fbpx
 

Мачните реформи во Албанија

ALB  SRB  ENG

Алфонс Ракаџ

Alfonc Rakaj 200x250Спроведувањето на клучните реформи во Албанија достигна критична точка во исто време кога земјата некако се справуваше со крајот на мерките за пандемијата.

Многу важни работи зависат од реформите. Тие содржат клучни судски одлуки со кои ќе се утврди законската важност на минатогодишните избори, а ќе се одлучи и за изборна реформа со која ќе се утврдат правилата за идни изборни процеси на земјата. Додека се распаѓа јавната доверба во политичките партии, меѓународниот притисок станува посилен, а економското забавување е сè посериозно. Политичарите во земјата (сега засега) се држат до своите стари навики на конфронтација и применување опасни политики со кои запираат дури кога ќе дојдат до самиот раб на конфликт. Овогодинешното лето, што обично е период на намалена политичка активност, изгледа дека ќе биде богато со политички случки.

Пандемични мерки

Првите случаи на КОВИД-19 беа потврдени на 8 март, кога двајца членови на исто семејство беа позитивни на тестовите направени неколку денови по враќањето од Фиренца, Италија. До 5 јуни, во Албанија беа регистрирани 1 197 случаи и 33 смртни случаи. Вкупно биле извршени 15 647 тестови, а од вкупниот број заразени, 898 веќе не се болни.

Свесни за претстојната опасност и институционалните недостатоци, владата презеде брзи чекори за намалување на јавните активности, меѓу кои беа затворање на училиштата, забрана за собири и летови до и од земјата, за да се спречи ширењето на вирусот. Албанија беше втората земја во Европа, по Италија, што ги затвори училиштата, мерка преземена само еден ден откако беа потврдени првите случаи. Земјата беше во мирување. Дел од другите мерки беа продолжување на вонредните мерки, кои првично ги продолжуваа на неколку недели, а подоцна беа продолжени до 23 јуни. Следеше општо почитување на мерките од страна на јавноста. Неколку недели дури и политиката во земјата усвои мирен пристап, што е редок призор во 29-те години на политички плурализам во Албанија.

И покрај тоа, овој мирен соживот беше краткотраен. Политиката повторно стана активна кога почна олеснувањето на мерките против коронавирусот, а со тоа дојдоа и антагонизмот и обвинувањата во дискурсот помеѓу политичките лидери, на кои Албанците се веќе навикнати. Тензиите повторно пораснаа кога владата продолжи со своите планови за рушење на театарот, најпрво со означување на површината на која беше објектот како сопственост на Општина Тирана на 8-ми мај, по што следуваше одлука на Советот на општината да го сруши една недела подоцна. За да се избегнат критики од страна на оние кои се против уривањето, гласањето било онлајн и во тајност. Јавноста дозна за резултатот од гласањето откако некако се обелодени потпишаниот документ.

Тензиите го достигнаа својот врв во раните утрински часови на 17 мај, кога булдожерите ја срамнија со земја театарската зграда, опкружени со полиција среде тензична атмосфера која траеше во текот на целиот ден. Десетици мирни демонстранти беа уапсени, што предизвика остри реакции од организациите за човекови права и јавноста за несразмерната употреба на сила. Следуваа нови разочарувања, а реакциите доаѓаа од различни страни, меѓу кои беа локални активисти, амбасади со седиште во Тирана од земјите на ЕУ и САД, организации за човекови права и медиуми. Во тој процес, владата занемари тековна истрага што ја спроведува Специјалното јавно обвинителство, судски случај што го води Уставниот суд, поднесен од претседателот, повиците на меѓународните сојузници за дијалог, активисти и потпишаната петиција против уривањето. Симболично, апсењето на еден млад учесник во демонстрациите, со книгата „Злосторство и казна“ на Достоевски в раце од страна на четворица полицајци, стана приказ на процесот што следеше.

Macnite reformi vo AlbanijaИзвор: apnews.com

Како се поклопија нештата, времето не можеше да биде полошо за започнување нова криза за иднината на земјата. Во следните неколку недели и месеци политичкиот консензус ќе биде од суштинско значење за исполнување на условите на ЕУ, за постигнување напредок на фронтот за интеграција и спроведување на клучните реформи. Како резултат, вниманието на јавноста беше пренасочено кон рушењето на театарот; повторно се јави недовербата помеѓу политичките фракции; и политичката поделба се врати во целост додека партиите брзаа да постигнат консензус за важни реформи за кои со месеци и години покажуваа делумни заложби. Индикативно е и тоа што уривањето се случи еден ден пред да почне олеснувањето на мерките за целосно затворање и две недели пред крајниот рок за финализација на изборната реформа за да се одговори на препораките на ОБСЕ/ОДИХР и да се исполни главниот услов на ЕУ за започнување преговори, како што партиите самите се согласија порано годинава.

Ќор-сокак на реформата?

На 25 март, Европскиот совет ги одобри заклучоците на Европската комисија и им даде на Албанија и Северна Македонија зелено светло за започнување преговори. За разлика од Скопје, Тирана имаше задача да исполни 15 услови пред да може да се одржи првата меѓувладина средба со Брисел. Најважните услови беа одлуките поврзани со примената на правдата и изборната реформа. Двете овие реформи имаат директно влијание врз краткорочните и долгорочните политички интереси на владејачката елита на земјата, што воглавно не е сменета повеќе од две децении.

