fbpx
 

Правните аспекти на Брегзитот

проф. др. Светомир Шкариќ

svetomir skarik 200x250Повлекувањето на Обединетото кралство (O.K.) од ЕУ (Брегзит) е правен потфат без преседан во историјата на правото. Повлекувањето тангира три испреплетени правни системи - британското, европското и меѓународното право. Резултатотот од расплеткувањето ќе се види дури по три години од напуштање на ЕУ. Тогаш ќе биде видливо дали Брегзитот е успешен или е грешка.

Драма во парламентот

Повлекувањето на држава - членка е регулирано со членот 50 од Договорот за ЕУ. Членот не дозволува еднострано повлекување како што е тоа случај со другите меѓународни договори. Членот е дел од британското, европското и меѓународното право. Во случај на спор одлучува Европскиот суд на правдата, а во спорот може да се инволвира и Меѓународниот суд на правдата, ако државата - членка не ја прифаќа јуросдикцијата на ЕУ.

Првиот чекор во повлекувањето е изразување на намерата да се напушти ЕУ. Намерата се доставува на потврда до Европскиот совет. Не постојат пречки за напуштање на Унијата, како што постојат за членките на федерацијата или за автономните покраини на Шпанија. Во ЕУ се влегува и излегува доброволно, со согласност на нејзините членки.

Намерата на О.К. за напуштање на ЕУ е содржана во Актот на парламентот за активирање на членот 50 од јануари 2017. Актот е донесен со големо мнозинство гласови, по трето читање (494:12). Пратениците гласале за напуштање на ЕУ, бидејќи на референдумот од 23 јуни 2016 за брегзит гласале 17, 4 милиони граѓани (51. 9%:48.1 %). Еден од нив го рече следново: ,,Ние сме демократи, покрај тоа што сме интернационалисти и проевропски настроени“.

Повлекувањето започна на 29 март 2017, откако ден пред тоа премиерката Тереза Меј му испрати писмо на претедателот на Европскиот совет, Доналд Туск за активирање на членот 50. Од тој момент започна да тече двегодошниот период за напуштање на 29 март 2019. Рокот не е преклузивен, може да трае пократко, но и подолго, зависно од договорот на обете страни.

Вториот чекор се правилата за преговарање. Нив ги утврдува Европскиот совет, без учество на О.К. Условите ги диктира ЕУ, без реципроцитет меѓу страните. Од моментот на нотификацијата, О.К. останува членка на ЕУ и натаму, но без право на глас. Гордиот Албион мораше да ја прифаќа подредената положба бидејќи учествувал во креирањето на членот 50 кој е дел и од британското право.

Третиот чекор е расплеткувањето на меѓусебните односи. Тоа е најтешкиот дел од преговорите. Првиот договор е постигнат во ноември 2018 помеѓу Тереза Меј и Мишел Барние, главниот преговарач на ЕУ. Најспорните прашања се пристапот на О.К. кон европскиот пазар и границата помеѓу Северна Ирска и Република Ирска (Backstop). О.К. бара слободен пристап кон европскиот пазар без европски регулативи. Сака да биде конкурент, а не партнер. ЕУ не се согласува со тоа и бара мека граница помеѓу две Ирски, а О.К. не се согласува со тоа, бидејќи тоа не е Брегзит. Се бара решение и за Република Ирска која над 80% од своите производи ги извезува во О.К. или преку него во другите земји.

Договорот на Меј не доби подршка во Британскиот парламент. Три пати се гласаше и секој пат е отфрлан со големо мнозинство гласови, во распон од 432:202 гласови. По третото одбивање, Тереза Меј во јули поднесе оставка од премиерската функција. На нејзино место дојде Борис Џонсон, поборник на ,,Популистичкото право“ (Populist law) кое О.К. може лесно да го доведе до работ на демократијата.

Третиот чекор е усвојувањето на Договорот за повлекување. Усвојувањето е остварено во драматочна форма, со силни удари врз парламентарната демократија. На почетокот на октомври кралицата Елизабета Втора го суспендира Парламентот на месец дена, по советувањето со премиерот Џонсон. Но, брзо реагираше Врховниот суд со едногласна одлука дека советот на премиерот е незакионски и дека не произведува правен ефект. Пет дена од распуштањето, Парламентот одново се јави на политичката сцена, без намера да попушти пред притисоците на извршната власт.

Pravnite aspekti na BregzitotИзвор: newyorker.com

По враќањето на Парламентот не постоеше друга алтернатива освен предвремени парламентарни избори. На изборите од 12 декември 2019 победи Конзервативнатса партија на Џонсон со освоени 368 од вклупно 650 пратенички места, Брзо ќе се види дали и под такви поволни околности О.К. ќе излезе од ЕУ на 31 декември 2020 или ќе бара продолжување на брегзит.

Договорот за повлекување е усвоен во Британскиот парламент на 9 јануари 2020 со 330:231 гласа. На 22 јануари договорот го усвои и Домот на лордовите. Ден потоа, договорот стапи во сила по неговата ратификација од страна на кралицата. На 29 јануари Европскиот парламент се согласи со договорот со 621: 49 гласови, а на 30 јануари договорот стапи на сила по неговата ратификација од страна на Европскиот совет. Формално О.К. излезе од ЕУ на 31 јануари 2020, а фактички излегува дури на 31 декември 2020.

