fbpx

Клер Дели: ЕУ нема интерес за благосостојба на македонските граѓани

Интервју

30.04.21

Прегледи
Kler Deli EU nema interes za blagosostojba na makedonskite gragani 1

Клер Дели е актуелна ирска пратеничка во Европскиот парламент која не се воздржува да го нарече американскиот претседател Барак Обама воен злосторник кој зборува за мир, а испраќа беспилотни летала да убиваат цивили. Таа ја обвини ирската влада за проституирање со САД, а Европската Унија ја посочи како лицемерна кога ја осудува Русија за апсењето на Навални, а притоа името на Јулиан Асанж не смее ни да го спомене. На нас, Македонците, нѝ порачува дека ЕУ нема интерес за благосостојба на македонските граѓани и сè што бара да направиме е да ја подготвиме нашата економија за експлоатација од западниот капитализам.

Клер Дели е пратеничка во Европскиот парламен од јули 2019 година како членка на Европската обединета левица – Нордиска зелена левица. Пред тоа, во периодот од 2011 до 2019 година била пратеничка (Teachta Dála) во Парламентот на Република Ирска. Во ирскиот законодавен дом влегува како членка на Социјалистичката партија, но по една година ја напушта за да ја формира партијата Обединета левица. Политичкиот активизам ѝ почнува уште во студентските денови, кога ја предводи кампањата за право на абортус. Во тој период е и исфрлена од Лабуристичката партија поради покажани „милитантни тенденции“.

И мирисот на „затворските ќелии“ не ѝ е непознат. Во 2003 г. поминува 30 дена во притвор, заедно со други дваесетина истомисленици, поради учество во протести и непочитување на судска одлука. Повторно во затвор, но овој пат од другата страна на решетките, пркосно застанува во декември 2015 г., кога на судот му понудува 5.000 евра кауција за слобода на осомничен за тероризам припадник на Ирската Републиканска Армија (ИРА), воена организација која британската влада ја смета за терористичка. Помеѓу овие две посети на затвор, заедно со својот сопартиец Мик Валас водат самоиницијативна истрага за инволвираноста на високи полициски началници на ирската Гарда во трговија со дрога.

Нејзиното политичко кредо би можело да се опише како постојано инфилтрирање во системот, за одвнатре „субверзивно“ да дејствува на неговите аномалии. Затоа, уште од младоста, таа својот политички активизам институционално го артикулира, без при тоа да се препушти да ја заведе конформизмот и синекурата. Лондонскиот дневен весник Тајмс (The Times) ја опишува како една од најангажираните ирски пратеници во актуелниот парламентарен состав на Европскиот парламент.

Во ЕУ единствено има слобода за големиот капитал

Пошироката јавност на Балканот и во Македонија, имаше можност да се запознае со вас во почетокот на февруари, кога медиумите го пренесоа вашиот говор во Европскиот парламент во кој ја обвинивте ЕУ, западните влади и медиуми за хипокризија бидејќи бараат ослободување на Алексеј Навални, а во исто време не смеат да му го споменат името на Јулиан Асанж. Што Ве поттикна на овој вехементен, но, воедно, и емотивен говор?

ДЕЛИ: Случајот со Јулиан Асанж е многу важен случај за слободата на печатот за цела една генерација. Тој е новинар кој е затворен практично веќе 10 години и сега се наоѓа во најстрогиот затвор во Велика Британија, чекајќи ја екстрадицијата во САД. Доколку до тоа дојде, тој таму ќе се соочи со казна затвор од 175 години, заради откривање на воените злосторства на САД. Ние во Европскиот парламент имавме извештаи, во кои не нѝ беше дозволено да го споменеме името на Јулиан Асанж. Во меѓувреме, на денот кога Алексеј Навални го организираше своето враќање во Русија за да биде затворен (придружуван од голем број медиуми), Европскиот парламент веќе имаше дискутирано за неговиот случај бидејќи се соочуваше со казна затвор од две години. Контрастот покажува дека во ЕУ дискусијата за човековите права на Навални всушност немаше никаква врска со човековите права, туку беше искористена за геополитички цели за да се нападне владата на Руската Федерација. За жал, ваквото лицемерие е многу распространето во ЕУ.

