fbpx
 

Родовиот императив на пандемијата

Ан Линд (Ann Linde) и Аранча Гонзáлез (Arancha González)

Linde GonzalezСо оглед на тоа што кризата со КОВИД-19 ги погодува мажите и жените на различни начини, мерките за нејзино решавање мора да го земат предвид родот. За жените и девојчињата, мора да се решат ранливостите во домот, во првите редови на здравствената грижа и на пазарот на трудот.

Каде и да погледнеме, жените се тие кои го носат најголемиот дел од одговорноста за општествата да останат функционални, било да е тоа во домот, во системот за здравствена грижа, на училиште или во грижата за стари лица. Во многу земји, жените ги извршуваат овие задачи без паричен надомест. Сепак, дури и кога работата ја извршуваат професионалци, во овие професии најчесто доминираат жени, а истите во просек се и помалку платени од професиите во кои доминираат мажите.

Кризата со КОВИД-19 дополнително ги заостри овие родови разлики. Регионалните рамки, мултилатералните организации и меѓународните финансиски институции мора да согледаат дека жените ќе играат клучна улога во решавањето на кризата и дека мерките за решавање на пандемијата и економските последици од неа треба да опфатат и родова перспектива.

Гледаме три области каде жените и девојчињата се изложени на зголемен ризик и имаат потреба од посилна заштита во тековната криза.

Прво, искуството покажува дека семејното и сексуалното насилство и насилството засновано на род се зголемува за време на кризи и катастрофи. Тоа се случи за време на епидемијата на ебола во 2014-16 и епидемијата на зика во 2015-16 година и се чини дека се случува сега. Во услови на карантин или мерки за останување дома, жените и децата кои живеат со насилни или репресивни мажи се изложени на многу поголема опасност.

Потребата да се обезбеди поддршка за овие жени и деца ќе биде уште поголема кога кризата ќе заврши и луѓето ќе можат повторно слободно и непречено да се движат. Мора да поведеме сметка засолништата за жени и другите форми на помош соодветно да се одржуваат и зајакнуваат. Владите и граѓанските организации мораат да обезбедат повеќе ресурси, како што се сместување во итни случаи и телефонски линии за помош, можеби и користење на мобилните технологии на иновативни нови начини, како што се случува во многу други области.

Второ, најголем дел од луѓето во првите редови на пандемијата се жени, затоа што жените сочинуваат 70% од целиот здравствен и социјален персонал на глобално ниво. Итно треба да ги зајакнеме овие жени, првично со обезбедување на повеќе ресурси за оние кои исто така превземаат примарна одговорност за работата во домаќинството. Згора на тоа, тоа може да вклучува грижа за заразени членови на семејството, што би значело дека овие жени се изложени на уште поголем ризик.

Жените исто така го сочинуваат поголемиот дел од постарото население во светот, особено оние над 80 години, па следствено претставуваат и мнозинството на потенцијални пациенти. Сепак, тие почесто имаат помалку пристап до здравствени услуги отколку мажите. Уште полошо, во неколку земји кои искусиле претходни епидемии, обезбедувањето услуги за сексуално и репродуктивно здравје, вклучително и пренатална грижа и грижа за мајките и пристап до контрацептивни средства и безбедни абортуси, се намалило штом се појавила потреба ресурсите за да бидат пренаменети за кризата. Ваквото одлевање средства има сериозни последици за жените и девојчињата и мора да се спречи по секоја цена.

Жените се особено економски ранливи. На глобално ниво, личните финансии на жените се пониски од оние на мажите, а нивната позиција на пазарот на труд е понестабилна. Покрај тоа, поголем процент самохрани родители се жени, а тие ќе бидат посилно погодени од економскиот пад што сега се одвива.

Со оглед на овие разлики, од клучна важност е мерките за справување со економската криза да ја земат предвид поинаквата позиција на жените. Особено во зоните на конфликт и во другите области каде нема заложби за родова еднаквост, жените и девојчињата се под ризик да бидат исклучени од процесите на одлучување, а можно е тие да бидат и целосно изоставени.

Оваа година се одбележува 25-годишнината од четвртата светска конференција за жените на Обединетите нации, каде меѓународната заедница ја усвои Декларацијата во Пекинг и Платформата за акција. Ги повикуваме сите влади да ја потврдат својата обврзаност кон начелото дека жените имаат еднакво право да учествуваат во одлучувањето како и мажите, односно дека нивните перспективи мора да бидат земени предвид.

За таа цел, оние што ги создаваат политиките на сите нивоа треба да слушаат и да стапат во интеракција со организациите за женски права при утврдување начини за справување со оваа криза и при подготовките за следната. Водечкото прашање секогаш треба да биде: Дали овој проблем различно ги погодува жените и мажите и, ако е така, како можеме да постигнеме поправедни исходи?

Мора да водиме грижа девојчињата да имаат еднакво време на располагање за учење како и момчињата и да не ја носат сета одговорност за грижата за браќата и сестрите и родителите. Исто така, мора да ги научиме вистинските лекции од кризата со КОВИД-19, што наложува внимателно да погледнеме како ги цениме и плаќаме придонесите на жените за здравствената грижа, социјалните услуги и за економијата. Како можеме да бидеме сигурни дека жените не се исклучени од важни политички процеси сега и нема да бидат во иднина?

Денес, сите земји се соочени со истата криза и никој нема да го победи КОВИД-19 ако дејствува сам. Со оглед на тоа што ја делиме истата иднина, сите мора да вложиме напори за да бидеме сигурни дека иднината ќе биде изградена на солидарност и партнерство. Владите и ООН мора да покажат водство. Знаеме дека родово еднаквите општества се попросперитетни и одржливи од оние со големи разлики. Оние кои ги носат одлуките во светот имаат можност да ја стават родовата еднаквост како главен приоритет. Апелираме да ја искористат можноста и да не потфрлат.

Потписници на овој реферат се и Ширли Ајоркор Ботчви (Shirley Ayorkor Botchwey), министерка за надворешни работи и регионална интеграција на Гана; Камина Џонсон-Смит (Kamina Johnson-Smith), министерка за надворешни работи и надворешна трговија на Јамајка; Канг Кјунг-вa (Kang Kyung-wha), министерка за надворешни работи на Република Кореја; Ретно Марсуди (Retno Marsudi), министерка за надворешни работи на Индонезија; Грејс Наледи Мандиша Пандор (Grace Naledi Mandisa Pandor), министерка за меѓународни односи и соработка на Јужна Африка; Марис Пејн (Marise Payne), министерка за надворешни работи на Австралија; Фумзиле Мламбо-Нгкука (Phumzile Mlambo-Ngcuka), Извршна директорка на ООН Жени; и Ине Мари Ериксен Сореиде (Ine Marie Eriksen Søreide), министерка за надворешни работи на Норвешка.

 

Ан Линд (Ann Linde) е Министерка за надворешни работи на Шведска

Аранча Гонзалез (Arancha González) е поранешен извршен директор на Меѓунаровниот трговски центар и Министер за надворешни работи на Шпанија.

Авторски права: Project Syndicate, 2020.
www.project-syndicate.org

Распуштеното Собрание не може да се врати
КОВИД-19, тачеризмот и иднината на светот
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Недела, 20 Септември 2020

  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.

    Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил.

    Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите.

    Повеќе

  • 1

Следете нè