fbpx

Се вмешува ли Русија во македонските избори?

Ѓорѓи Спасов

Политика

10.02.20

Прегледи

Ѓорѓи Спасов

Gjorgji Spasov 200x250Пред изборите на 12 април, се чини дека Москва го има својот фаворит во Македонија. Таа од свои најегоистични причини, полага надеж во можната победа на Мицкоски на изборите, кој е единствената надеж ВМРО да остане продолжена рака на руската дипломатија во Македонија. Зошто? Затоа што Мицкоски е единствениот лидер на сериозна политичка партија кој од една страна постојано повторува дека неговата партија е за членство на Македонија во НАТО и во ЕУ, но истовремено е и за поништување или измена на „капитулантскиот договор“ со Грција со кој беше овозможено тоа членство.

Русија не е среќна со членството на Македонија во НАТО. Но таа е свесна дека на тоа веќе не може да влијае. Направи се за да го компликува и отежни процесот на зачленување и јасно стави до знаење дека се противи на таа политика. Таа им даде политичка поддршка на силите кои се обидуваа да ги спречет или оневозможат одлуките што водеа кон зачленување на Македонија во НАТО, но на крајот мора да се помири со фактот дека членството во НАТО на Северна Македонија станува реалност. Македонија е мала држава на Балканот и не е од голем интерес на Русија во врска со нејзината енергетска политика а, како што ќе забележат некои аналитичари, таа и Црна Гора се доволно далеку од границите на Русија за да бидат некаква закана за нејзината безбедност.

 Русија на Владимир Путин за свое политичко и безбедносно упориште на Балканот ги има пред се Србија и Република Српска. Во глобалната битка со Западот за превласт на Балканот се чини дека таа своите амбиции ги сведува на компликување на состојбите на Балканот, односно на одржување на политичката напнатост и нестабилност пред се преку силна поддршка на националистичките сили во регионот, авторитарните партии и водачи кои ги смета за своја продолжена рака и преку проруските црковни поглавари и свештеници.

Руската интервенција на Балканот и во Македонија

Москва веројатно не може се уште да му прости на Заев за направениот радикален исчекор кон членството во НАТО па веројатно ќе направи се да влијае и на следните избори кај нас во Македонија.

„Интервенцијата на Москва (на Балканот) - се вели во една колумна од весникот Атина војс, објавена по повод противењето на Русија на договорот со кој се реши спорот околу името, е двонасочна: од една странa има свои упоришта во екстремно-десничарските националистички кругови на Грција, меѓу кои и на Света Гора, а од друга – ги активира противниците на договорот во Македонија, пред се во партијата ВМРО, чија структура е продолжена рака на руската дипломатијa уште од крајот на 19 век.“

Ако оваа констатација (за ВМРО како продолжена рака на руската дипломатија) е основана , тогаш се поставува прашањето свесен ли е Мицкоски за тоа во која насока ги движи работите со својата политика, и дали македонските граѓани можат да ја препознааат и каков избор им се нуди за следните избори.

Se vmesuva li Rusija vo makedonskite izboriИзвор: macedonia365.com

Факт е дека на Русија и беше во интерес да ја држи Македонија што подалеку од НАТО и од ЕУ. Политиката на Груевски и Иванов во Москва се сметаше за мошне прифатлива. Тие ја уживаа подршката на Москва и кога го решија спорот за рускиот долг кон Македонија со коруптивна спогодба за ангажирање руски фирми за гасификација, и кога одбија да воведат санкции кон Русија по анексијата на Крим и кога ги потпишаа договорите за гасоводите Јужен тек и Турски тек. Затоа Иванов стана почесен доктор на Универзитетот Ломоносов со тврдењето дека Московјаните го говореле древниот јазик на Македонците, а Груевски доби политички азил кај пријателот на Владимир Путин во Будимпешта, Виктор Орбан.

Администрацијата на Путин направи се што можеше да ги задржи на власт ВМРО-ДПМНЕ и Иванов, ја дискредитираше Шарената револуција како „пуч организиран од Западот за насилна смена на власта“. Русија даваше поддршка да не успее референдумот за промена на името и да не дојде до измени на Уставот и испраќаше пораки дека „новата власт во Македонија носи одлуки и владее против волјата на народот“.

За волја на вистината, реториката целосно и се совпаѓаше со реториката на ВМРО-ДПМНЕ дури и откако Груевски доби азил во Будимпешта а нов лидер на партијата стана Христијан Мицкоски.

