fbpx
 

Најшироката консензуалност во „Северна“ - вовед во нејзино исчезнување?

Свето Тоевски

sveto toevski200x250Лидерите на СДСМ Зоран Заев и на ДУИ Али Ахмети се спогодија за целосна примена на консензуалната демократија на сите рамништа на извршната власт. Дали тоа ќе биде претставува крај на и онака досега формалната унитарност на државата преименувана како „Северна“ и наместо неа ќе се конституира нов ентитет, федерален, преку воведување на двостепената локална самоуправа? Ова ја актуелизира и државотворноста на македонската нација, целосно поништена со конституирањето на „Северна“ и со бришењето на Република Македонија од меѓународната сцена.

Изборот на новата Влада означува конечен премин кон целосната примена на консензуалната демократија во оваа политичка творба означена како „Република Северна“, која до изборот на оваа Влада почиваше врз темелите и политичките институции на Република Македонија, градени низ седумте децении на нејзиниот државно – правен и меѓународен субјективитет како држава на македонскиот народ. Релативно врамнотежените „етнички клучеви“беа применувани во функционирањето на државата и пред нејзиното преименување и пред конституирањето на оваа Влада.

Наместо „етнички клучеви“ – отсега целосна консензуалност и етничко вето во двоетничките договарања

Но, договорот меѓу лидерот на ДУИ Али Ахмети и на СДСМ Зоран Заев како и врз кои принципи ќе функционира новата Влада, јасно укажува дека за првпат консензуалната демократија ќе се инсталира и на сите други рамништа и институции во политичкиот систем. Имено, по преговорите со Ахмети и ДУИ, Заев (на 19. август 2020) ќе изјави: „Јас ќе бидам премиер во полн четиригодишен мандат. Имавме доволно големина и јас и Ахмети и СДСМ и ДУИ да се согласиме јас да ја водам Владата 4 години, а од друга страна во последните 100 дена премиер да дојде на предлог на ДУИ со заедничка согласност.“ Потоа ќе додаде: „Парламентарното мнозинство ќе го почитува духот на заедничкото работење кое подразбира конструктивна соработка, дијалог, почитување различно мислење базирано на аргументи и градење на консензуална демократија наместо паралелизам, етноцентризам и надгласување.“ Резултатот од тие преговори произлезе токму од консензуалното одлучување: ако Ахмети не добиеше согласност за нивните етнички барања, ќе уследеше етничко вето, всушност, и можеше да дојде до тоа СДСМ да не формира Влада, или да се прејде на одржување нови парламентарни избори.

Притоа, треба да се истакне дека во Изборната програма на ДУИ - „Време е за прв албански премиер“, прецизно е означено воведувањето на најширока консензуалност во целиот политички систем: „Ќе бидат разгледани разни модели и практики како што се заеднички кандидат (консензуален), претседател и потпретседател на државата. ... Заради засилување на соработката меѓу заедниците и продлабочување на консензуалното одлучување во Собранието ќе се ангажираме за зголемување на ефикасноста и инсталирање соодветни механизми, со цел да се унапредат меѓуетничките односи во органите на Собранието, почнувајќи од претседателот, Комитетот за меѓуетнички односи и др. Заради унапредување на функционирањето на Владата со врамнотежено владеење врз етничка основа и со проширување на консензуалноста, ќе се ангажираме за градење институции и механизми, кои ќе обезбедат консензус во одлучувањето и владините политики.“

Се наметнува дилемата: дали е ова, поправо, најава дека досега еднодомниот парламент на досегашна унитарна Македонија ќе се преобрази во дводомен парламент на една нова федерална творба, како што го има во низа федерални модели на држави во светот?

Новата Влада во своето функционирање ќе се базира и врз овие ставови од Изборната програма на партијата на Али Ахмети: „Промовирање на консензуалното одлучување за етнички теми, интеграции, безбедност, буџет и финансиски политики. Клучни институции со два раководитела со врзан потпис: Фонд за здравство, Изградба на државни патишта, Агенција за рурален развој, Фонд за иновации, Завод за статистика, Управа за јавни приходи, ЕЛЕМ, Агенција за млади и спорт. Фонд за иновации и др.“.

