fbpx
 

Денот по НАТО

Јошка Фишер

Joschka Fischer 200x250Францускиот претседател Емануел Макрон е мета на критики поради тоа што го нарече НАТО клинички мртво и поради неговото зближување со рускиот претседател Владимир Путин. Но, сега, кога непредвидливата Америка може во секој момент да го напушти континентот, аргументот на Макрон за одбранбена автономија на Европа не може лесно да се побие.

И покрај тоа што многупати беше отпишано, НАТО опстоја. Но, уште една лисица влезе во ќумезот и наиде на типичен европски одговор на опасност: кревање врева.

Лисицата во прашање е францускиот претседател Емануел Макрон, кој неодамна ја опиша НАТО алијансата како „клинички мртва“.  Не мора да се согласувате со неговите зборови – или новата желба за дијалог со рускиот претседател Владимир Путин (јас не се согласувам) – за да ја разберете суштината на неговата теза. Промените во стратешките приоритети на САД под претседателството на  Доналд Трамп бараат Европа да ги преиспита долгогодишните заложби за заедничка одбрана.

Ова не е прв пат НАТО да е на стаклени нозе. Многумина дојдоа до истиот заклучок пред 2014 година, кога алијансата немаше на што друго да се фокусира освен на мисијата во Авганистан. Припојувањето на Крим кон Русија и војната во Источна Украина му вдахна живот на НАТО.

Потоа дојде Трамп кој со својата администрација ја повлече поддршката за Европа, го напушти американското раководство во меѓународниот систем на правила и водеше националистичка, протекционистичка и унилатералистичка надворешна политика. Трамп го прогласи НАТО за „застарено“.

Резултатот е тоа што Европа ќе мора сама да се брани по прв пат после Втората светска војна. Меѓутоа, после толку години стратешка зависност на САД, Европа не е подготвена – не само материјално, туку и психолошки – за денешната сурова геополитичка реалност. Ова најмногу важи за Германија.

Иднината на НАТО е понеизвесна од кога било. По 1989 година, малкумина се сомневаа дека алијансата ќе продолжи да постои после 20 години. Но, денес, прашањата за нејзината иднина произлегуваат не само од Вашингтон, туку и од Париз. Опстанокот на НАТО не може да се зема здраво за готово, а Европа не смее да чека 20 години за да види што носи иднината.  

Помеѓу свртувањето на Америка кон национализмот, растечката наметливост на Кина и дигиталната револуција, Европа нема друг избор освен самата да стане сила. Во овој поглед, Макрон е сосема во право. Но, Европа не смее да има никакви заблуди за тоа што сè е потребно за одбранбена автономија. За Европската унија, која се смета себеси повеќе за економска, отколку за воена сила, ова подразбира излегување од статус кво.

За да бидеме сигурни, НАТО сè уште постои, и сè уште има американски трупи распоредени во Европа. Но, клучниот збор тука е „сè уште“. Сега кога традиционалните институции и трансатлантските безбедносни заложби се ставени под прашање, распадот на Алијансата е повеќе прашање на време. Кога ќе реши Трамп да стави крај? Европа не смее да седи и да го чека судбоносниот твит.

Макрон го разбира ова, додека Германија, како вообичаено, ги брани своите стари заложби, ветувајќи дека ќе го зголеми својот придонес во одбраната, а реално има мал напредок. Макрон разбира дека дупката во одбраната на Европа по повлекувањето на американските трупи би била многу поголема отколку што многумина очекуваат. Истата нема да настане постепена, туку одненадеж.

Ако Европа сака да го спречи или барем да го одложи ваквиот исход, таа мора да инвестира во својата војска и значително да ги зголеми своите капацитети. Со други зборови, мора да се однесува како веќе да се случил распадот.

Во голем дел од својата понова историја, Европа мораше да се справува со два предизвици: турбулентен центар (Германија) и незаштитено источно крило (Русија и сега Кина), кое отсекогаш било отворено од геополитички аспект. Од основањето, НАТО служеше како решение за двата проблеми. 

Ако продолжите да одите на исток во НАТО и ЕУ, ќе видите сè поголем безбедносен страв кај земјите-членки. Ова не е изненадување земајќи ја предвид географската близина на овие земји со Русија и долгата историја на рускиот империјализам, кој неодамна се покажа во вооруженото припојување на Крим кон Русија и војната во Источна Украина. За овие земји – почнувајќи од Полска и балтичките држави – интеграцијата на Америка во европската одбрана преку НАТО е неопходна.

Со оглед на геополитичките ризици на источното крило на Европа, НАТО го обезбедува потребниот облик на заштита, па дури и поттикнува солидарност и единство во рамките на ЕУ, со тоа што бара секоја членка да даде свој придонесе за доброто на сите. Свртувањето на Трамп кон национализмот под слоганот „Америка на прво место“ ја принуди Европа да се соочи со прашањето за сопствениот суверенитет, односно да стане независна технолошка сила со капацитет да постапува одлучно и обединето. ЕУ никогаш не би го направила тоа своеволно. Трамп, со каква и да е намера, ја принудува Европа да се промени. За да се зачува НАТО, ЕУ мора да дејствува како Алијансата да не постои.

Јошка Фишер е поранешен германски министер за надворешни работи и заменик канцелар од 1998-2005 година, период обележан со силната поддршка на Германија за интервенцијата на НАТО на Косово во 1999 година, проследена со спротивставување на војната во Ирак. Фишер влезе во политика откако учествуваше во анти-естаблишмент протести во 1960-тите и 1970-тите и имаше клучна улога во основањето на Германската партија на Зелените, која ја водеше речиси две децении.

Copyright: Project Syndicate, 2019.
www.project-syndicate.org

Ветингот во Македонија: промени кон подобро или ла...
Ангеловска меѓу популизмот и храброста
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Петок, 18 Септември 2020

  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.

    Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил.

    Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите.

    Повеќе

  • 1

Следете нè