fbpx

Исцрпувачката опсесија на САД со Блискиот Исток

Брама Челани (Brahma Chellaney)

Политика

14.02.20

Прегледи

Брама Челани (Brahma Chellaney)

Brahma Chellaney 200x250Претседателот на САД, Доналд Трамп, во една прилика потврди дека сè додека се заглавени во бескрајни војни на Блискиот Исток, САД нема да може да вложи значајни напори за справување со заканите од Кина. Но, тоа не го спречи да продолжи со контра-продуктивниот американски интервенционизам на Блискиот Исток.

„Големите држави не водат бескрајни војни“, рече американскиот претседател Доналд Трамп во своето годишно обраќање пред Американскиот Конгрес во 2019 година. И има право: воената инволвираност на Блискиот Исток придонесе за ослабување на американската моќ и ѝ даде простор на Кина да земе сила. Меѓутоа, по помалку од година од тој говор, Трамп нареди атентат врз најмоќниот воен командант на Иран, генерал Касем Сулејмани (Qassem Suleimani), доведувајќи ги САД на раб на уште една војна. Таква е опсесијата на Америка да се меша во хронично нестабилниот Близок Исток.

САД повеќе нема значаен интерес на Блискиот исток. Со нафтата од шкрилци и гасот, енергија на САД стана независна, а заштитата на нафтените резерви повеќе не е стратешки императив. Всушност, САД го истисна Иран како важен снабдувач на сурова нафта и нафтени производи за Индија, трет по големина потрошувач на нафта во светот по САД и Кина. Покрај тоа, Израел, кој стана водечка воена сила во регионот (и единствена со нуклеарно вооружување), повеќе не зависи од американската заштита.

Меѓутоа, САД има значаен интерес да се спротивстави на напорите на Кина да ги прекршува меѓународните правила, вклучувајќи и преку територијален и поморски ревизионизам. Од таа причина, претходникот на Трамп, Барак Обама, вети „Свртување кон Азија“ на почетокот на неговото претседателство.

Но, Обама не успеа да ги исполни своите планови за тргнување на фокусот на надворешната политика на САД од Блискиот Исток. Напротив, лауреатот за Нобелова награда за мир организираше воени кампањи насекаде од Сирија и Ирак до Сомалија и Јемен. Во Либија, неговата администрација предизвика хаос со соборувањето од власт на моќникот Моамер ал Гадафи во 2011 година. Во Египет, Обама го поздрави разрешувањето на претседателот Хосни Мубарак во 2011 година.

Во 2013 година, кога војската го тргна демократски избраниот наследник на Мубарак, Мохамед Морси, Обама одлучи да не интервенира, одбивајќи да го прогласи за пуч и само на кратко ја прекина американската помош. Ова беше одраз на навиката на администрацијата на Обама за селективна интервенција – пристап што ја охрабри Кина, долгорочен ривал на Америка, да стане поагресивна во остварувањето на своите претензии за Јужното Кинеско Море, вклучувајќи изградба и милитаризирање на седум вештачки острови.

Трамп требаше да донесе промени. Тој во повеќе наврати ги карактеризираше американските воени интервенции на Блискиот Исток како залудно потрошени пари, тврдејќи дека САД потрошиле $7 трилиони американски долари после напдите на 11 септември 2001 година. (Проектот „Цена на војната“ на Универзитетот Браун дава бројка од $6,4 трилиони американски долари.) „Нема ништо – ништо освен смрт и уништување. Тоа е ужасно“, рече Трамп во 2018 година.

Покрај тоа, националната стратегија за безбедност на администрацијата на Трамп ја категоризира Кина како „стратешки конкурент“ – што подоцна се заменува со подирекната ознака „непријател“. Таа исто така изготви и стратегија за спречување на кинеската агресија и создавање „слободен и отворен“ Индо-Пацифички регион што се протега „од Боливуд до Холивуд“.

Меѓутоа, како што е често случај, дејствијата на Трамп не се во согласност со неговите зборови. И покрај неговата анти-воена реторика, Трамп назначи воени хушкачи за помошници, како државниот секретар Мајк Помпео, кој е опишан како „јастреб полн со смелост и амбиција“, и поранешниот советник за национална безбедност Џон Болтон, кој во 2015 година напиша колумна под наслов „За да се спречи бомбата на Иран, треба да се бомбардира Иран“.

