fbpx
 

За што треба да се подготвуваме?

Рикардо Хаусман (Ricardo Hausmann)

Ricardo Hausmann200x250Во повеќето земји во развој, КОВИД-19 предизвикува економски ураган. Тој сè повеќе наликува на ураган од петта категорија, но меѓународната заедница и владите на голем број држави се подготвија како за тропско невреме.

Да претпоставиме дека знаете дека доаѓа ураган, но метеоролозите не се сигурни дали кога ќе пристигне ќе биде невреме од втора или од петта категорија. За кое сценарио треба да се подготвите?

Проблемот со кој се соочувате е прашањето колку ќе ве чини ако претпоставите дека станува збор за категорија 5, а испадне дека е само категорија 2 и обратно. Второто сценарио подразбира смртни случаи и уништување на нешто што би можело да се избегне со помош на евакуации, добро снабдени засолништа и превентивно запирање со работа на училишта, фабрики, фирми и сл. Првото сценарио подразбира непотребни превентивни трошоци. Во случај на урагани, сите се согласуваме дека е логично да се биде што е можно попретпазлив од истата причина поради која е подобро да се стигне пет минути порано кога фаќате воз отколку да се задоцни пет минути.

Во повеќето економии и земји во развој, КОВИД-19 предизвикува економски ураган. Тој сè повеќе наликува на ураган од петта категорија, но меѓународната заедница и владите на голем број држави се подготвија како за тропско невреме. Да ги спојам метафориве, ова е сигурен рецепт за излетување на возот од шини.

Не започна така. Може да се каже дека на епидемиолошки фронт, светот дејствуваше брзо: над 80 земји воведоа целосно затворање помеѓу 9 март и 2 април, некои, како Ел Салвадор, дури го сторија тоа уште пред да го добијат својот прв потврден случај. Стратегијата, кажано со евокативните термини на Томас Пуево, беше да се погоди коронавирусот со „чекан“ (целосното затворање) и потоа да се „танцува“ со него со усвојување на многу помалку строги политики што можат да го ограничат неговото ширење, а притоа да се дозволи враќање на нешто налик на вообичаената состојба, т.е. налик на нормалност.

Стратегијата функционираше извонредно добро на места што меѓу себе многу се разликуваат, како: Албанија, Јордан, Израел, Либан, Тунис, Костарика, Белизе, Уругвај, Тајланд и Намибија - толку добро што стратегијата заснована на тестирање и следење контакти стана изводлива и делотворна. Но, стратегијата не успеа да ги спречи високите точки на кривата на смртни случаи во Италија, Франција, Шпанија, Обединетото Кралство и САД, на кои им беше потребно многу време за да стивнат. Сè помалата поддршка за продолжување на целосното затворање значи дека овие земји се обидуваат повторно да се отворат, додека сè уште имаат високи бројки на заразни лица.

Покрај тоа, целосното заклучување не успеа да го запре експоненцијалниот раст на заразени лица и смртни случаи во земји како Индија, Русија, Аргентина, Чиле, Мексико, Перу, Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија, Катар, Оман, Јужна Африка и Џибути. Овие земји сега се наоѓаат помеѓу чеканот и наковалната, односно не можат безбедно да се отворат, но и не можат да издржат уште долго да бидат целосно затворени.

Покрај нивната различна епидемиолошка ефективност, целосните затворања се погубни за економијата. Во напредните економии последиците се сериозни: Велика Британија се соочува со најлошата рецесија уште од 1706 година, а 36 милиони Американци од март досега побарале компензација поради невработеност. Покрај ова, 25% од работниците во Лима, Перу, ги загубиле своите работни места, но не можат да сметаат на помош од нивната влада затоа што државата не може да се задолжи на нивото на САД и Велика Британија. Економиите во развој низ целиот свет ќе доживеат пад за 20-40% во вториот квартал, а и падот на годишно ниво повторно ќе биде двоцифрена бројка. Тие, заедно со меѓународните организации се плашат да ги објават ваквите проекции затоа што може да се предизвика паника на пазарите и да се влошат работите.

Уште лоши вести: периодот по целосното затворање нема да биде период на силно закрепнување, бидејќи економската активност ќе остане строго ограничена поради потребата да се ограничи ширењето на КОВИД-19. На пример, возачите на камиони кои доаѓаат од соседните земји предизвикаа ширење на вирусот во земји како Јордан и Намибија, кои беа многу успешни во сузбивањето на КОВИД-19, предизвикувајќи дополнително заострување на контролите.

