fbpx

Етничкото во политиката на независна Македонија

Иван Николовски

Политика

17.09.20

Прегледи

Иван Николовски

Ivan Nikolovski 200x250

Независна Македонија не може да се пофали со успешно менаџирање на етничките прашања, а првите „грешки“ се прават во првите денови од независноста.

Етничките прашања се комплексна тема и при нивно појаснување и дискутирање потребно е да се опфатат различни (сите!) агли на гледање (иако тоа ниту во оваа статија не е возможно). Ја прифаќам забелешката дека во својата претходна статија ја „игнорирам“ политичката практика и „реалните проблеми“. Во своја одбрана би сакал да кажам дека таа свесно ја „иззеде реалноста“ бидејќи имаше за цел да говори за идентитетските политики на едно малку потеоретско ниво, правејќи референци кон предизборното мото „зошто да не“ во насока на аргументот за маргинализираноста на неетничките идентитети.

Оттука, во овој текст (и нејзиното продолжение) ќе се обидам малку подлабински и посеопфатно да говорам за етничкото во Македонија низ историска, теоретска и практична призма.

Ниту една наша република не би била никој и ништо, ако не сме сите заедно?

Познавањето на историјата е предуслов за дискутирање на сегашноста и иднината. Меѓуетничките односи и етничкото во политиката во Македонија можат да се анализираат и пред стекнувањето на државотворниот статус во 1944. Сепак, оваа статија се фокусира на етничкото во политиката по стекнувањето на правниот субјективитет, односно од 1944 наваму.

Еден од носечките столбови на државната политика на втората Југославија била политиката на братство и единство која почивала врз идејата дека народите и народностите во Југославија врз основа на заедничката борба во Народноослободителната војна, во согласност со своите историски стремежи, заедно со работните луѓе и граѓаните ја практикуваат власта и самоуправувањето на сојузно и републичко ниво.

Па така, Југославија вовела комплексен систем на етнофедерализам (слично како и другите мултиетнички социјалистички држави како Чехословачка и Советскиот Сојуз) со шесте републики (Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска и Словенија), вклучувајќи ги и автономните покраини (Косово и Војводина), како национални држави на конститутивните народи – Македонците, Србите, Хрватите, Црногорците и Словенците, но и народностите (малцинствата) – Албанците, Унгарците и други. Единствениот исклучок била Босна и Херцеговина која иако во своите социјалистички устави го препознавала заедничкиот стремеж на Србите, Муслиманите (Бошњаците) и Хрватите, не била опишана како национална држава на ниту еден од овие народи со оглед на нејзиниот мешан етнички состав.

Мултикултурниот и повеќејазичниот карактер на политиката на „братство и единство“ (иако со доминатна улога на српско-хрватскиот) од 1950те била надополнета со промоција на идејата за (надетничка) југословенска нација, за сметка на националните прашања на народите (на пример гушењето на Хрватската пролет од 1971) и народностите во политиката (со исклучок на македонското кое било поттикнувано, но не надвор од југословенската заедница). Сепак, со Уставот од 1974, а особено по смртта на Јосип Броз Тито, настапил период во кој се давала поголема тежина на републичките и покраинските институции и партии наспроти сојузните институции и партија што пак придонело кон зголемена политичка видливост на етничкото (и националното).

Менаџирањето на политичкиот живот во поранешната држава (вклучувајќи го и етничкото во политиката) било водено под палката на (социјалистичкиот) консоцијализам на Сојузот на комунистите на Југославија (СКЈ). И покрај еднопартискиот систем и номиналниот надетнички карактер на државата, етничкото било застапено во политиката (на сојузно, републичко и покраинско ниво), не само во корист на народите, туку и на народностите.

Како пример ќе ги издвојам Ида Сабо, прва жена и Унгарка членка на Претседателството на Југославија, Синан Хасани, прв Албанец претседател на Претседателството на Југославија во периодот помеѓу 1986 и 1987, Али Шукриу, прв Албанец претседател на Претседателството на Централниот Комитет на СКЈ и Азем Власи, прв Албанец претседател на Сојузот на комунистичката младина. Во Македонија тоа би биле Неџат Аголи, втор потпретседател на Президиумот на АСНОМ, Вулнет Старова како прв претседател Албанец и последен претседател на еднопартиското Собрание.

Тука треба да бидат вклучени и многу други народни херои, дејци и функционери од редовите на народностите во сите состави на републичкото Собрание, Извршниот совет (Владата) и Претседателството, останатите институции, работничките организации, како и самиот Сојуз на комунистите на Македонија.

Сепак, ова се повторно примери на претставеност на етничка припадност на носителите на функции од тоа време. Сами по себе тие не ни говорат доволно за меѓуетничките односи, нивниот квалитет, ниту пак за успешноста во водењето на политичките процеси во поранешната држава односно менаџирањето на етничкото во политиката. Впрочем, и покрај тоа што носителот на власта била надетничката работничка класа (заедно со народите и народностите), токму етничкото, како и етничкиот национализам и нивното (не)менаџирање од страна на елититите (на пример косовското прашање, подемот на српскиот, хрватскиот и словенечкиот национализам во 1980те и други), се наведува како еден од факторите што влијаеле на нејзиниот распад, чии последици се чувствуваат и ден денес.

