fbpx
 

Предавството на христијанството

Филип Клетников

Filip Kletnikov 400x500Пренагласувањето на грешноста на поединецот, барањето покорност и одговорност од него наспроти богопомазаноста на корпоративното (црква, држава) ќе станат основа на христијанството од Константин наваму.

Христијанството: неспорен цивилизациски џин

Без разлика дали сме постмодерно саркастични, апологетски приврзани или едноставно рамнодушни кон христијанството – т.е. кон некоја од многуте негови верзии кои за себе експлицитно тврдат дека само тие се „правоверните“, од каде патем и потекнува зборот „православие“ (ортодоксија), барем три нешта во врска со христијанството се чинат неспорни. Прво: христијанството во голема мера го вообликува она што го викаме цивилизација и култура во изминативе милениум и половина, второ: содржината на христијанството е комплексна, многузначна, често пати нејасна и противречна и трето: христијанството и начинот на којшто тоа го одреди цивилизацискиот ток – се контроверзни.

Ваквиот след на работите е природен: кога еден образец/модел/идеја станува основа на нешто толку сложено како што е организацијата на човековите општества (цивилизацијата), неизбежна е неговата ентропија. Но дали христијанството воопшто било замислено како модел за организација на човековите општества од неговиот основач, кој е тој и дали христијанството може да послужи како основа за општествена организација?

Прапроблемот...

За еден систем од вредности да биде основа за организација на една заедница, треба да ги адресира актуелните т.е. стварните проблеми со кои таа се соочува. Но заедницата е апстрактен поим: она што е стварно се реалните, биолошки единки што ја сочинуваат. Така, легитимноста/кредибилитетот на еден вредносен систем е функција од релевантноста на адресираните проблеми (колку тие егзистенцијално го засегаат поединецот) и од нивниот опсег (колкав дел од заедницата е засегнат од тие проблеми).

Оттука станува јасна виталноста на христијанството (и воопшто – на „позитивните“ религии, оние кои постулираат „задгробен живот“, за разлика од будизмот, на пример) наспроти сите етички, логички и научни порази што ги претрпеле/претрпуваат: (позитивните) религии го адресираат проблемот кој е најисконски и нѐ засега сите – смртта. Притоа, тие нудат „решение“: задгробен (вечен) живот, оттука „позитивни“, за разлика од оние религии кои тежнеат кон згаснување (нирвана) на животниот циклус, кој сам по себе значи страдање.

Но, како што велат Американците: there is a catch. Или, како што би рекле ние: има дубара!

Како до решението?

Не е неопходно да се превртуваат дебели богословски книги за да се знае дека темелни доблести на христијанството се безусловната послушност (послушание) и понизноста. Исто така, не е потребно многу интелигенција, туку само елементарно социјално искуство (но и смелост во расудувањето!) за да се сфати дека безусловна послушност и понизност се особини што секоја власт сака да му ги всади на својот поданик. И ете ја основата за бракот од интерес меѓу христијанството – кое од императорот Константин постанува државна религија – и државата (власта), кој опстојува и денес: што е написот „In God we trust” на американскиот долар (наедно и официјално национално мото на САД!), ако не облик на теократија!

Во овој контекст иронично е што ниту постмодерните, неолиберални секуларисти, ниту посветените американски христијани (претежно евангелци) не се баш гласни во протестот да се избрише овој слоган од американскиот долар. Првиве тоа ги прави лицемери – мерило за прогресивност стана линчувањето на секој „расно“ или „родово некоректен“ твит кој го објавува приватно лице (!), забранувањето на уметнички ремек-дела („Одвеано од виорот“) заради „расизам“ или „сексизам“ (тешко си им, пак, на старите мајстори ако оние кои кај нас „коректно“ му облекоа гаќи на Прометеј тргнат во поход низ Лувр!). Вториве, пак, американските христијани, ги прави неуки за сопствената вера: во евангелијата, парата и воопшто богатството, се негативно конотирани, како нешто што е врзано со измама (менувачите на пари), со грешниот, лицемерен и корумпиран свет кој е спротивен на Божјото царство; ваквиот став кон парите/трговијата кулминира во последната библиска книга, „Окровение“, каде тие се еден од врвните изрази на злото, „белегот на Ѕверот“ (Отк. 13:16-17) кои го узурпираат човечкиот живот.

Христијанство или христијанства?

Но дали Исус од Назарет навистина е основачот на христијанството? Намерата не ми е да рекламирам бестселер кој ексклузивно разоткрива дека христијаните се вонземјани или нешто слично (иако, во некоја рака, се токму тоа, бидејќи Исус вели: „моето царство не е од овој свет“ - Јвн. 18:36) туку да посочам два очигледни проблема. Првиот е вродената повеќезначност на секое „учење“ (систем од вредности и(ли) увиди во стварноста), вториот е вродената контрадикторност на самото христијанство. Теолозите се склони да ги негираат обете (секако, еден теолог упатен во херменевтиката не смее да си го дозволи првото!), компензирајќи ги со ексклузивистички модели на толкување, кои обично се и основата на многуте христијански групи.

Predavstvoto na hristijanstvotoИзвор: anglicannetwork.ca

Впрочем, самото христијанство многу малку се состои од учењето на Исус од Назарет, а многу повеќе претставува рефлексија на бројните негови толкувачи, почнувајќи од апостол Павле, па т.н. црковни отци, преку Мартин Лутер, сѐ до Габриеле од Вирцбург во најново време, на пример. Самите евангелија, всушност животописи за Исус, од каде имаме увид во неговите живот и учење, се запишани од негови ученици, што веќе значи извесна дистанца. Кога на ова ќе го додадеме и проблемот на канонот (селекцијата на „правоверните“ од „неправоверните“ христијански списи), станува јасно колку малку христијанството е автентичното учење на Исус од Назарет, а колку (многу) е всушност разни толкувања на тоа учење.

