fbpx

Политика водена од разузнавање или разузнавање водено од политика

Магдалена Лембовска

Политика

04.02.19

Прегледи
МК   ALB

м-р Магдалена Лембовска

Magdalena Lembovska 200x250Еден од клучните приоритети треба да биде раскинувањето на нездравата врска меѓу политичарите и разузнавачите, и да се воспостават независни и самостојни служби кои професионално ќе си ја извршуваат својата работа.

Безбедносните служби, пред се Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) веќе подолго време се мета на стручната и општата јавност во однос на нивната директна вклученост во политичките настани и процеси. Со оглед на исклучително ниската транспарентност, многу малку се знае за нивната работа, а граѓаните слушаат за овие служби само во контекст на разни скандали поврзани со политичкиот живот. На тој начин постои ризик да се добие перцепција дека тајните служби се само оружје за остварување на интересите на политичките елити, или пак, обратно, дека тајните служби ги користат политичарите за свои цели.

Односите меѓу политичарите и разузнавачите се честопати предмет на расправа кога одредена земја се соочува со посериозни безбедносни ризици. Во академскиот дискурс, постојат две школи на учење: на една страна се „традиционалистите”, под влијание на Кент (Kent), кои се залагаат за поголема независност на разузнавачките служби. На другата страна се „активистите” предводени од Дејвис (Davis) и Хилсман (Hilsman) кои веруваат во поинклузивен пристап и блиска соработка меѓу разузнавачите и политичарите. Овие дебати се важни бидејќи ни овозможуваат да се апстрахираме од дневно-политичките збиднувања кај нас и да размислуваме за потемелни реформски решенија кои ги адресираат систематските недоследности.

Реформата на разузнавачките служби е еден од клучните приоритети за Р. Македонија и еден од предусловите за започнување на претпристапни преговори со ЕУ. Владата на 20 ноември го усвои моделот за реформа на безбедносно-разузнавачкиот систем со што предвидено е УБК да премине во самостоен правен субјект. Една од главните предности на моделот е овозможување на финансиска и функционална независност, за разлика од сегашната поставеност на службата во рамките на МВР. Истовремено, реформата би била нецелосна доколку не ја опфати и Агенцијата за разузнавање како уште еден од најважните чинители. Притоа, еден од клучните приоритети треба да биде раскинувањето на таа нездрава врска меѓу политичарите и разузнавачите, односно воспоставување на независни и самостојни служби кои професионално ќе си ја извршуваат својата работа.

Меѓутоа, не треба да се заборави дека службите не функционираат сами за себе, туку треба да имаат клучна улога во обезбедувањето на националната безбедност и градењето на безбедносните политики. Всушност, сите дефиниции за разузнавањето ја етаблираат оваа дејност како собирање и анализа на податоци и информации од значење за државата каде крајни корисници се донесувачите на одлуки, односно државниот врв. Во таа смисла, валидно е да се земе предвид потребата од независност, но и потребата од соработка меѓу разузнавачката дејност и креирањето на политики.

Потребата од независност

Дефинициите за разузнавањето, без разлика дали го потенцираат информацискиот аспект од нивната работа или организациската структура, никогаш не имплицираат активно вклучување на службите во процесот на креирање на политики. Поточно, на нив се гледа како на алатка и извор на информации за политичките лидери.

Сепак, ова не значи дека на разузнавањето треба да гледаме како на останатите владини служби. Овие служби се занимаваат со безбедноста, што всушност претставува основниот приоритет и јавно добро кое треба да го обезбедат оние кои се на власт. Оттука, разузнавачките служби не се само обични производители на аналитички извештаи кои се резултат на тајно собирање на информации, туку сносат огромна одговорност за поседување на високо-квалитетни разузнавачки анализи кои ќе се искористат за „добри” безбедносни политики. Потфрлањето на овој план носи огромни последици – за безбедноста на граѓаните, меѓународните односи и кај разни владини сектори. Всушност, кај нас е потребно да се подигне свеста кај владините претставници за подобро користење на разузнавачките информации при градењето на државни позиции за клучни прашања и развивање безбедносни политики.

Извор: pexels.com

Со цел нивните анализи да бидат објективни, разузнавачките служби треба да останат што е можно понезависни од политички влијанија. Политизацијата на овие служби досега се покажала како исклучително опасна алатка. Преку анализа на минатите случаи, Џошуа Ровнер во својот труд „Дали политизацијата некогаш може да биде добра?” ги има прикажано негативните последици од политизацијата на долг рок. Иако постојат случаи кога благата политизација овозможила одржување на „здрава” врска меѓу разузнавачите и политичарите, она што следело потоа значително влијаело на нивните продукти во негативна смисла: или започнале да ги прилагодуваат своите продукти за да им одговараат на тековните политики, или било какви промени во проценките на службите почнале да се сметаат за некаква опструкција кон актуелните политичари.

