fbpx
 

Конспиративните теории за коронавирусот

Ѓорѓи Спасов

Gjorgji Spasov 200x250Лажните вести во врска со вакви појави можат да ги остават земјите неподготвени за одбрана од ваква опасност и да ги изложат сопствените граѓани на голем ризик.

Поимот „конспиративна теорија“ или теорија на заговор, подразбира објаснување со кое се сугерира дека некоја појава или некој настан не се резултат на официјалните објаснувања од страна на политичките, здравствените или научните институции, туку дека тие настани или појави се случиле и се појавиле како резултат на расипани,морално срозани и корумпирани моќни сили, нејчесто политички мотивирани.

Таквите теории се јавуваат секогаш при појави и настани кои привлекуваат големо внимание на јавноста и особено ако тие појави и настани се закана за животот или за здравјето на граѓаните.

Оттаму, иако се смета дека зад таквите конспиративни теории стојат луѓе или институции кои појавите и настаните ги објаснуваат врз основа на своите предрасуди и без доволно докази за сопствените тврдење, таквите теории често имаат големо влијание врз јавното мислење и однесувањето на луѓето.

Самиот факт што понекогаш се случува она што се нарекувало „конспирација“ да се покаже како вистина, доведува до тоа луѓето да остануваат скептични при официјалните објаснувањата на причините за појавата и настаните и да не ги прифаќаат здраво за готово. Во оваа смисла и Сократ има изјавено „Боговите ни ја подарија паранојата за да можеме од време на време да видиме и малку од вистината“.

Но, таквите теории често имаат разорно дејство кога се работи за сеење недоверба во здравствените институции, и резултатот од нив може да биде непревземањето навреме мерки за ширењето или спречувањето на некоја зараза или преку игнорирањето на заканата да се доведуваат во животна опасност своите најблиски и своите сограѓани.

Една од таквите теории беше онаа за штетноста на вакцината против „морбилите“ која наводно доведувала до аутизам кај децата. Според истражувањето на британската агенција ЈУГОВ, во 2019, 27 отсто од французите и 12 отсто од британците биле убедени дека „вистината за штетните ефекти од вакцините намерно се кријат од јавноста“.А тоа доведе до цело движење во светот познато како „антиваксери“.

Конспиративните теории како дел од пропаганданата војна

Луѓето многу често веруваат дека појавата на некој вирус или на нова и неизлечива болест не е случајна појава туку дека тоа се случува заради намерна или ненамерна грешка на оние кои произведуваат такви вируси во воените лаборатории и дека таквите вируси се користат за водење билошка војна против непријателите.

Според истражувањето на британската агенција ЈУГОВ, во 2019, 16 отсто од граѓаните на Шпанија биле убедени дека ХИВ вирусот е создаден и раширен низ светот од тајни групи и организации.

Истите конспиративни теории за користењето на висрусите како дел од „билошкото оружје“ што го користат едни земји во специјалната војна што ја водат против други се појавија веднаш и по појавата на коронавирусот.

Така на пример, во рамките на пропагандната војна меѓу Русија и Велика Британија, која во медиумите се одржува од времето на случајот со труењето на Скрипал, овој пат во некои проруски медиуми, уште на 12 февруари, беше објавена приказната дека „епидемијата на коронавирусот во Вухан во Кина ја рашириле британски агенти со вирус создаден во лабораторијата за биолошко оружје во Солзбери-Велика Британија“ кои уште во декември 2019 година ја започнале хибридната војна против Кина а на 16 јануари допатувале со авион во Вухан во Кина и го пуштиле корона вирусот со цел да ја дестбилизираат Кина.

Во овој стил, со цитирање на „руски стратешки аналитичари“ таквите медиуми известуваат малку подоцна дека според информации од јапонската телевизија „Асахи“, коронавирусот во Вухан можно е да го имаат раширено војниците на САД кои учествувале во светските воени игри што биле одржани во Вухан во Кина во октомври 2019 година, по што вирусот мутирал и станал смртоносен.

За жал, теориите за коронавирусот како дел од специјалната војна што ја водат САД против Кина ја шират и политичари како министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ и претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, вклучувајќи се доброволно во пропагандната војна на Русија против САД.

Konspirativnite teorii za koronavirusotИзвор: vecer.mk

Од Русија пак тврдат дека во САД се пуштаат информации преку социјалните мрежи дека појавата на коронавирусот е дел од „успешната“ економска војна на Трамп против Кина.

Американската влада и медиумите остро ги демантираат шпекулациите дека коронавирусот е „избеган“ од некоја нивна лабораторија за водење специјална војна против Кина, наведувајќи научни докази за потеклото на вирусот од Кина. Тие тврдат дека вирусот бил пренесен од пазарот на егзотични диви животни за прехрана во Вухан на луѓе по што мутирал и добил смртонсни димензии, но и предупредуваат дека пропагандните кампањи во кои се тврди дека „појавата на вирусот е само дел од специјалната војна на САД против Кина“ само ги ослабува напорите светската заедница да се справи со него.

