fbpx

Res publica најавува: Приказни од регионот #2

Во првото издание на „Приказни од регионот“ се осврнавме кон различните предизвици со кои се соочуваа земјите од регионот во првите неколку месеци од пандемијата. Прочитавме седум „приказни“ преку кои сознавме како соседните земји и нивните здравствени системи беа погодени од првичниот бран на КОВИД-19.

Уште поважно, воочивме дека голем дел од земјите од регионот се во „иста каша“. Политичарите и политичките партии ги ставаа(т) сопствените политички интереси над тие на граѓаните. Во некои земји, бројот на нови позитивни случаи на КОВИД-19 не само што не се намалуваше, туку доживуваше „пикови“ во летните месеци, кога се очекуваше вирусот да стивне. Во меѓувреме, граѓаните во овие земји во најголем дел не беа дисциплинирани во следењето на препорачаните мерки за заштита и превенција.

После првите некоку месеци, сведоци бевме на одржување на големи јавни собири (концерти, спортски натпревари, прослави итн.) без никакво почитување на заштитните мерки. Сепак, овие собири не само што не беа контролирани, туку во некои случаи дури беа и поддржувани од власта.

Во меѓувреме, економијата потклекна пред вирусот. Како? Дознаваме преку „приказните“ на нашите соработници од Хрватска (Prlija), Косово (Sbunker), Србија (Не давимо Београд), Босна и Херцеговина (Анализирај.ба), Црна Гора (PCNEN) и Бугарија (Sega.bg). Тие покажуваат каде се згрешило во минатите неколку месеци, но и посочуваат што треба да се преземе во иднина.

Во пресрет на очекуваниот втор бран, бараме одговор на следното прашање: како да се избегне повторно целосно затворање на економијата, а притоа да се обезбеди максимална заштита за граѓаните?

Дознаваме во второто издание на „Приказни од регионот“.

Иницијативата „Приказни од регионот“ ја спроведува Институтот за комуникациски студии во рамки на проектот „Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество“ имплементиран од Институтот за комуникациски студии (ИКС), со поддршка на Британската амбасада Скопје.

Нашите партнери

PCNEN LOGO PARTNERI
PCNEN LOGO PARTNERI
PCNEN LOGO PARTNERI
PCNEN LOGO PARTNERI
PCNEN LOGO PARTNERI
PCNEN LOGO PARTNERI
PCNEN LOGO PARTNERI
PCNEN LOGO PARTNERI
PCNEN LOGO PARTNERI

Економски изгубена година во Црна Гора

Милош Кривокапиќ

Milos Krivokapic 200x250Несоодветните мерки на Владата на Црна Гора доведоа до намалување на депозитите за 138 милиони евра во периодот од февруари до април, најмногу во приватните компании, на кои им се закануваше ликвидност, како и зголемување на невработеноста за околу 5.000 луѓе и тоа само во април.

Со појавата на корона вирусот во Црна Гора, Владата воведе рестриктивни мерки кои вклучуваа забрана на јавни собири, одржување на физичко растојание помеѓу луѓето и затворање на голем број дејности за да се спречи ширењето на вирусот. Да не беа рестриктивните мерки, побргу ќе растеше бројот на заразени, како и смртноста на заболените, што ќе предизвикаше голем притисок врз здравствениот систем. Од друга страна, воведените рестриктивни мерки ја парализираа кревката црногорска економија во која туризмот како нестабилна гранка на економијата има удел од 25 проценти во БДП-то на земјата.

Фактот што границите беа затворени од средината на март до средината на август, доведе до понатамошно прелевање кон другите гранки на економијата, што дополнително влијаеше на падот на производите и услугите на оние гранки кои се директно или индиректно поврзани со туризмот.

Активираната спирала доведе до тоа државата да има помалку приходи од даноци, а компаниите веќе подолго време да ги намалуваат платите на вработените или да ги отпуштаат од работа поради падот на приходите. Јавниот долг е над 80 проценти, а буџетскиот дефицит, дефицитот на платниот биланс и падот на кредитниот рејтинг на земјата до зоната на шпекулативни долгови. Тоа само потврдува колку е ранлива црногорската економија, а надворешните шокови како КОВИД-19 се вистински предизвик и за многу поразвиени економии од црногорската.

Првиот пакет мерки

Владата на Црна Гора првиот пакет мерки го усвои на крајот на март месец. Една од најзначајните ставки во овој прв пакет мерки беше доделувањето на 70 проценти од субвенциите за минимална плата наменети за затворени дејности и 100 проценти даноци и придонеси на минималната плата за секој вработен. За загрозените дејности кои продолжија да работат, а кои беа потресени од пандемијата, субвенцијата изнесуваше 50 проценти од бруто износот на минималната плата за регистриран вработен.

Воведените мерки не беа доволни да се санираат негативните ефекти врз економијата, каде минималната плата изнесува 222 евра во земја, во која околу 98 проценти од економијата ја сочинуваат микро, мали и средни претпријатија. Во исто време, на крајот на март, владата на Велика Британија на вработените погодени од пандемијата им доделуваше 80 проценти од износот на платите што ги примаат, односно нето месечно до 2.500 фунти.

