fbpx
 

Корупцијата на Балканот тврдоглаво опстојува, а не помага фактот што е тешко да се измери

Џејсон Диган (Jason Deegan) и Феликс Амелунг (Felix Amelung)

Deegan Amelung Не треба толку да се грижиме за тоа дали се искачуваме на табелата, туку повеќе треба да внимаваме на тоа дали навистина се справуваме, истражуваме и ги гониме оние кои се занимаваат со корупција.

Нема сомневање дека корупцијата е добро истражена тема и нејзиниот ефект врз економскиот развој генерално се смета за доста негативен. Меѓутоа, целиот фокус на корупцијата често може да падне во вода поради лоши пресметки, или поточно кажано, поради тоа што е тешко да се измерат интеракции кои се толку матни. Иако можеби се чини разумна и логична можноста да се разгледаат табелите во кои се рангирани државите ширум светот според степенот на корупција и да се претпостави дека е многу лесно да се направат споредби, за жал, како и со повеќето работи, реалноста е далеку посложена.

И покрај тоа што медиумите интензивно се фокусирани на широко распространетата корупција на Балканот, што, пак, води до загриженост за сè полошите резултати од најчесто користеното мерење на корупцијата - Индексот на перцепција на корупцијата (ИПК) (објавен од Транспаренси интернешнл), не постои силен акцент ставен на ИПК за одлуките што се носат на повисоко владино ниво. Ова е нагласено во одговор на прашањето на еден европратеник, поставено во име на Европската комисија, дека тие спроведуваат свои „независни проценки“ за корупцијата во земјите коишто се во процес на пристапување.

Методологијата има свои недостатоци (на кои подетално се осврнувам тука), но таа несомнено беше одлучувачка во процесот на проширување на ЕУ, кога во Европскиот парламент се споменаа влошените резултати, укажувајќи на потребата за сопирање на процесот на пристапување за некои балкански држави. Јасно е дека Европската комисија ги заснова своите одлуки на „независни проценки“ во годишните извештаи за напредокот, но пошироката јавност и медиумите интензивно се фокусираат на оваа мерка кога секоја година ги чекаат новите резултати од Транспаренси интернешнл.

Тука се поставува прашањето: Која е ползата од таа мерка, освен своевидно засилување, и кога треба да бидеме особено претпазливи за да избегнеме грешки во нашето толкување на резултатите од оваа мерка?

Како прво, ИПК заслужува само пофалби за вниманието што го создаде околу прашањето на корупцијата, особено во 90-тите години од минатиот век и 2000-тите години. Пред ова, корупцијата беше навистина недоволно истражена и речиси и да не постоеја политики за ова прашање.

Korupcijata na Balkanot tvrdoglavo opstojuva a ne pomaga faktot sto e tesko da se izmeri 1Извор: europeanwesternbalkans.com

ИПК е создаден за да можеме да ја измериме корупцијата и како таа се менува со текот на времето. Податоците што ги имаме ни овозможуваат брз увид во состојбата што била евидентирана на Балканот во изминатите 16 години. Како и со повеќето работи, често мора да ги погледнеме работите од подалеку за да ја согледаме целата приказна. Особено овде треба да внимаваме на големите годишни промени, бидејќи тие оставаат простор за сомнеж во однос на вистинскиот обем на корупција. Имајте на ум дека на корупцијата, како културен феномен, ѝ треба време да се промени, како што е случајот со Словенија во последниве години (како што е прикажано на слика 1, а за истото може да прочитате подетална дискусија тука).

Да погледнеме колку успешно или неуспешно се справуваат неколку балкански земји со ова прашање, споредено со Европа и со остатокот од светот. На сликата подолу, покажано е како се менува резултатот што секоја година го добиваат земјите поединечно, од 2004 година. Јасно може да се воочат неколку работи.

Прво, се смени методологијата (со промена во начинот на пондерирање на изворите и користење на податоците од една година, дозволувајќи споредби помеѓу различни години) во 2012 година и се чини дека тоа беше корисно за некои региони (конкретно Западна Европа/Европската Унија), но беше на штета на другите (на пр. Источна Европа и Централна Азија). Ова, за жал, долеа масло на огнот во поглед на загриженоста за „западната пристрасност“ што ја содржи ИПК. Еве, да заземеме благонаклонет став и да претпоставиме дека промената на методологијата го направи мерењето поточно.

