fbpx

Владиниот план против дезинформации: задоцнет или непотребен?

д -р Ненад Живановски

Медиуми

12.08.19

Прегледи

д-р Ненад Живановски

Како времето поминува и почнуваат во јавноста да се откриваат скандали и коруптивни афери, така секоја влада почнувала својата декларирана демократска ориентација да ја редуцира и во пракса да ја заменува со рестриктивен однос кон медиумите. Тоа се случува сега и со премиерот Заев - кога неговата влада е длабоко начната во моралната чесност на нејзиното владеење, осомничена од јавноста за коруптивни афери и непотизам, потребата од овој Акциски план е депласирана.

Бројни теоретичари на Критичката анализа на дискурсот (блиски до таканаречената Фукоова традиција за анализа на дискурсот) се согласуваат дека групата која е доминантна во општетсвото, својата моќ ја темели и преку контрола на јавната употреба на јазикот. Според нив, со контрола на јазикот им се овозможува на оние кои се доминантни во општеството да ги одредуваат темите за кои јавно ќе се зборува, како и со селективен пристап за она за што ќе се молчи, не само да обезбедат сопствено владеење над доминираната група, туку и индиректно да имаат и контрола на умот на доминираните, со тоа што преку наложувањето на темите за кои ќе се зборува или молчи, ќе се контролира и што мисли оној над кој се владее.

За политичкиот лингвист Пал Колсто јазикот нема самостојна моќ, туку тој се здобива со таа моќ преку неговото користење од страна на моќните луѓе. Истовремено, според него, јазикот може да се употреби и за спротивставување и поткопување на моќта. „Моќта не може да се сведе на јазик ниту може да се изведе од јазикот, но јазикот со време може да ја промени распределбата на моќта“ – смета Колсто. За социолингвистот Ван Дијк, со изучувањето на примената на јазикот од страна на доминантната група, може да се изучува и начинот на кој во општеството се спроведуваат и репродуцираат злоупотребата на општествената моќ, доминацијата и нееднаквоста, но и отпорот кој им се овозможува на оние кои се доминирани да го остварат преку текстот и говорот.

Злоупотребата на јазикот односно проблемот со дезинформациите е стар колку е старо и комуникациското општење меѓу луѓето. И ќе биде витален се додека луѓето разговараат меѓу себе. Лажните вести терминолошки се од понов датум, иако тие претставуваат само синонимна варијација на дезинформацијата. И едните и другите се со моментален, но и кумулативен потенцијал да нанесат штети во општеството. Моменталниот ефект е можно афективно, панично или апатично однесување на поединци или групи, додека кумулативниот е со одложено дејствие, и најчесто се препознава во текот на изборни циклуси или референдуми.

Меѓутоа, за да се стигне до таков заклучок треба претходно да се помине цел процес кој ќе заврши со целосно разоткривање и демаскирање на одредена вест, дека, всушност, претставувала дезинформација или лажна вест. Превентивно делување, со примена на одредени регулации, е деликатен обид, сензитивен за секоја демократија, дотолку повеќе ако тој не се врши од медиумски чинители, туку од влада, затоа што секогаш ја носи опасноста она што претставува алтернативна вистина или различен поглед да се прогласи за лажна вест или дезинформација.

Зошто сега, а не пред две години?

Дали Владата на Зоран Заев има право да предлага Aкциски план за борба против дезинформациите и против напади на демократијата? Условно кажано, да – но доколку тоа би го направила пред две години, односно веднаш по своето инаугурирање. Во таков случај би дала до знаење дека уште на почетокот од својата работа сака да го регулира односот со медиумите и да постави правила на игра. Меѓутоа, како и сите претходни влади, така и оваа Влада, во првите месеци и година од владеењето, секогаш преферирале да се претстават дека се демократски, транспарентни и дека не сакаат да се инволвираат во слободната работа на новинарите и медиумите.

Како времето поминува и почнуваат во јавноста да се откриваат скандали и коруптивни афери, така секоја влада почнувала својата декларирана демократска ориентација да ја редуцира и во пракса да ја заменува со рестриктивен однос кон медиумите. Тоа се случува сега и со премиерот Заев - кога неговата влада длабоко е начната за моралната чесност на нејзиното работење, осомничена од јавноста за коруптивни афери и непотизам, потребата од овој Акциски план е депласирана, а фокусот оправдано се усмерува кон можните скриени намери на Владата да се пресмета со неистомислениците под изговор дека прави регулација за своја заштита од дезинформации и одбрана на демократијата (што и да значи тоа). Логично прашање е зошто сега, а не пред две години?

