fbpx

Свиткување на кривата на лажни пандемиски вести

Филип Н. Хауард

Медиуми

КОВИД-19

31.07.20

Прегледи

Филип Н. Хауард (Philip N. Howard)

Philip N Howard 200x250Во 2016 година се оформи глобалната заедница на проверувачи на факти, чија задача е да се бори против лажни вести и дезинформации споделени преку интернет. Сега, кога сме во костец со смртоносна пандемија, ваквите напори мора да се зајакнат.

Дали верувате дека коронавирусот го создала некоја влада за да ги ослабне своите странски ривали? Или дека го создале „патриоти“ за да поттикнат револуција против „големата влада“ и „владата во сенка“? За жал, премногу луѓе кои наишле на вакви дезинформации онлајн, ја споделиле со своите пријатели и роднини.

Во секој случај, дознаваме повеќе информации за тоа кој произведува лажни пандемски вести и како да се запре нивното кружење. Покрај здравствените работници што го ризикуваат сопствениот живот и научниците кои работат на изнаоѓање третмани и вакцина, има и друга гранка на борбата против КОВИД-19 што исто така заслужува признание. Во изминативе неколку години, светските проверувачи на факти создадоа капацитет да ги забележат и обележат лагите што кружат во јавната сфера. Сега, тие го свртеа вниманието кон шунд вестите за кризата со КОВИД-19, помагајќи им на платформите на социјалните медиуми побрзо да ги побијат и обесхрабрат гласините, дезинформациите и теориите на заговор.

Во Институтот за Интернет во Оксфорд ја следиме општата поплава со дезинформации за КОВИД-19 што се случува на повеќе платформи, а е произведена од авторитарни режими. Новински организации со државна поддршка од Кина, Иран, Русија и Турција имаат голем број читатели од целиот свет и теоретски би можеле да дојдат до милијарда профили на социјалните медиуми со содржина на англиски јазик. Иако некои од овие профили се лажни, содржината се споделува на мрежи на кои има десетици милиони вистински корисници.

Медиумските организации кои се извори на дезинформации најчесто произведуваат помалку содржини отколку независните и професионални новински организации, но може да добијат дури десет пати поголема интерактивна комуникација со материјалот што го објавуваат. За разлика од поодговорните издавачи, тие активно внесуваат политички елементи во вести и информации поврзани со здравството, за да ги искористат веќе постојните стравови и фрустрации. Со критикување на демократиите нарекувајќи ги корумпирани и некомпетентни, со фалење на глобалното водство на авторитарните лидери и промовирање на теории на заговор за потеклото на коронавирусот и мотивите на меѓународните здравствени агенции, тие се обидуваат што е можно повеќе да го обликуваат, или барем да го заматат, глобалниот приказ на тековните настани.

Се разбира, слични прикази кои го одвлекуваат вниманието произлегуваат и од демократиите во светов. Во САД, владата на Трамп го истакна фактот дека вирусот потекнува од Вухан, Кина, а тоа е нешто што во голема мерка е неважно кога станува збор за наоѓање лек или организирање на постапките на јавното здравство во одговор на ситуацијата. Единствената причина толку да се алудира на поврзаноста со Вухан е да се политизира кризата или да се промовираат стереотипи за етничките Кинези.

Тоа е лошата вест. Добрата вест е што сега знаеме од каде доаѓаат дезинформациите. Со анализирање голем примерок на лаги поврзани со здравјето и КОВИД-19, откривме дека за една од пет такви лаги изворот може да бидат политичари, познати личности и истакнати јавни личности и дека огромен дел од дезинформациите дополнително ги шират и медиумските агенции контролирани од авторитарни влади.

Знаеме и дека реакцијата од општеството е агресивна. Глобална заедница на проверувачи на факти што се оформи по дебатата во Обединетото Кралство за Брегзит и претседателските избори во САД во 2016 година, брзо се насочи кон проверка на здравствените информации. Додека волонтерите во Обединетото Кралство ги следат дезинформациите преку проектот Infotagion, нивните американски колеги развиваат база на податоци за легитимни места за тестирање за КОВИД-19. Поради големиот број веродостојни организации за проверка на факти кои водат систематски листи на лагите, дојде до деветкратно зголемување на проверките на фактите за здравствени вести во периодот од јануари до март годинава.

За разлика од 2016 година, платформите на социјалните медиуми веќе реагираат. Поголемиот дел од објавите на социјалните медиуми за кои проверувачите на факти сметале дека се лажни, се или отстранети или се означени со предупредување. Меѓутоа, најзначајните платформи различно реагираа. Според една студија (на која и јас бев еден од авторите) од Институтот Ројтерс на Универзитетот Оксфорд, 59% од објавите на Твитер што се оценети како лажни не се бришат, наспроти 27% од лажните објави на YouTube, и 24% на Фејсбук .

За индивидуалниот корисник, продолжува да важи долгоспоменуваниот совет за одржување хигиена во поглед на новостите што ги читате. Не препраќајте, не притискајте „ми се допаѓа“ и не споделувајте информации освен ако сте одвоиле време да го проверите изворот и да размислите за тврдењата. Во интеракција со пријателите и роднините, споделувајте работи за кои знаете дека се вистинити и избегнувајте сензационалистички, заговорнички содржини или коментари кои се претставуваат како вести.

Исто така, користете разновидни извори на информации и настојувајте да не се преоптоварите со политички критики и дискусии. Исто така, сите треба да внимаваме на паниката што може да се предизвика со постојано слушање и читање вести за КОВИД-19. Поради непотребната вознемиреност може да почнеме да бараме скриени и шпекулативни објаснувања, а и истите е поверојатно дека ќе ги споделиме. Подобро е да проверуваме само еднаш дневно за да ги добиеме најновите информации од неколку сигурни извори. Доколку барате совети за јавното здравје, погледнете ги веб-страниците на Центрите за контрола и превенција на болести на САД и Светската здравствена организација.

Додека се бориме против вирусот, исто така мора да се бориме со лажните пандемски вести и дезинформации. Ширењето политизирани здравствени пораки е особено опасно, како и нападите врз веродостојни јавни агенции и сигурни, професионални новински организации. Треба да сториме сè што можеме за да поведеме сметка дека луѓето постапуваат најдобро што можат во интерес на сопственото здравје и здравјето на сите околу нив.

Ако сте здрави и седите дома, размислете да се приклучите на отпорот. Со самото тоа што нема да споделите лажни здравствени вести што можеби ќе ги сретнете на социјалните медиуми, веќе давате голем придонес. Колку повеќе луѓе помагаат да се свитка надолу кривата на дезинформации, толку поздрави ќе бидеме ние и нашите социјални мрежи.

 

Филип Н. Хауард е професор на Универзитетот во Оксфорд и автор на Lie Machines: How to Save Democracy from Troll Armies, Deceitful Robots, Junk News Operations, and Political Operatives.

Авторски права: Project Syndicate, 2020.
www.project-syndicate.org

Филип Н. Хауард

Филип Н. Хауард е професор на Универзитетот во Оксфорд и автор на Lie Machines: How to Save Democracy from Troll Armies, Deceitful Robots, Junk News Operations, and Political Operatives.