fbpx
 

Зошто е толку тешко за Србија да го признае Косово?

Катарина Тадиќ

Katarina Tadic 400x500Српските граѓани редовно се прашувани дали се подготвени да прифатат признавање на Косово во замена за членство во ЕУ. Притоа, не е изненадување тоа дека огромното мнозинство вели „не“, бидејќи Косово е емотивно прашање, додека ЕУ никогаш не успеа да ги освои симпатиите на луѓето.

Со новата влада во Приштина и промената на американската администрација, дијалогот меѓу Белград и Приштина влегува во нова фаза. Многу спорни прашања се ставени на маса: исчезнати лица, асоцијацијата на општини во кои мнозинство се Срби, заштита на областите околу православните цркви и манастири, итн.

Во меѓувреме, косовскиот премиер постојано повторува дека сеопфатниот договор може да доведе само до признавање, додека Србија упорно повторува дека признавањето не доаѓа предвид. Преговорите се во застој, и тешко е да се предвиди кои се отстапките (доколку ги има) што секоја страна е подготвена да ги направи. И покрај вклучувањето и неодамнешното усогласување на претставниците на ЕУ и САД, малкумина се оптимисти во врска со можноста за скоро постигнување договор.

Неодамна присуствував на работилница каде бев прашана зошто е толку тешко за Србија да го признае Косово? Впечатокот е дека многу активисти и интелектуалци од регионот веруваат дека авторитарниот карактер на режимот на Александар Вучиќ му дава нему лично апсолутна моќ и неограничена слобода да се согласи на секаков вид предлог во врска со Косово, и тоа без домашно противење.

Меѓутоа, без разлика дали некој сака да признае или не, вистината е дека признавањето на Косово денес би било политичко самоубиство за секој политичар во Србија, вклучувајќи го и популарниот претседател Вучиќ. Косово е, прво и основно, симболично и емотивно прашање во Србија, а не правно или политичко, па затоа и треба да се третира како такво.

Во моментов во српското општество има три карактеристики кои меѓусебно се зајакнуваат и истовремено силно се спротиставуваат на секоја идеја за независно Косово. Јас само накратко ќе ги елаборирам секоја од нив, целосно свесна дека премногу ги поедноставувам сложените општествени, историски и политички појави.

Митови за основање на нацијата

Прво, секој народ има свои митови во врска со своето основање, кои се перципирани како пресвртни точки во колективната судбина на нацијата, а најважниот дел од српскиот национален идентитет е поврзан со митот за Косово. Битката на Косово е основата на модерниот српски национализам и тој раскажува приказна за борбата, пропаста и реинкарнацијата на нацијата.

Косово се смета за лулка на српската нација и култура, со бројните средновековни православни цркви и манастири што имаат „огромно историско и културно значење за Србите“.

Фразата „Косово е срцето на Србија“ можеби беше користена од Слободан Милошевиќ, но беше ефективна само затоа што добро одекна кај Србите и претставуваше алатка за мобилизирање базирана на главниот мит кој е присутен во колективната меморија.

Понижена нација

Србија (и Србите) беа губитничка и страната која беше осудена во сите војни во поранешна Југославија. Милошевиќ не загуби во 2000-та година поради ненадејните пацифистички чувства на српскиот народ, туку загуби затоа што Србија беше поразувана и понижувана повеќе од една деценија, што кулминираше со бомбардирањето на НАТО во 1999 година.

Zosto e tolku tesko za Srbija da go priznae KosovoИзвор: pixabay.com

Слично на тоа, во наредните дваесет години кои следеа, српското општество никогаш искрено не се занимаваше со криминалниот карактер на режимот на Милошевиќ и злосторствата извршени во наше име. На пример, масовната гробница во Батајница во која има 744 тела на косовски Албанци никогаш не била предмет на јавен дискурс, со што злосторствата против косовските Албанци се ставаат на маргините на (граѓанското) општество.

Како резултат на тоа, доминантното чувство дека сме предмет на неправедно и издвојувано постапување од страна на меѓународната заедница, кое има свои корени од деведесеттите години, сè повеќе расте кај српското население, а ова чувство е дополнително поттикнато од барањата на меѓународната заедница за признавање на Косово.

Оние „други“ Албанци

Третата карактеристика на српското општество е поврзана со карактерот на српскиот национализам и односот кон Албанците. Во процесот на градење на секоја модерна нација, „другите“ беа создадени како нешто задолжително за создавање на националниот идентитет и за стекнување национални интереси. И додека односот помеѓу српскиот и хрватскиот национализам беше клучен за создавањето, одржувањето и конечно распадот на Југославија, националистичката мобилизација која започна во осумдесеттите години наваму особено ја зголеми анимозноста кон косовските Албанци.

