fbpx

Во општество поделено околу вакцинацијата, правните дезинформации сеат страв од фашизам

Бојана Губерац

Bojana Guberac 400x500Ако пандемијата нѐ научи на нешто, тоа е дека во Хрватска како никогаш досега владее силна недоверба во системот и, што е уште поужасно, во професијата. Научивме дека политичарите нѐ лажат, или – како што во последно време е популарно да се каже во Хрватска – дека кажуваат невистини. Но уште повеќе загрижува тоа што голем дел од граѓаните и граѓанките на Хрватска велат дека мноштво експерти се припадници на „слугите на злото“, коишто се тука за да нѐ воведат во нов фашизам.

Преку ноќ експертите станаа шарлатани

Во сиот тој метеж околу п(л)андемијата се изгуби дури и онаа вечна поделба на лево и десно. Правни и медицински експерти во главите на ужасно многу луѓе станаа обоени со една единствена боја – онаа на фашизмот. Преку ноќ го загубија авторитетот, знаењето и идентитетот, па се здружија со Бил Гејтс против својот, а и против сите народи на светот, во најпеколниот план досега – да ни се грабне слободата и да станеме робови. Звучи налудничаво? Па, токму таква теорија им е потребна на луѓето коишто немаат развиена критичка свест за да сфатат дека не знаат и дека некој знае подобро од нив. Авторитетите навистина се тука да бидат преиспитувани, но да се мисли дека поради пристапот на интернет знаеш за темата повеќе од човек што се образувал за неа, тоа едноставно е – глупаво. Знаеме дека дипломата не баш секогаш значи и знаење, но тешко дека тоа е случај со секоја личност што стекнала диплома.

Тоа што истовремено е евидентно е фактот дека општеството лежерно користи зборови што не ги разбира. Ние, секако, секогаш имаме право да мислиме, тоа никој не може да ни го забрани, но не можеме да промениме што претставуваат поедини правни поими и закони. Во обид да ги расветлам правните дезинформации што циркулираат низ јавниот простор, разговарав со Сања Бариќ, раководителка на Катедрата за уставно право при Правниот факултет во Риека.

Дискриминација или право на државата?

Премиерот Андреј Пленковиќ неодамна изјави дека вакцинацијата против коронавирусот ќе биде услов за добивање поддршка за зачувување на работните места, што предизвика сеопшта хајка против премиерот од страна на стопанствениците.

„Не постојат апсолутно никакви шанси такво нешто да се спроведе во дело, зашто тоа не само што е спротивно на здравиот разум, туку и на Уставот и на правната практика на Европската Унија, но и на Резолуцијата 2361 којашто ЕУ ја усвои годинава, а со која се забранува каква било дискриминација врз основа на вакцинација“, изјави за „Лидер“ Дражен Орешчанин, извршен директор на „Здружение глас на стопанствениците“. Хрвоје Бујас, претседател на „Здружение глас на стопанствениците“ смета дека таквото условување претставува дискриминација. „Вакцинацијата против коронавирус во Хрватска не е задолжителна, и ако премиерот мислел исплатата на поддршката да ја услови со вакцинацијата на вработените, тоа е чиста дискриминација“, изјави за „Јутарњи лист“ и најави дека ќе поднесе тужба против државата поради дискриминација во досегашните мерки против пандемијата.

Vo opstestvo podeleno od vakcinacijata pravnite dezinformacii sirat strav od fasizam blog

Извор: lider.media

Но, прашањето е дали постои уставно-правен проблем со условувањето на вакцинацијата, со цел да се додели поддршка за зачувување на работните места?

На почетокот од нашиот разговор, Сања Бариќ истакнува дека едно е можноста за правна регулација, а сосема друго е избор на правилна тактика за постигнување цел. „Постигнувањето на целта е условено со разбирање на психолошките и социолошките причини за одбивање на вакцинацијата. Лично сметам дека оваа криза е недоволно добро менаџирана, како и дека се создаде чувство на недоверба во власта, а таа недоверба нема врска со вакцината. Таа е априорна. И тоа е лошо. Токму и овој наш разговор има за цел да расветли еден дел од тие дилеми. Да почнеме, значи, по ред. Условувањето за доделување поддршка со поседување КОВИД-потврда не е противуставно, ниту претставува дискриминација во правна смисла. Тоа што е битно е да воочиме дека државата има не само право, туку и обврска да го заштити здравјето на своите граѓани. Процесот што е поврзан со државната поддршка се одвива на следниот начин. Стопанствениците ја изведуваат својата дејност. Во согласност со уставот на Република Хрватска и меѓународните стандарди, стопанската дејност може да се ограничи, помеѓу другото и поради заштита на здравјето“, решително вели Бариќ.