При евентуален одговор на ова прашање, она што треба да го имаат во предвид авторите на Акцискиот план е дека секоја влада, која е чесна и исправна во своето владеење, секогаш преферира да избере да не се плетка во оваа чувствителна работа или да им ги препушти овие процеси да ги водат невладини и професионални здруженија и самите медиумски субјекти. Но, и vice versa: колку една влада го губи тлото под нозе во своето исправно и чесно работење, толку е поизразена и тенденцијата да се контролира вистината и да се креира коњуктурна реалност.

Од друга страна и дел од медиумите и цивилниот сектор во Македонија прашање е колку имаат кредибилитет да бидат партнери на Владата во реализирање на Акцискиот план, но и да се претставуваат за искрени бранители на вистината и да искажуваат констернација од овој владин предлог? И тоа се однесува на доминантната медиумска сцена, на медиумите/порталите блиски или под контрола и на десницата и на левицата.

Кога општествените чинители се компромитирани

Не е потребно детално потсетување каква беше улогата на провладините медиуми во времето на Никола Груевски и какви безочни лаги и црни пропаганди тогаш ширеа против сѐ она што претставуваше критичка опсервација на таа влада. Можноста трајно да бидат обележани како натрапници во професијата се пропушти уште при промена на власта, кога невладиниот сектор пропушти да изработи Црна книга, со репринти на најмаркатните публикувани и објавени написи кои ширеле лаги, омраза и насилство против оние кои се спротивставувале на Груевски и неговиот начин на владеење. Без никакво нивно внатрешно прочистување или лустрација, истите тие субјекти сега зборуваат за слободно, објективно и независно новинарство, што дополнително депримира затоа што покажува дека во државата сѐ уште е факторизирано опскурното медиумско подземје, кое и понатаму лиферува „новинарски текстови“ кои често претставуваат лажни вести и дезинформации.

Извор: it.mk

Меѓутоа и состојбата во делот на, условно кажано, „левичарските медиуми/портали“ кои се провладини, но сакаат да се перцепираат како критичари на власта, е, исто така, со дискутабилна издржаност во примената на професионалните стандарди. Повеќе е тоа однос кој временски лавира од целосна субмисивност кон власта, до (не)искрен критичар на некои владини политики и кадровски решенија; но, секогаш со спасоносен бекап дека сѐ уште постои доверба во премиерот Заев и дека тој единствено може да ги поправи работите. Ваквата ларпурларистичка критика на власта, со, во исто време, и апологетски однос кон Премеирот, има една каприциозна константа: несакање (или неспособност) да се признае дека генератор на проблемите во државата пирамидално е хиерарски поставен одозгора надолу, и опстојува било поради немање желба или немање капацитет на оној кој е на врвот да направи промени. Да, тука спаѓаат портали и медиуми раководени од уредник кој јавно пишуваше дека во медиумите кои тој ги раководи во првите 100 дена од владеењето на Заев е забранета (?!) секаква критика кон Владата, за сега да „открива афери“, но и понатака да „верува дека е последен час премиерот Заев да ги поправел работите“.

Од своја страна и дел од невладиниот сектор, наместо да упатува јасна, јавна и силна критика за погрешните владини политики, за цело време врши дефокусирање од реалните и приоритени проблеми за граѓаните и неисполнети ветувања на новата влада. За нив главен државен проблем е опозициската ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицковски, против кого, особено пред референдумот за промена на името, се водеше брутална хајка дека се пазарел за амнестија на членови на партијата. За, потоа, токму Зоран Заев да излезе со предлогот за помирување, кој се преточи и во закон со кој беа амнестирани повеќе експоненти на груевистичкиот режим.

Би било интересно, при наредната промена на власта, јавноста да дознае дали бројните колумни и критики за Мицковски и ВМРО-ДПМНЕ напишани од провладини-невладини активисти и новинари-уредници, често темелени и на дезинформации и лажни вести, биле платени од оваа Влада со пари од буџетот!?

Владина битка која уште пред да почне е изгубена

Во ваков општествен, политички, цивилен и медиумски реалитет, бројните фактори кои ќе треба да го спроведат Акцискиот план против дезинформациите, испаѓа дека се компромитирани во она што престатвува професионално работење и држење објективна дистанца кон власта, но дел од нив и самите продуцирале лажни вести и ја дезинформирале јавноста. Поради сето наведено, се чини дека оваа иницијатива на Владата ќе биде само еден неуспешен обид за регулирање на борбата против дезинформациите, која, можеби, ќе има своја формална еволутивност од јавна расправа, преку донесување на Планот, до негова имплементација, но без било каква фактичка ефективност. Или, можеби на крајот, сѐ ќе се сведе на барање „руска врска“ во македонскиот медиумски јазол!?