Со јазик кој е различен во споредба со другите југословенски народи, косовските Албанци претставуваат особено значаен и непожелен „оној друг“ на косовската земја. Покрај тоа, во текот на деведесеттите години, кога ескалираше конфликтот меѓу Србите и Албанците на Косово, „оној друг“ Албанец беше дополнително дехуманизиран и беше создаден концептот за „криминален Шиптар“ кој ги оправдуваше злосторствата на Србија врз косовските Албанци.

Има ли начин како понатаму?

Во последнава деценија, од почетокот на дијалогот во Брисел, српските граѓани редовно се прашувани дали се подготвени да прифатат признавање на Косово во замена за членство во ЕУ. Не е изненадување тоа дека огромното мнозинство вели „не“, бидејќи Косово е емотивно прашање, додека ЕУ никогаш не успеа да ги освои симпатиите на луѓето. Исто така, за едно веќе понижено општество е тешко да се прифати да се признае Косово и да биде единствената поранешна југословенска република која загуби еден дел од својата територија.

Да бидам јасна, јас не тврдам дека овие карактеристики на српското општество и српскиот национализам се разумни (на крајот на краиштата, може ли национализмот да биде разумен?), или дека треба да се користат како изговор за статус кво ситуацијата или за запаливата реторика што често ја слушаме од српските политичари и медиуми. Постигнувањето договор и помирувањето се во најдобар интерес и за Косово и за Србија.

Сепак, јас тврдам дека горенаведената природа на српското општество мора да се земе предвид при секое разгледување на дури и хипотетички решенија за овој конфликт или спор, како сакате наречете го. Граѓанското општество исто така може да игра улога во справувањето со некои негови аспекти, и тоа на долг рок. На краток рок, пак, мали се шансите да се сменат ставовите на Србите, а една неодамнешна анкета покажува дека дури и ако православната црква го прифати признавањето на Косово, тоа нема да има влијание врз ставот на повеќето од испитаниците.

Придонесот на граѓанското општество

Постојат работи што граѓанското општество треба поактивно да почне да ги прави за да се сменат ставовите во општеството и да се овозможи промена во однос на ставовите за статусот на Косово. Како што беше претходно кажано, Косово останува митско место во главите на српскиот народ. Јас за прв пат бев во Косово во рамките на програмата за посета организирана од Младинската иницијатива за човекови права. Со текот на годините поминав повеќе време во Косово, при што секоја посета водеше кон подобро разбирање на „другата“ страна, но и до поголемо разбирање колку чудно им звучи на повеќето во Србија да кажете дека сте биле на Косово.

Затоа, програми за посети и за културна размена би биле важни од најмалку две причини. Програмите за посети би биле од корист за процесот на хуманизација на косовските Албанци и надминување на перцепцијата на Косово да се гледа само како парче земја, а на Албанците како непожелни други. Да се ​​биде физички присутен во Приштина, на Газиместан или во Митровица заедно со Албанците го отстранува митскиот елемент за сите тие места и се дава нов контекст за разбирање на сегашните околности.

Културната размена би била важна за меѓусебно запознавање и за искрен разговор во врска со минатото. Изложеноста на албанскиот јазик и култура ќе го намали етничкото растојание и Србите ќе се запознаат барем со тоа. Исто така, за да се справите со минатото, треба да знаете што се случило, и тоа на начин кој би ја ангажирал јавноста (која, за жал, е недоволно информирана). „Мирдита, добар дан“ е единствениот фестивал во Србија што се организира еднаш годишно и кој во неколку дена ја промовира културата на косовските Албанци во Белград. Тој е минимален и се организира само во главниот град.

Наместо заклучок

Општото верување и перцепција е дека западните земји го поддржуваат српскиот претседател Вучиќ затоа што тој може да испорача во врска со Косово. Решавањето на статусот на Косово симболично ќе биде огромен успех за, инаку, ограниченото надворешнополитичко влијание на ЕУ, но и за американската администрација. Меѓутоа, од сите причини наведени погоре, и покрај меѓународниот притисок, нереално е да се очекува дека Србија ќе го потпише признавањето на Косово под овие околности. Илузија е исто така и да се тврди дека Вучиќ има целосна контрола врз српското општество која му овозможува да потпише каков и да е договор што тој би го сметал за соодветен.

Нормализацијата на односите меѓу Србите и косовските Албанци беше и ќе продолжи да биде долг процес. Напорите да се запознаеме подобро се суштински важни и притоа граѓанското општество треба да придонесе за градење на таа клучна алка во синџирот на овој процес. Да, тоа ќе биде долготраен и напорен процес, но сепак тоа е клучна задача која ја има нашата генерација и истовремено претставува клучен придонес за идните односи во регионот.

 
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.
Пожарите – фактор изненадување после триесет годин...
Еколошката едукација е единственото решение
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Петок, 24 Септември 2021

  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.

    Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил.

    Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите.

    Повеќе

  • 1

Следете нè