Во друг ваш настап наведувате дека граѓаните на Каталонија со недели протестираат против затворањето од страна на шпанската влада на каталонскиот рапер Пабло Хасел обвинет заради неговиот јавен говор, но ЕУ за тоа молчи, а реагира само ако такво нешто се случува во Русија. Стануваат ли двојните стандарди обележје на политиките на ЕУ и западните влади и каде тоа води?

ДЕЛИ: Двојните аршини во ЕУ се постојано присутни и се рефлектираат на повеќе начини. Од една страна, имаме огромна дискусија за човековите права и демократијата во земјите кои се надвор од ЕУ, но, генерално, само за оние кои се на списокот на непријателски држави за САД. Многу ретко слушаме каков било разговор за кршење на основните човекови права во САД или во Израел и други слични земји. Да не зборуваме за фактот дека и земјите кои се во рамките на ЕУ многу ретко се критикуваат за слични прекршувања. Во случајот со Бугарија, каде што постоела неконтролирана корупција и огромни проблеми во врска со недостатокот на независност на судството, не е преземено ништо. Слушаме за апсења на демонстранти во Русија, но нема никаква дискусија за бруталното насилство извршено врз демонстрантите во Каталонија или во Франција. Ова е тренд што, веројатно, ќе продолжи и во иднина.

 Kler Deli EU nema interes za blagosostojba na makedonskite gragani 2
Вие јавно барате да се престане со русофобијата на ЕУ и злоупотребата на човековите права за интересите на индустријата за оружје. Во што ја гледате причината за толку изразената русофобија, како таа се манифестира во западниот јавен дискурс и дали Русија е навистина толку голема закана за ЕУ и западната демократија?

ДЕЛИ: Русија воопшто не претставува закана за ЕУ ​​во однос на безбедноста. Всушност, таа е пригодно страшило (Boogeyman) како би се оправдало зголемувањето на воените трошоци што ги бараат европските компании за вооружување, а од што имаат корист нивните акционери. Исто така, видовме и во последниве години, особено по недокажаните обвинувањата за вмешаноста на Русија во САД и со референдумот за Брегзит, обид да се обвини Русија дека е виновна за растот на екстремно десните сили во ЕУ, без да се погледне вистинската причина зошто луѓето гласаа Велика Британија да ја напушти Европската Унија и зошто луѓето се свртуваат кон крајната десница. Јасно е дека расте отуѓеноста од сегашниот економски систем ширум ЕУ, што значително доведува многу граѓани да се борат за својата економска егзистенција, а како последица имате да се продлабочува поделбата меѓу богатите и сиромашните. Во бегство од вистината, најлесен изговор е да се обвини Русија за овие проблеми, наместо прстот да се впери кон европскиот политички естаблишмент кој е, всушност, најодговорен.

Дали гледате криза на моралот во јавната политика на либералните држави или тие никогаш и не ја темелеле својата дејност врз етички принципи?

ДЕЛИ: Политичкиот естаблишмент на ЕУ, но и самата ЕУ како проект, се иманентно неолиберален концепт. Во него се зборува за слободи, но, всушност, единствените слободи што законски се применуваат се слободите за големиот капитал селективно да ги искористува слободите на граѓаните.

Ирска е вазална држава на САД

Вашиот антиглобалистички и антиимперијалистички однос кон политичкиот естаблишмен јавно го искажавте уште во 2013 година, за време на самитот Г8 и посетата на Барак Обама на вашата земја, кого, како пратеничка во ирскиот парламент, го нарековте лицемер и воен злосторник затоа што зборува за мир додека користи беспилотни летала за бомбардирање цивили и доставува оружје на сириските бунтовници. Во истиот говор, не ја поштедивте и ирската влада која ја обвинивте дека се проституира со американскиот претседател, а ирската нација ја прикажува како нација на макроа. Има ли Република Ирска сочуваново нешто од својот суверенитет и национална гордост или сѐ е подредено на инвестициите кои доаѓаат од глобалниот капитал и интересите на политичкиот естаблишмент?

