања јасно ја покажува разликата меѓу кандидатите.

Важни се контекстот и личните својства на кандидатот

Кампањата за избор на шеф на државата офицјално започна на 1 април 2019 година, со стартот на претседателската кампања на тројца кандидати, сите правници и универзитетски професори. Се слуша и женски глас, исто како за време на првиот круг на претседателските избори во 2009 година кога меѓу шесте машки гласа се слушаше и гласот на Мируше Хоџа, професорка по филологија, предложена од ДПА.

За разлика од Мируше која во првиот круг освои околу 30.000 гласа, Гордана Силјановска - Давкова сигурно влегува во вториот круг, со силна желба да биде избрана за прв претседател - жена на Македонија. Може да се случи тоа што на 31 март 2019 година се случи во Словачка. На тој ден, Зузана Чапутова, активистка за заштита на човековата средина е избрана за прва жена претседател на Словачка, 20 години помлада од Силјановска - Давкова. Во вториот круг со 58 отсто од гласовите го победи противкандидатот Марош Шефчович, потпреседател на ЕК кој освои 42 отсто од гласовите. Победи заради тоа што во нејзиниот град Пезинок успеа да ја запре изградбата на една нелегална депонија која го загрозувала здравјето на нејзините сограѓани.

Еден настан може да биде пресуден, ако е од сензитивно значење за граѓаните, како што е животната средина. Прашање од кое може да падне секоја влада, ако граѓаните покажат силен отпор и ако без страв влезат во судир со натрапниците кои грубо ја повредуваат природата и Мајката - Земја. Тоа треба да го имаат предвид сегашниве претседателски кандидати, бидејќи живеат во градови кои по загрозеноста на животната средина и узурпацијата на јавниот простор ги заземаат врвните места во Европа.

Резултатот на овие избори нема да зависи само од односот на кандидатите кон уставните надлежности на претседателот. Ќе зависи многу и од контекстот во кој што се одвива кампањата, како и од личните особини на кандидатот. Тоа се гледа од резултатите од првиот круг на изборите во Украина што се одржаа на 31 март 2019 година. Најмногу гласови - 30,2 отсто доби Володомир Зеленски, актер - комичар. Неговиот најсилен противкандидат, Петро Порошенко, актуелен претседател на Украина, освои 16,6 отсто, а Јулија Тимошенко, поранешна премиерка, 13 отсто од гласовите. ТВ - лице што глуми професор успеа да победи двајца корумпирани политичари од највисок профил.

Зеленски стана јавна личност преку телевизиското шоу „Слуга на народот“ во кое ја толкува улогата на професор што треба да биде новиот претседател на Украина. Од телевизиската серија, јавноста успеа да го препознае идниот претседател на Украина, различен од претседателот Порошенко. Вториот круг, закажан за 21 април, ќе покаже дали големиот магнат ќе успее да го победи популарниот актер кој како иден претседател сака да биде „слуга на народот“, да се бори против корупцијата и со Русите да преговара за судбината на Доњецк и Луганск, а не со нив да војува.

Не е само хумористичката серија фактор што ја обликува иднината на Украина, во овој момент. Значајна е и самата личност на Зеленски, видлива од неговиот предизборен слоган „Нема ветувања, нема разочарувања!“. Актерот е свесен дека украинскиот народ е презаситен од бројните ветувања и дека не може веќе да поднесува нови разочарувања. Поради тоа, неговата поддршка од јавноста е трипати поголема пред изборниот чин од поддршката на неговиот противкандидат.

Македонскиот народ не сака нови ветувања, ниту нови разочарувања

И македонскиот народ е презаситен од ветувањата дадени на досегашните претседателски избори. Ветувања без видливи остварувања. Тоа создава разочарување и губење доверба во политиката, во оние политичари кои ветеното не го остваруваат, поради личните интереси. Го забораваат јавниот интерес, за сметка на приватниот кој под знак прашање го доведува и опстанокот на Македонија како држава. Стравот за опстанок е голем и мора да се запре, да не се шири и по овие претседателски избори.

Извор: magazin.mk

Во таков контекст треба да се анализираат слоганите на сегашниве кандидати на претседателските избори. Колку се остварливи во домашен, регионален и меѓународен контекст? Колку се тие вистинити? Дали ќе ја доживеат судбината на слоганот „Еден за сите“ со кој стартуваше сегашниот претседател во освојување на првиот мандат во 2009 година или ќе имаат исто дејство како слоганот „Државата пред се“со кој сегашниот претседател го освои вториот мандат во 2014 година. Наместо нормална држава станавме „заробена држава“ со пирамида на политички организиран криминал.