Najsirokata-konsenzualnost-vo-Severna-voved-vo-nejzino-isceznuvanjeИзвор: makfax.com.mk

Што е тоа консензуална, или договорна демократија?

„Консензуалната демократија е модел на демократија, обликуван да изнајде и да се создаде заедничка основа во плуралистичките општества, a донесувањето одлуки да се заснова врз консензус. Консензуалните демократии се обидуваат да овозможат различните политички интереси да ја споделуваат власта. Некои од карактеристиките на консензуалната демократија вклучуваат: споделување на извршната власт, пропорционална застапеност, рамнотежа меѓу извршната и законодавната моќ, бикамерализам (постоење две законодавни тела) (постоење дводомен парламент – заб. С.Т.) и повеќе политички партии.“ Вака Џенифер Л. Иген (Jennifer L. Eagan), професорка по филозофија, јавни работи и администрација на државниот Универзитет во Калифорнија, Ист Беј, САД, ја дефинира консензуалната демократија во својата статија „Консензуална демократија“ во „Енциклопедијата на владењето“.

Билјана Ванковска, професор на Филозофскиот факултет во Скопје, во својата студија „Политички систем на Република Македонија“, посочува на некои од карактеристиките на консоцијалната демократија, терминолошки поистоветена и како консензуална – карактеристика, со години веќе присутни во функционирањето на политичкиот систем на државата, или за кои од поодамна е побарано да се спроведат. За правото на вето истакнува дека тоа „...за претставниците на секој од сегментите (етникумите – заб. С.Т.) е можност да се запре донесувањето одлука, која би ги загрозила битните интереси на сегментот“.

Притоа, Ванковска нагласува дека, според критичарите, „малцинското вето може да доведе до тиранија на малцинството над мнозинството“ и во врска со автономијата на групите (сегментите) истакнува: „Формите низ кои се остварува автономијата можат да бидат различни: административната автономија најчесто се поистоветува со децентрализација, односно со локална самоуправа. Политичко – територијалната автономија е такво пренесување на власта, кое овозможува остварување законодавна функција за одредени прашања на територијата на сегментот. Тоа е аранжман, кој на групата што е малцинство и е различна од мнозинството на популацијата, а претставува мнозинство во еден дел на државата, и дава можност за нормирање одредени прашања...“

Ризван Сулејмани, поранешен пратеник на ПДП и директор на Институтот за политички и мултикултурни студии, во својата статија „Консоцијална демократија и поделба на моќта во Македонија“, посочува на настојувањето на политичките партии на Албанците уште во 1992 година да се оствари правото на политичка и територијална автономија на овој етникум во Македонија: „На 11 и 12 јануари 1992-та година се одржа референдум за политичка и територијална автономија на Албанците во Македонија. Референдумското прашање гласеше: ‘Дали сте за политичка и територијална автономија на Албанците во Македонија’. Референдумот беше организиран и спроведен од политичките партии на Албанците во Македонија. ... и од страна на организаторите беше прогласен за успешен, при што албанската популација (според организаторите) со огромно мнозинство се изјаснила ‘за’.“

Предупредувањата од меѓународните искуства и практики

Напоредно со воведувањето на најшироката консензуалност ќе започне и промената на системот на локалната самоуправа. На тоа укажува изборната „Програма на активности на СДСМ 2020 – 2024“: „Во новиот мандат ќе го продолжиме процесот на децентрализација. ... Смислата е надлежностите да се пренесат на нивото на управување (власт) коешто е најблиско до граѓаните, кое што може најефективно да ги извршува, со соодветни финансиски средства и за гарантирана вклученост на граѓаните во донесувањето на одлуките. ...Подобрувањето на системот на локалната самоуправа ќе го правиме заради остварување на потребите на граѓаните, не на институциите.“

Тука се отвора прашањето: во контекст на целосната консензуалност на политичкиот систем, на примената на етничките принципи во споделеното владеење, дали загатнатите промени во системот на локалната самоуправа, всушност ќе значат, воведување на двостепената локална самоуправа? Ваков систем на локална самоуправа претставува формирање региони со етнички предзнак, односно кантони, како основи на воведување на федералниот принцип во функционирањето на една држава.