ДЕЛИ: За жал, Ирска, која се бореше против британското владеење 800 години и ја стекна својата независност, не успеа да развие независна економска политика и, наместо тоа, државата се сврте кон американскиот империјализам, потпирајќи се на странски директни инвестиции, преку функционирање на систем на даночен егзил. Ова сериозно ја поткопа ирската економија и резултираше со ситуација во која улогата што можеше да ја игра Ирска како строго неутрална земја, да биде елиминирана и да биде видена како вазална држава на САД. Тоа, исто така, доведе државата да замижува на различните активности на САД, како што е дозволувањето да се користат нашите аеродроми за воени транзити, на што се спротивставуваат повеќето ирски граѓани бидејќи Ирска е неутрална земја.

Поради средба со семејството на Обама, во тој ваш јавен настап не бевте нималку нежни и кон иконата на ирската поп култура, Боно Вокс, кого го обвинивте за избегнување на плаќање данок, нарекувајќи го "Mr Tax-Exile himself". Какво е вашето мислење за Боно, не само како музичар, туку и како некој кој глобално се промовира за општествено ангажирана личност?

ДЕЛИ: Иако е музичар, Боно Вокс ја користи својата слава како платформа да коментира различни аспекти од ирскиот живот, во кои генерално ги поддржува ирскиот политички естаблишмент и оној на САД, притоа перфидно дислоцирајќи го својот музички бизнис во Холандија, како би избегнал да плаќа данок на ирската држава; приход кој, доколку би се собирал во Ирска, би можел да се искористи за пополнување на дефицитот во јавните услуги.

Зборуваме за Г8, американскиот претседател, ирскиот политички естаблишмент, глобалниот капитал, Боно Вокс... Каде е тука обичниот граѓанин на Ирска со неговите потреби? Колку системот е прилагоден да ги исполнува и неговите интереси и барања? Некаде прочитав дека секоја година над 4.000 жени од Република Ирска патуваат во Велика Британија за да абортираат бидејќи тоа не е дозволено во нивната земја.

ДЕЛИ: Животот за обичните луѓе во Ирска е многу тежок. По економската криза во 2008 година, граѓаните беа тие кои беа жртвувани за да се воздржат од своите потреби и беа принудени да ги плаќаат долговите на странските банки. Со години тие се одрекуваа од своите потреби и на нив им беа кратени јавните услуги. Економијата никогаш не се опорави целосно, а нееднаквоста меѓу граѓаните растеше, следена и со масовна криза со домување. Домувањето во Ирска е, практично, целосно приватизирано, голем дел од пазарот на недвижности беше отворен за американските грабливи фондови, кои купија огромни делови на имот за да ги издаваат под закуп, со што енормно ги зголемија и цените на имот. Со тоа, можноста за купување сопствен дом остана надвор од дофатот за многу луѓе, вклучувајќи ги и оние кои претходно се сметаа за вработени во стабилни компании и имаа солиден среден приход. Исто така, беше забележан и масовен пораст на несигурност за задржување на работното место. Голем дел од ова се должи на фактот дека не успеавме да создадеме соодветна индустриска или економска политика и затоа постанавме залог за големиот меѓународен бизнис.

Kler Deli EU nema interes za blagosostojba na makedonskite gragani 3

Што се однесува на вашето прашање за абортусот, тоа навистина беше ирска сурова реалност, но, за среќа, по повеќегодишна кампања, успеавме да го смениме уставот на Ирска и абортусот сега е дозволен во државата, така што таа состојба повеќе не преовладува.