Etnickoto vo politikata na nezavisna MakedonijaИзвор: prizma.mk

На пример во однос на етничкото прашање, и покрај „принципот на немешање во внатрешните работи на другите републики“ во Македонија, комунистичките челници како Лазар Колишевски и Лазар Мојсов биле скептични и критички околу косовското прашање – особено идејата за создавање на седма република Косово, гледајќи на него како на нереално очекување и опасност за интегритетот на државата. Тука може и да се издвои и податокот дека голем дел од македонските партиски членови на КПЈ и комунистички функционери гледале со симпатија кон ликот и визијата на Слободан Милошевиќ за Југославија. Веројатно ова се должело на стравот од отворањето на албанското прашање дома.

Сепак, еден од најдобрите современи познавачи на југословенската историја, професорот Дејан Јовиќ, комплетно го отфрла аргументот за „етничките причини“ за распадот на Југославија и се фокусира на идеолошките причини, односно различните концепти за политичкиот и економскиот развојот и уредувањето на Југославија (на пример републиканизација на државата, федерализам наспроти конфедерализам, плурализам наспроти демократски централизам, самоуправувањето наспроти економската либерализација и пазарните реформи), особено по уставните реформи од 1974.

Во однос на „неетничките прашања“, во Македонија постоела поделеност и околу таканаречената српска програма за зголемена централизација на сојузната партија и држава и словенечкиот модел за зголемен политички плурализам. Неодлучноста, конфузијата и тактизирањето околку важните прашања на сојузно и републичко ниво, се чини, биле и останале одлика на делувањето на македонските политички елити пред и по распадот на Југославија.

Од „братство и единство“ до „единство во поделбите“

Парадоксот на независна Македонија е што за социјализмот често се говори, а суштински се говори многу малку. Тој е како некакво табу, како лекција по историја која се прескокнува, а наративите за тој период од историјата често се исполнети со политичка митологија иако тогашните процеси имаат влијание врз денешните, вклучувајќи ја и положбата на етничкото во политиката. Независна Македонија не може да се пофали со успешно менаџирање на етничките прашања, а првите „грешки“ се прават во првите денови од независноста.

Според мене, симболичкото деградирање на статусот на албанската и турската народност од конститутивен елемент на државата во малцинство е нешто што несомнено претставува увертира за настаните во 1990те. Дотолку повеќе, за периодот пред и по 1991 во контекст на историјата на меѓуетничките односи во контекст на етничкото, а особено од 2001 наваму, ретко се зборува од аналитичка призма.

Вообичаено, достапните извори, наративите, настапи и интерпретации во јавноста ретко се објективни, честопати се вон контекст или пропратени со националистички митови и реторика, насилство, не се зема пошироката политичка (како и социо-економска) заднина, додека приказните на обичните луѓе се невидливи. Ова е особено важно имајќи ги предвид сите комплексности на нашето постсоцијалистичко, постранизициско и постконфликтно етнички и политички поларизирано општество.

Резултатот од досегашните етно-политички односи се паралелни и гетоизирани општества, додека исклучоците, иако позачестени, за жал се епизодни, ретки и непретставителни за целата држава. Згора на тоа, во политичката арена речиси и да не постојат играчи кои ја адресираат и застапуваат политиката на „исклучоците“. Ваквата ситуација несомнено оди во корист на политичките елити кои, во најголем дел, се поделени по етнички линии, застапуваат етнички прашања и неретко се националистички.

За сметка на тоа, решавањето на „реалните проблеми“, вклучувајќи ги сиромаштијата, невработеноста, корупцијата, организираниот криминал, културата на неказнивост и други, не е на повидок, што дополнително ја комплицира состојбата. Во отежнителните околности може да се додаде и (пре)честото редефинирање на сфаќањето и карактеристиките на македонската држава и нација (во етничка и граѓанска смисла).

Во ваков контекст, големите идеи како „едно општество“ не се возможни (во и вон сферата на етничкото). Уставните и законските одредби, политичките договори и стратегии, а уште помалку етнификацијата на политичкото претставување и делување не придонесуваат (или одмагаат) кон реализација на ваквите идеи. Затоа, потребно е реобмислување на националните и државните вредности (во и вон етничкото), а во пракса тоа би значело обединување на повеќе општествено-политички чинители (отаде елитите и политичките партии) околку прашањата од заеднички интерес (а такви се/би можеле да бидат речиси сите) и постигнување на елементарен идеолошки консензус (не само во однос на евро-атлантските перспективи, туку и самиот карактер на државата), нешто што нѝ е ускратено од најмали нозе со етнички сегрегираното образование.

Сметам дека ова е возможно преку диверзифицирање на општествено-политичката понуда и динамиката на односите отаде етничкото. За ова подетално ќе зборувам во продолжението на оваа статија.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Иван Николовски

Иван Николовски има магистрирано на Одделот за политички науки при Централноевропскиот Универзитет во Будимпешта стекнувајќи се со специјализација во споредбената политика. Етнички поделените општества, етничкиот идентитет во политиката и општествените движења се дел од неговите академски интереси. Николовски работи како истражувач во Центарот за европски интеграции при Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ во Скопје, фокусирајќи се на процесите на европска интеграција и регионална соработка помеѓу државите и општествата од Западен Балкан.