Слоганот „Река за Републиката“ на Блерим Река, кандидат на Движењето Беса на Касами и Алијансата на Албанците, акцентот го става на Македонија како република, односно како јавно добро „Ние сме за евроатлантска и мултиетничка република. Македонија е држава, но не е република. Ќе биде република ако наместо на владеењето на поединецот има владеење на правото, но не сега кога судството е политизирано, администрацијата е политизирана, а Собранието имунизира и амнестира одговорни за кривични дела“.

Бара претседателот да биде обичен и скромен човек, да слезе меѓу народот. Претседателската палата на Водно го потсеќа на монархиски трон. Му пречи гломазноста на претседателскиот кабинет и бара негова редукција на мало советничко тело, слично на кабинетите на првите три претседатели. Не поднесува гламур и високи трошоци за орган што не ги дава очекуваните ефекти. Ако биде избран за претседател би ја затворил Претседателската палата и би ја претворил во детска градинка.

Слоганот може подобро да се разбере ако се стави во контекстот на зборовите на Цицерон кој Рим го опишувал како заедница на правото (civitas juris) и како јавно добро (res publica) „Ако не сакаме да се изедначи имотот, ако не можат сите да имаат исти интелектуални способности, тогаш е извесно дека мора да постојат исти права меѓу оние што се граѓани на една иста република“.

Слоганот „Правда за Македонија - татковината повикува“ на Гордана Силјановска Давкова, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата e борбен слоган, сличен на оној од Сталинградската битка од 1943 година „Родина - Мать зовет!“. Таа повикува на исправање на неправдите што и се нанесени на Македонија со Преспанскиот договор и со Законот за употреба на јазиците. Бара и смена на постојната власт. Пораката ја испраќа на полноќ, кога владее темнината „Темнина насекаде, како и во државата. Посакувам светлина. Мислам дека моментов што го делам со вас, ќе биде почеток на крајот на една власт. Полноќ е, а јас стојам пред родната куќа во Охрид. Таму почна мојот живот, во Народна Република Македонија. Ако треба да ја менувам личната карта ќе треба да излажам дека сум се родила овде, во Република Северна Македонија“.

Слоганот почна да се оспорува веднаш по неговото обелоденување. Граѓанското движење „Цивил“ најави остро спротивставување, со образложение дека таков слоган не може да користи националистичка десница: „Немаат право да присвојуваат нешто што не е нивно. Немаат право да користат слогани и симболи што се карактеристични за левичарските движења и идеи, а сакаат да го освојат тронот во име на националистичката десница. Нивната кандидатка нема право да говори за правдата како експонент на партија што донесе само неправда“.

Слоганот на Силјановска - Давкова е во функција на соборување на постојната власт преку предвремени парламентарни избори што треба да уследат по нејзиното устоличување за претседателка. Свесна е дека сама не може да го врати името „Република Македонија“, без промена на постојното парламентарно мнозинство. Затоа и бара поддршка од најголемата опизициска партија во македонскиот блок. Оттука, овие избори не се обични претеседателски избори. Тие се проектирани како пресвртнички, со цел да и стават крај на актуелната власт и на нејзино место одново да дојде партијата што претходно владеела единаесет години.

Слоганот „Заедно напред“ на Стево Пендаровски, кандидат на СДСМ и коалицијата е поедноставен и поразбирлив за гласачите. Повикува на здружување на сите сили во општеството, со желба да се оди напред, потпирајќи се на спотот „Сите едно пееме“. Бара пошироко единство во земјата: „Мојот концепт е за напред, тој на Силјановска за назад. Не смееме да дозволиме процесите да не вратат назад во минатото, во неизвесноста, во изолацијата, далеку од ЕУ и НАТО. Изодевме далечен и тежок пат за да стигнеме тука, но заедно можеме многу повеќе“.

Неговиот слоган се судрува силно со слоганот на Силјановска - Давкова. Пендаровски сака кревката стварност да се додржи и да се поттурне напред кон ЕУ и НАТО, со поддршка на партиите на власт (СДСМ - ДУИ). А Силјановска - Давкова бара исправање на неправдите што и се нанесени на Македонија како национална држава, со поддршка на опозицијата (ВМРО-ДПМНЕ). Смета и на поддршката на граѓаните кои не се партиски определени. На нејзините билборди поставени ширум земјата - знакот на партијата (лавче) е подигнат повисоко од знакот на граѓаните (Божицата на правдата со развеано државно знаме). Тоа покажува дека е под силен притисок на партијата. Ако покаже поголема независност би имала поголеми шанси за победа. А може да биде понезависна ако сака бидејќи во овој момент таа и е повеќе потребна на партијата отколку обратно.

