fbpx
 

Какви сè промени предизвика 11 септември?

Џозеф С. Нај (Joseph S. Nye)

Joseph S Nye 400x500Кога ќе се случат следните терористички напади, ќе можат ли американските претседатели да ja насочат одмаздата што ќе ја бара народот во прецизно таргетирање, објаснувајќи каква замка поставуваат терористите и фокусирајќи се на создавање отпорност во начинот на кој ќе реагира САД? Тоа е прашањето што Американците треба да го постават и на кое треба да се осврнат нивните лидери.

Терористичките напади од 11 септември 2001 година беа ужасен шок. Сликите од жртвите кои, не можејќи да најдат излез, скокаат од Кулите-близначки трајно се врежани во умот, а агресивните безбедносни мерки што се воведоа по нападите веќе одамна станаа дел од секојдневието.

Меѓутоа, скептиците се сомневаат дека настанот претставуваше историска пресвртница. Тие забележуваат дека непосредната физичка штета ни одблиску не значела крај на американската моќ. Се проценува дека растот на БДП во САД се намалил за три процентни поени во 2001 година, а барањата за надомест на штета од осигурување на крајот изнесувале над 40 милијарди долари - мал дел од тогашната економија од 10 билиони долари. И бројката од речиси 3 000 луѓе што загинаа во Њујорк, Пенсилванија и Вашингтон, кога киднаперите на Ал Каеда претворија четири авиони во проектили, претставуваше мал дел вкупната бројка на смртни случаи во САД што се случиле при патување таа година.

Претпоставувам дека идните историчари, прифаќајќи ги овие факти, ќе го сметаат 11 септември како датум што е исто толку важен колку и јапонскиот напад врз Перл Харбор на 7 декември 1941 година. Во изненадувачкиот напад врз американската воено-поморска база на Хаваи загинаа околу 2 400 американски воени лица и беа уништени или оштетени 19 поморски пловни објекти, вклучувајќи осум воени бродови. Меѓутоа, во двата случаи најголемата последица се одрази врз психологијата на јавноста.

Со години, претседателот Френклин Д. Рузвелт се обидуваше да ги предупреди Американците дека Оската претставува сериозна закана, но не успеа да го надмине изолационизмот. Сето тоа се смени со Перл Харбор. На претседателските избори во 2000 година, Џорџ В. Буш се залагаше за скромна надворешна политика и предупреди од искушенијата на градењето нација во Авганистан. По шокот од 11 септември, тој објави „глобална војна против тероризмот“ и ги нападна и Авганистан и Ирак. Со оглед на предиспозициите на високите членови на неговата влада, некои велат дека судирот со тогашниот ирачки диктатор, Садам Хусеин, бил предвидлив во секој случај, но не бил предвидлив и неговиот начин или цена.

11 септември ни илустрира дека тероризмот се однесува на психологијата, а не на штетите. Тероризмот е како театар. Со својата моќна војска, Американците веруваат дека „шокот и страхопочитта“ доаѓаат од масовното бомбардирање. За терористите, пак, шокот и страхопочитта доаѓаат повеќе од драмата отколку од бројот на смртни случаи предизвикани од нивните напади. Луѓе може да се убијат и со отров, но експлозиите ја даваат визуелната слика. Постојаното емитување на снимките од падот на Кулите-близначки на телевизиите ширум светот беше државниот удар на Осама бин Ладен.

Тероризмот исто така може да се спореди со џуџитсу, во кое слабиот противник ја користи моќта на поголемиот играч против него. Додека, во нападите на 11 септември, загинаа неколку илјади Американци, „бесконечните војни“ што САД потоа ги започнаа убија многу повеќе. Впрочем, штетата што ја направи Ал Каеда е мала во споредба со штетата што Америка си ја направи на самата себе.

