fbpx
 

Интубирана демократија

Никола Цветкоски

Nikola Cvetkoski 400x500Како што нема бизнис на заклучен дуќан, нема ни демократија на заклучено Собрание. Минатото не учи дека законодавна моќ не се губи, таа никогаш не ја снемува, само се преместува, се сели во друга институција, еден човек, мала група луѓе или ултимативно, во главниот град на друга држава.

Македонското собрание „пулсира“ се послабо и послабо, приклучено на апарати за живот, без здив, ги чувствува најсилните симптоми на политика инфицирана од популизам, тесно-партиски и лични интереси и полека го губи легитимитетот на врховно законодавно тело, а со тоа демократското уредување на државата. Нo, ако оваа ја нарекуваме „демократска“, како ќе се вика онаа во која врховно законодавно тело е Kлубот на пратеници?

Полека но сигурно, Клубот на пратеници станува местото каде што редовно се договара менување на уставот и законите, а со тоа го турка Собранието во втор ред, преку што истото во пракса се здобива со потчинета, секундарна законодавна и уставотворна улога.

Добар индикатор за тоа е што од почетокот на годинава до сега, во просек Македонското Собрание пленарно заседавало дури 1,6 пати, односно оддржало само 9 седници за 6 месеци. Иако ова е континуитет на трендот на сѐ помалку заседанија од 2020та, изминатото полугодие е загрижувачки пад. Па проникнуваат прашањата кој владее во отсуство на Собранието, каде води ваква институционална слабост и зошто?

Intubirana demokratija 1Извор: sobranie.mk

Кој, каде и зошто?

Како универзален изговор за сѐ и секого, така и за тоа зошто некој зема плата, а не ја заработува, секако, беше пандемијата. Но, пандемијата полека ја снемува, пратениците се вакцинираа, а ние граѓаните се уште не гледаме како тие ја заработуваат платата која ја земаат од буџетот.

Се изнаслушавме се, била опозицијата крива, била Власта, Талат, Апасиев... И дури секој има обвинение за секого, собраниските клупи фаќаат прашина, а и на собраниските хигиеничарки им одговара. Нема седници, нема после кого да чистат.

Едните, „ослободители“, се навикнаа да го практикуваат „режимот“, ама во друга боја, доминантно плава, со европски знаменца, а понекогаш и со бела нијанса, кога треба инфицирани од пандемска болест во скафандери да гласаат. Другите, биле против предизборни задолжувања, ќе се украделе парите за кампања, се прашувам, од искуство ли е таквото тврдење? Третите, логичари. Етнички поделби ни носат гласови? Зошто да не ги продлабочиме?! Живееш во Косово, ама за време на СФРЈ си берел грав во Тетово, имаш тројца сведоци и писмен доказ за тоа? Државјанин. Четвртиве, нели се од народот и за народот, единствената вистина и правдата и со главна цел „одбрана“ а само со двајца пратеници, па ја бранат државата и Собранието преку блокада на истите.

И што сега? Се разбира, Клубот на пратеници во еден правец.

Нашиве државници, охрабрени од меѓународната заедница, од балканските и јужно-америчките банана примери, и од претходното искуство дека лидерските средби создаваат брзи решенија за деценски проблеми, од рамковниот па се до името и сите болни решенија помеѓу тие два историски настани, беа производство на договори донесени позади затворени врати. Решенија кои го побиваат мнението дека Уставот е колективен договор и неговиот легитимитет, што пак е прикажано преку растечката поддршка на анти-системски партии како Левица.

Intubirana demokratija 2Извор: makfax.com.mk

Несфаќајки дека решенијата од лидерските средби не се ништо повеќе од ставање фластер на отворена рана и дека секојпат кога на некој влијателен политички субјект не му одговара позицијата во која се наоѓа или едноставно има лични или бизнис интереси што може да ги стави на маса, ќе има лесно достапна можност да сее сол на стари рани, само за да се седне во четири очи. Занемарувајќи го фактот дека таквите средби немаат никаква формалност и принципи на одржливост, што неминовно отвора можности за странски и други фактори кои не се избрани од народот да посредуваат, влијаат и предложуваат решенија чии интереси не се секогаш и интереси на граѓаните. Па чуму суверена и независна Македонија?

Демократија има само кога се практикува

Како што нема бизнис на заклучен дуќан, нема ни демократија на заклучено Собрание. Минатото не учи дека законодавна моќ не се губи, таа никогаш не ја снемува, само се преместува, се сели во друга институција, еден човек, мала група луѓе или ултимативно, во главниот град на друга држава.

