fbpx

Осум години подоцна: Дали конечно Хрватска е навистина подготвена за Европа?

Бојана Губерац (Bojana Guberac)

Бојана Губерац

Bojana Guberac 400x500Хрватска стана членка на Европската Унија на 1 јули 2013 година. Многумина стравуваа од влезот во ЕУ, што јасно се гледа од процентот (33,13 %) на граѓаните кои беа против овој потег. Една од причините за страв беше и прашањето што ќе ни донесе тоа нам ЕУ. Речиси осум години подоцна, мојот впечаток е дека веќе и не се поставува прашањето што ќе ни донесе Европа, туку што ние сме ѝ донеле на Европа.

Пред воопшто да се започнат преговорите со ЕУ, неопходно беше Хрватска да се прикаже не само како лидер во регионот, туку и како уредена држава со пријателски намери кон соседството. За тоа беше потребно да се „нашминкаат“ односите со Србија. Па да почнеме со ред и да се вратиме во 2004 година, кога должноста премиер на Хрватска ја извршуваше Иво Санадер, кој моментално се наоѓа во затвор поради бројни афери, воглавно корупциски. Санадер тогаш беше првиот хрватски висок функционер кој се појави во српското културно здружение „Просвјета“ во Загреб и им го честиташе православниот Божиќ на присутните, со зборовите „Христос се роди“. Таквиот гест остана и до ден-денес, со оглед на тоа што хрватско-српските односи и до ден-денес се непроменети, иако имаа одредени подеми и падови.

Хрватско-српските односи

И покрај тоа што постоеја позитивни исчекори во односите, односно значајни службени посети од обете страни, ништо суштински не е променето. Српското раководство сè уште не признава дека Србија изврши агресија врз Хрватска, и покрај бројните пресуди во Хаг, на Меѓународниот суд за воени злосторства во поранешна Југославија. Што се однесува на позицијата на Хрватите во Србија, во 2004 година двете држави потпишаа договор којшто на припадниците на хрватската заедница требаше да им овозможи загарантирани места во Собранието на Србија, но тоа до ден-денес се нема случено, додека, пак, во Хрватска, на припадниците на српското малцинство им се загарантирани 3 места во Собранието.

Од друга стана, пак, пред војната во Хрватска, српската заедница броеше 12 % од вкупното население, додека пак според податоците од 2011 година, таа е смалена на 4,3 %, па оттука и не е тешко да се заклучи дека Хрватска има проблем со враќањето на српското население. Потрагата по околу 2000 исчезнати лица во билатералните средби е истакнувана како еден од приоритетите за подобрување на односите меѓу двете држави. Имено, хрватските власти и дел од граѓанските здруженија во Србија предупредуваа дека Србија не соработува по однос на ова прашање, имајќи во вид дека Хрватска години наназад бара од официјален Белград да ја предаде запленетата документација за време на војната од вуковарската болница, од каде што се однесени голем број хрватски граѓани, да ги отвори своите архиви и да им овозможи на истражителите да разговараат со лицата кои се занимавале со асанација и разузнавачки активности.

На одговорот се чекаше предолго, до октомври минатата година, кога конечно е договорено дека двете страни заеднички ќе се обидат да ја откријат судбината на исчезнатите, преку пребарувања на терен и истражување на архивите. Српската страна вети дека ќе ги пребара посочените локации на територијата на Србија, за кои постојат сомнежи дека на тие места се наоѓаат посмртните останки на голем број лица.

Од друга страна, Хрватска не го следеше вечниот пример – Германија – кога говориме за соочување со минатото. Во јавниот медиумски простор упорно се обидуваат да ги потиснат злосторствата извршени од хрватската страна за време на војната, под наводниот аргумент дека војска која се брани не може да прави злосторства. Чекорот кон некоја подобра иднина се случи минатата година кога хрватскиот државен врв положи венци во Грубори, каде што пред 26 години беа убиени 6 српски цивили.

Сè на сè, веројатно е дека прилично ќе се изначекаме додека ги видиме отворените добрососедски односи – не толку поради народот (луѓето кои поттикнуваат омраза се малцинство на обете страни) колку поради политичарите кои ги претставуваат овие две држави, а чиј анимозитет е секогаш добродојден пред избори.

Корупцијата – врежана во ДНК на политичарите

Би било лудо амбициозно да се обидеме да го сумираме сето она што се случуваше во изминатите 8 години од членството. Секако дека има премногу точки на коишто би можеле да се повикаме, па оттука е најправично да се осврнеме на неколку срамни епизоди, од кои некои се прикажуваат постојано и така станаа дел од нашиот идентитет како членка на Европската Унија – не поради обидот да се „демонтира државата“, како што овие денови нагласува премиерот Андреј Пленковиќ како одговор на медиумските критики и откривањето на аферите на владејачката партија, туку затоа што во демократијата, не само можност туку и обврска на граѓанинот е активно да учествува во креирањето здраво општество и држава од која младите не сакаат да избегаат во Ирска или во Германија.

За воопшто да успее тоа, конструктивната критика не смее се нарекува „велепредавство“, туку таа треба да се прифати и од неа да се извлечат одредени пораки. Ако оној кој ја извршува функцијата премиер на една држава нема волја да се соочи со основаните критики и аферите за луѓето кои тој ги поставил на важни позиции, би било добро да се запрашаме – дали можеби токму тој не е државниот непријател?

