fbpx
 

Како државата треба да ја стимулира економијата во кризни услови?

Сергеј Зафироски

Sergej Zafiroski 200x250Кризата може да биде повеќе шанса отколку закана доколку биде соодветно управувана.

Здравствената криза предизвикана од КОВИД-19, несомнено ќе биде најголемата што сме ја доживеале во нашиот животен век. Од друга страна, економската криза која е предизвикана од истиот вирус ќе биде најдеструктивна во последниот век. Економиите се потпираат на бескрајниот економски раст чиј што главен двигател е поттикнување на консумеризмот и потрошувачкото општество како филозофија позади тој раст. Секоја дисрупција на тој тренд може да предизвика сериозни последици за економијата и нејзиното нормално функционирање.

Тековната криза е специфична од неколку аспекти. Сите претходни, како по Втората Светска Војна или Големата Депресија од крајот на 1920-тите, биле или на страна на понудата или на страна на побарувачката но приближно никогаш на двете страни. Државата во такви ситуации, има увид кон што да ги насочи мерките. Доколку кризата е на едната или на другата страна, државата ги намалува каматните стапки, даноците или јавната потрошувачка со што се стимулира инвестирањето и работењето на компаниите или пак потрошувачката кај граѓаните.

Првата специфика е што тековната криза е на двете страни, како на понудата така и на побарувачката. Понуда има, но граѓаните не ги трошат средствата бидејќи ги „чуваат” за да имаат во текот на кризата, додека пак компаниите не инвестираат бидејќи немаат продажби или пак шоковите во понудата (неможност за испорака на количините) влијаат на намалување на побарувачката. Втората специфика е дека ограничувањето на движењето, рестрикциите на бројот на лица во определен простор, промената на начинот на однесување во приближно секој аспект од дејствувањето, директно влијае на бизнисите бидејќи го ограничува нивниот капацитет а со тоа и можноста за остварување приходи. Третата е што државите не знаат како треба да реагираат во ваков тип на кризи, бидејќи немаат никакво претходно искуство во менаџирање на исти или слични ситуации (вклучувајќи ја и пандемијата на Шпанскиот Грип од почетокот на 20 век).

Реакцијата на државата

„Вбризгувањето” на голема количина пари во економијата од страна на државата и кај компаниите и кај граѓаните е со „надеж“ дека од една страна ќе се стимулира потрошувачката, но од друга компаниите ќе продолжат со нормалното функционирање и извршување на тековните активности. Иако под притисок на јавноста и компаниите, државата се обидува да ги исполни очекувањата и да ја обезбеди потребната поддршка, но нејасно е што после кризата? Државниот долг на Македонија во последната година се има зголемено од 5,5 милијарди на 6,5 милијарди евра (60,7 отсто од БДП), најмногу како последица на помошта за надминување на кризата. Вкупната вредност на економските пакети за помош (4 пакет мерки до крајот на 2020-та) изнесува приближно 1 милијарда евра.

Бидејќи мерките предвидуваат и помош за физичките лица, особено за тие кои се дел од социјално ранливите категории и кои што треба да бидат помогнати, предлогот е насочен кон пакетите кон компаниите. Парите пуштени во оптек, без зголемување на производството или продуктивноста потенцијално може да предизвикаат инфлација која што ќе има потенцијал да биде понегативна од иницијалната криза која што истите тие пари имале цел да ја спречат. Во случајот со Македонската економија, средствата се обезбедуваат со дополнително задолжување кај домашни и странски кредитори кои што ќе треба да се вратат со дополнителна камата. Следствено, парите моментално дадени како помош на компаниите и граѓаните ќе треба да и се вратат на државата, бидејќи и самата држава ќе треба да ги врати. Накратко, државата ќе го „спасува” бизнисот (и граѓаните) на краток рок, а на долг рок граѓаните и бизнисот ќе ја „спасуваат” државата.

Што значи задолжувањето за економијата?

Да дадеме уште поедноставен пример. Доколку одредена компанија земе кредит со 4 отсто камата, искористените средства треба да придонесат минимум раст на компанијата колку што е главницата плус каматата од 4 отсто за инвестицијата да има некаква логика. Во спротивен случај, компанијата ќе треба да издвојува од дотогашните средства за враќање на истиот кредит што ја внесува во нова финансиска криза која е поголема од времето пред земање на средствата. Значи, компанијата треба да се задолжува за инвестициони активности кои што ќе придонесат за зголемување на приходот и финансирање на долгот. Ситуација каде компанија зема пари да ги “покрие” платите за вработените, но од друга страна нема дополнителен капацитет за производство кое би ја довело компанијата на позитивна нула, само ќе ги потроши парите и повторно ќе биде проблем да ги исплати платите и нормалните трошоци. Задолжување без зголемување на продуктивноста или производството само го одложува банкротот на компанијата. Единствен возможен начин, доколку непродуктивно се потрошени средствата за компанијата да опстои е да ги намали интерните трошоци за финансирање на долгот.

