fbpx

Дали може Хонг Конг да избегне трагедија?

Ендру Шенг и Чао Генг

Политика

30.11.19

Прегледи

Ендру Шенг и Чао Генг

Sheng GengАко сака да ја заштити својата иднина, народот во Хонг Конг мора добро да размисли за потребата за ставање крај на насилните протести и за заедничко решавање на реалните проблеми. Алтернативата не е некаква фантазија за независен и просперитетен Хонг Конг. Алтернативата е уништена економија, поделено општество и изгубена генерација.

 

Речиси шест месеци откако започнаа протестите во нашиот град, истите достигнаа точка на вриење. За време на еден ужасен ден овој месец, полицијата испука над 1.500 солзавци, еден нападнат полицаец пукаше во демонстрант во неговата непосредна близина, а демонстрантите запалија еден нивен неистомисленик. Уапсени се повеќе од 4.000 луѓе, уништена е инфраструктура, а економијата тоне во рецесија. А за што?

Владата на Хонг Конг го повлече законот за екстрадиција што ги испровоцира протестите. Сепак, демонстрантите беснеат, без никаква кохерентна стратегија или барања. Тие тврдат дека се борат за демократија, но тешко е да се поистовети таа возвишена цел со средновековните катапулти што фрлаат цигли и огнени бомби. За волја на вистината, оваа стратегијата на демонстрантите на тотално уништување може да доведе само до повеќе хаос, уништувања и смрт.

Има и други начини. Со цел да помогнеме да се најде решение, ние спроведовме ПЕСТ (политичка, економска, социкултурна и технолошка) анализа на тековната состојба во Хонг Конг и идните перспективи.

На политичко поле, главната лекција е дека владата е одговорна за обезбедување на редот и безбедноста. Во рамката „една земја, два система“, владата на Хонг Конг има овластувања да решава за прашањата од внатрешна безбедност. Но, во оние делови во кои нејзините активности не се соодветни, централната власт на Кина има право и обврска да се вмеша. Но, со тоа што хонгконшките демонстранти дозволија едни мирни протести да прераснат во големи нереди, ваквата интервенција стана неизбежна.

Економски, Хонг Конг плаќа висока цена за долготрајните протести. Во јули-септември, БДП-то на градот се намали за 3,2% во споредба со претходниот квартал – најлошите економски резултати по светската финансиска криза во 2008 година.

Меѓутоа, ситуацијата не е толку алармантна, бидејќи берзата во градот продолжува да функционира. Алибаба (Alibaba) – најголемата кинеска компанија за е-трговија, која го држи светскиот рекорд за најголемата иницијална јавна понуда на акции – го оствари својот план за втора понуда на акции во Хонг Конг, и е на добар пат да собере речиси 13 милијарди американски долари.

Во текот на последните две децении, иницијалните јавни понуди во Хонг Конг прибраа повеќе од оние во САД или копнена Кина. Пазарната капитализација на сите котирачки компании во Хонг Конг изнесува околу половина од онаа на копнена Кина. Исто така, Хонг Конг е основна платформа на Кина за управување со странските финансиски средства и главна врска со глобалните синџири на снабдување, со околу 60% од приливите на странски директни инвестиции во Кина, кои се канализираат преку градот.

Меѓутоа, овие економски предности имаа ненамерни социјални последици, создавајќи највисок степен на нееднаквост во градот во цели 45 години. Како и во многу западни економии, додека сопствениците на имот, градежните елити и елитните професионалци трупаа богатство, работниците од пониската средна класа во Хонг Конг се соочија со стагнација во приходите и нагло зголемување на цените на домување. Фрустрацијата која се јави како резултат е коренот на сегашните немири.

Постојаните неуспеси во управувањето дополнително го влошија чувството на јавноста. Соочувајќи се со огромни социјални, геополитички и технолошки проблеми, владата на Хонг Конг требаше да донесе проактивни политики што ќе можат да одговорат на новите случувања и ќе ги предвидат идните предизвици – почнувајќи со недостатокот на економични станови. Меѓутоа, таа остана посветена на застарениот принцип од „колонијалната ера“ на „позитивен неинтервенционизам“, така што проблемите се влошуваа, а незадоволството на населението растеше.