Според некои проценки, речиси 15 000 американски воени лица и изведувачи загинале во војните што следеа по 11 септември, а економските трошоци надминале 6 милијарди долари. Ако на ова го додадеме и бројот на странски цивили кои загинале и бегалците по војните, трошоците се уште повисоки. Опортунитетните трошоци биле исто така големи. Кога претседателот Барак Обама се обиде да се сврти кон Азија - најбрзорастечкиот дел од светската економија – наследството од глобалната војна против тероризмот ги држеше САД заглавени на Блискиот Исток.

И покрај овие трошоци, некои велат дека САД ја постигнаа својата цел: Немало друг голем терористички напад на територијата на САД со последици слични на оние од 11 септември. Бин Ладен и многу негови врвни поручници се мртви, а Садам Хусеин е отстранет (иако неговата врска со 11 септември отсекогаш беше под знак прашалник). Алтернативно, може да се каже дека Бин Ладен успеал, особено ако се земе предвид дека неговите верувања ја вклучуваат вредноста на верското мачеништво. Џихадистичкото движење е расцепкано, но се прошири во повеќе земји, а Талибанците се вратија на власт во Авганистан - иронично, непосредно пред годишнината од 11 септември, датум кој претседателот Џо Бајден првично го зацрта за повлекување на американските војници.

Прерано е да се проценат долгорочните последици од повлекувањето на САД од Авганистан. Краткорочните ефекти од хаотичниот излез се скапи, но на долг рок, може да се смета дека Бајден со право отстапил од напорите за изградба на нација во земја што е поделена со планини и племиња, а главната причина за обединување ѝ е спротивставувањето кон странците.

Заминувањето од Авганистан ќе му овозможи на Бајден да се фокусира на неговата голема стратегија за балансирање на подемот на Кина. И покрај сета штета што ја предизвика меката моќ на САД од хаотичниот начин на излегување од Авганистан, Азија има своја долгогодишна рамнотежа на моќ во која земјите како Јапонија, Индија и Виетнам не сакаат да бидат под доминација на Кина и го поддржуваат американското присуство. Кога ќе се земе предвид дека во рок од 20 години од трауматичното излегување на Америка од Виетнам, САД се добредојдени во таа земја и во регионот, целокупната стратегија на Бајден има смисла.

Во исто време, и 20 години по 11 септември, проблемот со тероризмот сè уште постои, и терористите може да се охрабрат да се обидат повторно. Ако е така, задачата за американските лидери е да развијат ефективна стратегија за борба против тероризмот. Суштината на стратегијата мора да биде да се избегне паѓање во стапицата на терористите со тоа што ќе си причиниме голема штета на самите себе. Лидерите мора да направат план како да управуваат со психолошките шокови дома и во странство.

Замислете каков би бил светот доколку Буш го избегнеше примамливиот повик за глобална војна против тероризмот и ако неговата реакција за 11 септември беше составена од внимателно избрани воени напади во комбинација со добро разузнавање и дипломатија. Или, ако отидеше во Авганистан, замислете да се повлечеше по шест месеци, дури и ако за тоа би морал да преговара со омразените Талибанци.

Осврнувајќи се кон иднината, кога ќе се случат следните терористички напади, дали претседателите ќе можат да ја насочат одмаздата што ќе ја бара народот во прецизно таргетирање, објаснувајќи каква замка поставуваат терористите и фокусирајќи се на создавање отпорност во начинот на кој ќе реагира САД? Тоа е прашањето што Американците треба да го постават и на кое треба да се осврнат нивните лидери.

 

Џозеф С. Нај-помладиот е почесен декан на Школата за принципите на власт „Џон Ф. Кенеди“ при Универзитетот Харвард и автор на книгата Do Morals Matter? Presidents and Foreign Policy from FDR to Trump („Дали се важни моралните вредности? Претседателите и надворешните политика од ФДР до Трамп“).

Авторски права: Project Syndicate, 2021.
www.project-syndicate.org

Што научивме од 30 години „демократија“?
САД, Турција или Србија: Каде ќе бара поддршка Рам...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Петок, 24 Септември 2021

  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.

    Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил.

    Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите.

    Повеќе

  • 1

Следете нè