Исус (наспрот)и Павле

Самиот апостол Павле е всушност само еден од многуте толкувачи на Исусовото учење. Но, бидејќи е автор на голем дел од Новиот Завет, кој, пак, е клучен дел на Библијата сосредоточен на фигурата на Исус како избавител (Христос) на што се темели христијанството, неговото толкување претставува интегрален дел од христијанското учење, со што Павле, покрај Исус, е и еден од неговите основачи.

Имајќи го ова во предвид, да се вратиме на клучните прашања од почетокот: дали христијанството било замислено како модел за општествена организација и колку е способно да биде тоа?

И Исус и Павле (како негов следбеник) ги адресирале проблемите на луѓето во своето време – според увидот што го имале во тоа време. Меѓутоа се разидуваат во една клучна точка: додека Исус пројавува особини на латентен анархист, отфрлајќи го овој свет и неговиот општествено-политички поредок како релевантен, Павле е ревносен етатист, кој експлицитно вели „секоја власт е од бога воспоставена“ и повикува да се почитува државната власт.

Оттука, во поглед на односот поединец – корпоративен ентитет (држава, црква…) имаме две фундаментално различни христијанства: Исусовото учење, кое го оспорува и отфрла овоземниот социополитички поредок, и Павловиот теократски етатизам, кој ја нагласува грешноста на човекот и покорноста спрема старешините, црковни и државни. Токму пренагласувањето на грешноста на поединецот, барањето покорност и одговорност од него наспроти богопомазаноста на корпоративното ќе станат основа на христијанството од Константин наваму.

Фузирана со античкото филозофско наследство, кое исто така е етатистичко и со тоа авторитарно (Платон, Аристотел), оваа линија на христијанството ги поставува социополитичките основи на западната цивилизација (авторитаризам, супрематизам) преку кои западните империи го легитимираат својот хегемонизам (крстоносни војни, колонијализам), кој и денес ја карактеризира политиката на Западот. „Слободата на поединецот“ е стапица: поединецот е слободен само доколку, како рационално (боголико) суштество, е одговорен. Но одговорноста е секогаш асиметрична и наметната: таа е одговорност пред некој НАДРЕДЕН ДРУГ, во хиерархија воспоставена од (теолошкиот) бог, која како таква важи a priori и не смее да биде предмет на оспорување, а камо ли на непослушност.

Со тоа, „одговорниот поединец“ е всушност обезличен и обезмоќен човек, кој постојано полага (и плаќа!) сметка пред корпоративните инстанци на црквата, државата, економските хегемони... по „божја волја“! Поединецот, како и Исус, е распнат на крстот сочинет од вкрстените греди на економската и правно-политичката власт и моќ, помазани и воспоставени од (теолошкиот) бог. Токму фарисеите, кон кои Исус го впери прстот, a кои беа теократски легитиматори и чувари на јудејскиот социополитички систем (поредок), го издејствуваа распетието на Исус.

Гласови во пустината

Потоа, историјата се повторува. Местата се заменуваат – легитиматори на власта стануваат христијанските теолози: католички, православни, протестантски (да потсетиме на масакрот на востанатите тириншки селани, на кој Лутер ги повика световните власти со својот памфлет Против разбојничките и убивачки селански орди“)… Дали сѐ што му останува на поединецот е, како Исус на крстот, да крикне спроти Бог: „Боже, Боже, зошто ме напушти?“

Сепак, тука се и осамените гласови во пустината. Како рускиот филозоф и религиски егзистенционалист Берџаев, кој ја позна анархистичката природа на изворното Исусово учење, и според тоа некомпатибилноста на (подржавеното) општество и личноста (о)слобод(е)на во Бог, па во Ропство и слобода вели: „Бог е гаранција за слободата на личноста од поробувачката моќ на природата и општеството, од царството на Цезарот и од предметниот свет“.

Со тоа Берџаев потсетува на два клучни – и за жал заборавени! – елементи на Исусовото учење: прво, Исус ѝ се обраќа на личноста, но не на номиналната личност („субјект“) на правниот поредок или идеалистичката филозофија/теологијата, туку на стварната личност од крв, месо и чувства. Оттука, произлегува и второто: во Бог се верува, а верата е сфера на чувствата, не на разумот. Ако го поразумиме Бог, го добиваме теолошкиот бог: владетелот, легислаторот, пополнувачот на празните места во нејасната и непотполна слика за стварноста… Рационалните системи не можат задоволително да го објаснат светот со величината „бог“, а уште помалку да го оправдаат бог (проблемот на теодицејата).

Разумот може да мудрува за страдањата, но не и да ги доживее: чувствата нѐ прават способни да страдаме и сочувствуваме. Оттука, секое рационално објаснување на човековите страдања во однос на постулираните семоќ, праведност и добрина на (теолошкиот) бог е осудено на пропаст пред неумоливата констатација на Стендал (изворно му се припишува на Волтер): „единственото оправдување на бог му е да не постои“.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Клер Дели: ЕУ нема интерес за благосостојба на мак...
Зошто е важно мислењето на граѓаните за јавната ад...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Среда, 20 Октомври 2021

  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.

    Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил.

    Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите.

    Повеќе

  • 1

Следете нè