Минатата година приходот од туризам изнесуваше 1.100.000.000 евра, а годинава се очекува туризмот да биде на 10 отсто од минатогодишното ниво, што значи дека приходите годинава ќе бидат пониски за скоро една милијарда евра. Во Црна Гора има над 1000 таксисти кои поради пандемијата не работеа во текот на март и април, така што од нивниот пример може да се види колкаво е негативното влијание на пандемијата врз вработеноста. Обемот на кризата е јасно видлив во индустријата со која индиректно се поврзани уште 35.000 луѓе, главно угостители и трговци.

Вториот пакет мерки

На крајот на април годинава, Владата на Црна Гора му помогна на туризмот со 5 милиони евра, што е недоволно за економската индустрија што вработува над десет илјади луѓе и која остварила приход од една милијарда евра минатата година. Со овој втор пакет мерки е утврдено и 100.000 вработени во економијата да добијат помош во износ од 46 милиони евра нето за период од три месеци, што е околу 130 евра месечно по вработен, а тоа е далеку под минималната плата. Платниот помет во април минатата година изнесувал 1,65 милијарди евра, а годинава само 1,1 милијарда евра, па дури и тука се гледа разорниот ефект на корона вирусот.

Ekonomski izgubena godina vo Crna GoraИзвор: balkaninsight.com

За времетраењето на вториот пакет помош, Владата на Црна Гора ги намали платите на службениците со највисоки примања во администрацијата до 50 проценти Електроиндустријата ги удвои субвенциите за најранливите семејства каде што има 20.892 социјално ранливи лица и тоа чинеше 825.000 евра. Еднократна помош им беше дадена на невработените лица од евиденцијата на Заводот за вработување на 31 март, а такви лица имало 16.000, како и на некои пензионери, што заедно чинело 290 000 евра.

На крајот на месец мај, Црна Гора ги отвори своите граници кон земјите од Европската Унија, но тоа не доведе до пристигнување на странски гости, бидејќи Русија, Србија и Босна и Херцеговина се примарни пазари од каде доаѓаат луѓето, па многу хотели останаа затворени и цел јуни. Ребалансот на буџетот беше направен во јуни под претпоставка на пад на туризмот за 40 проценти, но бидејќи неговиот пад е двојно поголем, тогаш е јасно дека на државната каса ќе и недостасуваат многу повеќе пари отколку што е предвидено и проектирано од страна на власта.

Плажите и хотелите во јули беа морничаво празни, бројот на лица заразени со корона вирусот се зголеми, а невработеноста се зголеми за околу 30 000 луѓе, буквално беа погодени сите - туризмот, угостителството, трговијата, земјоделството, прехранбената индустрија. Немаше сезонско вработување, туку на вработените им се намалуваа работните часови и им се делеа откази поради зголемувањето на залихите, акумулирањето на трошоците и ниските приходи. Крузерите не впловуваа во Бока Которска, што директно влијаеше на бројните деловни активности во Котор.

Незадоволна бизнис заедница и граѓани

Бизнис заедницата не беше задоволна од спроведените мерки на Владата на Црна Гора, туку побара радикални промени, пред се намалување на стапката на ДДВ од 21 процент на 7 проценти за туризмот како и компаниите во оваа дејност да бидат ослободени од плаќање на сите локални и комунални такси за 2020 година со репрограмирање на обврските кон јавните претпријатија и локалните самоуправи.

Исто така, не беше усвоен Предлогот на Сојузот на работодавачи, Централната банка на Црна Гора да им наложи на комерцијалните банки да ги намалат каматните стапки и провизии поради кризата. Несоодветните мерки на Владата на Црна Гора доведоа до намалување на депозитите за 138 милиони евра во периодот од февруари до април, и тоа најмногу во приватните компании, на кои им беше загрозена ликвидноста, како и зголемување на невработеноста од околу 5.000 луѓе и тоа само во април.

Во тој период, државата можеше да отпише придонеси, даноци и локални даноци за период од три месеци на почетокот на пандемијата, но и систем на наплата на ДДВ по наплатена, не издадена фактура, каде што државата би била последна која ќе земе пари, после работниците, добавувачите, доверителите. Граѓаните генерално се придржуваа на мерките што вклучуваат карантин и затворање на голем број активности. Се разбира, имаше спорадични случаи на кршење на мерките, а против таквите лица беа поднесени пријави, така што може да се каже дека граѓаните беа дисциплинирани, слушајќи ги препораките на лекарите од Националното координативно тело формирано од Владата на Црна Гора во борбата против пандемијата.

Високиот степен на согласност на граѓаните во однос на политиката на властите беше нарушен во моментот кога Владата на Црна Гора го објави списокот на лица на кои им беа издадени решенија за задолжителна самоизолација во времетраење од 14 дена. Списоците содржеа имиња и презимиња на граѓаните и нивна адреса на живеење. „Дајте сите нека знаат кој од соседите и сограѓаните се доведуваат во опасност“, се вели во соопштението на Владата на Твитер.

