fbpx
 

Како појавата на COVID-19 вирусот ќе се одрази на меѓународната соработка

Кемал Дервиш и Себастијан Штраус

Dervis StraussСе забележува појавата на јасна паралела помеѓу растечката пандемија на корона вирусот и климатските промени. Овие две појави ја потенцираат потребата од меѓународна соработка во перспектива со цел да се намалат глобалните закани и подобро да се управува со истите.

Историјата нѐ учи дека кризите и напредокот на човештвото често одат заедно. Иако ширењето на пандемијата на корона вирусот би можела ги зајакне национализмот и изолационизмот и да го забрза повлекувањето од глобализацијата, таа исто така би можела да поттикне и нов бран на меѓународна соработка, многу слично на она што се случуваше по Втората светска војна.

Коронавирусот можеби станува не само голема здравствена криза туку исто така и криза на глобализацијата и на глобалното владеење. Таа го покренува прашањето на кој начин светот треба да се мобилизира и организира како заштита од заканата, но исто така има и импликации за тоа на кој начин се гледа на глобализацијата и што значи таа перцепција за иднината на меѓународната соработка. Петте децении на интензивирање на меѓусебната поврзаност го отвори светот кон големи прекугранични текови на стоки, услуги, пари, идеи, податоци и луѓе. Иако глобализацијата сама по себе не е нова работа, нејзината големина и опфат го направи светот меѓусебно зависен во значителна мера а со тоа и ранлив. Денешната глобална општествено-економска инфраструктура изгледа и функционира како испреплетена мрежа во која сите јазли се одвоени со многу кратки растојанија, додека основните функции се централизирани во големи хабови. Финансиската активност е концентрирана во САД, на пример, додека Кина е светски центар на производствените активности. Ваквата структура е насочена кон максимална ефикасност, во смисла на тоа дека успева да ги „фати“ бенефитите од економиите од обеми и специјализацијата. Ова им помогна на милиони луѓе да излезат од сиромаштија (иако доведе и до поголема нееднаквост во приходите и до социјална несигурност во многу држави).

Дополнително, поврзаноста исто така создава и огромен (иако најчесто скриен) ризик од катастрофа. Ова е од причина што поврзаноста го зголемува она што статистичарите го нарекуваат веројатност од екстремни настани кои не е можно да се искажат во бројки, како што се финансиски кризи, нуклеарен холокауст, непријателски настроена вештачка интелигенција, глобално затоплување, деструктивна биотехнологија и пандемија. Од причина што суштинските улоги се хипер-концентрирани а целата мрежа е мошне тесно поврзана, сите шокови кои се случуваат во централниот хаб, како што се Кина или САД, можат многу брзо да станат систематски и парализирачки. Големата зависност од централните хабови доведува до системски ризици затоа што тие се единствена проблематична точка а тесната меѓусебна поврзаност помеѓу хабовите и јазлите ја засилува можноста од каскадни испади. Ова е причината зошто финансиската криза во 2008 година која потекна од Соединетите Држави беше толку деструктивна, и тоа е причината зошто епидемијата на корона вирусот која произлезе од Кина многу брзо се претвори во здравствена и економска криза.

Од оваа (сѐ уште актуелна) криза можно е да произлезат два политички различни трендови. Прво, кризата е можно да поттикне активности за намалување на глобалната меѓусебна поврзаност, во смисла на патување, трговија и проток на финансии, дигитални информации и податоци. Можно е луѓето инстинктивно да бараат поголема изолација во повеќе области. Барањето заштита преку сеопфатен изолационизам би било погрешен и контрапродуктивен потег, но во овој случај заедниците можат навистина да помогнат во ограничувањето на заканата од корона вирусот така што брзо ќе ја намалат својата поврзаност преку мерки на ублажување со кои се зголемува социјалната дистанца, како што се затворање на фирми и училишта, забрана за јавни собири и ограничувања на јавниот превоз додека трае кризата. Ваквите драконски чекори ќе имаат краткорочни економски и општествени трошоци, и тие со себе носат практични и етички предизвици. Можно е исто така да излезе истите да биле непотребни, но токму поради тоа што не можеме да го предвидиме ширењето на корона вирусот, кризата бара агресивно делување во почетните фази. Како што укажува математичарот и експертот за ризици Насим Николас Талеб, од причина што експоненцијалниот раст на почетокот изгледа заведувачки линеарен, претераната реакција од страна на креаторите на политики не само што е оправдано туку е и вистински потребно.

