fbpx

Како до поголема професионалност во спортот

Иван Анастасовски

Спорт

20.01.20

Прегледи

Проф. д-р Иван Анастасовски

Ivan Anastasovski 200x250Визија на развиениот свет е државните авторитети да го гледаат спортот како средство за подобар економски и социјален развој.

Во светските јазици зборот спорт доаѓа од терминот „диспорт“ што значи активност која произведува игра, забава, разонода, оставање на работата и грижите, добро расположение, дружење со шегата и сл. Под спорт се подразбира нормална физичка активност или вештина изведена под јавно прифатени правила и со цел да се рекреира за сопствено уживање, за усовршување, за развивање вештина или за комбинација од наведените, но и да се натпреварува. Она што го карактеризира спортот е јасната цел, комбинирана со впечатокот за индивидуална или тимска вештина или способност. Постои голема разлика помеѓу термините „спортување“ (да се спортува, да се игра или учествува во играта) споредбено со терминот „управување“ (да се управува, менаџира и одлучува во спортскиот систем). Менаџментот во спортот е релативно нова мултидисциплинарна научна област која има важна практична примена во сите области на организациската поставеност, како и во функционирањето и управувањето во спортот.

Глобализацијата денес, претставува главен креатор на промената на начинот на кој спортот се креира и конзумира. Зголемената интеграција на светските економии овозможува комуникацијата помеѓу креаторите и потрошувачите на добра да се одвива непречено со огромна брзина, а токму спортот е сектор кој ги користи предностите од сето тоа. Денес, професионалниот спорт, презентиран преку светските модерни спортски спектакли - Олимписки игри, светски купови во рагби, крикет и фудбал, Лига на шампиони, Премиер лига, Американската кошаркарска професионална лига НБА, Гранд Слем турнирите (Роланд-Гарос, Аустралиан Опен...) во тенисот, претставуваат најпрофитабилни спортски манифестации, со огромен медиумски интерес. Во контекст на наведените спортски настани би сакал да го издвојам податокот дека Светското првенство во фудбал кое беше одржано во Русија во 2018 година има остварено профит од 6,1 милијарди евра што претставува зголемување на профитот од 1,3 милијарди евра во споредба со Светското првенство во фудбал одржано во Бразил во 2014 година. Овој податок се должи на фактот што во Русија имало спонзорски договор на 2 компании повеќе од Народна Република Кина, за разлика од Бразил каде имало само 1 компанија од Народна Република Кина како спонзор. Затоа, во изградбата и развојот на спортскиот пазар, највлијателни се непосредните учесници во спортот: спортистите, спортските тренери, спортските менаџери, спортските фанови или поддржувачи, но и средствата за јавно информирање. Во целиот овој спортски систем медиумите играат значајна улога, за јакнење и промовирање на спортскиот пазар пред јавноста.

Состојбите во образовниот систем поврзан со спортот

Бидејќи образованието е важна алка при градењето професионална спортска кариера, најголем број од образовните системи во развиениот свет, покрај спортскиот менаџмент, во стручните колеџи и училишта, како и универзитетите, воведуваат дисциплини, што претставуваат синтеза на економските и спортските научни знаења и доктрини, како што се претприемаштвото во спортот, спортскиот маркетинг, финансискиот менаџмент во спортот, менаџментот на спортски настани, менаџментот на спортски објекти, односите со јавноста, медиумите и спортот, спортското право и сл. Ова води кон заклучок дека е од голема важност општествата да имаат образован кадар за потребите на спортот особено во делот на неговото менаџирање.

Kako do pogolema profesionalnost vo sportotИзвор: topsport.mk

Нашиот образовен систем, особено на државните универзитети е ориентиран кон наставните струки во делот на физичкото и здравственото образование. Но сепак, Факултетот за физичко образование, спорт и здравје заедно со Економскиот факултет како дел од Универзитетот Св. Кирил и Методиј од Скопје, од пред неколку години започна со едуцирање студенти од втор циклус на магистерски студии по спортски менаџмент. Сето ова е со цел да се подигне образовното ниво на студентите за потребите за управување во спортот и за подигање на спортот на повисоко ниво во нашата држава. 