Мицкоски е фаворит на Москва

И сега, пред изборите, се чини дека Москва го има својот фаворит во Македонија. Таа од свои најегоистични причини, полага надеж во можната победа на Мицкоски на изборите, кој е единствената надеж ВМРО да остане продолжена рака на руската дипломатија во Македонија. Зошто?

Основната причина за тоа е што, Христијан Мицкоски е единствениот лидер на сериозна политичка партија кој од една страна постојано повторува дека неговата партија е за членство на Македонија во НАТО и во ЕУ, но истовремено е и за поништување или измена на „капитулантскиот договор“ со Грција со кој беше овозможено тоа членство.

Мицкоски вели дека измената на тој Договор и на Уставот може да се случи ако неговата партија или коалиција, добие двотретинско мнозинство во Собранието, ако тој предлог за промена на договорот и Уставот го поддржат и мнозинството пратеници од немнозинските заедници во Собранието, и свесен е дека тоа е речиси невозможно. Тој сепак, вели: „Јас не ветувам нешто што не е можно. Но, се е можно“.

Со тоа, тој реално ја одржува надежта на Русија за излегување на Македонија од НАТО и за ново компликување на односите на Балканот. Пропагандната поддршка на таквата политика на Мицкоски, долева доплнително сомнение за неговите врски со Москва.

Веќе е општо познато дека пропагандниот апарат на сегашната македонска опозиција се одржува од некакви тајни финансиски извори раководени од Унгарија, каде што политички азил доби Груевски и од оф шор компании со седиште во Белизе чија сопственост е поврзана со лица кои се збогатија од блискоста со режимот на Груевски. Руската пропаганда во Македонија и пропагандата на Мицкоски во овој момент имаат исти цели и целосно се преклопуваат.Оттука се поставува и прашањето колку е точно тврдењето на поранешниот заменик генерален секретар на ВМРО ДПМНЕ Петар Богоевски дека „ВМРО ДПМНЕ во моментов е киднапирано од про руски фанатици на кои лидер им е Мицковски“.

Здружена кампања на македонски, грчки и бугарски националисти

Треба да се очекува, а веќе станува и видливо дека помошта на Мицкоски од Москва за овие избори ќе доаѓа пред се преку пропагандата со која треба да се постигнат две цели:

Прво. Да се засилува и одржува свеста дека владата на Заев извршила „национално предавство“ со потпишување на договорот со Грција, дека не била почитувана волјата на граѓаните на референдумот, дека со сила и поткуп бил сменет Уставот и дека оние што тоа го направиле по смената на власта не само политички туку и кривично ќе одговараат и ќе бидат судени. Во кампањата за тоа дека е постигнат лош договор и со Грција и со Бугарија ќе бидат вклучувани не само разни светски експерти и „патриоти“ од македонската дијаспора туку и грчки националисти кои ќе тврдат дека не се заштитени ниту македонскиот идентитет ниту македонскиот јазик, па и бугарски националисти кои ќе ставаат до знаење дека со Договорот за пријателство со Бугарија сме се откажале и од националната историја и од јазикот и македонското национално малцинство.

Сето тоа треба да доведе до масовно уверување за „глупавоста од промената на името“ и дека Македонија дала се, а не добила ништо за возврат.

Второ, Мицкоски ќе очекува и веќе добива помош во вид на „компромитирачки материјали за власта“. Инсталации на разни безбедносни служби во соработка со криминалното подземје и пропагандната мрежа имаат за задача, со објавувањето на прислушувани разговори на луѓе од власта постојано да докажуваат дека Заев и сите околу него, па и судството се корумпирани не помалку од тоа што беше тајфата на Груевски, дека местат судски политички процеси и дека ја злоупотребуваат власта на сите нивоа. Од „Ла верита“ во Италија, па до порталот „Инфомакс“ кој ја слави воената моќ на Русија, и од ТВ Алфа што е во сопственост на унгарски бизнисмени, до Курир и Република кои беа формирани со пари од оф шор компаниите во Белизе, па до низа портали чија сопственост и финансирање се сомнителни и до некој си Ел Чека, до денот на изборите ќе се натпреваруваат во ширењето лажни вести и деградирањето и клеветењето на владата на Заев и на неговите соработници. Руските пранкери кои му се јавуваа на Заев, но не и на Мицкоски, беа само проба за тоа.

