fbpx

Дали Македонија навистина е „едно општество за сите“?

Иван Николовски

Политика

23.09.20

Прегледи

Текстот е продолжение на блогот „Етничкото во политиката на независна Македонија“, објавен на 17 септември, 2020 година.

 

Иван Николовски

Jona Koprencka 200x250

Практичната имплементација на владината стратегија „едно општество за сите“, која на хартија има добри намери, е засенета од неуспешната борба против корупцијата и организираниот криминал.

Македонската политика е обременета со лошо менаџирање на етничкото. Но, дали ова значи дека етничкото треба да се исклучи од јавната делиберација и политичкиот живот, застапувано од некои како неважно прашање или пак преку поекстремни ставови за забрана за етнички партии? Не. Во современите и прогресивните размисли за демократијата, јавната сфера и јавната делиберација, етничките и другите идентитети одамна не се категории за „по дома“. Впрочем, доколку идентитетите во политиката повеќе не се важни, не би имале етнички апертхејд, асимилација, расна дискриминација и неправда, патријархат, хетеросексизам итн.

Што да правиме со етничкото во политиката?

Забраната за етнички партии или нивна замена со идеолошки партии нема да ги реши отворените етнички прашања, ниту етничкото ќе изгуби на значење. Опасноста лежи и во затскриениот национализам што може да се камуфлира зад ваквите повици. Со други зборови, зад превезот на поголема интеграција, политиката може лесно да стане асимилаторска, но и националистичка. Навистина, национализмот може да поприми многу облици кои може да делуваат прилично невино. Национализмот не е само етнички, десен, мнозински односно малцински, тој може да биде и лев, па и национализам на либералниот центар, колку и тоа да звучи парадоксално.

Во реалноста не постојат општества во кои етничкото не игра никаква улога, а ниту еден политички систем, државно уредување или политичка идеологија од „менито“ не ги исклучува етничките прашања. Напротив, ги става во различни, повеќе или помалку, успешни идеолошки, дискурзивни, политички и правни рамки. Тоа, исто така, не значи дека етничкото треба да остане на идентитетскиот пиедестал.

Дотолку повеќе, (хипер)политизацијата на етничкото за сметка на неполитизацијата на прашањата од поинаква идентитетска природа, како класните разлики во услови на зголемениот социоекономски јаз, лошиот квалитет на живот и загадената животна средина, не може а да не создаде чувство на дегутантност и фрустрација. Тука сепак мора да се предупреди на разединувачкиот потенцијал на идентитетските политики кои ја игнорираат интерсекционалноста и комплексноста на општествениот и политичкиот живот. Каде е Македонија во целата оваа дискусија?

Изгубени во преводот

Консоцијалната демократија во Македонија, онака како што е замислена на хартија, е од либерален карактер. Либералниот консоцијализам остава простор за наградување на релевантните политички идентитети без разлика дали тие имаат етнички или неетнички карактер, притоа обезбедувајќи подеднаква заштита за индивидуалните и групните права. Наспроти ова, го имаме корпоративниот консоцијализам каде политичките идентитети (на пример врз основа на етничка припадност) се однапред определени, како на пример во Босна и Херцеговина (гаранција за политички права само за конститутивните народи) или пак Либан (религиозната припадност на носителите на највисоките државни функции е однапред определена).

Една од основните критики на консоцијализмот во литературата (на пр. Доналд Хоровиц, Ана Јарстад, Доналд Ротшилд, Филип Родер) е засилувањето на етничките разлики и делби, како и ризикот од нивна радикализација. Тој не е многу пријателски настроен кон оние општествено-политички сили кои ги предизвикуваат, се спротиставуваат на етничките јазови и политичките поделби по тие линии, како на пример општествените движења (на пр. Џон Нејџл). За да го разбереме овој анимозитет, потребно е да се осврнеме на старата дискусија помеѓу консоцијализмот и центрипетализмот, како негов антипод, за улогата на етничкото во политиката. Сепак, постојат и автори кои не се согласуваат дека овие две не се нужно непријатели, односно дека постојат повеќе примери за нивна коегзистенција.

Центрипетализмот застапува политички сојузништва отаде етничкото, со цел промена на карактерот на меѓуетничките односи, односно деполитизација на етничкото во претставничките органи на државата и стимулирање на гласање отаде етно-политичките линии на поделба со цел нивна акомодација. Критиките за центрипетализмот се однесуваат на неговата наивност кон етничките прашања, но и опасноста на исклучување на одредени групи кои може да се екстремизираат. Македонската демократија има и центрипеталистички елементи, пред се гласање отаде етничко-политичките линии на поделба, како и идеолошки коалиции помеѓу партиите (иако позачестени во минатото).

