fbpx

Само демократска писменост може да ја спаси демократијата

Александра Борхарт (Alexandra Borchardt)

Медиуми

08.01.20

Прегледи

Александра Борхарт (Alexandra Borchardt)

Alexandra Borchardt 200x250Зависно од тоа од каде ги дознавате вестите, вашата верзија за текот на истрагата за импичмент за американскиот претседател Доналд Трамп може да биде многу различна од онаа на вашите пријатели, роднини или соседи. Може дури и да сметате дека секоја верзија на приказната што е спротивна на вашата е едноставно лажна. Немањето на консензус за основните факти – нуспроизвод на социјалните медиуми – носи сериозни ризици, а не се прави доволно за справување со истите.

Во последниве години, потребата за подобрување на „медиумската писменост“ стана главно залагање на оние кои се борат против дезинформациите во дигиталното време, особено оние кои сакаат тоа да го сторат без заострување на регулативата на технолошките гиганти како Фејсбук и Гугл. Ако луѓето имаат доволно медиумско познавање, тогаш тие ќе можат да препознаат квалитет и ќе надвладее квалитетно новинарство.

Ова не е далеку од вистината. Исто како што е опасно да возите некаде каде што не ги познавате сообраќајните прописи, безбедното движење во новата дигитално-медиумска средина – избегнувајќи не само „лажни вести“, туку и закани како вознемирување преку Интернет, порнографија без согласност за објавување („за одмазда“) и говор на омраза – изискува познавање и висока свест. Затоа, силните напори за подобрување на медиумската писменост на глобално ниво се од огромна важност. Бесплатни, веродостојни и независни медиуми се столб на секоја функционална демократија и им овозможуваат на гласачите да донесат информирани одлуки и да бараат одговорност од нивните лидери. Имајќи го ова предвид, медиумската писменост треба да се постави како цел во поширока кампања за подобрување на демократската писменост.

Од почеток на демократските општества во античка Грција пред повеќе од 2.500 години, демократијата зависи од правила и институции кои постигнувале рамнотежа помеѓу учеството и моќта. Ако целта беше само да им се овозможи на сите да зборуваат, платформите како Фејсбук и Твитер ќе беа врв на демократијата, а популарните движења како Арапската пролет во 2011 година нормално ќе резултираа со функционални влади.

Наместо тоа, целта е да се создаде систем на управување во кој избраните лидери го користат своето знаење и искуство за да ги унапредат интересите на луѓето. Владеењето на правото и раздвојувањето на власта, загарантирано со систем на проверки, се од суштинско значење за функционирањето на таквиот систем. Во кратки црти, мобилизација не значи многу без институционализација.

Денес јавните институции патат од иста недоверба како медиумите. До некаде оваа појава е оправдана: многу влади не успеаја да ги исполнат потребите на своите граѓани, а корупцијата е на високо ниво. Ова го поттикна скептицизмот кон демократските институции, при што луѓето често претпочитаат наизглед поегалитарни мрежни платформи, каде што секој може да го искаже своето мислење.

Проблемот е што ваквите платформи немаат систем на проверки потребни за донесување на информирани одлуки. И, спротивно на очекувањата на некои Интернет пионери, тие проверки не доаѓаат природно. Напротив, деловните модели на технолошките компании водени од алгоритми ги спречуваат бидејќи ги засилуваат гласовите според кликови и лајкови, а не според вредноста или точноста.

Популистичките политичари го искористија недостигот на проверки за да стекнат моќ, која често ја користат за да ги задоволат своите приврзаници, игнорирајќи ги потребите на противниците или малцинските групи. Овој вид мнозинско владеење повеќе наликува на владеење на толпата, во кое популистичките лидери се обидуваат да ги отфрлат законодавната власт и судовите за исполнување на желбите – честопати формирани со лаги и пропаганда – на нивните избирачи. Еден таков пример е неодамнешниот обид на британскиот премиер Борис Џонсон да го суспендира парламентот за да ја намали можност истиот да спречи Брегзит без договор.

Во една демократија, сите луѓе треба да веруваат дека без разлика за кого гласале, нивните лидери ќе ги штитат нивните права и интереси. Тие треба да си го живеат секојдневието, уверени дека државните функционери ќе го посветат своето време и енергија да донесат информирани одлуки – и дека оние кои нема да донесат информирани одлуки ќе бидат проверени од останатите. Веродостојните независни медиуми се дел од овој процес.

Во случајот со Борис Џонсон, судската власт ја изврши својата должност да ја провери извршната власт. Но, со секој напад врз демократските институции, одговорноста слабее, луѓето сè повеќе се разочаруваат, а легитимитетот на системот се намалува. Со текот на времето, ова ги одвлекува талентираните луѓе од работи во новинарство и политика, дополнително уништувајќи ја нивната ефективност и легитимитет.

За да се прекине овој лош круг потребно е итно зголемување на медиумската и демократската писменост, вклучително и за тоа како системот функционира и кој го поседува и обликува. Меѓутоа, како што покажува претстојната студија на Експертската комисија на Советот на Европа за квалитетно новинарство во дигиталното време (од која бев дел), повеќето постојни програми за медиумска писменост се наменети за ученици кои ги учат децата како да користат дигитални платформи и да ја разберат содржината на вестите. Само на мал број од нив целна група им се постари лица (на кои им е најпотребна), или објаснуваат кој ги контролира медиумите и дигиталната инфраструктура или како функционираат алгоритмите.

Демократиите ширум светот се ставени на тест. Ако го поминат, нивните институционални темели мора да се зајакнат. Ова бара, пред сè, разбирање на тие темели, зошто се важни и кој се обидува да ги сруши.

Александра Боршард е виш истражувачки соработник на Ројтерс Институтот за новинарството на Универзитетот во Оксфорд.

Copyright: Project Syndicate, 2020
www.project-syndicate.org

Александра Борхарт (Alexandra Borchardt)

Александра Бархарт е директор за стратегиски развој на Институтот за проучување новинарство на Ројтерс.