Други конспиративни теории за корона вирусот

И овој пат, во медиумите не изостануваат теориите според кои „продавачите на вакцини“ стојат зад производството и проширувањето на овој вирус со цел да се покажат како „многу успешни“ во неговото сузбивање и да заработат слава и милијарди долари. Главни обвинети за такви дејства од страна на некои портали се Фондацијата на Бил Гејтс и фармацевските индустрии што стојат зад неа.

Целта на овој вид конспиративни теории, не е само да ја обвинат „фарамаколошката мафија“ за злочини против човештвото, туку истовремено да сугерираат дека вакцините што се нудат за спречување на вакви болести и епидемии се недоволно испитани и набрзина направени па не треба да се користат.

Составен дел на теориите за водењето на специјална војна против Кина во овој случај се и тврдењата дека „не се точни информациите за опасноста од коронавирусот“. Тој вирус според овие теории не е поопасен од вирусот на кој било грип во САД, но преку медиумското преувеличување на опасноста од коронавирусот, САД се обидуваат да и наметнат еден вид економска блокада на Кина. Според тие конспиратори опасноста од овој вирус вештачки ја имаат зголемено медиумите во САД, бидејќи според нив, во САД од октомври 2019 година до сега владее епидемија на грип од која се заразени 15 милиони луѓе а починале веќе повеќе од 8 илјади, но за тоа не известувале светските медиуми. Оттука, тие заклучуваат дека во Кина нема ниту епидемија, ниту пандемија туку „инфодемија“ (лажни вести за корона вирусот).

Појавата на коронавирусот во Кина овој пат е поврзан и со една специфична конспиративна теорија. Според неа интернет технологијата 5Г околу која се води спор меѓу Кина и САД била прво тестирана во областа Вухан во Кина каде што се појави вирусот. Според оваа теорија, користењето на 5Г довело до смалување на имунитетот на граѓаните во провинцијата Вухан и тоа му овозможило на вирусот да мутира и да добие такви димензии.

Ваквите дезинформации се негирани со докази од врвни научници, но конспираторите кои шират страв од новите технологии го користат моментот да ја пласираат идејата дека најновата технологија во областа на интернетот е многу опасна по здравјето и дека Кина која експериментира со таа технологија можеби треба да почека со нејзиниот развој и дополнително да го истражува нејзиното влијание врз имунитетот на граѓаните.

Лажните вести за вирусот се поопасни од вирусот

Според најновите информации од Вашинтон пост, коронавирусот до крајот на февруари беше раширен во повеќе од 70 земји во светот. Најзагрозени земји од вирусот се Кина со над 80 илјади заболени и над 3 илјади мртви, Јужна Кореја со над 6000 заболени и 40 мртви, Иран со над 2992 заболени и 92 мртви, но и Италија со 3 илјади заболени и 100 мртви.

Голем број земји преземаат сериозни мерки за спречување на ширењето на вирусот но и на паниката и стравот од него, но има и такви како Северна кореја и други (со авторитарни режими) кои не ги објавуваат точните податоци за бројот на заболените во своите земји или нивните официјални органи сметаат дека нема причина за било каква паника и страв од коронавирусот бидејќи тој не е поопасен од грипот.

Најпогодените земји од вирусот трпат огромни штети на економски план заради нивната изолација, затворените фабрики, школи, градовите и области во карантин, откажаните летови и туристички патувања, но и спорски настани и други видови собирања.

Ваквите појави ја подигаат свеста за тоа дека светот е веќе одамна глобално село во кое не само вестите туку и вирусите се шират од едниот крај на другиот со неверојатна брзина, и дека како сите глобални закани, како што е глобалното затоплување, глобалниот тероризам и овој вид закани бараат заеднички одговор и солидарност а не меѓусебно обвинување и неодговорно однесување.

Оттука лажните вести во врска со вакви појави можат да бидат поопасни по животот од самиот вирус. Тие можат да ги остават земјите неподготвени за одбрана од ваква опасност, да ги изложат сопствените граѓани на голем ризик, и преку свесен бојкот на опасноста да доведат до проширување на болеста и поголем број на смртни случаи.

Конспиративните теории со кои се зголемува недовербата кон авторитетите од областа на медицината, доведуваат до тоа да биде ниска свеста на луѓето за неопходната самозаштита. Луѓето кои веруваат во нив, и во тоа дека се работи само за специјална војна на една земја против друга, и дека нема потреба од „преувеличување на опасноста“ бидејќи тоа е дело на „фармаколошката мафија“ се помалку подготвени да се вакцинираат, да користат антибиотици или хербални додатоци и витамини.

А ширењето на лажни вести и конспирации во врска со коронавирусот е толку значаен проблем што Светската здравствена организација создаде своја посебна веб страница за да се справува со нив.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

„Сè е во согласност со Уставот и законите“
Кога Кина ќе кивне
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Сабота, 26 Септември 2020

  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.

    Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил.

    Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите.

    Повеќе

  • 1

Следете нè