fbpx

„Томосот за автокефалност“ на Вартоломеј: Сценарио за уништување на МПЦ

Свето Тоевски

Политика

29.12.21

Прегледи

Свето Тоевски

Sveto Toevski 400x500

Бесмислено е и контрапродуктивно да се бара кој било да дава автокефалност, која МПЦ ја има само по себе со наследувањето и продолжувањето на реално незгаснатата Охридска архиепископија.

 

Во сите векови на нејзиното постоење во минатото поданиците ја сметале и чувствувале Охридската Архиепископија како Македонска. Таа го ширела македонското име. Охридската архиепископија имала голема улога во зачувувањето на македонскиот јазик и на македонскиот етнички идентитет, бидејќи била духовен столб во опстојувањето на македонскиот народ. Манастирите и црквите биле образовни центри, каде се негувала македонската писменост и култура.

Но, цариградскиот патријарх Самоил (Гркот Скарлатос Хацтерис – заб. на С.Т.) ја убедил турската власт дека македонските архиереи се непријатели на турската империја. Во 1767 година Самоил издејствувал иреде на султанот, со кое била укината Охридската архиепископија. Со тоа Цариградската патријаршија и Грците успеале да го запрат процесот на националното самоосознавање на Македонците, нивната еманципација како народ јазично, културно и етнички засебен и различен во однос на сите други народи на Балканот и воопшто во Европа.

„На многумина им пречи името на МПЦ, што е македонска“

Сепак, по 200 години, и покрај сите спротивставувања од Српската православна црква и другите црковни и државни чинители на Балканот, на 17 јули 1967 година е прогласена автокефалноста на Македонската православна црква како историски легитимна наследничка на Охридската автокефална архиепископија. Била возобновена некогашната автокефалност, некаконски укината од еден турски султан, кој не можел по ниедна основа да има такво право врз една црква на друг народ. Меѓутоа, наспроти интензивниот црковно – народен живот и целосното функционирање на МПЦ во изминативе 54 години, нејзината автокефалност не се признава во православниот свет, доминантно поради тотално негаторските позиции на помесните цркви на Балканот.

Доц. д-р Стојко Стојков во своја статија во македонскиот весник „Народна волја“ во 2018 година објаснува зошто се отфрла автокефалноста на МПЦ: „Според балканската црковна логика, постоење самостојна црква значи постоење самостојна нација. Во Софија, Белград или Атина, немаат сила да се помират со самостојна македонска национална држава. Никако да ја прифатат реалноста на македонската нација, јазик, култура. Затоа е стремежот МПЦ по секоја цена да биде потчинета, да ѝ се смени името. На многумина им пречи што е таа македонска.“

„Фанарскиот факел“ со својот „евангелски оган“ насилно го погрчувал Македонецот

Ова е историскиот контекст, во чиј хронолошки тек се наредува и посетата на Цариградската патријаршија на 16 декември 2021 година во Истанбул, во Турција: придружуван од монасите и монахињите од манастирите Бигорски, Рајчица, Пречиста и Кежино, епископот Антаниски и игумен на Бигорскиот манастир Партениј беше кај патријархот Вартоломеј. Во соопштението на интернет – страницата на МПЦ е напишано: „Фанар, Вселенската Патријаршија. Незгасливиот факел на Божјата благодат со евангелскиот оган просветил многу народи и нашиот. Сесветиот Патријарх искажа татковска грижа за нас и Црквата наша.“

„Вартоломеј искажал татковска грижа за Црквата наша.“, но за која „наша црква“? Зошто не се наведува „за Македонската православна црква“? Се вели дека „Фанар просветил многу народи и нашиот“, но за кој „наш народ“? Зошто не се наведува „македонскиот народ“?

Зоран Заев има доставено две писма до Вартоломеј. Во првото од 31 мај 2018 година, доставено во име на Владата на Македонија до „неговата Божествена Сесветост Архиепископот Константинополски и Вселенски Патријарх Вартоломеј“ Заев му го препраќа „писмото на нашите архиереи, преку кое се бара да го реши долгогодишното црковно прашање на нашата земја“. Ова писмо е и „молба од православната паства“. Целосно се обезименуваат црквата, на која и припаѓаат „нашите архиереи“, и народот, од кој е таа „православна паства“.

Во второто писмо од 22 септември 2020 година се наведува дека „православниот народ во нашата земја заслужува црковна независност и да ја види Македонската православна црква – Охридска архиепископија како автокефална со писмена одлука на цариградскиот патријарх Вартоломеј“. И тука нема ни трага ниту глас од Македонците, кои се за него „православниот народ“, ниту од Македонија, која е за Заев „нашата земја“.