Српска пропаганда за ширење страв од албанизација

Помошта на националистичките сили, партии и лидери во Македонија ќе стигне преку ширењето на стравот од формирањето на Голема Албанија и одржувањето на тезата дека Заев им го продал јазикот на Албанците, поради што ќе настанела албанизација на Македонија односно нејзина федерализација. Според сегашните сигнали што доаѓаат од некои медиуми во Србија (РТС, Информер, Србија данас и други) со кампања против владата на Заев треба да се убедат прво Србите да не гласаат за партиите од сегашната владина коалиција, а по можност да се инсценираат меѓуетнички судири во Македонија кои би го загрозиле концептот на Заев за Македонија – “Едно општество за сите“ и би ги вратиле на сцена етничкото мобилизирање и етничките конфликти за време на изборите.

Се чини дека добра прилика за такви инциденти ќе биде фудбалскиот меч меѓу Македонија и Косово кој треба да се одигра на стадионот во Скопје на 26 март, односно на две недели пред одржувањето на парламентарните избори.

Уште сега, според порталот „Инфомакс“ навивачката група „Комити“ на фудбалскиот клуб „Вардар“, кој е во сопстевност на рускиот бизнисмен Самсоненко, (кој прилично се збогати за време на режимот на Груевски и која ја изгради руската црква во Скопје) одржала средба во православен храм во Тетово, со претставниците на сите други навивачка групи на „етничките Македонци“ со цел да се „подготват“ за навивање на фудбалскиот меч Македонија Косово.

Навивачка група „Комити“ е позната по своите слогани „Никогаш Северна – Само Македонија“ но и по шовинистички слогани кои предизвикуваат етничка нетрпеливост и омраза. И не би било необично таквите навивачки групи да бидат искористени за политички цели како што навивачката група на грчкиот фудбаски клуб „Паок“ во сопстевност на грчкиот бизнисмен Савидис (близок пријател на Путин) им се приклучи на на јунските протести во Грција против договорот со Македонија и го „обедини својот глас со оние што скандираа Македонија е само грчка”.

Од друга страна навивачката група на фудбалскиот клуб Шкендија „Балисти“ веднаш по средбата на „комитите“ во Тетово објавија дека ги обединуваат етничките фудбалски навививачи во Македонија за тој ден да навиваат за Косово. А порталот „Инфомакс“ кој ја објавува таа вест, истовремено и ја коментира со насловот „Ги плаќаме за да не плукаат“. Истовремено , тој сајт ја пренесува пораката од навивачката група „Шверцери“ дека тој дена на фудбалскиот меч Македонија – Косово нема да навиваат ниту за Македонија ниту за Косово затоа што тие навиваат само за Албанија.

Има одбрана од продолжената рака на руската дипломатија

Македонија е мала земја. И тешко ќе може да се спротивстави на пропагандите и на вмешувањето во изборите од големи држави.

Ако постојат сомененија дека Русија вмешала прсти во изборот на Трамп и во исходот на Брегзит, не треба да не изненади и нејзиниот обид да влијае врз исходот од изборите во Македонија. Всушност тој обид и сега повеќе е очигледен преку партијата на Мицкоски. Но факт е дека, освен обелоденувањето на ваквите врски и намери, можат многу работи да се спречат и оневозможат со упорното кажување на вистината и позадината на настаните, со ефикасното користење на инструментите на власт за спречување на немили настини но и со разоткривање на манипулацијата на јавното мислење од страна на оние кои постојано другите ги обвинуваат за некакви национални предавства и недостаток на патриотизам и кои се надеваат на тоа дека во Македонија наскоро ќе се зајакнело влијанието на „просперитетните евроазиски центри на моќ“.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Ѓорѓи Спасов

Д-р Ѓорѓи Спасов (роден 1949) е универзитетски професор. Има објавувано трудови во областа на политичките науки, комуникациските науки и односите со јавноста. Бил генерален секретер на СДСМ, пратеник во Собранието на Република Македонија, министер за правда и амбасадор на Македонија во Бугарија и во Велика Британија. Еден е од основачите на агенцијата за јавно мислење и комуникации „Рејтинг“. Објавува колумни во дневните и неделните весници и учествува во телевизиски дебати за актуелните политички прашања. Автор е и на прирачниците „Десетте одредници на социјалдемократијата денес“ и „Развојот на социјалдемократијата“ издадени од Фондацијата Фридрих Еберт, кои се користат за обука на младите социјалдемократи во земјава.