fbpx
 

Македонија е мала за големите апетити на рударскиот бизнис

Лилјана Поповска

Liljana Popovska 400x500Државата секогаш треба да тргнува од она што е јавен интерес, а тоа е обезбедување здрав и квалитетен живот за граѓаните. Сите други дејности и активности треба да бидат во функција на оваа премиса. Па така и рударството може да се развива онаму каде што не загрозува населби и биодиверзитет.

Рударството стана актуелна тема во Македонија во 2016 година кога јавноста дозна за над 80 издадени концесии за истражување и за експлоатација на минерални суровини. Станаа достапни технолошките постапки за вадење руда и нејзина преработка, со сите последици по животната средина. Toa создаде широко граѓанско движење против отворање рудници во Југоистокот, меѓу плодни полиња и туристички места. Преку протести, референдуми, собраниски дебати и анализи на концесиски договори, се дојде до одземање на две концесии (Казандол и Иловица-Штука) и до измени на Законот за минерални суровини со забрана на цијаниди и сулфурна киселина во рудници со отворен коп, на 9.1.2019 година.

Екологистите наспроти бизнисот и институциите

Рударскиот бизнис жестоко се спротистави, па го врати ударот со тоа што издејствува Министерството за економија да предложи контроверзни измени на Законот за минерални суровини, поднесени по скратена постапка на крајот на 2020 година. Анализата покажа дека „скратениот“ закон содржи над 400 измени, од кои половината се проблематични! Тоа предизвика силна граѓанска реакција, па активистите од Алијансата „Разбистри сè“ на почетокот на 2021 година излегоа со иницијатива за негово повлекување. Дали беа јаки аргументите, дали беше голема граѓанската коалиција, или пак се погоди моментот - пред „зеленото“ ребрендирање на партијата од чии редови беше надлежниот министер, но, законот беше повлечен! А екологистите влегоа во преговори со Министерството за економија, за длабински измени на целиот Закон за минерални суровини.

Законот за минерални суровини е еден од најкомплексните и најкомплицираните закони, со најголеми можни последици по животната средина. Според него работат големи „мечки“ од бизнисот и со самото тоа имаат и огромно влијание врз текстот. Интересна и поучна беше трипартитната дебата помеѓу министерството, рударскиот бизнис и екологистите, во текот на месец мај оваа година. Исходот е се уште неизвесен, се дури не се види конечната законска верзија.

Зошто е толку тешко да се усогласат трите страни? Просто, многу им се различни интересите и заложбите. Заштитниците на животната средина тргнуваат од барањето за крајно внимателно и одржливо трошење на минералните суровини, кои се во ограничени количества во природата. Рударскиот бизнис, пак, трча по засилена експлоатација, поради огромните профити. Во моментов во светот се водат жестоки дебати на научни, стручни и политички форуми, за прашањето за т.н. „одржливо рударство“, кое го наметнува рударскиот бизнис. Политиката го прифаќа терминов, сметајќи го за компромисен и реалистичен, додека зелените и од науката и од политиката жестоко опонираат: Не постои одржливо рударство, тоа е оксиморон!

И во македонскиов случај институциите се поведуваат по политичката желба за компромисно решение, па прават обид за баланс помеѓу рударството и заштитата на животната средина. Ама тоа е како да мешаш вода и масло. Како држава треба да тргнеш од она што е јавен интерес, а тоа е обезбедување здрав и квалитетен живот за граѓаните. Сите други дејности и активности треба да бидат во функција на оваа премиса. Па така и рударството може да се развива онаму каде што не загрозува населби и биодиверзитет. Тоа значи – не во дворовите на луѓето, не во нивите, не покрај водите, не во заштитени предели… Имајќи предвид колку ни е распослана земјата, мора да се прифати девизата: Македонија е мала за големите апетити на рударскиот бизнис!