Невладините организации најостро ја осудија оваа одлука на Владата на Црна Гора за директно кршење на Уставот, законите и меѓународните стандарди во областа на човековите права и демократијата, а „Вијести“ како медиум со најголема доверба од граѓаните одбија да го објават споменатиот список, не поддржувајќи ја одлуката на Владата којашто го прекрши Уставот. Сето ова доведе до пад на поддршката на граѓаните на Владата на Црна Гора во борбата против вирусот со вакви политики.

Третиот пакет мерки

На крајот на јули, Владата на Црна Гора го усвои третиот пакет мерки, кои вклучуваат субвенции за туризам од 83,4 милиони евра на краток рок, а целиот пакет вреди 1,22 милијарди евра на среден и долг рок од 2020 до 2024 година. Намалувањето на ДДВ-то на храната во туристичкиот сектор на 7 проценти беше добра одлука што требаше да се донесе порано, но паѓа в очи тоа што субвенциите за издавачите на приватни сместувачки капацитети се само 3 милиони евра, а тие сочинуваат 73 проценти од ноќевањата, што значи дека оние што изнајмуваат станови и апартмани не можат да очекуваат дури ни приближен дел во однос на оној што го добиваат хотелите.

Фактот што Владата на Црна Гора ги нарекува туризмот и земјоделството како стратешки гранки на економијата, тогаш очигледно е дека 3 милиони евра наменети за земјоделството од вкупно 127,4 милиони на краток рок не се доволна помош. Јавноста овие мерки ги сметаше за недоволни за зачувување на бројот на вработени и помагање на малите и средни бизниси, бидејќи многу луѓе останаа без работа.

Во јуни, црногорската влада побара заем од ММФ за економската криза предизвикана од пандемијата, во кој се наведува дека не планира до 2025 година да издвои средства за продолжување на изградбата на автопатот. Со оваа постапка, Владата на Црна Гора призна дека нема доволно средства за, како што велат, витален капитален проект за развој на земјата. Патем, заемот за изградба на автопатот Бар - Бољаре е земен од кинеската државна банка, за што територијата на Црна Гора беше ставена како колатерал, а судот во Пекинг е надлежен за евентуални можни спорови.

Треба да се напомене дека Европската инвестициска банка одби да го финансира овој проект, бидејќи физибилити студијата покажа дека изградбата на автопатот не е профитабилна и дека сериозно ќе ја разниша стабилноста на јавните финансии. Првата рата за автопатот доспева за наплата следната година, што ни покажува дека јавниот долг ќе се зголеми уште повеќе и дека кризата ќе трае подолг временски период.

Треба да се напомене дека третиот пакет мерки беше презентиран еден месец пред изборите одржани на 30 август, а станува збор за мерки каде што минималните пензии ќе бидат зголемени од 128 на 145 евра. Со оглед на тоа што има огромен пад на вработеноста во економијата, тогаш е јасно дека по формирањето на новата Влада ќе има намалување на вработеноста во јавниот сектор и намалување на платите, така што зголемувањето на минималните пензии нема да значи ништо во споредба со резовите што се подготвуваат за вработените во администрацијата.

Економски изгубена година

Економските мерки што Владата можеше веднаш да ги воведе поради пандемијата се брзото намалување на стапката на ДДВ, гарантирањето на откупот од земјоделските производители, со што ќе се зголемеа вработеноста и инвестициите во оваа дејност. Потоа, наплатата на ДДВ согласно наплатената, а не издадена фактура, преговори со доверителите за одложување на плаќањето на кредитните обврски со цел да се напумпаат пари во економијата за да се зголеми ликвидноста.

Давањето на великодушни субвенции на затворените и ранливи дејности беше потребно исто како што беше одобрен повеќегодишниот план за помош на националната авиокомпанија со неколку стотици вработени, Монтенегро ерлајнс, тежок 155 милиони евра. Микро, малите и средни претпријатија како столб на економијата мораа да имаат поголема поддршка од Владата на Црна Гора со цел да се подобри ликвидноста и да се одржи вработеноста.

Компаниите ќе мора работата да ја префрлат онлајн доколку е тоа возможно, како што некои ресторани воведоа нарачување на храна преку апликации. За многу граѓани, оваа година е економски изгубена, па затоа не е лошо времето да го искористат за работа на себеси - читајќи, учејќи странски јазици или совладувајќи ги основите на програмирање. Ни претстои долга и тешка зима, па затоа би било паметно да го дочекаме времето по КОВИД-19 со нови знаења и вештини.

 

Овој блог е објавен во рамки на иницијативата „Приказни од регионот“ која ја спроведува Рес публика во соработка со Анализирај.ба (БиХ), Sbunker (Косово) Не давимо Београд (Србија), PCNEN (Црна Гора), Prlija (Хрватска), ABCnews.al (Албанија) и СЕГА (Бугарија).

Прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземете
Забелешка: Ставовите и мислењата изразени во оваа статија се на авторот и не ги одразуваат нужно ставовите на Институтот за комуникациски студии или на донаторите.

Лоши економски политики и епидемија на откази во С...
Бугарскиот одговор на пандемијата: Фрлање пари во ...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Понеделник, 25 Јануари 2021

konkurs za najdobar blog

 

prikazni od regionot

Следете нè