fbpx

Кој би бил победник на парламентарни избори?

Димитар Христов

Политика

03.11.21

Прегледи

Димитар Христов

Dimitar Hristov 400x500

Во блиска иднина можеме да очекуваме големи драми во Собранието, како и зголемени убедувања и уценувања помеѓу владините партнери, како и во опозицискиот блок.

После неколку дена од завршувањето на локалните избори во Македонија, можеме да заклучиме дека ВМРО – ДПМНЕ заедно со коалицијата освоија 41 општина и Град Скопје. Левица освои значителен број на советнички места во советите на општините. Од друга страна, СДСМ освои скромни 16 општини. Кај албанскиот блок пак, бевме сведоци на остра битка помеѓу ДУИ, БЕСА и Алијанса на Албанците и Алтернатива. ДУИ повтроно освои најголем број од општините, дури 10, но сепак не го задржаа нивниот бастион, Тетово, кој за прв пат ќе биде во рацете на БЕСА која освои 2 општини.

Разнишана владина коалиција

Поради ваквиот тек на настаните се наметнува прашањето ,,Што би било доколку наместо локални, овие избори би биле парламентарни“? Одговорот на ова прашање може да го добиеме доколку општините и избирачките места ги разгледаме во границите на изборните единици при што изборните резултати ќе можеме да ги преточиме во пратенички места.

Вака поставени работите го ставаат на ,,тест“ владиното мнозинство, кое и онака не изгледаше доста стабилно. После поднесената оставка на премиерот Зоран Заев, истото уште повеќе е разнишано. Иако уште ја немаме конечната разврска околу оставката на Премиерот, неговата изјава не можеме во целост да ја занемариме, без разлика дали истата била дадена во афектна состојба или не.

Поради тоа, би било добро да се согледа каква би била состојбата во парламентот доколку овие изборни резултати ги гледаме како резултати од парламентарни избори. Оваа статистика и преработка на гласови појаснува зошто за опозициската ВМРО – ДПМНЕ ова е прилично важна победа и зошто постои голема загриженост кај раководството на СДСМ од можната политичка разврска во следните неколку месеци.

Koj bi bil pobednik na parlamentarni izbori1

Извор: libertas.mk

Распределени во 6 изборни единици вкупните резултати (доколку овие избори ги гледаме како парламентарни) би биле следните: ВМРО – ДПМНЕ би освоиле 44 пратеници, предводникот на моменталното владино мнозинство, СДСМ би паднале на дури 34 пратеници, ДУИ би добиле плус 4 пратеника, односно сега би имале 19 пратеници, коалицијата на АА и А добива значителни 11 пратеници, ЛЕВИЦА освојува 5 пратенички места. БЕСА, која на претходните избори настапи во предизборна коалиција со СДСМ, сега самостојно би имала 3 пратеници. Добиваме и 2 независни пратеника, додека коалицијата на ЛДП и ДОМ, како и ДПА, би освоиле по 1 пратеник.

Од претходно напишаното, можеме да дојдеме до заклучок дека ВМРО – ДПМНЕ би бил апсолутен победник на изборите и можен предводник на новата Влада. Во групата на победници можеме да ги вброиме и Левица, која би добила плус 3 пратеници од моменталните 2, како и коалицијата на ЛДП и ДОМ, која самостојно може да биде дел од парламентарниот состав. Во македонскиот блок, најголем губитник би биле СДСМ.

Кај албанскиот блок пак, состојбата е горе-долу иста. ДУИ би останал апсолутен лидер со 19 пратенички места, а најголем подем би можел да се согледа кај БЕСА кои што, овој пат би добиле 3 пратенички места.

Koj bi bil pobednik na parlamentarni izbori 2

Како што можеме да видиме, во ова сценарио, можноста за формирање владино мнознство би било возможно и без ДУИ. Зголемениот број на независни пратеници би претставувало огромен чекор напред кон градење на подемократско општество. Напредокот на помалите партии исто така е доста значајно за јакнење на свесноста на граѓаните дека имаат можност да гласаат и за „трета опција“. Зголемениот број на партии во овој пратенички состав би можело да значи и значителна отежнатост на градење на стабилно владино мнозинство, кое во секој случај и секоја комбинација мора да брои минимум 3 партии.

Народот е најголемата сила

Многу е важно да се напомене дека народот на овие локални избори докажа дека тој е најголемата сила во општеството и дека ништо не може да помине доколку народот е против тоа нешто. После првата народна ,,шлаканица’’ што му беше дадена на Никола Груевски, ова е втор пат, народот на избори да казни лошо владеење, кое се темели на местење тендери, партиски вработувања, неисполнување на ветувања итн., кое создава се поголем револт кај граѓаните. После овие два удари, се надеваме дека конечно луѓето во позиција на моќ ќе ја сфатат улогата на граѓаните и нивната моќ што ја имаат на празникот на демократијата: изборите.

Дали ова ќе го вклучи црвеното светло во СДСМ и тие ќе направат промени во нивната работа со цел задржување подолго време на власта, или пак ќе и даде ,,ветар во грб’’ на опозициската ВМРО – ДПМНЕ да бара предвремени парламентарни избори? Од албанскиот блок во владата велат дека владиното мнозинство е стабилно и дека премиерот Заев уште ја ужива нивната доверба, додека пак лидерот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села најавува ново владино мнозинство. На оваа тема можеме да сретнеме и изјави од професори и политички аналитичари. Според изјавата на професорот Кадриу, најдобро би било да не се распишуваат нови избори, а да се формира нова влада од постојното мнозинство. Политичкиот аналитичар Пекевски пак со свое видување на состојбата, вели дека најдобро решение се нови избори уште во март.  

На крајот, може да се каже дека во блиска иднина можеме да очекуваме големи драми во Собранието, како и зголемени убедувања и уценувања помеѓу владините партнери, како и во опозицискиот блок. Сепак, одржување на нови избори за краток период носи и нови ризици. Иако е движечка сила на промена во општеството, народот полека се заморува од избори речиси секоја година. Прашање е и колку буџетот на државата може да поднесе организација на нови избори. Во секој случај, во пресрет сме на турбулентна есен која со себе може да донесе уште поголеми промени во политиката во Македонија.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Димитар Христов

Димитар Христов е магистер по политички науки во областа на ,,Применета политика и политичкиот систем“. Ги завршил своите студии на Правниот факултет ,,Јустинијан Први“ во Скопје.