Тоа незадоволство се вдоми на социјалните медиуми.

Технологија ги потресе темелите на концептот „една земја, два система“ преку овозможување на „безредие од информации“: ширење на огромни количини на пристрасни, наведувачки и целосно лажни информации, честопати креирани да поттикнат анти-кинеско чувство во Хонг Конг. Формирањето на филтрирани балони и ехо-комори го зголеми проблемот, преплавувајќи ги младите со пораката дека Кина е виновна за сите нивни маки.

Кога овие идеи почнаа да прераснуваат во дејства, демонстрантите ги користеа социјалните медиуми за да се организираат, како и документираат и шират информации за нивните активности, честопати анонимно. И за демонстрантите и за нивните противници, социјалните медиуми се клучно средство за формирање на наративот, бидејќи им овозможува да споделуваат слики, на пример, од полициска бруталност или насилства од страна на демонстрантите.

Меѓутоа, социјалните медиуми се и оружје и бојно поле. Само во август, повеќе од 1.600 полицајци и членовите на нивните семејства беа жртви на малициозни објави на приватни информации на Интернет со цел да се поттикне нивно малтретирање или полошо. Во некои случаи беа споделени дури и адресите на училиштата на децата. (Неколку новинари и лица од опозицијата, исто така, беа предмет на вакви малициозни објави.)

И покрај овие провокации, полицијата на Хонг Конг покажа значителна воздржаност. Да, две лица загинаа во хаосот. Но, споредете го тоа со 22 демонстранти кои беа убиени за само две недели на протестите во Сантијаго, Чиле или повеќе од 100 кои беа убиени за време на неодамнешните протести во Иран.

Ако демонстрантите во САД или Франција насилно протестираа шест месеци, владата ќе испратеше национална гарда да ги задуши немирите. Сепак, Кина покажа стратешка трпеливост, разбирајќи дека директната интервенција би им помогнала на оние кои сакаат да го претстават конфликтот како „судир на цивилизации“, особено во време кога Кина е во сложено трговско и стратешко ривалство со САД.

Меѓутоа, колку подолго трае насилството, толку помалку опции ќе ни останат на сите. Последните избори за окружни советници, со излезност од 71,2%, покажаа дека луѓето мирно гласаа за промени. Доколку демонстрантите избегнеа насилство и се решеа трпеливо да почекаат да ги искажат своите преференции на избори, ќе се испратеше истата порака. Резултатот од изборите е повод сите да размислат за потребата да се стави крај на насилните протести и да работат заедно на решавање на вистинските проблеми. Сите страни мора да покажат емпатија, смиреност и подготвеност за компромис додека се креираат и спроведуваат реформи во управувањето што се во согласност со основниот закон на Хонг Конг и уставот на Кина.

Алтернативата не е некаква фантазија за независен и просперитетен Хонг Конг. Алтернативата е уништена економија, поделено општество и изгубена генерација. Ако се преправаме дека е нешто друго, ваквиот исход станува сè понеминовен.

Ендру Шенг, почесен член на Азискиот Глобален Институт на Универзитетот во Хонг Конг и член на Советодавната комисија за одржливи финансии на Програмата за животна средина на ООН, поранешен претседател на Комисијата за хартии од вредност на Хонг Конг. Неговата последна книга е „Од Азија до глобалната финансиска криза“.

Чао Генг, претседател на Институтот за меѓународни финансии во Хонг Конг, професор и директор на Институтот за истражување на поморскиот пат на свилата на ХСБЦ Универзитетот за Бизнис во Пекинг.

Copyright: Project Syndicate, 2019.
www.project-syndicate.org

Ендру Шенг и Чао Генг

Ендру Шенг, почесен член на Азискиот Глобален Институт на Универзитетот во Хонг Конг и член на Советодавната комисија за одржливи финансии на Програмата за животна средина на ООН, поранешен претседател на Комисијата за хартии од вредност на Хонг Конг. Неговата последна книга е „Од Азија до глобалната финансиска криза“. Чао Генг, претседател на Институтот за меѓународни финансии во Хонг Конг, професор и директор на Институтот за истражување на поморскиот пат на свилата на ХСБЦ Универзитетот за Бизнис во Пекинг.