Ова е тактичко размислување, а не стратешко: целта не е да се промовира де-глобализација туку да се изгради поголема отпорност. Кога ризиците имаат потенцијал да доведат до уништувачки ефекти, систематското преживување мора да надвладее над аспектите за ефикасност. Од тие причини, пожелни се, на пример, одредени бафери како што се поголеми капитални барања во финансискиот сектор. Станува јасна јасната паралела помеѓу пандемијата на корона вирусот и климатските промени. И двете се карактеризираат со појавување, зависност на патеката, преломни точки и нелинеарност. И двете подразбираат катастрофални ризици кои се водени од радикалната неизвесност и повикуваат на отфрлање на традиционалната анализа на трошоци (која се потпира на познати дистрибуции на веројатноста) во полза на драстични ублажувања со цел да се намали изложеноста. Исто така, двете ја потенцираат потребата од поголема перспективна меѓународна соработка за управување со глобалните закани. Точно е дека потребата од поголема глобална соработка е вториот и поважен политички тренд кој би можел да произлезе од сегашната криза. Иако ова можеби звучи навидум недоследно со зголемените сомнежи кај глобализацијата, потребните реформи, всушност, можат да ги синтетизираат двата трендови. Спречувањето и ограничувањето на пандемијата е глобално јавно добро и бара зголемена глобална координација како и адаптивно, времено и координирано одвојување.

Мора да се потенцира дека постои потреба и можност за воведување на глобални „осигурувачи“ кои би можеле да ги изолираат систематските ризици во нивните почетоци и така да го спречат нивното ширење. Овие механизми ќе бидат најефективни ако се јасни, транспарентни, обмислени претходно и вградени во глобалниот систем на раководење кој ги легитимизира и постојано ги ажурира. На пример, државите би можеле да изготват и усвојат заеднички протоколи за времени ограничувања на патувањата и трговијата во случај на потенцијал од пандемија, поддржани со глобални и претходно договорени системи за рано предупредување и со прагови за иницирање на делување. Освен тоа, меѓународната заедница би можела да воведе функционална редундантност во комплексните системи (вклучувајќи ги финансиските системи, вредносните синџири, снабдувањето со храна и јавното здравје) со цел да се спречи централните хабови да станат тесни грла и да обезбедат дека поединечните испади не доведуваат каскадно до колабирање на системот. Иако ова би барало одредена деконцентрација на штета на ефикасноста, економиите од обем и компаративна предност, целта сепак е намалување на ризикот преку диверзификација. Човештвото мора да се организира себеси да ги ублажи сите ризици поврзани со климатски промени, пандемии, биолошки терор и можна одметната вештачка интелигенција. Иако ова ќе бара историски исчекори, големите кризи се тие кои најчесто го отвораат политичкиот простор за радикални реформи. Токму во моментот кога се забележува повлекување на мултилатерализмот базиран на правила, можеби токму стравот и загубите предизвикани од корона вирусот ќе ги поттикнат напорите да се дојде до подобар модел на глобализација.

 

Кемал Дервиш е поранешен министер за економски работи на Турција и поранешен администратор на Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP) е професор на Институтот „Брукингс“.

Себастијан Штраус е виш аналитичар и истражувач како и координатор за стратешки активности на Институтот „Брукингс“.

Copyright: Project Syndicate, 2020.
www.project-syndicate.org

Противуставноста на можноста за суспензија на урба...
Стрес тест за системите за јавно здравје
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Понеделник, 21 Септември 2020

  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.

    Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил.

    Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите.

    Повеќе

  • 1

Следете нè