fbpx

Десетте часа што ја потресоа Америка

Нина Л. Хрушчoва

Политика

12.01.21

Прегледи

Нина Л. Хрушчова (Nina L. Khrushcheva)

Nina L Khrushcheva 200x250Упадот во американскиот Капитол што го извршија приврзаниците на Доналд Трамп како последен очаен обид да се поништи резултатот од изборите во 2020 година беше исто толку предвидлив колку и шокантен. Четирите години соучесништво од Републиканците додека Трамп ја разјадуваше американската демократија доведоа до тоа земјата да се соочи со најтешкиот момент од Граѓанската војна до денес.

Востанието што се случи на 6 јануари во зградата на Законодавниот дом и Конгресот на САД ја немаше истата тежина како нападот во Зимскиот дворец, тоа може да се каже со сигурност. Поттикната од претседателот Доналд Трамп на митинг одржан во близина, на кој ги охрабри своите приврзаници да упаднат во американскиот Капитол, толпата успеа да ја прекине заедничката седница на Конгресот на која требаше да се потврди гласањето на Изборниот колеџ во корист на новоизбраниот претседател Џо Бајден. И покрај тоа, законодавците сепак ќе ја извршат својата уставна должност и инаугурацијата на Бајден ќе се одржи на 20 јануари.

Востаниците не беа ни приближно дисциплинирани како болшевичките кадри на Ленин кои беа составени од вооружени револуционерни војници и морнари. Повеќето од овие востаници беа средовечни луѓе со големи стомаци - „викенд воини“ со црвени капи, подеднакво заинтересирани да направат добро селфи пред Ротондата во Капитол, да ја урнат американската влада и да го постават Трамп како неизбран диктатор. Тоа беше, како што рече еден коментатор, „Пуч на пивските стомаци“.

Меѓутоа, постапките на востаниците, колку и да беа патетични, ќе имаат револуционерни последици за личната слика на Америка и нејзината позиција во светот. За првпат во историјата на земјата, поразен актуелен претседател повика толпа да го заплаши Конгресот, прекршувајќи го Уставот на САД за да се задржи на власт. Со помош и поддршка од десничарските медиуми и членови на Републиканската партија од пониските редови, четирите години во кои Трамп отворено го покажуваше својот презир кон демократските вредности, институции и норми го дадоа резултатот што тој отсекогаш го посакуваше: беззаконски, нихилистички револт против „елитите“ што се јави кај „губитниците“ кои тој ги направи свои главни поддржувачи.

Со кршење прозорци и совладување на полицијата во Капитол со помош на нивната бројност, бунтовниците упаднаа во просториите на Сенатот и Претставничкиот дом, принудувајќи ги членовите на Конгресот и нивниот персонал да се евакуираат. Во моментот кога ја пишувам оваа статија, смртниот биланс е една жена убиена со прострелна рана, но останува да се види колку се повредени и колкава е штетата на зградата на Капитол.

Една заедничка карактеристика што Трамп ја има со Ленин, како и со Наполеон и сите други кои започнале државен удар против актуелната власт, е неговиот презир кон владеењето на правото и политичките фигури кои постоеле пред него. Како и Ленин, Трамп ги презира нормите што имаат за цел да го ограничат спроведувањето на моќта, па поради тоа не ја поднесува ни културата на компромис што е основа на претставничките влади. Слично на Ленин, има и извонредна способност да намириса слабост не само во воспоставениот режим, туку и во редовите на своите сервилни поддржувачи, од кои некои се подготвени во негово име да ја прекршат заклетвата што ја дале при доаѓање на функција.

Сепак, режимите со кои се соочуваа Ленин, Наполеон, Мусолини и Франко не само што беа слаби туку и немаа волја за опстанок. Најозлогласените пучисти во историјата обично разбивале веќе отворени врати.

