fbpx

Љубомир Кекеновски: Ни се спрема Прокрустова постела

Интервју

10.06.21

Прегледи
Ljubomir Kekenovski Ni se sprema Prokrustova postela 1

Професорот Кекеновски веќе подолго време не е присутен во пошироката јавност, освен се разбира пред своите студенти. Нема фајде, вели резигнирано за своите претходни обиди да влијае, да биде присутен во јавноста и да се обиде нешто да смени. Сепак, еве го повторно во нов обид да се направи нешто пред да влеземе во тоа, како што вели, несоодветно врамување и пред некој друг да ни ја дефинира „вистинската“ мерка.

„Веќе премногу долго се спорни критериумите и стандардите за влез во политиката и јавниот сектор. За да управуваш моторно возило поминуваш теоретски, практични и лекарски тестови/испити. За да управуваш со милионски бизниси во ЈП, да одлучуваш во државни институции ти треба само членска книшка и диплома, која можеш да ја набавиш во најблискиот образовен гранап“, вели во интервјуто за МКД.мк и Республика професорот на Економскиот факултет на УКИМ Љубомир Кекеновски. Неопходен е нов јавен конкурс за сите, со јасни критериуми и стандарди за да се одвои партијата од државата и да добиеме двојно помала и дигитално компатибилна администрација, вели професорот.

Од Васил Тупурковски, преку Никола Груевски, па сѐ до Зоран Заев многу милијарди беа ветени како некаков преродбенички инвестициски циклус. Не видовме аир од првите два, како го толкувате третиот обид?

- Сите аспекти на овој процес се сосема легитимни и познати, но според начинот и времето кога се лансираат, изгледаат како предизборни ветувања што имаат една психолошка димензија за подгревање на надежта дека сега е можеби лошо, но еве брзо ќе стигнат многу пари, ќе дојде до радикално подобрување и конечно крај на маките.

Целиот процес е базиран веќе долго време, како што споменавте, на една погрешна премиса, а тоа е дека ние сѐ имаме и сѐ знаеме, единственото нешто што ни фали се пари. Без да разбереме дека парите се последица на еден долг процес и напор на внатрешна промена и созревање, трпеливо работење на колективно и лично себеподобрување. Всушност, нереално e да очекуваме да дојдат „големи“ пари од надвор без да има уште поголеми преобразби од внатре. Инаку, и Косово и ние како Социјалистичка Република Македонија во СФРЈ, па и југот во Европа, по децении користење надворешни фондови, не само што не се развивме, туку само го зголемуваме економскиот јаз во однос на поразвиените. Значи нешто друго посуштински ни недостасува и некоја друга хтонска сила нѐ потонува на економското дно на Европа.

Конкретно, ние ги приватизиравме речиси сите општествени и државни претпријатија и не остваривме ни приближно такви приходи. Внатрешни резерви за приватизација немаме во толкав обем, и затоа сега односот кон јавната и заедничката сопственост е клучен. Еве, со последните обиди за легализација и законот за приватизација на земјоделското земјиште се последниот лакмус на кој ќе се види сериозноста во заштитата на јавните интереси. Затоа упатувам на висока внимателност за целиот процес.

Ljubomir Kekenovski Ni se sprema Prokrustova postela 2
Велите напор за внатрешна промена и созревање... Затоа не ни оди на економски план? Тоа ни фали – созревање? Каде грешиме?

- Нема ниту готови ни краткорочни решенија. Доволно е за почеток да се знае дека првиот услов е неопходност од длабоко преосмислување и преобразба на нашиот модел, низ критично образование и смисла за покреативни решенија. За да бидам попрецизен, факт е дека сите обични граѓани сме грешеле некаде и помалку, но сепак нашиот премин е пред сѐ неуспех на домашните полит-економски елити. Геополитичкото лимбо во кое се наоѓаме во надворешните односи, големите социјални и регионални диспропорции внатре се резултат на транзицискиот процес што можеше и мораше подобро да помине.

Нашите политички господари не ја разбраа првата задача и првата функција од книгата над книгите - ако сакаш да водиш и да управуваш, мора да си најдобар, а кога си најдобар, тогаш „Hic Rodos, hic saltus“, докажи, треба да си подготвен да ја исполниш својата деловна и социјална и хумана мисија, а тоа е привилегијата да му служиш на својот народ. Досегашната практика и кај нас и на Балканиве покажа дека народите им се слуги на општествените елити. Арчиблад Рајс најдобро го опишува тоа во трактатот „Чујте, Срби“, со кој го потврдува тој длабок јаз меѓу пресметливоста на домашните елити, наспроти наивноста на обичниот селанец/граѓанин, која трае до денес на нашиве простори.

Персонализација на политиката, клиентелизмот на медиумите и интелигенцијата, слабите правила на игра се лоша инерција. Притоа, сето претходно создаде моќна перцепција кај обичните граѓани дека сите се исти, па сега не ни очекуваат од нашите властелини дека мора да се однесуваат спастрено и одговорно во управувањето со јавните работи и нашите ресурси.