Предлагам темата за хипокризијата и неморалот во политиката да ја пренасочиме на искуството кое го имаме ние на Балканот. На пример, мојата држава Македонија беше принудена од Грција да го смени името на државата како би можела да стане членка на НАТО. Сега, за да ги отпочне преговорите со Брисел за членство во ЕУ, на барање од Бугарија, мора да ја промени својата национална историја и да ја прилагоди на толкувањето на бугарската историографија. Не знам колку сте запознаени со овие проблеми на Балканот, но генерално, дали политиката и дипломатијата на ЕУ се трансформира од почитување на процедура, правила, стандарди и критериуми во уцени и непринципиелни барања?

ДЕЛИ: Јас сум целосно против НАТО и затоа жалам што Македонија се приклучи на оваа воена алијанса. Свесна сум за тоа што го зборувате за историјата, бидејќи во Европскиот парламент слушнав многу негативни коментари за Македонија од голем број бугарски европратеници. Не е тајна дека пратеничката група на Европските народни партии, која е поврзана со партијата на Ангела Меркел во Германија, се највлијателните во Европската унија и во своите редови ги имаат и претставниците на Бојко Борисов. За жал, ЕУ нема интерес за благосостојба на македонските граѓани и затоа условот за влез во ЕУ, кој е ставен на земјите од Балканот и на другите, нема никаква врска со подобрување на владеењето на правото и демократијата. Сè што треба да направите е да ги подготвите вашите економии за експлоатација од западниот капитализам и затоа се бараат неолиберални реформи како предуслов за членство.

Мора да се укине интелектуалната сопственост на вакцините

Веќе една година како живееме во пандемија од коронавирусот. Во однос на превенцијата преку вакцинацијата, ЕУ администрацијата во Брисел потполно потфрли. Вие, како европратеник, барате во Парламентот да ви се обрати претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Линден. Што би ја прашале доколку дојде до таква средба?

ДЕЛИ: Дебаклот со вакцините во Европската унија откри колку сме оставени на милост и немилост на големата фармацевтска индустрија и дека граѓаните се тие кои ќе ја платат високата цена за производството на лекови, затоа што тоа не е во јавни раце, туку им е препуштено на компаниите чија единствена причина за постоење е да создадат профит за нивните акционери. Клучното прашање на кое ЕУ треба да одговори е дека обезбедувањето вакцини на глобално ниво е ургентно барање и затоа укинувањето на правата на интелектуална сопственост на вакцините мора да биде донесено, за да би се обезбедил пристап до вакцината и во глобалниот југ, бидејќи никој не е заштитен сè додека сите не бидат заштитени. Ова апсолутно мора да се направи. Договорите мора да се отворат, а патентите мора да бидат укинати за да може да се започне со генеричко производство на вакцината.

Звучи парадоксално, но и покрај дебаклот со вакцинацијата, Европската комисија продолжува да одбива да издаде дозвола за употреба на руската вакцина Спутник. Ирационално ли е ваквото однесување на Брисел?

ДЕЛИ: Навистина немам идеја. Нема логична причина зошто вакцината Спутник не би била достапна во ЕУ. Официјалниот одговор од ЕУ е дека тие треба да се пријават до Европската агенција за медицина (ЕАМ). Верувам дека Русите го сториле тоа како што рекоа. Не знам што е најновото во тој поглед. Немам проблем да кажам дека и Спутник мора да помине низ ЕАМ, како и сите други вакцини, но сметал дека Европската комисија треба да ги охрабри и повика Русите да поминат низ тој процес, наместо, како што се чини, дека се обидува да стави бариери на патот, и пократ тоа што станува збор за витална медицина што може да ги спаси животите на граѓаните на ЕУ.

Да се вратиме кратко на вашето рано детство. Вие потекнувате од доста конзервативно семејство, легалисти и почитувачи на институциите и системот. Вашиот татко бил полковник во Ирската армија, а брат и вујко ви се католички свештеници. Сепак, вие сте атеист, се залагате за правото на абортус и целиот ваш политички ангажан е борба против системот, пркосење на институциите, не почитување на авторитетите. Каде го лоцирате клучното влијание во формирањето на вашиот светоглед? Очигледно дека тоа не е како последица на традиционалните односи и хиерархијата која постоела во вашите семејни односи.

