fbpx

ЕУ постојано ги разочарува Балканските земји

Сабин  Селими

Политика

26.02.20

Прегледи

Сабин Селими

Sabin Selimi 200x250ЕУ покажа дека не е во состојба да ги исполни ветувањата дадени пред скоро две децении во Солун и одлучи веќе да не се преправа.

Во октомври 2019 година, Франција, за разлика од Германија, покажа дека Европската унија, која е далеку од сигурен блок кој може да се справи со мноштво предизвици, се плаши дека малите балкански земји би можеле да го урнат проектот на ЕУ. Францускиот претседател Емануел Макрон, кој на сцената настапи со ветување подобро лидерство со визија за обединета Европа и пораз над популизмот како поголема кауза, противречно на својот говор во Сорбона, истакна дека проширувањето ја „ослабна Европа“. ЕУ покажа дека не е во состојба да ги исполни ветувањата дадени пред скоро две децении во Солун и одлучи веќе да не се преправа. Не само што дозволи Србија ден за ден да станува сè поблиска до орбитата на Кремљ, туку ЕУ покажа и дека улогата што ја има во конечното доаѓање до решение помеѓу Косово и Србија е послаба од кога било досега.

Влијанието на заминувањето на Велика Британија

Три и пол години збунетост и политичка поделба по референдумот во јуни 2016 година, започна новата деценија на 2020-тите со тоа што Обединетото Кралство (Велика Британија) официјално ја напушти ЕУ, после скоро половина век како член на европскиот проект. Велика Британија веќе не е застапена во институциите на ЕУ. Но, за ЕУ, загубата на Велика Британија е значаен пораз.

Велика Британија дејствуваше како своевидна прагматична рамнотежа меѓу двата европски пола, Париз и Берлин. Нејзиното заминување ја менува рамнотежата во блокот и создава вакуум на моќност. Тоа може да ја поткопа можноста на ЕУ да води независна надворешна политика и да го изгуби кредибилитетот на глобалната сцена.

Земјите на Балканот кои се надеваат дека ќе влезат во ЕУ, исто така, можат да го почувствуваат отсуството на Велика Британија. Процесот на пристапување е главен двигател на реформите во регионот откако завршија југословенските војни пред повеќе од две децении. Со заминувањето на Велика Британија и критиките од земјите членки како Франција и Холандија во однос на понатамошно проширување, балканските земји изгубија клучен поборник за нивен влез во ЕУ. Сега, кога исчезна најгласниот глас за проширување во рамките на ЕУ, целото внимание на Брисел е насочено кон идните односи меѓу Велика Британија - ЕУ, напорен процес што може да трае до крајот на годината, или подолго.

Важно е да се напомене дека Балканот долго време беше на ниско ниво на агендата на Брисел, особено откако континентот беше погоден од економска криза. Преокупирана, ЕУ имаше помалку време и енергија да се посвети на нејзината југоисточна граница.

Последиците од одлуката во октомври

По одлуката за стопирање на процесот на пристапување на Албанија и Северна Македонија, Франција изнесе предлог за реконструирање на процесот на пристапување. Париз сака поголема вклученост на Европскиот совет, политичкото крило на блокот. Со тоа би се создала непредвидливост во пристапните процеси за балканските земји. Земјите членки на ЕУ ќе имаат моќ да го вратат процесот дури и кога Европската комисија ќе потврди дека се исполнети техничките барања. На пример, дури и по исполнувањето на сите вонредни технички критериуми, вклучително и усвојување на непопуларниот договор за границата со Црна Гора во парламентот, за народот од Косово сепак беше одбиено безвизно патување во Шенген зоната, заради принципот на едногласност во Советот.

EU postojano gi razocaruva Balkanskite zemjiИзвор: nytimes.com

Принципот на едногласност го блокираше и започнувањето на преговорите со Албанија и Северна Македонија. Фактот што не беа започнати разговори за пристап со Северна Македонија може да го попречи успешното спроведување на Договорот од Преспа. Владата што преговараше за договорот поднесе оставка како реакција на одлуката донесена од Европскиот совет во октомври минатата година. Нови избори ќе се одржат во април годинава. По април, новата влада во Скопје можеби нема целосно да го поддржи договорот. Ова можеби не значи дека договорот ќе престане да важи, но може да го забави неговото спроведување бидејќи е поврзано со блокираниот процес на преговори.

