fbpx

Дали технологијата е закана за демократијата?

Јана Лозаноска

Политика

27.05.19

Прегледи

ALB

Јана Лозаноска

Jana Lozanoska 200x2501Било какво слепо поддржување на технолошкиот прогрес има консеквенци не само за природата, видливи преку глобалното затоплување и климатските промени, но и за демократијата и отуѓувањето на човекот од самото човештво и политичката заедница.

Брзорастечкиот технолошки развој во дваесет и првиот век, како што е автоматизацијата, big data (голем опсег на податоци за корисници и датабази), вештачката интелигенција, алгоритмите и machine learning (машинско учење и вештачка интелигенција), неминовно отвораат одредени прашања кои се однесуваат на импликациите на ваквиот прогрес врз политиката. Особено е значајно овие импликации да се разгледаат преку соодносот на технологијата и политиката, во услови во кои политиката не се креира од плуралноста на ставови и мислења во политичкиот простор, туку од дата инженери.

За технологијата

Во дваесеттиот век познатиот алгоритам на Алан Туринг, кој што ги разоткри кодовите/алгоритмите за нападите од непријателот (Германија), се смета за заслужен за  завршувањето и скратувањето на една од најдеструктивните војни - Втората светска војна. Ова го означи не само почетокот на компјутерската ера на алгоритми, но и почетокот на комплексниот сооднос човек-машина.

Во голема мера технолошкиот развој отвора не само антропоцентрични, туку и трансхуманистички прашања за односот на човекот и машината, кој го разгледува доминантната Дона Харавеј (1991), конвенционалниот Џорџ Грант (1986) кој зборува за прашањето на правдата и технологија, но и Харaри во форма на популарен осврт за историјата на човештвото (Homo Deus: A Brief History of Tomorrow). Прашањето на технологијата особено е од интерес на трансхуманистите, и неминовно го отвора и прашањето околу постојаната човекова потрага по бесмртноста и човековото усовршување.

Во науката не постои генерално разбирање за она што е технологија. Постојат многубројни пристапи, од оние кои ја разгледуваат технологијата преку етиката и нејзината утилитарност, до користењето и значењето на технологијата во одржливиот развој и екологијата. Што се однесува до екологијата, технологијата особено се користи во пристапот на еко-модернистите. Во правец, пак, на одржливиот развој и технологијата особено место заземаат Обединетите нации, прво преку донесувањето на милениумските развојни цели, и од скоро, преку одржливите развојни цели и документот (Агенда на ООН за одржлив развој 2030), во кој технологијата или технолошкиот развој заземаат значајно место.

Технологијата и политиката

Најзначајната и сеопфатна критика и историја на технологијата и прогресот, може да се најде во работата на Хана Арент, посебно во нејзиното централно дело, Човековата состојба. Ова дело не само што ги зацртува дистинкциите во односот политика и технологија, но ги посочува јасно и импликациите од технолошкиот прогрес. Оттука не е случајно што Арент го почнува ова дело со коментари за лансирањето на Спутник во вселената како огромно достигнување на човештвото, но зборува и за огромната разочараност од присуството на војската во таа пригода. Импликациите од технолошкиот развој, пак, кои според Арент се фатални за човекот како политичко битие, се дека преку зголемената автоматизација, говорот и трудот го губат своето значење,  расте отуѓеноста на човекот од човештвото, и се појавува масовна осаменост која е предуслов за растечките тоталитарни идеологии и движења.

Според Арент, автоматизацијата на говорот (Гугл дуплекс), е погубна за политиката, бидејќи говорот и политичката акција се неминовно поврзани и се остваруваат во политичкиот и јавен простор, кој е истовремено постојан и привремен. Правото и политиката за Арент се во нераскинлива врска, и оттука правдата е сместена во политичкиот јавен простор наспроти социјалниот, како што е случајот со социјалната и институционална поставеност на правдата за која што таа зборува. Политиката за Арент е многу широка и е оцртување на реалноста, во неа се наоѓа и општествената правда,  каде што воедно егзистира и правото.