Еколошки пропусти во законот

Што беше проблематично во предложените измени на Законот за минерални суровини и за што се преговара со министерството? Тоа беа редица одредби со кои им се повладуваше на концесионерите, а на сметка на природата и државата. Тоа значеше дека ќе продолжи и ќе се засили трендот на неодржливо црпење на минералните суровини, без мерка и почит кон природата. Дека уште повеќе ќе се заобиколуваат законите за животна средина, за природа, за води, за инспекциски надзор. Дополнителен проблем беше, што ни споменативе закони не беа во најдобра кондиција и целосно усогласени со последните директиви, па беа во фаза на доработка или пред усвојување во Собранието.

Makedonija e mala za golemite apetiti na rudarskiot biznisИзвор: alsat.mk

И постојната, важечка верзија на Законот за минерални суровини има сериозни еколошки пропусти кои дојдоа до израз при неговата примена. Еден од најголемите проблеми е отсуството на јавноста во постапките за издавање концесии за истражување или за експлоатација. Практично, јавноста ја има само во постапката за оценка на влијание врз животната средина, а знаеме колку доследно се спроведуваат јавните расправи по овие толку важни документи. Во некои случаи повеќе личат на таен општински или маалски кружок, отколку на јавна расправа. Колку да помине формално, без да се изнесат или да се слушнат мислења на околните жители, со што се крши Архуската конвенција. Затоа, екологистите бараат целосна транспарентност и вклучување на граѓаните во секоја фаза од доделување концесии, како клучен фактор во процесот на одлучување.

Најмасовна и најлесно достапна узурпација на природата се случува со концесии за ископ на песок и чакал. За нив не се издаваат А-интегрирани еколошки дозволи преку Министерството за животна средина, туку општински Б-дозволи или елеборати, за кои не е потребна студија за оценка на влијанието врз животната средина. Така, концесионерите лесно ги добиваат и ријат во околина на населени места, а особено по речни и езерски корита. Ова е високо доходовна и коруптивна дејност во голем број случаи. А според Законот за води би смеело да се одобри само во еколошки цели, за регулација на корита и спречување ерозија, според програма и план донесен од локален совет. Затоа е потребна длабинска измена на овој дел од законот!

Посебна еколошка главоболка се хидројаловиштата, кои се огромни резервоари со течен отпад од преработката на минерални суровини, со лужење или со флотација. Тие се најголемата закана за животната средина и тоа не за десет или триесет години колку што трае концесијата, туку до крајот на светот! Зашто тие огромни езера во утробата на планината полни со цијаниди, сулфурна киселина или други отровни супстанци, се потенцијална опасност за еколошка катастрофа, доколку дојде до истекување или попуштање на браната.

Според професорот Љупчо Петковски од Градежниот факултет, експерт за големи брани, „јаловишните брани претставуваат насипни конструкции со највисок потенцијален хазард за опкружувањето“. И понатаму, додава: „Мултидисциплинарноста на хидројаловиштата упатува на фактот дека само со рамноправно учество на експерти по хидротехника, рударство, геотехника и животна средина може да се добие коректно и усогласено решение за овие комплексни инженерски објекти.“ А токму оваа мултидисциплинарност отсуствува и во законскиот текст и во праксата!

Во светот се регистрирани повеќе од 200 големи катастрофи поради излевање на хидројаловишта, најчесто во рудници на злато, бакар и други металични суровини. Меѓу нив е и македонскиот случај во рудникот за олово и цинк „Злетово“ во Пробиштип од 1976 година, кога попуштила таложната брана висока 25 метри, а од таложното езеро се излеале 300.000 метри кубни јаловина која ја загадила долината и било прекинато водоснабдувањето на Штип за повеќе од 24 часа.

Затоа треба да се разбере оправданиот страв кај сите свесни луѓе од Струмичко кои ја знаат и разбираат технологијата што се нуди во проектот за рудник за злато и бакар „Иловица-Штука“. Вистинска ноќна мора е и самата помисла дека над главите би им висела една ваква хидројаловишна брана од 276 метри височина, полна со цијаниден раствор, во евентуален рудник горе на прекрасниот Огражден, над плодното Струмичко Поле!

