fbpx
 

Што може Македонија да научи од бугарското искуство со ЕУ

Светослав Терзиев

goran janev 400 500Вистинските непријатели за членството на Македонија во ЕУ се националистите од двете страни на границата. Тие се ситат на тензиите кои во моментов постојат меѓу двете земји.

Независно од тоа како македонските политичари гледаат на Бугарија, треба да знаат дека таа влијае на нивните идни преговори за членство во ЕУ уште пред тие да бидат започнати. Македонија, како и Албанија, се првите кои преговараат според новите правила воведени по барање на Франција. Доколку се прашуваат од каде им е дојдена таа „чест“, треба да се „заблагодарат“ на Бугарија и на Романија.

Двете држави беа примени во 2007 година „во пакет“ со голем компромис. Се знаеше дека не се доволно подготвени, но им беше дадена шанса да ги надминат недостатоците во првите години од своето членство, а за таа цел специјално за нив беше воведен Механизмот за соработка и проверка (МСП).

Општо земено, станува збор за судски реформи и за борба со корупција на високо ниво, а само за Бугарија се додаде и борбата со организираниот криминал. Се претпоставуваше дека овој механизам ќе дејствува три години, но изминаа 14 години и сè уште не е прекинат. Проблемите во двете земји излегоа толку големи, што изгледаат како непоправливи. Европската комисија веќе тежнее кон откажување од МСП, со зел да го замени со заеднички механизам за владеење на правото на територијата на целата ЕУ, што ќе го надгледуваат сите држави, вклучително и Бугарија и Романија.

Македонија треба да знае дека кога ќе започнат преговорите за членство, другите држави нема да мислат само на неа, туку и на Бугарија, со која имаат лошо искуство. Треба да се има предвид дека Бугарија не е најпроблематичната држава во ЕУ зашто многу поголема затегнатост создаваат Полска и Унгарија со својот национализам.

Корупција на високо ниво и национализам

Македонската влада не треба да создава впечаток дека се однесува невнимателно кон овие прашања. Од Скопје се очекува подготвеност не само за промена во законодавството, ами и да покаже реални резултати во борбата со корупцијата – на пример, осудителни пресуди. Бугарија токму тоа го нема направено, зашто по европскиот притисок ги менува законите, прави структурни промени во судскиот систем, но не покажува резултати во пракса. За разлика од тоа, Романија има многу подобри резултати во борбата со корупција, затоа што осуди на казна затвор повеќе поранешни министри. Згора на тоа има многу осудени пратеници, градоначалници и други високи функционери.

Преговорите за членство траат долго. Македонија треба да се вооружи со трпение (кое несомнено го има по 15 години чекање за почетокот), но и да биде флексибилна за да реагира на новите предизвици. Не треба да бара затегнатост со Бугарија, зашто во преговорите важи принципот дека ништо не е договорено додека сè не е договорено.

Десетици илјади страници регулативи и директиви

Кога една држава стапува во преговори за прием, се согласува да ги прифати правилата на ЕУ, односно нивното „acquis communautaire“. Регулативите се применуваат директно и подеднакво во сите земји и имаат предност пред домашното законодавство доколку се во спротивност со нив. Директивите се упатства за националните закони, кои можат да се разликуваат во некои земји по нивната формулација, но го имаат истото значење. Покрај тоа, земјите кандидати треба да бидат свесни за илјадниците пресуди на Европскиот суд во Луксембург, кои се извор на судска практика во ЕУ и преку веќе затворените случаи покажуваат како треба да бидат решени слични домашни или меѓународни спорови во рамките на ЕУ.

Сето ова значи дека голем тим специјалисти мора да бидат обучени, кои во случајот на Бугарија, не беа спремни да одговорат на предизвиците на усвојување на европските „правила на игра“. Македонија може да извлече важни лекции од бугарското искуство, бидејќи главната слабост на Бугарија на почетокот на преговорите беше токму недостатокот на административен капацитет. Таа преговараше повеќе со ентузијазам отколку со компетентност. Најочигледен пример за некомпетентни преговори беше договорот за затворање на четири нуклеарни реактори (половина од капацитетот на нуклеарната централа Козлодуј), иако нивните ресурси за проектирање не беа исцрпени, а експертите од ЕУ и САД ја потврдија нивната техничка одржливост.

Покрај тоа, нивните системи за управување беа модернизирани на инсистирање на неколку западни земји и можеа да произведат најевтина електрична енергија за уште неколку години, од што имаше корист и Македонија. Бугарија се согласи да добие десетици милиони евра од ЕУ за предвремено деактивирање на реакторите, а загубите беа стотици милиони.