Сепак, и покрај тоа што „поделбата на моќта“ правно е „етнички неутрална“, политичкото коалицирање е секогаш резултат на меѓувладина коалиција помеѓу Македонците или Албанците и нивните моноетнички партии. Дополнително, наративите и повиците за обединување по етничка основа, барањата за однапред определена етничка припадност на носителите на јавни функции, релативно честото менување (и предизвикување) на уставната конвенција за составување на коалициска влада во контекст на „етнички блокови“, Македонија ја втурнуваат во корпоративен консоцијализам.

Mladite vo Albanija zarobeni vo sopstvenata tatkovinaИзвор: 24info.mk

Ова е лошо за демократијата бидејќи на тој начин повеќе се дава важност на граѓаните како претставници на етничките групи, наместо на граѓаните како поединци (со етнички и други идентитети). Ваквата поставеност ја „заробува“ политиката и демократијата во етничкото, а таквото „заробување“ е плодна почва за национализам кој може да има циклични и несогледливи последици. Етничка демократија како теоретски модел постои (на пример Израел), но за мене така опишаната „демократија“ е оксиморон. Всушност, практиката покажува дека корпоративните консоцијализми, како на пример Либан, се ретко успешни демократии.

Кон прогресивни сојузништва и демократски начела

Таквиот начин на владеење наиде на отпор и тука. Протестните движења во периодот 2014 – 2016 година, меѓудругото, одлучно се спротивставија на национализмот на политичката гарнитура и етничките поделби обликувајќи надетнички колективен идентитет на мобилизација. Овие обрасци на делување се препознаваат и кај тековните движења како ЛГБТИ движењето, еколошкото движење, но и во пристапот на тековните протести против поскапување на струјата. Впрочем, овој пристап послужи како политичка инспирација и за партиите Левица и Социјалдемократскиот сојуз.

Сепак, Левица сега тешко би можела да се карактеризира како партија која е навистина изразено мултиетничка и активно бара гласови отаде етничко-политичките линии на поделба. Од друга страна, СДСМ не успеаа да го утилизираат гласањето отаде етничко-политичките линии на поделба од 2016 година. Практичната импементација на стратегијата за „едно општество за сите“, која на хартија има добри намери инспирирани од современите либерални размисли за мултикултурализмот, е засенета од неуспешната борба против корупцијата и организираниот криминал, како и градењето на клиентелистички односи со контроверзни општествено-политички чинители, потфрлување во испорачувањето на социјалната правда, но и репродукција на проблематични облици на владеење што често ја прават предмет на потсмев.

Останатите политички партии прават мали или никакви чекори во насока на надминување на етничките јазови, а во најлоша ситуација активно заговараат корпоративизација на консоцијализмот во Македонија или пак промовираат националистички концепти.

Оттука, сметам дека многу важни се поголемата присутност на мултиетнички, надетнички и неетнички општествено-политички чинители. Кај првите, етничкиот идентитет е важен, изразен и видлив, постои мешан етнички состав, но и опасност за исклучивост кон надетничките и неетничките прашања и идентитети. Во однос на вторите, етничкиот идентитет може и не мора да е релевантен, изразен и видлив и покрај мешаниот етнички состав, односно мобилизацијата се случува околу идентитет со неетничка природа како на пример „студенти“ или „работници“ кој е примарен.

Во случајот на третите, етничкиот идентитет е ирелевантен, неизразен и невидлив односно мобилизацијата, исто така, се случува околку идентитет од неетничка природа, додека составот во етничка смисла е исто така хетероген, но сосема неважен. На овој начин меѓуетничките односи и воопшто етничкото се ставаат во една подемократска рамка во која просторот за супериорност и хиерархизација на етничкото е помал, односно остава доволно флексибилност за градење сојузништва во кои „вкоренетите“ етнички идентитети ќе се „поместат“ во насока на создавање на заеднички идентитет отаде етничкото.

И покрај тоа што ова не е непозната пракса во Македонија, ваквиот пристап треба да биде уште позастапен во наративите и делувањата на прогресивните сили во општеството. Нивното евентуално етаблирање на политичката сцена ќе придонесе кон порамноправен однос кон различните идентитети во политиката (етнички, надетнички, неетнички), но исто така и ќе остави простор за повеќе (нови) точки на врзување, соработка и мобилизација.

Секако, претпоставката за успешноста на оваа замисла е државата да е демократска, да се почитува владеењето на правото и активно да се сузбива партитократијата, корупцијата и организираниот криминал, често тесно врзани со националистичките и авторитарни политички клики, присутни и кај другите општествено-политички чинители како бизнисите, медиумите, невладините организации итн.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Иван Николовски

Иван Николовски има магистрирано на Одделот за политички науки при Централноевропскиот Универзитет во Будимпешта стекнувајќи се со специјализација во споредбената политика. Етнички поделените општества, етничкиот идентитет во политиката и општествените движења се дел од неговите академски интереси. Николовски работи како истражувач во Центарот за европски интеграции при Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ во Скопје, фокусирајќи се на процесите на европска интеграција и регионална соработка помеѓу државите и општествата од Западен Балкан.