Можеби не треба да нè изненадува, тогаш, што Трамп непотребно зазема антагонистички пристап кон Иран. Ескалацијата започна на почетокот на неговото претседателство, кога во 2015 се повлече од иранскиот нуклеарен договор (кој Иран не го прекрши), повторно воведе санкции и изврши притисок врз сојузниците да го направат истото. Покрај тоа, од минатиот мај, Трамп распореди 16.500 дополнителни трупи на Блискиот Исток и испрати носач на авиони за напад во Персискиот Залив, наместо во Јужното Кинеско Море. Атентатот на Сулејмани беше дел од овој план.

Како и практично сите претходни интервенции на Америка на Блискиот Исток, политиките за Иран се контра-продуктивни. Иран најави дека нема да ги почитува органичувањата за збогатување на ураниум поставени во Договорот за нуклеарната програма на Иран. Санкциите на Трамп ја зголемија сметката за увоз на нафта на американските сојузници како Индија и ги продлабочија врските на Иран со Кина, која продолжи да увезува иранска нафта преку приватни компании и да инвестира милијарди долари во нафтените, гасните и петрохемиските сектори во Иран.

Покрај Иран, Трамп не ги повлече САД ни од Авганистан, Сирија ниту Јемен. Неговата администрација продолжи да ја поддржува кампањата за бомбардирање предводена од Саудиска Арабија против јеменските бунтовници Хаути со напади од страна на американската армија. Како резултат, Јемен поминува низ најголемата хуманитарна криза во светот.

Трамп ги повлече трупите од Сирија минатиот октомври, но со толку малку стратешко планирање што Курдите – најверниот сојузник на Америка во борбата против Исламската Држава (ИСИС) – беа оставени во ранлива позиција и изложени на напад од Турција. Ова, заедно со неговите напори да постигне фаустовски договор со авганистанските Талибанци (одговорни за најсмртоносните терористички напади во светот), се заканува да го уништи неговото единствено достигнување на Блискиот Исток: значителното намалување на териториите на ИСИС.

Откако го нареди повлекувањето од Сирија, Трамп одобри воена мисија за обезбедување на нафтените полиња во земјата, што уште повеќе ја влоши ситуацијата. Трајната фиксација на нафтата, исто така, го натера Трамп минатиот април да го поддржи либискиот воен лидер Калифа Хафтар, кога тој почна да ја опсадува престолнината Триполи.

Администрацијата на Трамп веројатно нема да го смени курсот во скоро време. Всушност, сега го редефинираше Индо-пацифичкиот регион што се протега „од Калифорнија до Килиманџаро“, во кој го вклучи и Персискиот Залив. Со оваа промена, администрацијата на Трамп се обидува да прикаже дека нејзините интервенции на Блискиот Исток се во корист на целите на надворешната политика на САД, дури и кога тие ги поткопуваат ваквите цели.

Сè додека се заглавени во „бескрајни војни“ на Блискиот Исток, САД нема да може да вложи значајни напори за справување со заканите од Кина. Трамп требаше да го знае ова. Но, заложбата на неговата администрација за слободен и отворен Индо-Пацифик изгледа сè поневеројатна, а кругот на контра-продуктивен американски интервенционизам на Блискиот Исток изгледа дека ќе продолжи.

Брама Челани е професор по Стратегија на Центарот за истражување на политики во Њу Делхи и соработник на академијата „Robert Bosch“ во Берлин, автор на девет книги, меѓу кои „Азиска супер сила“, „Вода: Новото бојно поле на Азија“, и „Вода, мир и војна: Соочување со глобалната водна криза“

Copyright: Project Syndicate, 2020.
www.project-syndicate.org

Брама Челани (Brahma Chellaney)

Брама Челани е професор по Стратегија на Центарот за истражување на политики во Њу Делхи и соработник на академијата „Robert Bosch“ во Берлин, автор на девет книги, меѓу кои „Азиска супер сила“, „Вода: Новото бојно поле на Азија“, и „Вода, мир и војна: Соочување со глобалната водна криза“