Освен тоа, во така сензитивна област како што е разузнавањето, мора да се има доверба кон разузнавачките служби. Ова е посебно важно при промена на власта кога новите структури ќе бидат претпазливи при соработката со разузнавачките служби доколку се сомневаат дека кај нив е задржано политичко влијание од нивните претходници. Во таков случај, може да се одлучат за кадровски промени со цел да се опкружат со разузнавачи од доверба; сепак, ова значи пропуштање на искусниот кадар доколку тој се смета за близок до политичките опоненти. Ова е посебно значајно во нашиот контекст каде тековната политичка гарнитура (со право) е многу претпазлива во однос на службите. Всушност, „прочистувањето” на УБК од несоодветен кадар е можеби најважниот сегмент од целокупната реформа и за истото е потребна посебна стратегија, одлучност, но и дополнителна партнерска поддршка.

Истовремено, избегнувањето на политизацијата на тајните служби не значи дека разузнавачите треба да се воздржат од политички проценки и сугерирање на решенија за безбедносните прашања. На крајот на краиштата, разузнавањето постои за целта на безбедносните политики. Нивните проценки треба да се темелат исклучиво врз искуството и експертизата на агентите, или како што вели Бетс (Betts) „да се донесе разузнавањето во сферата на политиката без да се корумпира”.

Со оглед на тоа што улогата на тајното разузнавање е да обезбеди независни анализи и проценки, не треба да биде вклучено во носењето на одлуки. Тој товар го носат политичарите и за тоа се одговорни пред граѓаните кои ги избрале.

Потребата од соработка

Во идеални услови, тајните служби ќе го следат разузнавачкиот циклус каде ќе добиваат насоки од политичарите за главните приоритети, независно ќе ги собираат и анализираат информациите и ќе ги дистрибуираат своите проценки и анализи до политичарите. Потоа, политичарите ќе обезбедат повратна информација со дополнителни насоки и во крајна линија ќе ги искористат разузнавачките проценки при носењето на одлуки и креирањето на безбедносни политики.

Сепак, во реалноста, најчесто нема стриктна поделба на фазите од разузнавачкиот циклус и двете страни мора многу поблиску да соработуваат во еден интерактивен процес. Всушност практиката покажала дека разузнавањето има огромно влијание врз политичките одлуки. На пример, Mclaughlin го посочува примерот од 2002 година кога врз основа на заклучокот на разузнавачите дека Пјонгјанг собира материјали за тајна програма за збогатен ураниум, Вашингтон се впушти во конфронтација со Северна Кореја која остана неразрешена.

Всушност, улогата на разузнавачките служби се менува во зависност од околностите. Херман (Herman) потенцира дека важноста на разузнавачките служби „зависи од заканите и опасностите, како и националната перцепција за нив” – кога заканата е поголема, разузнавачките служби акумулираат поголема моќ. Освен тоа, безбедносните прашања веќе не се „тајна работа”, туку јавно се дискутираат. Колку е поважно разузнавачкото прашање, толку повеќе ќе се расправа за политичките димензии. Пример за ова е досието за поседувањето на оружје за масовно уништување од страна на Ирак кое го објави британската влада со цел да ја информира јавноста и да добие поддршка за одлуката за инвазија на Ирак во 2003 година. Тогаш владата се соочи со критика дека не признава дека разузнавањето има одредени ограничувања и дека ја замаглува границата меѓу проценка и застапување. Во крајна линија, соработката е важна и неопходна, но владите сносат одговорност да не ја злоупотребуваат работата на разузнавачите за јавно да ја промовираат својата политичка агенда.

Кај нас, немаме информации за досегашните разузнавачки проценки и како истите влијаеле врз одлуките кои ги носат политичарите. Законот не предвидува редовни консултации и размена на разузнавачки информации меѓу чинителите и истото треба задолжително да се адресира во новите законски решенија. Понатаму, надзорот и контролата над службите не треба да се однесуваат само на законитоста при примена на овластувањата, туку треба да се воведе квалитативна димензија каде службите ќе бидат отчетни за содржината на своите анализи и проценки и ќе понесат одговорност доколку потфрлат да обезбедат навремени и точни информации за безбедносните закани. На пример, во Македонија познато е дека службите потфрлија во своите проценки за случајот „Диво Насеље”, како и за бегството на поранешниот премиер Никола Груевски, но засега се уште никој нема понесено одговорност.

Каде да се најде балансот

Нема потреба да се избира меѓу независноста на разузнавачките служби и нивната соработка со политичарите и донесувачите на одлуки. Клучот е во одржување на професионални и отчетни разузнавачки служби кои ќе бидат во постојана интеракција со владата, но ќе бидат ослободени од политичко влијание. Тајното разузнавање треба да обезбеди објективни анализи кои ќе се засноваат на докази, па дури и сугестии за политички прашања, но треба да стојат настрана кога станува збор за носење на одлуки. Таа задача им припаѓа на државните лидери, кои имаат легитимитет, но исто така и одговорност да носат одлуки во име и за сметка на граѓаните.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Магдалена Лембовска

Магдалена Лембовска е истражувач за безбедносни прашања во Аналитика Тинк Тенк. Авторка е на повеќе анализи и студии за добро владеење, реформи во безбедносниот сектор, нерегуларна миграција и заштита на човековите права и слободи. Има завршено магистерски студии по Глобален криминал, правда и безбедност на Универзитетот во Единбург.