Нашата е веќе распакувана и вдомена во Клубот на пратеници. Иако местото им е во Собрание, тие го преферираат клубот. Помалку камери. А и фотелјите се најверојатно поудобни.

Историски, законодавната моќ преминала од индивидуите, односно од царевите кон националните парламенти, па со тоа и слободата на политичка мисла, различните идеологии, владеење на народот и демократското државно уредување.

Кај нас, во современа Македонија иако формално моќта лежеше во Собранието, во пракса ја имаше Владата, која го користеше и сѐ уште го користи Собранието како индустриска печатница на хартија со законодавно слово. Клубот на пратеници, лоциран во непосредна близина на Бугарската амбасада во Скопје (што пак претставува безбедносен и разузнавачки ризик), беше користен за разрешување на тешки и болни моменти. За помирување, за средби на највисоко ниво. Иако по промената на парламентарното мнозинство просториите на Клубот беа сѐ почесто резервирани, изминатите 6 месеци станаа местото од каде што политичарите редовно го манифестираат државниот „суверенитет“.

Демократијата во сите свои форми и облици го поседува постулатот на јавност. Јавност и транспарентност при работењето на институциите, а особно лесно достапна јавна можност граѓаните во живо да ги следат дебатите и дискусиите на пратениците, кои пак ги плаќаат и избираат адекватно да ги претставуваат. Но, дали оние кои ги избираме адекватно не претставуваат?

Секако, не можеме да знаеме навремено, па дознаваме „post-mortem“. Тоа е така бидејќи не знаеме што и како се преговара и дали дебатите содржат сомнителни бизнис зделки во името на народот и граѓаните, затоа што средбите во Клубот на пратеници не се пренесуваат во живо. Не се пренесуваат воопшто. Едноставно, дознаваме што се договориле кога нивната подадена рака ќе стигне на ред за „штанцање“ во Собрание или во поново време, кога државната комисија за спречување корупција ќе отвори случај, барем симболично.

Клуб Демократија

Државниот систем каде што законодавно тело е „Клуб“, а процесот „лидерска средба“ се вика Олигархија. Систем на владеење каде што најмоќните се состануваат зад очите на јавноста и решаваат за судбината на сите.

И се дури неговата употреба станува сѐ почеста и почеста, ќе се појавува притисок за легислативна потреба да се уреди неговата работа. Колку често се случува? Кој го свикува? Кој заседава? Кој учествува? Кој одлучува за што ќе се разговара? Прашања кои што уставот ги решил со основање на парламентарна институтција, Собрание. И да не заборавиме, уставното уредување и процедурите за носење државни одлуки, дипломатски претставници и други фактори кои не се избрани од народот ги предвидува како гости, неми набљудувачи во процесот.

Онојпат кога конечно ќе се нормира и ќе се озакони работата на Клубот и лидерските средби, тоа ќе е моментот кога Македонија веќе нема да е збунувачка, хибридна демократија, туку јасна и недвосмислена олигархија.

Демократија и олигархија не се разликуваат само терминолошки. Тоа во пракса кај нас го покажуваат најновите обиди за феудални законски решенија. Злосторство против обичниот граѓанин, злосторство против природата и животната средина. Но, не е сѐ така црно. Сепак, дури за едни е злосторство, за елитите и моќниците ќе беше одлична бизнис можност. Неповторлива. Сепак, последен пат се случила во 15ти век, феудална ера.

Dēmos & Kratos

Сите форми на државно уредување, па така и демократијата зависи сама од себе за тоа дали ќе опстои, но, нејзината институционална способност зависи и од тоа дали е правилно и добро практикувана, како и дали е доволно прифатена од населението кое го му го уредува животот и го организира. Нашето демократско уредување на посредничко претставништво вели дека за тоа најодговорни се пратениците, односно моменталниот парламентарен состав, независно од групирањето.

Како сите системи, така и нашиот еволуира, се движи, но, лесно воочливо е дека насоката на движење не е во правец на демократија и владеење на народот. За тоа каде ќе стигне, се разбира, ние граѓаните не смееме да се иземеме од одговорност, затоа што и од сите нас зависи дали ќе продолжиме да замижуваме пред лидерските средби и дали ќе ги потсетиме нашите претставници, пратениците, каде им е работното место.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Љубомир Кекеновски: Ни се спрема Прокрустова посте...
Банките „пливаат“ во пари, граѓаните се „дават“ во...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Петок, 25 Јуни 2021

  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.

    Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил.

    Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите.

    Повеќе

  • 1

Следете нè