Меѓутоа, тоа не се вклопува во заедничката приказна во која балканските држави се предмет на напад во својата битка да се справат со корупцијата и, со тоа, беше спречен нивниот пристап во ЕУ. Скокот на Западна Европа и ЕУ се чини дека направи малите подобрувања што се случија на Балканот да изгледаат лошo, гледани едно до друго. По 2012 година, навидум имаше застој во развојот. Разликата се појавува во маргиналниот скок направен во рамките на просекот на ЕУ споредено со Балканот, во периодот 2011-2012 година, што може да се види само преку призмата на промената на методологијата (што ја објаснивме погоре) што настана таа година, и која, поради тоа, требаше да се сподели со јасни и гласни предупредувања за тоа како треба да ги толкуваме промените.

Korupcijata na Balkanot tvrdoglavo opstojuva a ne pomaga faktot sto e tesko da se izmeri 2Слика 1 - Резултати од ИПК

Разликите што може да се видат тука, во рамките на заедничката приказна, малку повеќе ќе се разјаснат откако ќе ја видиме сликата 2, на која е покажано релативното рангирање на земјите на споредбената табела за корупција. Постои неоспорно загрижувачки тренд во последниве години, но дали можеме навистина да ги погледнеме табелите и да си речеме „добро, работите сигурно се подобри отколку што беа во корумпираните времиња од 2000-тите години“? Или, внесуваме погрешни работи во точната графа за друго прашање?

Korupcijata na Balkanot tvrdoglavo opstojuva a ne pomaga faktot sto e tesko da se izmeri 3

Не е ни изненадувачки што одговорот е - да. Прашањето не е дали корупцијата навистина може да се разбере како променлива што се менува од година во година, па дури и може да се спореди помеѓу различни земји, што секако заслужува да се продискутира. Вистинското прашање е дали ваквите мерки нè спречуваат реално да се справиме со основните причини за проблемот. Одговорот е да. Можно е ИПК да ги зајакнува погрешните наративи со изјави што медиумите ги споделуваат, а се однесуваат на тоа како тие го протолкувале Индексот, а поради кои, всушност, ние не ја согледуваме реалноста на корупцијата. Следново е пример за тоа: „Босна и Херцеговина и Северна Македонија повторно се најлошо рангирани на Западен Балкан, со 35 поени од 100 и го делат 111-тото место на списокот со 180 земји. Северна Македонија падна за пет места, минатата година беше на 106-тото место, додека Босна и Херцеговина доживеа посериозен пад за 10 места, од 101-то место минатата година“. – „Балкан инсајт“. Цитираниот текст покажува многу негативен резултат за двете земји, ама ако се проучи трендот низ подолг временски период, станува јасно дека е позитивен.

Апсурдот на споредување на резултатите за корупција помеѓу различни земји, како на табела во некаква фудбалска лига, не ни кажува многу. Освен можеби што потврдува некои верувања, а оспорува други. Откако ќе ги проучиме тие табели, не сме ја разбрале подлабоко корупцијата ниту во Македонија ниту во Босна и Херцеговина ниту во земјите со кои ги споредуваме. Ваквото површно читање, всушност, може да доведе до спротивен ефект и да ја ослабе поддршката на реформите, што, пак, во подолг временски период, би можело да има влијание врз фактичката корупција, наместо само да влијае на перцепцијата за корупцијата, со што реформите не би го добиле потребното време за да имаат целосен ефект. Да не го спомнувам реалното влијание што го имаат лошите „оценки“ и „рангирања“ врз важни макро-економски индикатори, како на пример странските директни инвестиции.

Ова е навистина лоша вест. Значи, ако општо прифатениот начин на мерење не е толку корисен, тогаш што треба да користиме?

Како понатаму - справување со корупцијата на Балканот.