Патувањето и туризмот нема да закрепнат барем додека не се добие вакцина што е широко достапна. Компаниите сега сфаќаат дека работењето според протоколите за социјално растојание е потешко отколку што очекуваа. Економиите во развој губат капитал, а агенциите за кредитен рејтинг започнаа досега невиден тренд на намалување на рејтинзите, односно зголемување на трошоците за позајмување.

Како резултат, повеќето економии во развој ќе се соочат со финансиски потреби што тешко ќе ги исполнат. Прво и најважно, ним им требаат пари само за да ги финансираат огромните падови на даночни приходи предизвикани од намалените економски активности. Покрај тоа, од нив ќе биде побарано да им помогнат на болниците, домаќинствата и фирмите, исто како и во напредните земји.

Нема да ги најдат потребните финансии во рамките на своите држави, затоа што сите во државата претрпуваат последици. Финансиите ќе мора да дојдат од странство. Во минатото, има примери кога помали шокови довеле до тројни удари: валута, долг и банкарска криза. Закрепнувањето не траело една година, туку една деценија.

Сите овие поединечни елементи заедно ја сочинуваат најтешката финансиска криза што институциите на Бретон Вудс ја доживеале во својата 76-годишна историја. Нивниот одговор досега беше восхитувачки брз и крајно несоодветен. Тие би сакале да сторат повеќе, но постојните правила и параметрите за финансирање се несоодветни за даденава ситуација.

На пример, Меѓународниот монетарен фонд им дава на земјите заеми за Инструменти за брзо финансирање, еквивалентни на 100% од квотата - број утврден со формула, и заемите најчесто изнесуваат помалку од 1% од БДП на една земја. Ако бројот беше 800% од квотата и оваа сума беше исплатена во наредните 18 месеци, тогаш би се постигнало почетно подобрување.

Светската банка има очајно недоволен биланс на состојба, а регионалните банки за развој се во уште полоша состојба. Тие треба брзо да се рекапитализираат, но изгледите за тоа се мали, бидејќи банките за развој станаа нова област на ривалство помеѓу САД и Кина.

Покрај тоа, согласно моите претходни тврдења, Федералните резерви на САД и Европската централна банка треба да вклучат обврзници на пазарите во развој во нивните програми за набавка на средства. Маурисио Карденас (Mauricio Cárdenas), поранешен министер за финансии на Колумбија, предложи план со кој ова би можело полесно да се спроведе, преку здружување на кредитен ризик.

Покрај тоа, оваа криза неизбежно ќе им наложи на многу држави да го реструктуираат долгот што го имале пред пандемијата, со цел побарувањата за идните приходи да бидат во согласност со неочекувано влошените очекувања. Кармен М. Рајнхарт (Carmen M. Reinhart) од Харвард - неодамна назначена за заменик претседателка и главен економист на Светската банка, заедно со некои коавтори документирале колку биле долги и изискувачки реструктуирањата во минатото. Ова можеби е намерно направено, за да се одвратат заемопримачите од злоупотреба на опцијата за реструктуирање. На денешниов свет повеќе ќе му користи поефикасен и забрзан механизам, како што е Механизмот за реструктуирање на суверен долг, што Ане О. Кругер (Anne O. Krueger), тогашна прва заменичка директорка на ММФ, го предложи на почетокот на првата деценија од 21 век, пред американското Министерство за финансии да го укине планот.

За човештвото, ова е момент во кој треба да се даде „сè што е потребно“. Ако кон ситуацијава се поставиме со ставот „да направиме нешто, колку да изгледаме како да сме во добра ситуација“ би било грешка од петта категорија.

 

Рикардо Хаусман, поранешен министер за планирање на Венецуела и поранешен главен економист во Меѓуамериканската банка за развој, е професор на Школата за принципте на власт „Џон Ф. Кенеди“ на Харвард и директор на Лабораторијата за раст на Харвард.

Авторски права: Project Syndicate, 2020.
www.project-syndicate.org

Помирување и „соживот“ во време на пандемија во Би...
Национализација во време на КОВИД-19: логично реше...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Сабота, 04 Јули 2020

  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.

    Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил.

    Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите.

    Повеќе

  • 1

Следете нè