Регуларноста на изборите е побитна од победникот

Регуларноста на овие претседателски избори е позначајно прашање од прашањето кој ќе победи на изборите. Време е Македонија да спроведе такви избори на кои ќе победи кандидатот кој нема да биде оспоруван од никого, кој нема да биде нарекуван „граѓанин“. А услови за тоа веќе постојат. Новата Државна изборна комисија влева надеж дека нема да се однесува како нејзините претходнички. Постои и подобар Избирачки список, а и граѓаните се почувствителни на кршењето на изборните правила. Време е веќе и во Македонија да се оствари барањето на Монтескје „Добро е да се создаде демократија за народот, но многу е поважно да се воспита народот за демократија“.

И кандидатите вербално покажуваат знаци дека не сакаат да бидат како нивните претходници. Бараат чисти избори и фер натпревар. Во денешни услови немаат потреба од малверзации, бидејќи изборната кампања во целост се финансира со буџетски средства. Потребно е само да покажат поголема независност од партиите, да не прифаќаат обврска дека ќе ги спроведуваат нивните програми и да не се согласуваат да бидат нивни марионети, како што е случај со сегашниот претседател.

Треба да ги имаат предвид нерегуларностите од претходните избори, како опомена. Во 1994 година беа игнорирани над 126.000 избирачи кои своето избирачко право го докажуваа со лични документи на самото избирачко место. Да беа респектирани тие гласови, Киро Глигоров ќе мораше да влезе во втор изборен круг и да се натпреварува со Љубиша Георгиевски. Не треба да ги игнорираат ни нерегуларностите на изборите од 1999 година. Разликата од 143.000 гласови од првиот круг, Борис Трајковски лесно ја надомести во вториот круг против Тито Петковски, благодарејќи на полнењето на кутиите на 200 избирачки места. Не треба да го заборават ни „заплашувањето на гласачите“ во 2014 година, забележано од страна на ЕК во Извештајот за напредокот на Република Македонија во 2014 година. Тогаш изборите беа мирни, но не беа слободни.

На шестите по ред претседателски избори веќе се одвива голема борба помеѓу Зевс, Афродита и Јупитер. По првиот круг, Јупитер веројатно ќе замине на заслужен одмор на Марсовото Поле (Campus Martius), со поголема грижа за републиканскиот Рим како етничка заедница (patria nature), отколку како граѓанска држава (patria civitatis). Борбата ќе биде уште посилна во вториот круг помеѓу Афдродита и Зевс. Божицата ќе настојува со својот шарм и борбениот слоган да го симне Зевс од Олимп и да го спушти во Дион - светиот град на античките Македонци. Овој, пак, нема да и се предаде лесно. Ќе се бори со сета сила, како крал на боговите, со слоган што обединува и што Македонија ја движи по асфалтниот пат кон евроатлантските интеграции.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Светомир Шкариќ

Проф. д-р Светомир Шкариќ е роден во Дојран во 1941 година, во селско семејство. Основно образование завршил во Дојран и Гевгелија, а гимназија во Струмица. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје, а магистрирал и докторирал на Правниот факултет во Белград, под менторство на проф. Јован Ѓорѓевиќ. Биран е за асистент на проф. Евгени Димитров, а потоа за доцент и проферсор по предметот Уставно право на Правниот факултет во Скопје. Бил на студиски престој во Гренобл, Сапоро и Токио и визитинг професор во Бордо. Предавал 15 години на политичката школа „Јосип Броз Тито“ во Кумровец, заедно со Киро Глигоров, Предраг Враницки, Мухамед Филиповиќ, Мијат Шуковиќ, Милојко Друловиќ и Славој Жижек. Учествувал на повеќе конгреси на Меѓународното здружение за уставно право (L'AIDC), Меѓународно здружение за политички науки (IPSA) и Меѓународно здружение за истражување на мирот (IPRA). Поднесените трудови се објавени во книгата „Македонија на сите континенти“ (2000). Автор е на книгите: Law, Force and Peace - Macedonia and Kosovo (2002), Democratic Elections in Macedonia 1990-2002 (2005), Научно толкување - Устав на Република Македонија (2014) и Уставно право, осмо издание (2015). Подолго време работи на учебниците: „Политички теории - нова доба“ и „Уставното право на Европската унија“. Подготвува дваесетина есеи по повод одбележувањето на 70 години од постоењето на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје (1951-2021). Преку блоговите уставното право го доближува до граѓаните, до државната власт и до опозицијата.