2018 40 digital democracy
Извор: newstatesman.com

Перманентноста на политичкиот простор за Арент се остварува преку стабилни институции, во кои денес технологијата се користи во голема мера. На пример, технологијата или алгоритмите се користат во уредувањето и менаџирањето на судските предмети, како и во предистражната постапка, за лоцирање на осомничени и пресметка на можноста за сторување кривично дело. Додека, пак, Кина до 2021 година има намера да користи big data и вештачка интелигенција во институционалното управување. Тоа подразбира дека управувањето и креирањето на политиките ќе го вршат алгоритми и машини, пред се, преку хранење на овие системи со голем опсег на податоци од корисници и од датабази.

Според Арент, слободата на привремениот политички простор, подразбира и можност за негово непречено функционирање. Привремениот политички простор е простор на политичката акција и говор, кој е непредвидлив, слободен и има потенцијал да донесе политички промени. Во таа насока е и прашањето на користењето на социјалните мрежи и нивната улога врз ерозијата на конвенционалниот политички простор каде што секој се појавува, и ја изразува својата различност и поединечност.

Заедничкиот именител

Во последно време се случуваат два паралелни процеси во глобални рамки. Од една страна има пораст на истражувањата во една нова област – машинско учење и вештачка интелигенција и за граѓанското учество во дигиталните платформи. Додека од друга страна се вршат истражувања за етиката во развојот на вештачката интелигенција. Случајот со Кембриџ аналитика и незаконскиот пристап до милионски број податоци на приватни корисници на Фејсбук, е само дел од потребата за развој на ваквата етика и на регулативи.

Во таа смисла некои регионални организации како Советот на Европа се осврнуваат на влијанието на вештачката интелигенција врз човековите права. Специјалниот известувач за слобода на говорот и изразувањето на ООН вештачката интелигенција ја смета за закана и предзвик за човековите права.

Во македонски услови, пак, овој сооднос на технологија и човекови права/демократија се уште е на мошне рудиментарно ниво и во однос на јавна дискусија околу заканите од истата, и во однос на правна регулатива. Во однос на вториот аспект, постои правна празнина во борбата против говорот на омраза на интернет, како област која го уредува овој сооднос. Оттука пристапот на некои невладини организации е методолошки погрешен, бидејќи се фокусира на кривично гонење и сузбивање на говорот на омраза на интернет во соработка со полицијата, додека пак, не постојат закони за регулирање на интернетот како посебен простор.

Што се однесува, пак, до политиката и технологијата на алгоритмите и вештачката интелигенција, еден пример каде што технологијата може успешно да се користи се изборните процеси. Ова, доколку се обезбеди непристрасна и објективна контрола на изборните процеси од самиот човек, кои во многу наврати се крајно исцрпувачки. Пример како исцрпеноста влијае на изборните процеси, е случајот на Индонезија и инцидентот во кој починаа повеќе од 300 членови на избирачките одбори од презамореност при броење на гласови. Наместо исклучиво потпирање на човечкиот фактор, кој во секој случај би го контролирал целиот процес на пребројување и калкулирање на гласови, сепак би можеле алгоритмите и вештачката интелигенција да го олеснат истиот.

Иако денес технолошкиот развој се користи во сите сфери на живеење, сепак отвора контрадикторности во самата улога на Обединетите нации во промовирањето на одржливиот развој од една страна, и човековите права од друга. Тоа подразбира дека остварувањето на одржливите цели во голема мера зависат од користењето на технолошкиот развој кој е резултат не само на индустриската револуција, туку и на империјализмот и колонијализмот. Додека пак користењето на технологијата, се смета дека генерално претставува закана за човековите права и демократијата. Оттука, непомирливата улога на технологијата во овие две области промовирани од самите Обединетите нации.

Во таа насока, слепо поддржување на технолошкиот прогрес има последици не само за природата, видливи преку глобалното затоплување и климатските промени, но и за демократијата и отуѓувањето на човекот од самото човештво и политичката заедница. Оттука, прашањето на технологијата неминовно е и политичко прашање и бара интердисплинарен пристап, без разлика дали ова се однесува на соодносот човек-општество или човек-природа.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Јана Лозаноска

Јана Лозаноска, е доктор на науки при Универзитетот за мир на Обединетите Нации, во Костарика. Магистерски студии по меѓународно хуманитарно право има заршено на Универзитетот во Женева и Институтот за меѓународни студии во Женева-Швајцарија. Додипломски на Правниот факултет во Скопје. Има објавено трудови поврзани со човекови права, род и ЛБТ; прашањето за името од призма на меѓународно право, ЕУ и човекови права, итн.