fbpx

Следната криза во Босна

Карл Билт (Carl Bildt)

Политика

21.01.22

Прегледи

Карл Билт (Carl Bildt)

Carl Bildt 400x500

Националистичките ривалства и неконтролираната корупција и натаму го кочат напредокот на Босна и Херцеговина. Додека во земјата се одвива нова длабока политичка криза, меѓународната заедница мора да ја преиспита и да ја разјасни својата улога, создавајќи услови за босанските лидери конечно да седнат заедно и да се договорат околу компромисите потребни за земјата да функционира.

 

Руската закана за Украина не е единствената потенцијална криза во Источна Европа за оваа година. Босна и Херцеговина се движи кон период на длабоки политички превирања, а клучни избори се закажани за октомври.

Во Босна никогаш немало период без компликации. Кон крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век, земјата се соочувала со криза по криза, што на крајот придонело за почетокот на Првата светска војна. Потоа, со распадот на Југославија кон крајот на дваесеттиот век, во земјата се одвиваше брутална војна меѓу босанските муслимани (Бошњаци), Србите и Хрватите.

Дејтонскиот договор стави крај на конфликтот во 1995 година, откако беа убиени повеќе од 100.000 луѓе - вклучително и во геноцидниот масакр во Сребреница во јули истата таа година, а милиони луѓе беа протерани од своите домови. Следниот чекор беше да се изгради функционална држава од урнатините. Меѓутоа, армиите на трите претходно завојувани страни беа единствените функционални структури што останаа, а многу локални водачи сметаа дека мирот на некој начин е продолжување на војната, само со поинакви средства. За кратко време згаснаа надежите дека од пепелта ќе се издигне нова генерација на ненационалистички лидери.

Иако меѓународната помош ја трансформираше земјата, прикривајќи го поголемиот дел од трагите од војната, политиката на земјата остана суштински нефункционална, поради континуираната политичка доминација на националистичките партии. Како резултат на тоа, изгледите за приклучување на Босна во Европската Унија изгледаат сè подалечни.

Во својата годишна проценка за Босна за 2021 година, Европската комисија наведува дека „политичките лидери продолжуваат да се впуштаат во реторика на поделби и неконструктивни политички спорови“. Практично нема напредок во исполнувањето на 14-те одредници за почеток на пристапните преговори со ЕУ, а „за време на пандемијата, негативните последици од широко распространетата корупција и знаците на политички заробена држава продолжија да се манифестираат нагласено“. Ниту носителите на судските функции ниту политичките лидери успеаја да се справат со овие проблеми.

Покрај тоа, поради „генерализираната појава на корупција“ и „неефикасниот и преголем“ јавен сектор, БДП по глава на жител на Босна и понатаму е само една третина од просекот на ЕУ. Се проценува дека околу половина милион луѓе ја напуштиле земјата во последните неколку години, со што се одлеале и млади таленти кои се многу важни за земјата.

На Босна треба да ѝ оди многу подобро одошто ѝ оди, 26 години по завршувањето на војната.

Наместо тоа, се наѕира уште една длабока криза. Лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, игра на националистичката карта и се залага Република Српска (еден од двата претежно автономни региони во земјата) да се стекне со уште поголема независност во однос на централната влада. Реториката се засилува од сите страни, што доведе до повици од Кристијан Шмит, високиот претставник на ЕУ за Босна и Херцеговина, за уште една меѓународна интервенција.

Меѓутоа, тоа не е лекот за она што ја мачи Босна. Еден фактор во актуелната политичка криза е контроверзниот нов закон со кој се забранува негирање на геноцидот, наметнат минатото лето од страна на меѓународниот висок претставник во заминување, само неколку дена пред да ја напушти функцијата. Босанските Срби веднаш одговорија со повлекување од заедничките државни функции, а Додик оттогаш објави остри ултиматуми.

Додик повремено повикува Република Српска целосно да се отцепи од Босна. Таа реторика му обезбедува место на насловните страници, но не треба да се сфаќа сериозно. На крајот на краиштата, и Србија и Русија јасно повикаа да се почитува територијалниот интегритет на Босна.