Оттука, првиот случај кога владината Акциска група ќе влезе во клинч да обвини некој новинар или медиум дека изнел лажна вест или дезинформација и за тоа ги употреби своите механизми за казна, ќе влезе во битка која, на крајот, сигурно ќа ја загуби. Дури и за очигледна лажна вест за која Акциската група ќе оцени дека таа е тоа, демократската јавност ќе застане против овој орган, иако е тој во право, само заради тоа што се меша во општествена сфера која не е во владина надлежност.

Исто така, извесниот конфликт со демократската јавност ќе има и своја психолошка димензија: за да имате легитимитет како политичко тело да обвините новинар дека изнесувал лага, шефот за кој работите ќе треба да биде безгрешен и чесен, небаре е самиот Господ Бог. Зоран Заев, после сите лапсузи, невистини и лаги кои јавно ги има изречено, кажано со неговиот речник, „да пукне“ ама тоа не може да биде. А, нема дилема дека перцепцијата на работата на Акциската група ќе се валоризира исклучиво низ призмата на (досегашното) (не)чесно работење на Зоран Заев и неговиот тим.

Оттука, како оваа Влада планира да ги реализира своите замисли останува да се види, меѓутоа никако не би смеела да оди надвор од одредбите во Кривичниот законик (чл. 137, 144, ст.4, 178, 179, 181, 319, 394-г, 417, ст. 3), Законот за спречување и заштита од дискриминација (чл. 5, ст. 4, и чл. 7 и 9), Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (чл. 48) и Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета кои веќе ја имаат регулирано сферата која сега е предмет на интерес на Акцискиот план.

Без сомнеж, најуспешна борба против дезинформации и лажни вести се води преку конфронтирање на сопствената вистина со другите вистини во еден јавен и целосно слободен простор, необременет со никакви владини интервенционистички мерки, при што на јавноста ќе ѝ се остави самата да процени што е вистина, кој неа ја зборува и кој лаже. Всушност, тоа е она што го препорачува и свиркачот Едвард Сноуден, кој предупредува дека стратегијата против лажните вести не смее да се врти околу забраната. „Проблемот со лажните вести не може да се реши со судија. Одговорот на лош говор не е цензура. Одговорот на лош говор е повеќе говор“.

Конечно, и ако опозицијата или општетствено послабиот или маргинализираниот политички субјект во некои ситуации и се послужат со лага, тие можат да бидат и толерирани, бидејќи ресурсите за политичка борба им се лимитирани. Меѓутоа, ако владата или владеачката партија се обидат борбата против наводните лажни вести перфидно да ја водат преку легализирана цензура, тоа не само што ќе се рефлектира на нивниот рејтинг, туку и правосудните органи ќе мораат да реагираат. Уставниот суд прв. Затоа што штетата која би ја нанеле новинарите кои шират лажни вести ќе е помала од противуставната работа на оваа Акциска група, која ќе се доживува и како фиктивно Министерство за вистина, кое никаде не го гледате, но ќе го чувствувате дека ви лебди над глава додека пишувате текст или јавно говорите. Цензурата не помина кај Груевски, зошто сега би било поинаку!?

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

д -р Ненад Живановски

Д-р Ненад Живановски е независен новинар од Скопје, кој живее во Лондон. Има долгогодишно новинарско искуство, соработувајќи со медиуми од Македонија, Бугарија, Хрватска, Србија, Норвешка и Германија. Дипломирал новинарство и бизнис менџмент, магистрирал европски студии и докторирал општа и компаративна лингвистика на тема Говор на омраза во политичкиот дискурс во медиумите. Автор е на книгите „Некои аспекти на косовската криза - Косово меѓу историските митови и вистински европски проблем“, објавена во Германија на англиски јазик, потоа книгата „Говор на омраза“, објавена на англиски и бугарски јазик и „Говор на омраза - теоретски преглед и истражување Бугарија во македонските медиуми“, објавена на македонски јазик. Негов фокус на академски интерес се нормативите во политичкиот новоговор, геополитиката на Балканот и големите сили и современите односи меѓу балканските народи.