Воведувањето на најширока консензуалност наидува на серија сериозни предупредувања, произлезени од самата пракса. Консензуалноста доведува до многу извесна парализа во процесот на политичкото одлучување, ја намалува ефикасноста на политичкиот систем, а може да предизвика и уште поголеми меѓуетнички напнатости. Случајот, на пример, со Етиопија предупредува на уште подраматични последици. Кидане Менгистеаб во својот труд „Демократизацијата и изградбата на државата во Африка: колку се тие спојливи?“ истакнува: „Етиопија иницираше политички систем, кој многу се потпираше на поставките на Арент Липхарт (Arend Lijphart) за консоционалниот (консензуалниот – заб. С.Т.) систем. По доаѓањето на власт етиопискиот Народен Револуционерен Демократски Фронт формираше преодна влада... со примена на некој степен за заемно вето. ...Се воведе систем на пропорционална застапеност со места во законодавниот парламент за различните етнички групи. Започна процес на децентрализација со воведување на федерално уредување меѓу претежно етнички заснованите новоизградени зони (држави). … Етнички и расно базираните договори ... водат кон ризици од дезинтеграција на долги патеки.“

Според овој автор, „етиопискиот експеримент, но и експериментите од други држави во Јужна Африка (Сомалија, Судан, Бурунди, Руанда) создадоа голема загриженост меѓу двете спротивставени страни, при што првата страна обвинува дека може да се случи дезинтеграција на земјата според етнички линии.“ Овие обвинувања се покажаа како вистинити и Еритреја се отцепи од Етиопија во 1993 година по крвава војна.

Инсталирањето на најшироката консензуалност во „Северна“, која што спротивно на политичката волја на македонскиот народ ја избриша Република Македонија од системот на меѓународните односи, го исправа македонскиот народ пред прашањето: како тој ќе ја гради натаму својата иднина и посебно односите на мирна коегзистенција со албанската етничка заедница како во минатото, особено ако и навистина постапно во скорешен период се формира нов, федерален ентитет со етнички кантони?

Македонскиот народ го оствари своето право на државотворност на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, а својата независност ја здоби во 1991 година. Но, по присилното формирање на „Република Северна“ под притисок на глобалните меѓународни центри на политичката моќ Македонците се повторно единствен народ на Балканот без своја национална држава. Еден од родоначалниците на македонизмот Крсте Петков Мисирков во своето знаменито дело „За македонцките работи“ уште во 1903 година го постави прашањето: „Состауала, состауат и можит ли Македониіа да состауат от себе оддел'на етнографцка и политична іединица?“

Одговорот на тоа прашање беше даден во 1944 и во 1991 година. Но, со редефинирањето на етничкиот, културниот и јазичниот идентитет на македонскиот народ и сега со консензуалното редефинирање на „Северна“ и можното формирање федерација на местото на „Северна“ Македонците ќе се најдат во ситуација: да градат живот во таков нов политички систем и нов федерален ентитет, или повторно да го бараат својот пат во иднината овојпат во светот со нов мултиполарен меѓународен поредок во зародиш преку создавање вистинска, современа македонска држава, без експерименти, со вистинска меѓусебна етничка толеранција.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Ивановска: Неосновани се забелешките дека Антикору...
Додека вирусот во Турција се шири, турската лира т...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Петок, 18 Септември 2020

  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.

    Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил.

    Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите.

    Повеќе

  • 1

Следете нè