А во предложениот законски текст, како ни во старата верзија на законот, темата за изградба на хидројаловишта, нивно управување, контрола и одржување по затворање на рудникот, речиси не е обработена. На барањата од Алијансата „Разбистри сè“ да се вклучат овие делови, одговорот од Министерството беше негативен, зашто таа материја ја имало во законите за градење, за животна средина, за инспекциски надзор итн. Не се прифаќа дека во специјализиран закон каков што е Законот за минерални суровини, мора да бидат вклучени сите важни елементи на едно место. А хидројаловиштето е дефинитивно еден од најважните и еколошки најжешки објекти во еден рудник!

Препораки од ревизорите

Сосемa неочекувано, во текот на јуни месец годинава, во еколошкава борба околу рудниците и Законот за минерални суровини се вклучи Државниот завод за ревизија, со Ревизијата на успешност во управувањето со минералните суровини 2016-2020 година. Ревизорскиот извештај дојде во прав момент како поткрепа на многу барања на екологистите од Алијансата „Разбистри сè“. По прецизна и квантитативна анализа констатира: Искористувањето на минералните суровини во Македонија се одвива без доволно сериозна контрола од страна на институциите, без темелен надзор од државната техничка инспекција, со крајно скромен и нецелосно наплатен концесиски надомест за државата, а убедливо во интерес на концесионерите.

Истиве проблеми беа претходно детектирани од страна на граѓанските активисти, со посебна забелешка на дискреционото право на Владата да издава и одзема концесии, независно од негативните мислења на редица институции и локалната самоуправа. Ревизорите и екологистите имаат идентичен став и за прашањето за рекултивација на деградираните простори од рударење, со инсистирање да остане законската обврска за државата да издвојува 4% од концесискиот надоместок за изготвување годишна програма за рекултивација. Имено, во последните предлог-измени на Законот за минерални суровини беше избришана оваа обврска и оставено на концесионерите сами да се грижат за ова. А јасно е, без контрола од државата, би продолжила состојбата на неодговорно напуштање на рударски области по исцрпување на некоја руда, во состојба на загадена пустина.

Ревизорскиот извештај завршува со препораки до институциите да тргнат од јавниот интерес, со стратешки пристап за обемот и начинот на геолошките истражувања и експлоатацијата на минералните суровини, со „одржливо“ искористување. За таа цел треба да ги зајакнат своите капацитети, за да можат организирано и професионално да го следат работењето на концесионерите и наплаќањето на концесиските надоместоци. Државата мора да обезбеди ефикасни контролни механизми во сите фази на една концесија: од финансиска гаранција во случај на штети по животната средина, преку јавно достапни податоци за постапката по која е склучен договорот, се до надзор над загадувањето на природата, над количеството ископани минерални суровини и над мерките за рекултивација на земјиштето.

Многу важна еколошка препорака на Ревизијата е да се задолжат постојните рудници со отворен коп, кои продолжуваат да работат со цијаниди и сулфурна киселина, да си ги усогласат еколошките дозволи со новата Директива за индустриски емисии 2010/75/ЕУ. Конечно, од Министерството за економија се бара брз и целосно транспарентен процес за носење нов Закон за минерални суровини, со вклучување на експертската јавност.

Екологистите се спремни, државата е на потег!

 

Рес публика се приклучува кон кампањата за застапување и лобирање „Разбистри сè“ на Институтот за комуникациски студии, која е поддржана од Британската амбасада во Скопје.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Борбата против лажните вести е избор „да се биде и...
За обединувањето околу нашата заедничка историја –...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Вторник, 27 Јули 2021

  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.

    Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил.

    Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите.

    Повеќе

  • 1

Следете нè