Иронично, застојот на процесот на проширување направи Србија да изгледа разумно по потпишувањето на договорот за трговија со Евроазиска економска унија, која е под водство на Русија. Косово ќе остане црна дупка во регионот, затоа што во отсуство на договор со Србија, не е во состојба да оди напред по својот пат за влез во ЕУ. Имајте предвид дека со петте земји членки, Грција, Кипар, Шпанија, Романија и Словачка, кои сè уште не ја признале државноста на Косово, ЕУ плаќа висока цена за неможноста да зборува со еден глас. Како резултат, оваа пат-позиција ја охрабрува Србија да го одложи договорот со Косово, истовремено одржувајќи го процесот на дијалог во живот, со цел Косово да биде што подалеку дури и од започнување со процесот на пристап во ЕУ.

Разговорите за нормализирање на односите помеѓу Косово и Србија се во безизлезна ситуација скоро две години. Владата во Приштина се пожали на агресивните дипломатски напори на Белград да ги убеди државите да се спротивстават на признавањето на државноста на Косово, додека владата во Белград е вознемирена поради тарифите што за возврат ги наметна Косово за стоките увезени од Србија. Недостатокот на кохерентна политика на ЕУ предизвика процесот да дојде во безизлезна ситуација и тоа не е нешто ново. Тој едноставно достигна критичен надир во октомври минатата година. Неможноста на ЕУ да се справи со сопствениот двор сериозно му штети на нејзиниот кредибилитет како играч на Балканот.

Обновена улога на САД

Ограничувањата на меката моќ на ЕУ никогаш не биле повидливи отколку за време на југословенските војни во 90-тите години од 20-от век, до нивното запирање со воздушна интервенција на НАТО и дипломатските напори предводени од Соединетите Американски Држави. САД имаа водечка улога во посредувањето мировен договор во регионот. Минатата година, надвор од очите на јавноста, американски дипломати беа вклучени во посредување на разговорите меѓу владите во Атина и Скопје за постигнување договор со кој се реши деценискиот спор за името, додавајќи ја одредницата „Северна“ на името на земјата, што го поплочи патот за Северна Македонија да влезе во НАТО.

Неодамна, американскиот Стејт департмент го назначи Метју Палмер за пратеник за Балканот. Најново е назначувањето од американскиот претседател Доналд Трамп на специјален претставник на САД за Косово и Србија, Ричард Гренел, кој заедно со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, најави обнова на железничкиот сообраќај меѓу двете земји. Многу детали сè уште се нејасни, но претставува значаен нагорен тренд на американска активност на Балканот. Отсуството на ЕУ е нагласено и со договорот поддржан од САД за враќање на летовите меѓу главните градови Приштина и Белград. Вашингтон испрати јасна порака за обновено учество на САД во наоѓањето конечно решение помеѓу двете земји. Новиот шеф на надоврешна политика на ЕУ, Хозеп Борел, може да ја искористи оваа можност да назначи посебен претставник на ЕУ за овој проблем и да го отвори патот за потребната синергија за изнаоѓање решение.

Какви се изгледите за постигнување договор?

Од минатогодишното француско вето за започнувањето на преговорите за Албанија и Северна Македонија, контекстот за решавање на спорот помеѓу Косово и Србија значително се промени. Тешко е да предвиди напредок на преговорите за нормализирање на односите меѓу двете земји без конкретни изгледи за пристапување во ЕУ. Тоа е најважниот поттик за Србија. За Косово, имајќи предвид дека додека да добие членство би изминале децении, визната либерализација и целосното признавање како независна држава со седиште на ООН би можеле да дејствуваат како директни стимуланси. Сепак, одлуката на Европскиот совет од октомври 2019 година делуваше дестимулирачки за постигнување компромис. Без реални изгледи за членство, Србија веројатно нема да продолжи со дијалогот со Косово.

Со оглед на сите овие околности, иднината на балканските земји станува дури застрашувачко прашање. Најсилниот поттик за решавање на спорот помеѓу Косово и Србија останува условеноста за пристапување во ЕУ. Во оваа смисла, интеграцијата останува најважниот безбедносен инструмент што ЕУ го има на Балканот, чии придобивки би можеле да се изгубат со ставање на процесот на проширување во втор план. Напуштањето на целта за влез во блокот, кое е реалност само што не е формализирана, не е нешто кон кое ЕУ треба да цели. Сите знаеме кои би можеле да бидат последиците.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Сабин  Селими

Сабин Селими работи за швајцарската организација за развој, Хелветас, како директор за комуникација во регионалната програма RECONOMY, финансирана од Шведската агенција за меѓународна соработка. Претходно, тој има искуство во комуникациски и советодавни работни позиции во јавниот сектор и меѓународно финансирани проекти, со искуство на Балканот. Како стипендист на Чивнинг, тој ги завршил магистерските студии по меѓународна јавна политика на Универзитетскиот колеџ во Лондон. Како добитник на претседателската стипендија (Presidential's Scholarship), тој ги завршил своите додипломски студии по економија и меѓународни студии на Американскиот универзитет во Вашингтон.