„На Гркот Архондонис му е забрането да користи титула ‘вселенски патријарх’“

Кој е Вартоломеј и што претставува таа „Вселенска патријаршија“? Во една статија за Вартоломеј, Дојче Веле од Германија пишува дека тоа е Гркот Димитриос Архондонис, „избран во 1991 година како вселенски патријарх“. Уште во насловот на таа статија „Вартоломеј – спорниот поглавар на православните христијани“ Дојче Веле укажува дека е тој „почесен поглавар на 300 милиони православци“, на кој Врховниот суд на Турција му забранил да ја користи својата титула „екуменски“ или „вселенски“, цитирајќи став на судот: „Универзалната титула на Вартоломеј не е соодветна.“

Клер Прајс (Claire Price), истражувач на религиозните прашања и на Патријаршијата во Истанбул, во 1923 година во насловот на својот научен труд „Грчката вселенска патријаршија во Турција“ јасно укажува чија е таа патријаршија. Прајс во овој труд дополнува: „Оваа Патријаршија нема врвен статус како Папството, или како Калифатот“. Д-р Ендрју Волш (Andrew Walsh), професор по религија на универзитетскиот „Тринити Колеџ“ во Даблин, Ирска, во една статија пишува: „Цариградскиот екуменски патријарх Вартоломеј Први е виш грчки православен бискуп и ‘прв меѓу еднаквите’ меѓу бискупите, кои ги водат 15-те автономни православни цркви во светот“.

„Tomosot za avtokefalnost“ na Vartolomej: Scenario za unistuvanje na MPCИзвор: prizma.mk

Сепак, Гркот Димитриос Архондонис им се претставува на Македонците како „Божествена Сесветост“ и како „вселенски патријарх“, кој со својот томос ќе му донесе на „православниот народ“ од „нашата земја“ конечно „признавање на нашата црква како автокефална“. Може ли да им се верува на Вартоломеј / Архондонис и неговата грчко - патријаршиска дружина дека навистина ќе ја прогласат МПЦ како автокефална црква?

На одговорот на ова прашање мора да му претходи повторно фрлање поглед во минатото. Спротивно на соопштението на Партениј дека патријаршијата во Истанбул е „незгаслив факел на Божјата благодат, кој со евангелскиот оган просветил многу народи и нашиот“, историјата покажува дека таа патријаршија има „директни заслуги“ за гаснењето на „македонскиот факел“ на Охридската архиепископија.

Во Горно Броди и Сер нема повеќе „Господи помилуј!“ и „Миром Господи, помолим сја!“

Посебна приказна е колку и како „Вселенската“, Цариградска патријаршија со својот „евангелски оган го просветувала“ македонскиот народ, како што тврди Партениј од Бигорскиот манастир. Грчките свештеници и владици и целосно погрчената Цариградска Патријаршија со најразлични методи ја ширеле насилно грчката фанариотска пропаганда, односно, грчкото национално чувство, култура, јазик, идеја и влијание меѓу населението во Македонија, посебно во Егејска Македонија.

Во еден свој научен труд д-р Оливер Цацков од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип пишува: „По укинувањето на Охридската архиепископија наместо дотогашната служба на црковнословенски јазик во црквите се воведувала служба на грчки јазик. Грчките владици - фанариоти од Цариградската патријаршија свесно оделе кон уништување на словенската писменост и култура, негувани од Охридската архиепископија пред нејзиното укинување.“

Поради интензивното „ширење на евангелскиот оган на просветување“ на патријаршиско – грчката пропаганда пред крајот на 19 век во селото Горно Броди, во Егејска Македонија, „сардисано“ од грчки свештеници и учители заради погрчување на македонското население, во двете цркви повеќе не можела да се слушне молитвата „Господиј помилуј“. На иконите на Св. Кирил и Методиј им биле ископани очите. Во единствениот словенски параклис во Сер, Егејска Македонија, Македонците повеќе не можеле да се помолат со зборовите „Миром Господи, помолим сја“ и „Господиј, помилуј“. Така „блескал зракот на грчко – Божјата благодат“ врз македонското население низ Македонија.

И сега да очекуваат Македонците од Цариградската Патријаршија со вакви традиции да се грижи за нивната МПЦ? Дека Вартоломеј нема да биде „достоен“ наследник на фанариотските антимакедонски владици од минатото? Во својот лански научен труд со наслов „Папизмот на Фанар и автокефалноста на македонската православна црква – Охридска архиепископија“ д-р Славко Сасајковски, професор во Институтот за социолошки и политичко правни истражувања од Скопје, предупредува дека во евентуалниот „македонски томос“ името на црквата нема да биде МПЦ-ОА.

