fbpx
 

Борбата продолжува

Грета Тунберг, Лујза Нојбауер, Ејнџела Валензуела

dolan hennegan edlin 400x250По повеќе од една година на мрачни научни проекции и растечки активизам, светските лидери, како и јавноста сè повеќе ја препознаваат сериозноста и итноста на климатската криза. Сепак, ништо не е сторено.

Повеќе од една година, децата и младите ширум свет протестираат за климатските промени. Ние започнавме движење кое ги надмина сите очекувања, со милиони луѓе кои јавно ја поддржаа целта. Не го направивме тоа затоа што ни беше сон, туку затоа што никој не преземаше ништо за да ја осигури нашата иднина. И покрај гласната поддршка што ја добивме од многу возрасни – вклучувајќи ги и некои од најмоќните лидери во светот – сè уште никој не презема.

Протестот не е нешто што го преферираме; но не гледаме други опции. Бевме сведоци на низа климатски конференции на ООН. Безбројните преговори резултираа со голем медиумски интерес, но празни ветувања на светските влади – истите влади кои им дозволуваат на компаниите за фосилни горива да бушат за нафта и гас и да ни ја изгорат иднината за профит.

Политичарите и компаниите за фосилни горива знаат за климатските промени со децении. А сепак им дозволуваат на профитерите да продолжат да ги искористуваат ресурсите на нашата планета и да ги уништуваат нејзините екосистеми во трката за брзи пари со што се загрозува нашето постоење.

Не мора нам да ни верувате: научниците го вклучија алармот. Тие предупредуваат дека никогаш не било помалку веројатно да се ограничи растот на глобалните температури на 1,5 Целзиусови степени над прединдустриските нивоа – праг чие надминување би ги донело најдеструктивните ефекти на климатските промени.

Што е ушто полошо, неодамнешните истражувања покажуваат дека сме на пат да произведеме 120% повеќе фосилни горива во 2030 година отколку што би прозивеле во согласност со ограничуањет од 1,5°C. Концентрацијата на гасови со ефект на стаклена градина во нашата атмосфера достигна рекордно високо ниво, без знаци на забавување. Дури и ако државите ги исполнат своите сегашни заложби за намалување на емисиите, ние сме на пат кон зголемување од 3,2°C.

Ние младите го носиме товарот на неуспесите на нашите лидери. Истражувањата покажуваат дека загадувањето од согорувањето на фосилни горива е најголемата закана во светот за здравјето на децата. Само овој месец, беа дадени пет милиони маски во училиштата во ЊуДелхи, главниот град на Индија, заради токсичниот смог. Фосилните горива буквално не задушуваат.

Науката бара итно делување, а нашите лидери се дрзнуваат да ги игнорираат. Затоа продолжуваме да се бориме.

По една година протести, се слушна нашиот глас. Поканети сме да зборуваме пред донесувачите на одлуки. Во ООН, имавме обраќање пред полна сала светски лидери. На Светскиот економски форум во Давос се сретнавме со премиери, претседатели, па дури и папата. Поминавме стотици часови учество во панели и разговори со новинари и режисери. Ни беа понудени награди за нашиот активизам.

Нашите напори придонесоа за свртување на дијалогот кон климатските промени. Луѓето сè повеќе дискутираат за кризата со која се соочуваме, не тивко и како прашање што треба да се решава во иднина, туку јавно и како прашање од итен карактер. Анкетите потврдуваат промена на перцепциите. Едно неодамнешно истражување покажа дека, во седум од осумте држави опфатени со истражувањето, климатското деградирање се смета за најважниот проблем со кој се соочува светот. Друго истражување пак потврди дека учениците се оние кои го предводат подигнувањето на свеста.

Со промената на јавното мислење, светските лидери исто така велат дека ги склушнале нашите заложби. Тие велат дека се согласуваат со нашето барање за итно делување за решавање на климатската криза. Но, не прават ништо. Додека тие се на пат кон Мадрид за 25-тата седница на Конференцијата на страните (COP25) на Рамковната конвенција на ООН за климатски промени, ние го прозиваме ова лицемерие.

Следните два петока, повторно излегуваме на улица: на 29 ноември ширум светот, а на 6 декември за време на климатската конференцијата на ООН во Мадрид, Сантијаго и многу други места. Учениците, младите и возрасните ширум светот ќе се сплотат и ќе бараат од нашите лидери да делуваат – не затоа што ние сакаме, туку затоа што тоа го бара науката.

Делувањето мора да биде моќно и широко-опсежно. Сепак, климатската криза не се однесува само на животната средина. Тоа е криза на човековите права, правдата и политичката волја. Колонијалните, расистичките и патријархалните системи на угнетување ја предизвикаа и ја потхрануваат. Треба да се растурат. Нашите политички лидери веќе не можат да ги избегнуваат своите одговорности.

Некои велат дека конференцијата во Мадрид не е многу важна; големите одлуки ќе се донесуваат на COP26 во Глазгов следната година. Не се согласуваме со тоа. Науката јасно потенцира дека не смееме да изгубиме ниту еден ден.

Сфативме дека, ако ние не се ангажираме, никој нема. Затоа, ние ќе продолжиме да одржуваме штрајкови, протести и други активности. Ќе стануваме се погласни и погласни. Ќе сториме сè што е потребно за да ги убедиме нашите лидери да се обединат и да ја поддржат науката, што дури и деца можат да ја разберат.

Здружено можеме да направиме промени; тоа го докажавме. Но, за да смениме сè, потребни ни се сите. Секој од нас мора да учествува во движењето за климатски отпор. Не само со зборови, туку со дела.

Придружете ни се. Учествувајте во нашите претстојни климатски протести во Мадрид или во вашиот град. Покажете им на вашата заедница, индустријата за фосилни горива и вашите политички лидери дека повеќе нема да толерирате неделување. Со бројките на наша страна, имаме шанса.

Што се однесува до лидерите кои се на пат кон Мадрид, нашата порака е едноставна: очите на сите идни генерации се вперени во вас. Донесете правилни одлуки.

Оваа статија ја поддржаа и Еван Менесес (Австралија) и Хилда Флавија Накабује (Петоци за иднината на Уганда).

Грета Тунберг е шветски активист за климатски промени.

Лујза Нојбауер е германски активист за климатски промени

Ејнџела Валензуела е координатор на Петоци за иднина во Сантијаго

Copyright: Project Syndicate, 2019.
www.project-syndicate.org

Ангеловска меѓу популизмот и храброста
Како да се одбраниме од епидемијата на лажни вести...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Петок, 14 Август 2020

  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.

    Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил.

    Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите.

    Повеќе

  • 1

Следете нè