Условите вклучуваат политички трнливи прашања како што се „обезбедување транспарентно финансирање на политичките партии и изборните кампањи“ во согласност со препораките на ОБСЕ/ОДИХР; финализирање на „воспоставувањето специјализирани структури за борба против корупцијата и организираниот криминал“; и да се обезбеди „функционирање на Уставниот суд и на Високиот суд“. Овие конкретни, лесно применливи реформи, доколку за тоа има политичка волја, имаат директни последици врз моќта и влијанието на политичките партии.

Како и да е, играњето според правилата не е одлика по која се познати албанските политички партии. Изборите се застрашувачки доказ за ова, бидејќи партиите предолго ги заобиколуваат повиците за веродостоен, слободен и фер процес, притоа правејќи сè што е во нивна моќ да го одржат процесот политизиран, а административните институции да бидат слаби. На моменти тоа одело во полза на одредена фракција, а во други времиња, нивните ривали имале корист.

Обидите за манипулирање со судската реформа долго време кружат на локално ниво. Но, една загонетна порака на Твитер од американскиот амбасадор во Албанија во која се предупредува за шпекулации за неофицијален договор „да се сотрат реформите во правосудството во Албанија“, повторно ги разбуди стравувањата дека партиите ја искористуваат приликата додека вниманието на јавноста е насочено на уривањето на театарот, да си обезбедат имунитет од гонење од новоформираните институции за реформа на правосудството. Во земја во која недовербата во политичките партии и нивните лидери е широко распространета, постои особено плодно тло за ваквите тврдења да се рашират.

Во следните денови и седмици, амбасадорите на ЕУ и САД засилено комуницираа со политичките фракции во земјата за директно да им ги пренесат последиците што би ги предизвикале ваквите постапки. Нивните повици до партиите да ги помират нивните несогласувања и да постигнат компромис за изборната реформа не вродија со плод, бидејќи рокот до 31-ви мај не се испочитува. Во наредните 48 часа тие зборуваа искрено за важноста на консензусот и напредокот во реформите, додека партиите прибегнаа кон познатата стратегија, односно меѓусебно си ја префрлаа политичката вина.

Што е следно

Втората половина од годината ќе биде клучна за најмалку три фронта. Најважен од нив е економијата, за која се очекува да биде тешко погодена од КОВИД-19. Болката нема да се распредели пропорционално и најранливите веројатно ќе го понесат најтешкиот товар. Една скорешна студија на Светската банка прогнозира особено мрачна слика за иднината. Според студијата, последиците ќе бидат толку големи што околу 200 000 Албанци би можеле да западнат во сиромаштија. Во интервју за една локална телевизија, министерот за финансии ги потврди проценките и покрај оптимизмот на неговите ветувања.

Постојат и други предвидувања кои баш и не се надежни. Централната банка на Албанија проценува дека економијата ќе падне во рецесија и нејзината активност се очекува да се намали за најмалку 6%. Европската банка за обнова и развој очекува економијата да биде погодена од пад од 9%, а ММФ предвидува 5%. Сите овие предвидувања би можеле уште повеќе да се влошат ако се појави втор бран на вирусот и ако се вратат мерките за целосно затворање. Во кое било сценарио, тешко ќе бидат погодени секторите како што е туризмот, кој претставува голем извор на приход за државниот буџет и е извор на живеачка за многу семејства кои водат мали бизниси во крајбрежните области.

За разлика од економијата, политичката сфера ќе биде многу ангажирана. Во очекување на важни одлуки, политичките партии ќе се обидат да го искажат својот став за клучните судски и изборни реформи, како и за 15-те услови што стојат помеѓу Албанија и нејзината прва меѓувладина средба со ЕУ. Нивната успешна имплементација се очекува да има краткорочно и долгорочно влијание врз политиката на Тирана. Меѓу најважните услови е пополнувањето на преостанатите места во Уставниот суд и во Високиот суд, бидејќи и двата суда не функционираат повеќе од две години. Штом ќе продолжат со работа, тие ќе имаат задача да решаваат важни случаи со висок степен на политичко влијание, вклучително и законската важност на локалните избори од 2019 година.

Многу очекуваните одлуки за изборите од 2019 година и изборната реформа ќе имаат директно влијание врз политичката конфигурација во земјата. Исходот ќе ги одреди изгледите на Албанија за постигнување напредок на фронтот за интеграција во ЕУ, но уште поважно, ќе ги утврди правилата за спроведување и регулирање избори, што се покажа како длабоко враснат систематски проблем што го попречува интегритетот на изборниот процес на земјата. Ова е трета област за која следните шест месеци ќе бидат клучни и ќе имаат потенцијал да ја обликуваат политиката на Албанија во наредните години.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Планетата по пандемијата
Борба со непознатото: КOBИД-19 и децата со нетипич...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Сабота, 05 Декември 2020

  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.

    Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил.

    Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите.

    Повеќе

  • 1

Следете нè