Договорот со најсилно правно дејство

Договорот за повлекување има карактер на супериорен акт (supreme act). Тоа значи дека е повисок од другите делови на британското право. Со него се укинува Договорот за влегување на О.К. во ЕУ од 1972 година. Договорот има за цел да го исклучи европското право од примена, на сличен начин како што Хенри VIII ја исклучи јурисдикцијата на Римската црква од британскиот простор во 1534 година.

Во договорот се определува период од 11 месеци за негова примена. Во тој период треба да се донесе нов трговски договор со кој ќе се уреди пристапот на О.К. кон европскиот пазар. Тоа прашање е од големо значење за О.К. бидејќи 47% од нејзините производи и услуги се пласираат во Е. Договорот треба да се ратификува од обете страни најдоцна до 31 декември 2020. Во преодниот период европското право ќе биде во полна сила, без промена на неговата терминологија и методите на толкувањето.

Договорот содржи клаузула за почитување на човековите права и нивна судска заштита. Не се дозволува нивно уставно деградирање. Станува збор за заштита на човекови права на голем граѓани на ЕУ во ОК и граѓани на ОК во ЕУ. Правата на работниците од ЕУ ќе бидат заштитени со посебен закон на Британскиот парламент. Предвидено е формирање на Независно тело за мониторинг (IMA) до кое државјаните на ЕУ ќе можаат да поднесуваат жалби во случај ако нивните права се загрозени од британските власти.

Во договорот има одредби и за границата меѓу Северна Ирска и Република Ирска, во должина од 310 милји. Обете страни се согласуваат за мека граница, но не се согласуваат колку треба да траење. Според договорот, Северна Ирска може да остане во царинска унија со ЕУ уште четири или најмногу осум години. Потоа следува тврда граница. Враќањето на границата личи на испечен колач кој треба да се врати во првобитна состојба.

Споровите поврзани со примената на Договорот за повлекување ќе ги решава Европскиот суд на правдата. Од друга страна, за споровите треба да биде информиран и Парламентот за да не дојде до ширење на популистичкото право на штета на правото на Парламентот (Statute law). А ширењето на популистичкото право може да се случи бидејќи Владата добива голема моќ преку секундарната легислатива. Таа и овозможува да биде силна во многу чувствителни области. Ако Владата не се стави под парламентарна контрола тогаш на повидок е нов судир помеѓу homo europeanus и homo britanicus.

Дезинтеграција на ОК

По долга и драматична дебата за брегзит, О.К. се најде пред проблемот на дезинтеграцијата на државната територија. Велика Британија може да стане мала Англија. Шкотска бара независност, Северна Ирска обединување со Република Ирска, а Велс покажува знаци на незадоволство од Брегзит. Еден пратеник од Велс ја праша Тереза Меј: ,,Дали Нов Зеланд ќе ги откупува јагнињата од Велс?“.

По парламентарните избори од декември 2019 дезинтегративните процеси се засилија во однос на 2016 година. Најсилни се во Шкотска чии граѓани на референдумот од 2016 гласале за останување во ЕУ ( 62%:38%). А по парламентарните избори, Национална партија на Шкотска ги освои сите пратенички места во Британскиот парламент (11). Веднаш по изборите, лидерката на таа партија, Никол Стерџон упати јасна порака: ,,Како прво, Борис Џонсон нема право Шкотска да ја одвојува од ЕУ. И како второ, нема право да го спречува шкотскиот народ сам да одлучува за својата иднина“.

Северна Ирска е во потешка положба од Шкотска. И таа во 2016 гласаше за останување во ЕУ ( 55.8%:44.2%). Враќањето на границата ќе го доведе во прашање Договорот на Големиот петок од 1998 со кој е укината границата помеѓу Северна Ирска и Република Ирска. Ќе се актуализира и референдумот за обединување на двата дела од островот предвиден со Договорот на Големиот петок. Не по нејзина вина, Северна Ирска се најде на отворено море помеѓу два брода, од кои поголемиот е ЕУ, закотвен во морето, а помалниот е О.К., наклонет кон потопување.

Независност може да побара и Велс., иако мнозинството од неговите жители на референдумот гласале за брегзит (52.5%:47.5%). Во тој дел од О.К. веќе стотина години делува националистичка партија Plais Cymra која е во подем. Пред парламентарните избори имаше само еден, а сега има четири пратеникa во Вестминстер. Нејзиниот лидер Адам Прајс побара одржување на референдум за независен Велс во случај на тврд брегзит.

По протек на одредено време, О.К. може да биде присилено од внатрешни причини повторно да бара прием во ЕУ, во сегашен облик или како Англија, ако дезинтегратвните процеси по демократски пат еволуираат во независност на Шкотска, Северна Ирска и Велс. Повторниот прием ќе биде потежок од оној во 1972 бидејќи новите членки ќе мораат да го прифат и еврото и шенген. Тогаш ЕУ ќе биде федерација и нема да ги дозволува повластувањата што О.К. ги имаше 47 години (1973-2020). До тогаш може да се појави и нов Шарл де Гол, како во 1961 и 1967 година.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Лекција од античкиот свет – да не брзаме со одлуки...
Заживеаните евро-перспективи на Западен Балкан
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Среда, 21 Октомври 2020

  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.

    Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил.

    Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите.

    Повеќе

  • 1

Следете нè