Веќе премногу долго се спорни критериумите и стандардите за влез во политиката и јавниот сектор. За да управуваш моторно возило, поминуваш теоретски, практични и лекарски тестови/испити. За да управуваш со милионски бизниси во јавно претпријатие, да одлучуваш во државни институции, ти треба само членска книшка и диплома што можеш да ја набавиш во најблискиот образовен гранап.

Всушност, ни недостига клучниот и најсофистициран производ што е резултат на сите наши знаења, предрасуди, очекувања и се вика држава. Државниот механизам е огледало на сѐ во општеството, таа е најчиста рефлексија на сите наши недугавости и тој феномен најдобро го објаснил, како функционира, Дарон Ачемоглу од МИТ, проследувајќи го на широки просторни и временски оски. Имено, или создавате екстрактивни институции што работат со променливи и слаби правила на игра, купи ден помини политика, што оди во корист на малку луѓе од политичката класа, или пак, имате инклузивни институции, прозрачни и тврди правила на игра, кои произведуваат социо-економско хомогено општество, што е клучна претпоставка за економски развој. Се надевам не треба дополнителни објаснувања, кај сме, какви сме и зошто сме вакви. Тие, тој, што ќе ја промени оваа непродуктивна парадигма мора да има карактер, визија и тим, тој не треба да биде само политички реформатор, туку државник што гледа подалеку од следните избори.

Ljubomir Kekenovski Ni se sprema Prokrustova postela 3
Кои предизвици се важни за глобалниот свет денес и како ние ќе одговориме?

- Може да почнеме со важноста на еколошката димензија, која ја објаснуваме со тоа што ние како вид/луѓе, сме тука само 0,3 отсто од времето откако е создадена Земјата, од 85 милиони видови живи суштества флора и фауна сме 0,1 отсто, а никој поопасно од нас не го загрозува животот на сите други видови на планетата. Затоа поддржувам радикален еколошки пристап кај нас, па и Жан Пол Сартр вели за да смениш нешто, треба да тргнеш од поинаква премиса или „да бидеме реални да го бараме невозможното“. Дали навистина има таква интелектуална и морална инспирираност или пак нашиве еколози имаат сличност со овие вредности и идеи исто толку колку што има Карл Маркс со Гручо Маркс многу бргу ќе видиме.

Каде е Македонија во сите овие големи поместувања и тектонски пореметувања?

- Ние сме сѐ уште насадени таму каде што нѐ опишал Страбон во неговата Географија, упорно не разбирајќи ја својата геопозиција, која може да биде проклетство како во 20 век, но и голема компаративна предност, како што покажа праксата на претходните империјални модели. Упатувам на делата на светски извесниот научник Трајан Стојановиќ како најтемелен познавач на овој регион во неговата временска, географска, климатска и културна димензија. Тој ја следи и ја продолжува линијата за тотална историја на Фернанд Бродел. Всушност, живееме во еден базичен несклад со природата, невалоризирање на климатските и географски карактеристики на просторот, дополнето и со маргинализирање на основните морални норми на општествено однесување.

Имено, Балканот е како чадорот и како умот, функционира само кога е отворен. Токму тоа е највисок економски и политички интерес на сите граѓани во регионот без разлика на етничките, религиозните и културните разлики. Во последниот век сѐ направивме обратно од сите природни и општествени текови. Сум напоменувал дека сите реки од овде течат во едно море и дека е тешко да се биде попаметен од природата.

Зошто така несериозно и полтронски се однесуваме кога станува збор за нас, за нашиот развој, за нашите граѓани?

- Првостепено поради тоа што со погрешните политики, негативната селекција и недостигот од колективен и индивидуален карактер, ги доведовме сопствените граѓани во субмисивна позиција. Сѐ потоа е само последица на претходното, земањето бугарски пасоши е најдобар пример за тоа. Затоа, Де Токвил најдобро објаснил дека робот не е само физичка, туку повеќе ментална позиција. Потоа, надворешните односи се само рефлексија на економската сила и политичката стабилност внатре во државата. Иако, мигрирањето може да се разбере и како позитивен процес на привремена евакуација од тука, но и како кратенка за брзо и квалитетно превоспитување на нашата неграмотна младина, која се удави/изгуби во оваа плитка вода на интернет-информации.

Се врши ли злоупотреба на историјата?

- Употребата на историјата има смисла само ако е во функција на иднината и ако е патоказ за политичките одлуки каде и како да се движиме напред во времето. Но еве, ние сме загубени во преводот, во интерпретација на настаните и етнофилетизмот. Видете каков историски парадокс ни се случува токму денес на Спасовден, на десет дена пред педесетница кога им е даден дух, сила и збор на апостолите да проповедаат низ светот на различни јазици, нам ни се оспорува јазикот, што воопшто не е ни христијански ни кирило-методиевски.