Според него, таа црква воопшто нема да биде македонска, туку би била Православна црква во...(следи формалното уставно име на државата – „северна Македонија“). Сасајковски смета дека е поверојатно оти воопшто нема да биде содржано името Македонија, или некој негов дериват/придавка. Тој нагласува: „Содржината на ‘македонскиот томос’ сигурно ќе биде строго во согласност со договорите со Бугарија и со Грција, така како што нив ги читаат на Фанар во заедница со Атина и Софија. Последица е губење на националното македонство и прекинување на историскиот и канонскиот континуум со Охридската архиепископија.“

„Мора да се фрли светлина врз Партениј - Бигорски ќе биде под Фанар“

Ако се даде томос, што може да се случи со постојните храмови на МПЦ и на кој јазик ќе бидат изведувани богослужбите? Професорот Сасајковски е категоричен дека со договорот меѓу Цариградската патријаршија и државата ќе биде формирана нова црква, која нема да има своја историја, која ќе постои по тој договор, односно од моментот на донесувањето на томосот.

Според Сасајковски, поглавар на таа новоформирана црква, на местото на МПЦ, која фактички ќе ја снема, ќе биде владиката од Фанар. Овој истражувач на македонското црковно прашање вели дека автокефалност нема да добие МПЦ-ОА таква каква што денес ја знаеме, со своја историја како возобновена Охридска архиепископија. Оти, новата црква нема да биде со чест и достоинство на архиепископија, туку ќе биде митрополија, именувана како Скопска митрополија.

Нагласувајќи дека владиката од Фанар со томосот ќе си земе за себе еден, или повеќе храмови и ќе ги прогласи за свои ставропигијални храмови со вклучување негови / грчки свештеници и со комбинирани служби на грчки и на македонски јазик, професорот Сасајковски додава: „Сигурно е дека повеќето од тие храмови ќе бидат храмови, кои се во Охрид. Еден од нив ќе биде сегашниот катедрален храм ‘Св. Софија’ и некој од манастирите, веројатно ‘Св. Наум Охридски’ и Бигорскиот манастир.“

Дали одделни владици на МПЦ можат да му „сослужат“ на Вартоломеј во неговата намера да и „даде автокефалност“ на МПЦ? Според Сасајковски, проблем е што во епископатот на Цариградската патријаршија во овој момент нема епископ Македонец, барем според неговото географско/територијално потекло. Тој истакнува дека тоа не значи оти во меѓувреме не може да се избере таква погодна личност, погодна во смисла на неговата македонска „националноидентитетска еластичност“, кој би бил потоа наметнуван за нов поглавар. Сасајковски дополнува: „Во оваа смисла мора да се фрли светлина врз архимандритот Партениј. Сигурно ќе биде направен силен обид и за пензионирање некои митрополити на МПЦ-ОА, пред се на Агатангел и Петар.“

Останува да се види дали, евентуално, некои доволно „националноидентитетски еластични“ владици на МПЦ, „сослужејќи“ му на Вартоломеј, со „световна асистенција“ и на Заев и на Владата на „Северна“ ќе придонесат кон возобновување на фанариотското сценарио од пред 254 години на патријархот Самоил кога овој ја уништуваше Охридската архиепископија. Овојпат за уништување на МПЦ.

Потребно е одржување нов Црковно – народно собир на рамниште на целата МПЦ, на кој ќе се отфрли испратеното барање за „томос за автокефалност“ на Вартоломеј. Владиците и Синодот на МПЦ, заедно со Архиепископот, би требало да бидат повикани на одговорност, поради сите постапки на штета на својот македонски народ и на неговата црква. Не треба да се очекува дека Синодот би свикал таков собир, но можат тоа да го иницираат и самите православни верници – Македонци од епархиите на МПЦ на свои поодделни црковно – народни собири на рамниште на епархиите.

Бесмислено е и контрапродуктивно да се бара нечија „милост“, некој да и биде „мајка“ или „татко“ на МПЦ, кој било да дава автокефалност, која МПЦ ја има само по себе со наследувањето и продолжувањето на реално незгаснатата Охридска архиепископија.

Како што МПЦ функционирала во изминатите 54 години, така може и мора да продолжи и во следните децении, крепејќи се врз традициите на Охридската архиепископија од минатите векови. Новиот геополитички контекст во светот може да донесе нови околности во прилог на МПЦ и на македонскиот народ.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Свето Тоевски

Свето Тоевски е долгогодишен новинар и независен социоекономски и политички аналитичар, магистер по политички науки и самостоен истражувач во политичките науки и лингвистиката и македонистиката.