Меѓутоа, кризата ги продлабочи националистичките поделби во Босна и поради неа јасно стана видлива конфузијата околу претпоставената улога на меѓународната заедница во земјата. Дали Босна треба да биде протекторат, каде меѓународната заедница може да смислува, наметнува и спроведува одлуки по своја волја? Или е навистина суверена земја која треба сама да си ги решава проблемите?

Во извесна смисла, функцијата на високиот претставник на меѓународната заедница – јас бев првиот што беше на таа позиција по војната – наместо да биде дел од решението, стана дел од проблемот. Бошњачката страна постојано упатува барања до високиот претставник за преземање меѓународни дејствија против неволните босански Срби или босански Хрвати, додека за босанските Срби и босанските Хрвати функцијата влева страв дека такво дејствие навистина ќе биде преземено. Резултатот е парализа и недоверба, бидејќи ниту една страна не чувствува потреба да седне и заеднички да ги договори тешките компромиси потребни за да функционира земјата.

Главен фактор во актуелната криза се парламентарните избори во Босна кон крајот на оваа година. На локалните избори во 2020 година, опозициските партии постигнаа впечатлив напредок во конкуренцијата против доминантните националистички сили во Сараево и во центарот на босанските Срби, Бања Лука. Поради страв од дополнителни загуби, националистичките лидери од сите страни се желни да создадат нова криза за да ги исплашат и мобилизираат своите бази.

Од клучна важност е парламентарните избори да се одржат според планираното. Меѓутоа, потоа, меѓународната заедница треба да го преиспита својот пристап кон Босна. Ако не е подготвена да преземе целосни овластувања за протекторат, треба да се повлече и да ги остави лидерите на земјата неволно сами да ги средат работите. Тој процес ќе биде бавен и тежок; но тоа мора да се случи порано или подоцна ако Босна сака да има какви било шанси да функционира како суверена земја.

Доколку се повлече, меѓународната заедница треба да воспостави два цврсти услови: територијалниот интегритет на Босна мора да се одржува; а малата воена мисија на ЕУ во земјата треба да остане, бидејќи има капацитет да повика брзо засилување од НАТО доколку биде потребно.

Оваа година несомнено ќе биде политички бурна за Босна. Националистите од редовите на босанските Срби ќе сакаат да им биде пренесена поголема моќ, а Додик – и покрај новите санкции од САД против него – би можел да се впушти во хазардерска политика, односно и онака напнатата ситуација би можел да ја турка до границите на безбедност, за да добие поголема поддршка. Во исто време, бошњачките националисти ќе бараат да се централизира поголема моќ во Сараево и ќе бараат помош од меѓународната заедница да го наметнат тоа. Националистите од редовите на босанските Хрвати, од своја страна, ќе останат длабоко незадоволни (не неразумно) со изборниот закон кој практично им ускратува застапеност во највисокото одлучувачко тело во земјата.

Оваа политичка криза секако не е прва во Босна, а нема да биде ни последна. Повиците за уште една масовна меѓународна интервенција не се неочекувани, но не се ни доволно промислени. Босна повеќе не треба да се третира како протекторат. ЕУ и САД и натаму се подготвени и имаат волја да помогнат, но во крајна линија, Босанците мора да ја преземат одговорноста за Босна.

Карл Билт е поранешен министер за надворешни работи на Шведска од 2006 до 2014 година и премиер од 1991 до 1994 година, за време на кој мандат преговараше за пристапувањето на Шведска во ЕУ. Како угледен меѓународен дипломат, тој беше специјален пратеник на ЕУ во поранешна Југославија, висок претставник за Босна и Херцеговина, специјален пратеник на ОН на Балканот и копретседавач на Дејтонската мировна конференција. Тој е копретседавач на Европскиот совет за надворешни односи.

 

Авторски права: Project Syndicate, 2022.
www.project-syndicate.org

Карл Билт (Carl Bildt)

Карл Билт е поранешен министер за надворешни работи на Шведска од 2006 до 2014 година и премиер од 1991 до 1994 година, за време на кој мандат преговараше за пристапувањето на Шведска во ЕУ. Како угледен меѓународен дипломат, тој беше специјален пратеник на ЕУ во поранешна Југославија, висок претставник за Босна и Херцеговина, специјален пратеник на ОН на Балканот и копретседавач на Дејтонската мировна конференција. Тој е копретседавач на Европскиот совет за надворешни односи.