fbpx
 

Иднината на ЕУ е популистичка

Радован Спиридонов

radovan spiridonovЛибералната елита со жестоки идеолошки мотивации и без чувство на емпатија ги напаѓа поддржувачите на популистите. Ваквиот пристап е елитистички и длабоко штетен по европскиот проект. Анти-имигрантската загриженост има основи во вредносната дезориентација на европската култура проследена со пост-структуралистичката догма, додека анти-глобализмот е израз на бес кон нео-либерализмот кој ги ограби нивните економски перспективи. За успешно разрешување на еден конфликт потребно е да се примени алатката на трансцедентирање (надминување) на конфликтите.

Новата десница – нова контра-култура

Сурова вистина е дека милиони млади европејци се идентификуваат со идеологијата на новата десница. Либерализмот откако стана владејачка идеологија, загуби од младешката страст и идеолошката виталност. Во чуден пресврт конзервативизмот стана контра-култура на либералниот естаблишмент. Популизмот после пандемијата на COVID-19 ќе стекне уште поголема поддршка, и тоа е одлична прилика за преиспитување и реформа на Европската Унија (ЕУ) во духот на постојана промена.

Денес бриселскиот естаблишмент го користи популизмот за делегитимирање на народното незадоволство, но истиот ги ослободува силите неопходни за обнова на истрошениот поредок. Сепак, привлечноста на младите (идните креатори на политиките) кон новата десница има подлабоки и посложени мотиви одошто си признаваме. Границата меѓу интимното и политичкото е нејасна во ера на општествена аномија, деградација на традиционалната западна кутлура и одбивност кај демосот кон глобаститичките идентитети. Европските функционери можат да продолжат со отуѓување од граѓанството и легитимните загрижености или пак можат да навлезат во дијалог за разрешување на големите општествени конфронтации на нашето доба.

Фронт на либералите и популистичка десница

Народите во Европа никогаш не создале обединета држава и ден-денес континентот е средиште на противречни реформаторски движења. Европскиот дух на постојани промени германскиот поет Гете соодветно го отсликува: „Со сите нас владее променливото битие кое во нас и со нас се‘ менува.“ Тајната на европската надмоќ во вековите по Ренесансата, веројатно лежи во специфичните социјални антагонизми меѓу разни филозофски и идеолошки погледи.

Новата десница е одговор на лошите стопански движења, културните потреси, масовната миграција и брзиот технолошки развој кои го загрозија европскиот идентитет. Доколку популизмот го разбереме како движење за учество на граѓанинот во управувањето со неговото општество каде самиот е суверен, тогаш воопшто не е лош. Политиката во отворените општества може да се нарече популистичка бидејќи се заснова на вклучување на граѓанството, наместо положување на моќта кај елитистичка власт. Сепак, би биле во најмала рака лековерни доколку слепо поверуваме на декларитивните популиситчки платформи. Скорешниот извештај на Европската комисија против расизам и нетолеранција наведува дека растечката загриженост на јавноста поради економските, геополитичките и технолошки промени е искористена од популистите. Напаѓајќи ги малцинствената, сакаат да го поделат општеството по национална, етничка и религиска основа. Се соочуваме со разновиден колектив на движења, интересовни групи и партии кои ги обединува спротивстевноста кон ЕУ, но во овој колектив можат да се сретнат фракции кои злокобно не потсетуваат на хуманите катастрофите од Втората светска војна.

Денес сведочиме на уште една „рунда“ меѓу противречни идеологии: бриселскиот фронт на либералниот конзензус и популистичкиот фронт на новата десница. Судирот во јавностa е прикажaн како „пат кон пеколот“ и распад на заедништвото. Јас тврдам дека овој конфликт, може да го измениме од деструктивен (уништувачки) во конструктивен (создавачки), при што ќе отвориме можности за преобликување на европската заедница. Конфликт не се нужно негативни, можат да бидат и предизвик за заеднички растеж и трансформација на сегашната непосакувана состојба во систем од повисок ред и хармоничен развој. Говориме за длабок конфликт меѓу политички светогледи кој мора да се преобрази преку динамичен процес. Кристофер Мичел во врска со разрешувањето на длабоките социјални конфликти, меѓу другото советува учество на сите општествени слоеви во дијалогот; засилување на послабата страна со цел поефективно застапување на нејзините побарувања; емпатичност и свест за другиот.