Затоа, на светот денес му е потребен и духовен ресет, од маштаб на големите идеи на италијанската ренесанса, француското просветителство и македонскиот светиклиментовски хуманизам.

Ljubomir Kekenovski Ni se sprema Prokrustova postela 4

При доделувањето на наградата за хуманизам на Институтот Охрид, годинава на господинот Абдулах Шарчевиќ од БиХ, поентирав дека Македонија и БиХ се два суштински столба на полуостровот. БиХ како анкер на југосферата, а Македонија како алка-катена мунди на поширокиот регион. Ако сме обете живи и здрави, има функционален и просперитетен Балкан. Сѐ друго е неприродна состојба. Живееме на географска и духовна вододелница, на граница на два света, на самата физичка острица на мечот на големи различности, кои некогаш се предност, а повеќе проклетство. Ако прогресираат овие негативни сценарија, изгледа ќе биде во право Андре Малро, кој иако левичар, уште во 60-те од претходното столетие предвиде дека 21 век ќе биде век на религии, а не на идеологии. На овие тези се надоврзува и Самуел Ханингтон, кој на таа основа го проектира судирот на цивилизации.

Може ли македонската економија да издржи до 2026 година со над 60% задолжувања од БДП? Може ли македонската економија да издржи јавна администрација од 130 илјади вработени, а таа бројка секоја година да се зголемува?

- Ја допревме горната граница на оптимумот од 60% кон кој треба да се движиме. Таа резерва што ја имавме претходно, ја искористивме со финансиска експанзија во пандемијава и треба да следува консолидација.

Кај јавната администрација и генерално во јавниот сектор ни треба длабок ресет. Вака, сѐ додека има само привилегии без отчетност, ќе се зголемува притисокот за вработување додека не се скрши гранката на која сите седиме. Неопходен е нов јавен конкурс за сите, со јасни критериуми и стандарди за да се одвои партијата од државата и да добиеме двојно помала и дигитално компатибилна администрација. Со тоа ќе направиме попис колку и што сѐ имаме на државни јасли. Во моментов колку што гледам или не знаат да ги вработат или не сакаат да работат како инспектори, па можеби сега ќе им тргне со полјаци и шумари. Изгледа само една партија кај нас ги разбира процесите и го прочитaла The Green New Deal од Џереми Рификин.

Ја пропуштивме ли шансата за членство во Европската економска зона или тоа одбивање така храбро го направивме во име на преговорите со ЕУ?

- Набргу, на поширокиот простор околу нас, ќе се разигруваат сценарија за економски зони, царински унии и други заедници за кои треба да подготвиме издржани кост-бенефит студии од релевантни институции. Ние, по обичај, се занимаваме со самите себе и времето за одлуки нѐ претркува. Да работиме потемелно и да се надеваме на најдобро, но се плашам дека вака неопитни може пак да се изненадиме како и повеќе пати досега и да се разбудиме во некоја Прокрустова постела што ни се спрема.

Можни ли се радикални сценарија?

- Како никогаш во нашата понова историја се вмножуваат дилемите, слично како и пред два и пол века, дали само преку револуција/насилство можат да се оживотворат вечните принципи на солидарноста, братството и слободата... или сето тоа може да се постигне и низ разбирање и љубов. Ако се вратиме на бистрите источници на кои нѐ учи изворното христијанство, ќе усвоиме дека единствената потребна и успешна револуција е индивидуалната/внатрешна револуција. Само така би можеле да го подобриме овој свет на алчност и грамзивост. За важноста на скромноста и моралната димензија во општествениот живот, за тоа колку ни треба тој универзален консензус, ни укажува и мудриот суфи Руми, кој вели „грев е тоа што не ти треба, а отров е сѐ што е вишок“.

Што нѐ научи пандемијава?

- Оваа здравствена криза нѐ научи на една базична економска лекција - на разликата меѓу вредноста и цената. Сите сме спремни да платиме и највисока цена за мир, за здравје..., притоа заборавивме дека сѐ не може да се купи, ниту да се изрази во пари. Па и самиот нобеловец по економија Роберт Шилер потврдува дека основа на секое успешно општество мора да е емпатијата. Сѐ друго, соголениот егоизам во економијата, пресметливоста во политиката и негирањето во културата, произведува социо-економска и безбедносна нестабилност во која сѐ помалку луѓе печалат сѐ повеќе, како трговци со стравот. Без една нова редефинирана и пристојна социо-економска рамнотежа, опстанокот на нашата цивилизација нема ниту смисла ниту иднина.

 

Новинар: Александар Дамовски Фотографија: Роберт Атанасовски

Интервјуто го изработи информативниот портал www.mkd.mk во соработка со онлајн платформата www.respublica.edu.mk на Институтот за комуникациски студиикако дел од проектот Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество што го финансира Британската амбасада во Скопје.