ДЕЛИ: Ирската армија, на која ѝ служел мојот татко, е многу почитувана од сите граѓани на Ирска, бидејќи ние во минатото секогаш бевме неутрална земја која не учествувала во воена активност и играше важна улога во зачувување на мирот на меѓународно ниво. Иако јас самата не сум религиозна, целосно ги почитувам правата на другите граѓани да практикуваат какви било религиозни погледи, сѐ додека тоа не ми го наметнуваат и на мене. Моето семејство негуваше високи етички вредности и имаше силно чувство за социјална правда, што, веројатно, беше и од клучно влијание во мојот идеолошки развој.

Kler Deli EU nema interes za blagosostojba na makedonskite gragani 4
Во 1989 година бевте протерани од Лабуристичката партија на Ирска со образложение поради „милитантни тенденции“. Дали милитаризмот кај вас бил од идеолошко-левичарски убедувања или од националистичко-ослободителни мотиви за обединување на Северна Ирска со Република Ирска?

ДЕЛИ: Само по себе, јас никогаш не сум имала силни националистички ставови, иако правото на самоопределување им го признавам на сите народи, вклучително и на Ирците. Од друга страна, препознавам и дека има огромен дел од населението во Северна Ирска кои не сакаат да бидат дел од обединета Ирска и го почитувам и тоа. Јас сум повеќе интернационалист отколку националист. Од Лабуристичката партија бев избркана од причини кои немаат никаква врска со тоа што вие го наведувате, туку беа поврзани со фактот дека јас како член на партијата имав конекции и со други групи во Велика Британија т.н. троцкисти, што се сметаше за членување во повеќе организации, а што не беше дозволено.

Во декември 2015 година, вие заедно со независните пратенициМик Валас и Морин О'Саливан, доставивте до судот во Даблин понуда од 5.000 евра кауција за 23-годишник кој се сомничел за тероризам и членство во „републиканска терористичка организацијаКој беше мотивот да застанете во одбрана на припадник на ИРА, која британската влада ја смета за терористичка организација?

ДЕЛИ: Во време кога бев член на ирскиот парламент, заедно со моите колеги Мик Валас и Морин О'Саливан, работевме многу во затворите, со затвореници осудени за ситни престапи, но, исто така, и со некои политички затвореници. Тогаш, ние плативме кауција за еден млад човек, кој беше обвинет за членство во нелегалната дисидентска републиканска организација (ИРА-заб. авт.) затоа што верувавме дека тој не претставувал ризик за бегство бидејќи никогаш порано не бил обвинет ниту осуден за какви било кривични дела. Тој беше еден млад студент, кој беше држан во затвор многу долго време, без да биде сослушан иако имаше право да биде на слобода додека му се подготвувал предметот. Нашиот ангажман немаше никаква врска со неговите политички ставови - истото би го сториле и за било кој друг кој би бил интерниран во затвор без притоа да имал судење. За нас беше потполно неприфатливо на луѓето да им се одземе слободата пред тие да бидат сослушани за нивните дела.

Што ќе го преокупира вашиот политички ангажман во наредниот период? Имајќи ја предвид вашата претходна политичка активност, верувам дека трите К: Конформизам, Конвенционализам и Компромис, нема да бидат на агендата што ќе ја одредува вашата понатамошна политичка активност?

ДЕЛИ: Европскиот парламент, како и ирскиот парламент и било која друга политичка платформа што ја имав, секогаш ги гледав како платформи за да ги артикулирам моите ставови и загриженост за обичните луѓе и жртвите на неправдата и да укажам на лицемерието каде и да го приметам. Правејќи го тоа, се надевам дека ќе претставувам глас на безгласните, кои, честопати, се маргинализирани во официјалниот наратив иако се мнозинството во секое општество.

 

Новинар: Ненад Живановски