Таа објаснува како ограничувањето на дејноста води до загуби во работењето, односно дури и го оневозможува опстанокот. Државата тогаш, вели таа, воведува мерки со кои во одредена мерка се санира таквата загуба, во обид за зачувување на работните места и на самата стопанска дејност. Бариќ наведува дека поддршката е давана од државниот буџет – значи, од средствата на сите нас. Во меѓувреме, најдено е поефикасно средство за заштита на здравјето – вакцина, кое државата повторно го набавила со средства од државниот буџет. Со наши пари, а не со пари од Андреј Пленковиќ.

„Со вакцинацијата може да продолжи секоја стопанска дејност и нема потреба од понатамошна поддршка. Тие што не се вакцинирани, а за тоа немаат оправдана медицинска причина (прележан КОВИД или ризик од развој на одредени болести поради лична или семејна анамнеза) всушност бараат за здравствената заштита да се издвојува двојно: не сакаат да се вакцинираат, а сакаат поддршка. Тоа е неспоиво со идејата за солидарност во општеството во коешто живееме и со идејата за уставното владеење. Да изведам заклучок: не само што поврзувањето на поддршката со вакцинацијата не е противуставно, туку речиси би можеле да го сметаме спротивното: дека делењето поддршки во ситуација кога имаме друго средство е неприфатливо“, истакнува Бариќ.

Таа додава дека е неопходно да се нагласи дека вакцинацијата не е условена. „Само во случај ако имаш загуба во работењето од над 40 отсто, ако се работи за дејност погодена од мерките, ако со тоа се чуваат работни места, само тогаш имаш право на помош од сите нас (државата, но од сите нас низ државниот буџет) во облик на поддршка. А ако при тоа и сам не си учествувал во настојувањата да се запре оваа болест (бесплатна вакцинација), на тебе како на работник едноставно не можеме да ти помогнеме. Тоа мора да биде сосема јасно и неспорно. Не значи дека ќе добиеш отказ, но ако не учествуваш, не можеш да бараш ние да ти помагаме.“

„Расфрлање“ со поими што не им се разбирливи

Бариќ наведува дека обвинувањата кон владата за дискриминација се „расфрлање“ со поими од правната струка што не им се разбирливи. Според Законот за сузбивање дискриминација, дискриминација е ставање во неповолна положба на лица што поседуваат одредена карактеристика, а којашто не е битна за одредена услуга, работа и ситуација. Во уставот на Република Хрватска, пак, во Членот 50 пишува дека стопанската слобода и сопственичките права може да се ограничат со закон поради заштита на здравјето на луѓето. Треба да напоменеме дека тука се мисли на постојните закони.

„На пример, ако имате диплома од правен факултет, не можете да работите како лекар затоа што е потребно да ги завршите тие студии. Но, ако сте завршиле правен факултет, а не сакаат да ве вработат затоа што сте жена (која потенцијално ќе биде мајка, па работодавачот не сака на вас да троши дополнителни средства) или затоа што сте гркокатолик, или затоа што сте член на некоја политичка партија, тоа е дискриминација зашто сите тие својства не смеат да бидат земени предвид при вработување. Во овој случај, како што објаснив погоре, вие всушност и немате некое инхерентно право на поддршка. Тоа е милоста на државата којашто, секако, ви помага зашто од вас е побарана жртва (неизведување дејност) за да се заштитиме сите ние. И да нагласиме: не е тоа некаква апстрактна држава, тоа е државниот буџет и пари од сите нас. Ние, всушност, сите заедно ви помагаме на вас, коишто не сте можеле да работите, за да нѐ заштитите нас. Но сега имаме вакцина и простете ако морате да го сфатите тоа, само вие одлучувате дека не сакате да учествувате во заедничкиот потфат за запирање на болеста со вакцинација. Во тој случај ние веќе немаме обврска да ви помагаме на вас. Ние, народот во целина, државниот буџет, а не злобната држава, немаме обврска да ги сносиме трошоците од вашата неразумност“, објаснува експертката за уставно право, за која е битно да нагласиме дека не е блиска до Пленковиќ.

Резолуција од ЕУ на која се повикуваат граѓаните

Според резолуцијата 2361 на ЕУ, усвоена во јануари, никој не смее да биде дискриминиран, ниту да биде под притисок да се вакцинира. Се крши ли, тогаш, резолуцијата поради условување со вакцинација заради доделување поддршка и дали таа би била прекршена со забраната за влез во, на пример, театар без КОВИД-потврда?