Судејќи по неговото однесување во последните неколку недели, се чини дека Трамп заклучил дека и пред него стојат отворени врати. Според него, по четири години исполнети со неговите напади, претставничките институции во Америка веќе немале волја да се одбранат. Како поинаку би ги објасниле неговите притисоци врз службениците во Аризона, Мичиген и Џорџија да „најдат“ доволно гласови за тој да биде победник? И наместо да ги сфати постојаните одбивања како знак дека Американската Република сè уште не е подготвена да падне, Трамп се фокусирал на фактот дека тој досега не бил санкциониран за неговите обиди за субверзија на демократските процеси и институции на САД во последните четири години. Бидејќи досега не се соочил со никакви последици, зошто да не продолжи да притиска сè до целосен крах на системот?

На крајот на краиштата, тажната глетка на Капитол Хил беше поттикната и од републиканските членови на законодавниот дом, како сенаторот Тед Круз од Тексас, Џош Холи од Мисури и речиси три четвртини од пратеничката група на републиканците во Домот. Сите отворено ја покажаа својата намера да дадат приговор за гласовите што веќе беа соодветно проверени и потврдени од државните влади. Потврдувајќи ги параноичните теории на заговор за „изборна измама“, токму тие му дадоа на Трамп, кој во секаква друга ситуација е вистински кукавица, храброст да ја поттикне и наведе гласната толпа.

Меѓутоа, групата што поттикна насилен бунт за преврат не е единствениот виновник тука. Четири години, лидерот на републиканското мнозинство во Сенатот Мич Меконел и остатокот од Републиканската партија му прогледуваа на Трамп низ прсти додека тој го деградираше претседателството на САД. После импичментот на Трамп минатата година од Претставничкиот дом, републиканските сенатори гласаа тој да биде ослободен од обвинението, а потоа првично дадоа своја потврда на неговите лажни тврдења за изборни измами. Дури и денес, кога толпата се приближуваше до Капитол, Меконел продолжи да ја шири лагата дека токму демократите први ја поткопале американската демократија. Слично на тоа, сенаторката Сузан Колинс од Мејн со години изразуваше „загриженост“ за однесувањето на Трамп, но не пружи отпор додека тој војуваше против американските институции во текот на неговиот еден и единствен мандат.

Овие политичари-безрбетници ќе живеат неславно, но истото важи и за секој новинар на Фокс њуз (и сопственикот на медиумскиот сервис, Руперт Мардок) кој механички ги повторуваше лагите на Трамп. Истото важи и за челниците на платформите за социјалните мрежи, особено извршниот директор на Фејсбук, Марк Закерберг, кои служеа како црева што прскаат дезинформации и лаги.

Америка сега се соочува со нешто што не се случило уште од времето на Абрахам Линколн: отфрлање на уставниот поредок од значителен дел од гласачкото тело. Додека противниците на Америка со радост ги следеа настаните од 6 јануари, нејзините многубројни пријатели и сојузници низ целиот свет следеа со ужас.

Како и Линколн, Бајден сега ќе треба да се соочи со овој егзистенцијален домашен предизвик. Едно е веќе извесно: Трамповото востание нема да се згасне со смирувачки говори за „надминување на состојбата“, без виновниците да сносат одговорност. За Трамп, за Републиканската партија, сега мора да се примени бруталната вистина од Изреката 11:29: „Оној што ќе внесе неволја во својата куќа, на крај ќе остане со празни раце“.

 

Нина Л. Хрушчова е професор по меѓународна политика во „ The New School“. Нејзиното најново напишано заедно со Џефри Тејлер е наречено: “In Putin’s Footsteps: Searching for the Soul of an Empire Across Russia’s Eleven Time Zones(„По стапките на Путин: Во потрага по душата на една империја низ седумте временски зони на Русија“).

Авторски права: Project Syndicate, 2020.
www.project-syndicate.org

Нина Л. Хрушчoва

Нина Л. Хрушчова, професор по меѓународни прашања во „The New School“, е виш соработник во Институтот за светска политика. Најновото дело, напишано во коавторство со Џефри Тејлер, е наречено: “In Putin’s Footsteps: Searching for the Soul of an Empire Across Russia’s Eleven Time Zones” („По стапките на Путин: Во потрага по душата на една империја низ седумте временски зони на Русија“).