Idninata na EU e populistickaИзвор: politico.eu

Проблемот на миграцијата и глобализацијата

Заговорниците на популистичката десница сметаат дека нивната цивилизација се самоубива преку масовна миграција. Највознемирувачки е заменувањето на локалното население со нови имиграциски групи, кои немаат ни најмала желба да се интегрираат во локалната култура преку демократските вредности. Според анти-бриселскиот фронт, имигрантското население се состои главно од неженети и нестручни муслимани, кои имаат застарени ставови: нетолеранција, мизогинија, антисемитизам, хомофобија и се движат исклучиво во рамките на сопствената културна сфера. Нивниот наталитет е значително повисок од оние на домородните Европејци кои не се репродуцираат. Најпосле се развиваат тензии меѓу интегрираното муслиманско население и „дојденците“ кои одбиваат да го прифатат либералниот мултикултурализам.

Глобализацијата особено штетно се одрази врз работничката класа со затворањето на индустриските погони, при што работните места беа префрлени во земјите во развој. Во поглед на економијата треба да се забележи дека глобализацијата носи добивки за Азија и релативен губиток за Западот. Стратезите на економската политика на ЕУ мора да ги напуштат канцелариите во стаклените франкфуртски облакодери и да се симнат меѓу Европејците кои се губитници на глобализацијата.

Доколку имаме храброст да ги напуштиме нашите парадигми, предуверувања и идеолошки позадини ќе разбереме зошто се‘ поголем број Европејци ги поддржуваат овие политики. Ќе увидиме и зошто е важно да ги вклучиме во дијалог популистичките партии кои претставуваат голем дел од гласачкото тело. Бриселските институции може да продолжат со отуѓување од граѓанството преку деградирање на легитимните грижи или можат да навлезат во дијалог за разрешување на проблемите произлезени од масовната миграција и нео-либералната глобализација. Но, за сето тоа потреба е и емпатија, како и промена на ставовите на двете спротивствени социо-политички формации.

ЕУ како прозивод на Вашингонскиот конзензус и либерализмот, се покажа неспособна пред хроничните економски и социо-политички потреси. Доколку ја продолжиме слепата идолатрија кон либерланата догма целиот континент го ставаме во загрозеност од нова криза. Доколку ЕУ ги смета за непријатели гласачите настроени кон популистички идеи, тогаш сериозно треба да се преиспитаме дали сме останале верни на егалитарните идеи на Татковите на ЕУ.

Дијалог заради добробитта на Европеецот

Либералната елита со жестоки идеолошки мотивации и без чувство на емпатија ги напаѓа поддржувачите на популистите. Ваквиот пристап е елитистички и длабоко штетен по европскиот проект. Анти-имигрантската загриженост има основи во вредносната дезориентација на европската култура проследена со пост-структуралистичката догма, додека анти-глобализмот е израз на бес кон нео-либерализмот кој ги ограби нивните економски перспективи. За успешно разрешување на еден конфликт потребно е да се примени алатката на трансцедентирање (надминување) на конфликтите.

Нема силна Европа без ослободување на европскиот дух. Едмонд Хусерл уште во 1930-те го искажува предупредувањето: „Кризата на европскиот опстанок има само два излези: или пропаст на Европа во отуѓување од својата сопствена, рационална смисла на животот, пад во непријателство спрема духот и пад во варварство, или пак, препород на Европа од духот на филозофијата преку хероизмот на умот кој најпосле го превладува натурализмот. Најголема опасност за Европа е заморот.“

Нашата генерација минува низ криза на самата идеја за Европа, од неа проникнуваат останатите политички и културолошки антагонизми, но и нови вознемирувачки шовинистички движења. Стариот континент ја загуби политичката власт над светот, но со тоа ја загуби и свеста за себе. Едноставно, ЕУ во новите граници се соочи со прашањето на идентитетот кој стана работа на преговори и флуидност. Европското заедништво и денес го живее духот на постојани општествени промени. Останува сонот за дијалог помеѓу либералниот естаблишмент и популистичката десница, заради добробитта на Европеецот. Популистичкот бран може да биде и поттик за посилна демократизација и посилно европско сојузништво.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Човековите права не смеат да се паузираат ниту за ...
Планетата по пандемијата
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Недела, 20 Септември 2020

  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.

    Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил.

    Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите.

    Повеќе

  • 1

Следете нè