Sto moze Makedonija da nauci od Bugarskoto iskustvo so EUИзвор: narodenglas.com

Друг таков несреќен пример беше нејзиниот договор за отворање на внатрешниот пазар речиси веднаш по пристапувањето во ЕУ, додека некои земји во Унијата го искористија своето право да го одложат отворањето на нивниот пазар на труд за Бугарите за најмногу 7 години. Со оглед на овој диспаритет, многу домашни производства беа уништени од конкуренцијата со поевтини европски производи, а работниците што беа исфрлени на улица не смееја ниту да побараат спас на дел од европскиот пазар на труд. Овие луѓе станаа илегални работници кои се најдоа на Запад затоа што немаа друг избор, освен да станат жртви на брутална експлоатација без право на заштита од трудовите закони во другите земји. Тие влегоа во ЕУ, но надвор од Европската социјална повелба.

Вкупниот биланс на Бугарија од влезот во ЕУ е позитивен

Обично се истакнуваат десетици милијарди евра, кои Бугарија започна да ги добива во рамките на разни европски програми и кои ја прават нетокорисник. Со овие пари, таа започна да ја подобрува својата патна инфраструктура, да го подобрува своето еколошко опкружување, да го промовира земјоделското производство и да ги обновува условите за живот во населените места (на пример, Софија им ги „должи“ своите три метро линии на фондовите на ЕУ).

Ова е многу важно, но не и главно. Она што е најважно е дека државата беше принудена да донесе регулативи што ја приближуваа до понапредните земји во ЕУ и да ги ограничува можностите за внатрешно самоволие на оние што се на власт. Наднационалниот систем за контрола им поставува ограничувања, а следењето на начинот на трошење на средствата на ЕУ е постојаното предупредување дека може да бидат откриени доколку ги злоупотребат. Големи надежи во борбата против корупцијата се ставаат на Европското јавно обвинителство, кое се гради веќе неколку години и треба да започне со работа во 2021 година.

Разочараноста на Македонија од бугарското вето

Но, не треба да се очајува. Ветото ќе биде подигнато зашто самата Бугарија има голем интерес Македонија да стане член на ЕУ. Отворањето на внатрешните граници во ЕУ е најефикасниот начин за надминување на национализмот што ги разделува државите. Вистинските непријатели за членството на Македонија во ЕУ се националистите од двете страни на границата и тоа не е тајна за никој. Сегашните тензии ним им причинуваат огромно задоволство.

Но, како во Македонија, така и во Бугарија, тие не се доминантна политичка сила. Прашањето е како потоа да се надминат штетите што се нанесени. Подигањето на ветото треба да биде добро мотивирано, за бугарската држава да си го зачува своето достоинство пред своите партнери во ЕУ. Јасно е дека споровите за историјата не се решаваат на тркалезна маса во Советот на Европа. Сите соседни држави кои денес се членки на ЕУ, порано имале историски проблеми. Одбивањето на нивното преувеличување е основата врз која е изградена унијата.

Но, тоа не значи дека Бугарија не може да постави основани барања што ќе одговараат на правилата за почеток на преговори со ЕУ. Сите држави од Источна Европа требаше да ги прифатат принципите на Пактот за стабилност, кога во деведесеттите години од минатиот век се подготвуваше Петтото проширување на ЕУ. А, тие бараат стабилизирање на меѓудржавните односи.

Особено е важен односот кон националните малцинства

Бугарија со голема загриженост гледа на непријателскиот однос кон македонските граѓани со бугарска свест. Националните анкети покажуваат дека во Македонија има голем број малцинства, но не и Бугари. Поточно, како Бугари се определиле 1.417 лица (0,073% од населението), согласно пописот од пред 19 години, а тоа не може да е точно зашто во последниве 10 години (од 1 јануари 2010 до 22 октомври 2020 година) над 70.000 граѓани од Македонија побарале бугарски пасош. Тие се издадени врз основа на доказ за постоење бугарско потекло. 

Скопје донесе правилна одлука да ги почека парламентарните избори во Бугарија кои се закажани за 4 април 2021 година, зашто е сосема можно националистите да претрпат пораз и да бидат исфрлени од владата. Сепак, за да може идната бугарска влада да направи пресврт во односот кон Македонија, за тоа ќе треба да постои основа.

И тука може да биде полезна токму Македонија каде од 1 до 21 април ќе се врши попис на населението. Доколку продолжи да ги прикрива вистинските бројки на бугарското заедништво на нејзината територија, Македонија ќе си ја направи најверојатно најголемата штета во најнеповолниот период. Бугарија нема да има избор, освен да го посочи тој факт пред своите европски партнери, кои тешко дека ќе останат неутрални на истиот оној начин како со недоразбирањата за определени историски личности.

Со една попрагматична политика, Македонија не само што нема да ја претвори Бугарија во своја пречка за ЕУ, туку би можела да го искористи нејзиното искуство, кое е веќе доволно богато.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Македонскиот јазик и македонската книжевност – жив...
Онлајн судења – неопходност или јалова идеја?
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Среда, 20 Октомври 2021

  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.

    Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил.

    Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите.

    Повеќе

  • 1

Следете нè