„КОВИД-потврда им се издава не само на вакцинираните, туку и на оние што прележале КОВИД. Од оние кои од медицински причини не можат да се вакцинираат воопшто не очекуваме да се вакцинираат, нив ги штитиме ние, сите останати, коишто смееме да се вакцинираме. Повторувам, добивање поддршка не е право, туку израз на солидарност во заедничките настојувања против оваа болест. Не можете да бидете дискриминирани ако не сакате да учествувате во заедничките настојувања. Забраната за влез на јавни настани, театарски претстави, концерти и слично, па дури и евентуалната идна забрана за влез во просториите на јавните установи или установите во коишто се одвива јавна служба (на пример, болници, училишта, факултети, канцеларии на државната управа итн.) не би била дискриминаторска ако предвидува и можност да се даде доказ, односно да се влезе со „свеж“ тест. Мошне е едноставно: или си прележал, или вакцинирај се, а ако не смееш да се вакцинираш или не сакаш да се вакцинираш, ќе се тестираш на секои неколку денови. Со тоа што би било добро на оние што имаат медицински причини за невакцинација да им биде обезбедено бесплатно тестирање“, вели Бариќ.

Понатаму, Бариќ дава толкување како Резолуцијата 2361 од Парламентарното собрание на Советот на Европа има само политичка, но не и правна тежина. „Станува збор за таканаречениот 'soft law' механизам, за препорака, не за 'hard law' механизам, не за парнично право. Меѓутоа, уште поважно е да се каже: три месеци по оваа Резолуција, Европскиот суд за човекови права во Стразбур, а тоа е највисокиот суд за заштита на човековите права и едно од телата на Советот на Европа, значи, истата организација што ја усвои оваа Резолуција, донесе своја пресуда во случајот 'Вавричка и други против Чешка', во која е одлучено дека е дозволено да се воведе обврска за вакцинација и да се пропишат финансиски казни за родителите, па и исклучување на невакцинирано дете од предучилишна установа.“

Постои ли правна основа вакцинацијата против Ковид-19 да биде задолжителна?

Сепак, иако премиерот неодамна изјави дека не можат да воведат задолжителна вакцинација, професорката Бариќ вели дека, правно гледано, можно е вакцинацијата да биде задолжителна. „Треба да биде изменета соодветната законска одредба и да се додаде обврската за вакцинација. Значи, тоа во моментов не постои, но може да се воведе во кој било момент. За тоа е потребна одлука на собранието во облик на закон, односно измена и дополнување на закон. Нагласувам и дека за донесување ваква одредба е потребно мнозинство, но не и дветретинско мнозинство од собраниските пратеници. Дветретинско мнозинство секако е пожелно во смисла на легитимитет, но не е уставноправно неопходно“, наведува Бариќ.

Значи, премиерот што е обвинуван за фашизам, може да воведе задолжителна вакцинација, но не го прави тоа. Не ми паѓа на ум да го бранам Пленковиќ или неговата влада, а особено кризниот штаб, затоа што од почетокот на пандемијата сите бевме сведоци на мноштво нелогичности, двојни стандарди и афери, но тоа и не беше темата на овој текст. Мене ме интересираат факти. Ни се допаѓало или не, Андреј Пленковиќ е на власт и има моќ за донесување одлуки врз основа на законите и Уставот на Република Хрватска. Веќе извесно време живееме во шизофрена состојба, но да бидеме искрени, со мошне благи мерки и рестрикции. Па сепак, нашето веќе длабоко поделено општество е уништувано со најновите поделби на вакцинирани и невакцинирани, па секако не е од помош да се шират правни дезинформации и страв во општеството, со наративот дека владата „промовира“ фашизам, а сепак постои на слобода на говор. Проблемот е што социјалните мрежи придонесоа секој да има свој поглед кон вистината, што може да доведе до тоа вербални судири на социјалните мрежи да се „прелеат“ на улица.

За да се одбегне такво сценарио, потребна е итна едукација на граѓаните заради обелоденување на дезинформациите, во којашто ќе се вклучат експерти што се грижат за народот, независно од нивниот светоглед, како и силно поттикнување на медиумската и политичката писменост. Стравувам дека Андреј Пленковиќ не е свесен дека во моментов тоа е најважниот чекор што неговата влада мора да го преземе.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Република во пламен
Како да си го одржиме менталното здравје по пандем...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Петок, 24 Септември 2021

  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.

    Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил.

    Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите.

    Повеќе

  • 1

Следете нè