Kako drzavata treba da ja stimulira ekonomijata vo krizni usloviИзвор: mkd.mk

Во случајот со задолжувањето на Македонската економија, кое што е наменето за одржување на моменталната состојба (како да се задолжите за да покриете плати на вработените ако имате компанија а немате приход односно продажба), директно посочува дека тие пари ќе треба да се вратат на некој начин кон кредиторите, а тоа враќање ќе го направат граѓаните и компаниите. Како тогаш финансирањето да биде извршено на начин да обезбеди раст во иднина, а да не се наруши значајно целата економија и истовремено да се постигне зголемена потрошувачка на краток рок? Размислувањето треба да биде во насока парите да придонесат за генерирање на уште повеќе пари во иднина за државата, без значајно нарушување на бизнис екосистемот. Дел од мерките се насочени кон извозно ориентираните компании кое што е во насока на поттикнување на растот и во период на криза, но дел се насочени кон индустрии кај кои што постои веројатност дека никогаш нема да се вратат во ситуацијата како пред самата криза. Треба да се има во предвид дека целото финансирање паѓа на товар на никој друг освен на компаниите и граѓаните, бидејќи на крајот парите кои се даваат во вид на помош се наплатените даноци.

Државата во ситуација кога ќе треба да ги врати парите нема да има голем број алтернативи. Првата е зголемување на даноците кои што ги плаќаат граѓаните и компаниите, и со тоа да ги „покрие” долговите кои што се креирани за намалување на ефектите од кризата, со паралелно оптимизирање на државните расходи.

Втората, која е според авторот и посоодветна но и многу „поболна” на краток рок, опфаќа анализа на индустриските сегменти и стимулирање на оние кои во иднина би донеле повеќе финансиски средства, бенефити за економијата и имаат висока додадена вредност. Со тоа би се редефинирале „стратегиските” индустрии на државата и би се поддржале иновативните и релативно отпорни на криза индустрии. Алтернативата е покомплексна бидејќи претпоставува и изоставување (или помала финансиска поддршка) на сегменти кои не се толку отпорни на ваков тип на кризи. Поддршката на иновативни индустрии и тие кои имаат висока додадена вредност е можноста која што државата реално ја има на располагање. Со тоа ќе се поттикне значително приватната потрошувачка и ќе се овозможи соодветен раст на целата економија.

Следејќи ја ситуацијата на светско и локално ниво, трета (хибридна) алтернатива која претставува комбинација од претходните две е најоптимална. Зголемувањето на даноците е неизбежно (или даночната основица) за осигурување на доволен приход за амортизација и финансирање на сите трошоци, оптимизација на самите трошоци на државата но и инвестирање во иновативни индустрии. Таквата комбинација со сигурност ќе ја поттикне приватната потрошувачка од една страна, но од друга ќе спречи да се наруши функционирањето на државата.

Каде да се насочи државната помош?

Иако звучи прилично радикално во моментов, кризата предизвикана од КОВИД-19 може да биде повеќе шанса отколку закана доколку биде соодветно канализирана и структурирана. Да, на краток рок ќе згаснат голем број компании, дел од нив квалитетни и со перспективна иднина и ќе се намалат приходите во државната каса. Поддршката на компании кои и по природа на нештата би требало да се затворени, а добиваат средства за време на кризата ќе биде многу поголем проблем отколку самиот иницијален проблем кој треба да се реши. Компаниите во тие сектори имаат три алтернативи на располагање: да го променат својот бизнис модел да биде поодржлив (како рестораните кои воведоа достава на храна), да го променат сегментот на работење, или да затворат.

Ситуацијата и кризата треба да се искористат за насочување на средствата кон сектори каде што платите на вработените имаат високо учество во вкупната структура на трошоците. Погрешно е да се помисли дека сите засегнати сектори не треба да бидат помогнати, но индиректната помош преку индустриите кои имаат поголема вредност за економијата е многу поддржливо. Како пример, вработените во ИТ платите (кои се највисоки во државата) повторно ќе ги трошат во локалните компании и ќе придонесат за развојот на повеќе сегменти вклучувајќи ги и најпогодените како туризмот и угостителството. Една плата од вработен програмер потрошена во локалните ресторани ќе обезбеди две просечни плати за вработените во самите ресторани. Поддршката на индустрии кои во моментот се ограничени само во границите на државата (и внатрешната побарувачка), без можност за извоз, со ниски просечни плати или раст на секторот, пред да се поддржат тие кои реално може да ја стимулираат економијата, само ќе ја продлабочат финансиската дупка.

Според едно неодамнешно истражување на агенцијата Инсајдер ИД („Мапирање на ИКТ Индустријата во Македонија 2020”) ИТ секторот го има „потребното” за да донесе просперитет на економијата дури и во периоди на криза. Според симулацијата, 1 милион евра дополнителен приход во ИТ компаниите ќе придонесат за отворање на 31 ново работно место, за кои ќе се издвојат 476.000 евра во вид на плати и придонеси додека државата ќе инкасира 176.000 евра во вид на даноци. Споредбено, во „Трговија со ИКТ Опрема“ истиот 1 милион ќе овозможи 12 работни позиции со вкупна плата од 88.000 евра и 36.000 евра во вид на даноци. Поголемиот дел од индустриите го имаат перформансот каков што го има сегментот за трговија со ИКТ опрема.

Дали државата треба да се насочи кон спасување на индустрии кои и така имаат низок перформанс, или да ја искористи ситуацијата да ги пренасочи средствата во сектори кои дури и во криза можат да имаат добри перформанси и можност за иден раст? Поддршката на индустриите каде платите се високи, имаат висок потенцијал за извоз и раст е клучна за ефективно надминување на кризата.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Од корупција до клиентелизам, или „Сè по старо на ...
Дали сме подготвени за реално пребројување?
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Вторник, 27 Јули 2021

  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.

    Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил.

    Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите.

    Повеќе

  • 1

Следете нè