Неколку примери на стратегии насочени кон подобрување на спортот

Визија на развиениот свет е државните авторитети да го гледаат спортот како средство за подобар економски и социјален развој. Тие во нивното делување носат политички одлуки и легислатива за поддршка, контрола или регулирање на активностите во системот - спорт и физичка активност. Владините политики одат во правец на поддршка на развојот на спортот и спортистите како и мотивација на секој граѓанин за поголема физичка активност со намера за подобрување на сопстевната психофизичка состојба. Најголем процент држави тоа го реализираат преку стратегии или национални програми. Исто така, европските влади гледаат голема можност преку организирање спортски настани да и помогнат на сопствената економија. Поддршката на организирањето спортски настан државите ја гледаат како одлична можност за вработување повеќе млади луѓе, за јакнење на волонтерската мрежа, за подобрување на услужните дејности особено во државниот сектор. Исто така, државните органи може да ги регулираат престижните спортски организации и асоцијации преку легислатива односно преку лиценцирање во делот на економијата, анти-дискриминацијата, оданочувањето или општествената одговорност.

Би сакал како пример да наведам неколку стратегии за развој на спорт, и тоа Стратегијата за спортски работи на Северна Ирска за периодот од 2009 -2019 година. Понатаму, Националната стратегија за спорт и физичка активност на Малта која предвидува 36 милиони евра што ќе бидат ставени на располагање, од кои 30 милиони за нови спортски објекти и 6 милиони евра за обука на спортистите. Нивната стратегија цели кон подобрување на здравствените, социјалните и економските компоненти кои ќе ги менаџираат преку спортската иднина на нацијата. Исто така, нашиот сосед Република Бугарија има донесено Национална програма за физичко воспитание и спорт за период од 2018-2020 година.

Една стратегија за спорт и физичка активност би требало да содржи неколку аспекти. Како прво, би требало да се искусат придобивките што ги носи учеството во спортот и физичката активност: ментална благосостојба, физичка благосостојба, индивидуален развој, економски и социјален развој на заедницата. Понатаму, обезбедување и подобрување на спортските објекти преку финансирање од програмата за спортско обложување, подигање на образовното ниво на спортските тренери, спортските менаџери, спортските новинари како и самите спортисти преку двојна кариера, негување на волонтерство (вклучувајќи судии, тренери, администратори и други помагачи), отвореност во политичката за административната структура (посебна спортска администрација како на федерациите така и на спортските клубови), управување со знаење, развој на програми за самофинансирање, програми за развој на спортистите и она што би било многу значајно, ставање акцент на спортот и физичката активност на лицата со попреченост.

Професионалност во спортот

Резултатот и остварувањето претставува единствена мерка за успех на еден професионалец или на една професија.

Професионалноста, како на работа, така и на било кое друго место, се дефинира преку самото однесување на индивидуата, а тоа е особено истакнато во спортот и тоа во професионалниот. Професионалноста не се однесува само на позициите кои ги дефинираме како професии што бараат високо образование и голема заработувачка, туку се однесува на сите професии и квалификации.

Професионалноста не е нешто што ќе ви се каже кога ќе започнете со работа, туку е нешто што доаѓа само по себе со текот на работата. Професионалноста претставува еден вид домашно воспитување. Професионалноста е она што треба да го поседува секој од нас и да го применува при извршувањето на работните задачи, што на одреден начин дава гаранција за личен успех на секој поединец. Во литературата постојат неколку особини кога станува збора за професионалноста при извршувањето на работните задачи:

1. Сигурност, преку која луѓето кои се во спортот ќе се чувствуваат сигурни со вас

2. Компетентност, која ќе покаже дека вие сте личноста за одредена работа во спортот

3.Чесност, претставува една од најважните особини кај секоја личност за професионално однесување во спортот

4. Навременост, која карактеризира личност насочена кон навремено исполнување на задачите во спортот

5. Почит, пред се кон себе, а особено кон другите во спортот

6. Позитивност, мора да настојувате да ширите позитивност и оптимизам во спортот,

7. Фокус, секогаш бидете фокусирани на тоа што го работите во спортот.

Прашањата поврзани со спортскиот менаџмент не се базирани само на теоретски основи туку тие претставуваат практични искуства поврзани со спортот или неговата професионалност. Најголемите и најуспешните спортски клубови денес со своите достигнувања и резултати, како и својата профитабилна дејност, претставуваат глобални спортски компании. Од една страна, факт е дека постои недостиг од квалитетни истражувачки капацитети во делот за спортското менаџирање, претприемништво и маркетинг во спортот, но затоа, пак, од друга страна, претпоставка е дека знаењата кои може да се добијат преку истражување за спортскиот менаџмент со сигурност би придонеле за подобра адаптација и професионализација на спортските организации, спортските федерации и спортските клубови како и подигање на нивото на квалитетот на спортот во секој негов сегмент.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Иван Анастасовски

Проф. д-р Иван Анастасовски e продекан за наука и меѓународна соработка на Факултет за физичко образование, спорт и здравје.