Како да ја анализираме балканската корупција? Дали треба да ја намалиме важноста на методите за мерење на корупцијата? Дали треба да дојдеме до потемелна и далекусежна анализа за распространетоста на корупцијата на Балканот, како би изгледал ова? И кои актери треба да се анализираат? Можеме ли да употребиме други преносни мерки за да ја раскажеме приказната за корупцијата на Балканот? Ако треба, тогаш кои?

Прво, би било корисно да се погледне едно ниво подолу и наместо да се обидуваме да ја измериме корупцијата, да ги погледнеме факторите што влијаат на распространетоста на корупцијата, исто како што тоа го прави ЕУ во своите годишни извештаи, што се дел од преговорите за пристап. За да го сториме тоа, може да ни помогне модел на ограничување на ресурсите за подобро да разбереме како се развива корупцијата во секоја од земјите, со анализирање на факторите што овозможуваат постоење на корумпирани средини. Овој модел може да ни помогне да се оддалечиме од мерењето на корупцијата и наместо тоа да се фокусираме на фактори кои можат да ни помогнат да се справиме со основните причини за корупција.

Можеме да ги разбереме ресурсите како можности за функционерите да извлечат профит од државата, а ограничувања како механизми и институции кои би ги спречиле функционерите да го сторат тоа. Некои ограничувања што вообичаено се користат во литературата се владеење на правото, слобода на медиумите, пристап до Интернет или Фејсбук, но и тоа колку е силно граѓанското општество. Убавината на овие чинители е што човечкиот фактор може да влијае врз сите нив, па затоа е полесно да се осмислат измени во политиките со кои ќе се постигне тоа.

Додека ЕУ, во процесот на пристапување, сигурно става тежина на секој од овие фактори, јавноста често се губи во обид да најде бројка со која ќе ги измери нивоата на корупција и ќе го спореди тоа мерење помеѓу различните земји. Ако, како во случајот со Балканот, ИПК покажува нагорен тренд во намалување на корупцијата, а во исто време, земјите се предмет на удар поради широко распространетата корупција, дотаму што преговорите за пристап се одложуваат, јасно е дека не помага фокусот на медиумите на ИПК (на штета на другите мерки/пристапи како што се користат во рамките на Индексот на интегритет или алтернативен начин да се конципира начинот на кој треба да работи одговорно општество).

Второ, не треба да посветуваме толку внимание на натпреварувачкиот начин на мерење на корупцијата, туку треба да гледаме на корупцијата како и на повеќето други кривични дела, односно соодветно да ги опремиме полициските оддели, судовите и јавните обвинителства, со цел да го истражиме и да се справиме со криминалот. Слично на корупцијата, не треба толку да се грижиме за тоа како ни оди во споредба со соседите, туку да се фокусираме на тоа како да се обезбеди потребната инфраструктура преку институциите, за да се истражат случаите на корупција. Тоа значи опремување и поддршка на институциите, за тие да заземат проактивен став во искоренување на корупцијата.

Моделот на ограничување на ресурсите нуди начин таквото размислување за корупцијата да се примени во пракса и да се развијат натамошни мерки соодветни за ситуацијата, преку поддршка на институциите и нивно опремување со алатки што се потребни за реално искоренување на корупцијата, без оглед како тоа влијае врз перцепцијата или глобалното рангирање. Накратко, не треба толку да се грижиме за тоа дали се искачуваме на табелата во лигата, туку повеќе треба да внимаваме на тоа дали навистина се справуваме, истражуваме и ги гониме оние кои се занимаваат со корупција.

Во оваа смисла, матните работи тешко се мерат и важно е да го имате ова предвид кога ќе видите дека вашата земја не е најдобра во регионот (или ако сте најдобри во вашиот регион, и можеби малку фаќате сеир, да имате предвид како ја перципирате корупцијата). Реалноста на кампањата против корупцијата бара многу подлабоко нурнување во факторите кои придонесуваат за самата корупција.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Реалната закана наречена надзорен капитализам
Силно светнал ден!
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Петок, 25 Јуни 2021

  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.

    Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил.

    Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите.

    Повеќе

  • 1

Следете нè