Што се однесува на корумпираноста, одговорот на прашањето дали напредуваме или назадуваме зависи од тоа кој како гледа на состојбите. Кога говориме за корупција, хрватските политичари озбилно ја имаат сфатено изреката „само небото е граница“. Според најновите податоци на Transparency International, во 2020 година, според индексот на корупција, Хрватска е полоша од Руанда. Две години по ред цврсто го држи 63. место со 47 поени, далеку под просекот на ЕУ, кој изнесува 67 поени. На истата листа, Словенија има 60, Црна Гора 45, Србија 38, Босна и Хецегодина и Косово 36, додека Северна Македонија има 35 поени.

Osum godini podocna Dali konecno Hrvatska e navistina podgotvena za Evropa slideИзвор: spiegel.de

Би било макотрпно и просто невозможно во еден текст да се набројат сите афери што последните години ја тресеа Хрватска, а неопходно е да се истакне дека ниту една влада досега не го поминала мандатот без афери. Доколку нè интересира каде стоиме денес, неизбежно е да се осврнеме на актуелната влада на Андреј Пленковиќ. На политичката Олимпијада, во трката за втор мандат, Пленковиќ стана шампион со смената на 14 министри, пред сè поради афери поврзани со личниот имот.

Се поставува прашањето дали за Европа хрватската корупција воопшто се смета за кривично дело, имајќи го предвид тоа што во ноември минатата година, Германија ја стресе гигантски скандал чијшто главен протагонист беше актуелната шефица на Европската комисија, Урсула Вон Ден Лејен. Дека шефицата на Комисијата го поддржува корумпираното ХДЗ на Пленковиќ се докажа и во нејзините појавувања во промотивните спотови на ХДЗ за парламентарните избори одржани во јули 2020 година. Поради официјална жалба која пред органот на Европската Унија ја поднесе хрватската невладина организација Гонг, Европската комисија објави дека ќе изработи нови насоки за учествување на нејзините членови во изборните кампањи на државите членки. На тој начин, шефицата на Европската комисија помина без последици. Народски би се рекло, „попапала маца“.

Хрватското претседателствување со ЕУ. Кое претседателствување?

За хрватското претседателствување со ЕУ се вршеше таква пропаганда која имаше за цел да му даде претерана важност на претседателствувањето, односно да се докаже како Хрватска со оваа должност покажува дека го поминала процесот на потполна интеграција во Европската Унија. Силните амбиции ги поремети пандемијата со коронавирусот, како и фактот што состаноците се одржуваа онлајн. Логично е дека фокусот на претседателствувањето е врз актуелната здравствена криза. Поради виртуелните состаноци, Хрватска заштеди одредени финансиски средства. Наместо планираните 50 милиони, на претседателствувањето се потрошени 17,8 милиони евра.

Исто така, претседателствувањето ќе остане запаметено и по тоа што шефовите на клубовите во ЕУ-парламентот упатија протестно писмо до Владата на Пленковиќ, во кое обвинуваат дека за време на хрватското претседателство се игнорира темата за заштита на владеење на правото во Унгарија и во Полска. Во писмото потсетуваат на вредностите врз кои се темели Европската Унија, а тоа се „човековото достоинство, слобода, еднаквост, владеење на законите и почитување на човековите права, влучително и правата на припадниците на малцинствата“.

Светла точка на хрватското претседателствување е политичкиот договор на министрите за европски работи на земјите членки на ЕУ за oтворање на преговорите со Северна Македонија и со Албанија.

Европа на два колосеци, кохезиските и развојните фондови

Иако номинално се напушти идејата за Европската Унија „поделена“ на богати и сиромашни членки, Холандија, Шведска, Австрија, Данска и Германија веќе го искажаа своето незадоволство кон планираната повеќегодишна финансиска рамка од 2021 до 2027 година. Хрватска, како земја членка која последна влезе во Унијата, не ги користеше доволно развојните средства, па би можело да се рече дека има сигурност и одредена заштита.

Исто така, Хрватска е единствената земја која користеше само еден програмски период на кохезиската политика, па има најави дека сепак ќе добие повеќе средства од останатите земји. Од една страна имаме „пријатели на кохезијата“, a од друга страна се земјите кои сакаат да го скратат буџетот за кохезиска политика и средствата да ги насочат кон нови приоритети, како што е борбата со климатските промени.

Како и да е, новите правила на економската прераспределба во наредниот период ќе се однесуваат и на Хрватска, која нема да профитира како одредени членки кои порано влегле во Унијата, поради тоа што е јасно дека богатите членки и во иднина ќе го продолжат трендот на „туркање“вакви економски политики. Очигледно е дека ЕУ станува поштедлива, а богатите земји, кога се работи за распределба на средствата, не се толку солидарни.

Човековите права и радикализацијата на општеството

Дигиталната доба и демократијата се цивилизациски достигнувања во коишто народот на Хрватска и не се снајде баш најдобро. Иако Хрватска со влезот во ЕУ је избра демократијата на Европа, граѓаните на Хрватска сѐ уште не сфаќаат дека во демократијата народот е власта. Граѓаните на Хрватска своето незадоволство, наместо на избори, неконтролирано и потполно несвесно го „лечат“ на социјалните мрежи.

Мнозинство граѓани воопшто не разбира што претставува слобода на говор, а тоа доведе до страотната појава на говор на омраза во виртуелниот простор, чијашто кулминација можевме да ја видиме во октомври минатата година, преку терористичкиот чин на 22-годишниот Даниел Безук, напаѓачот на зградата на Владата, кој потоа си го одзеде животот. Безук рани полицаец, а врз основа на истрагата на неговиот компјутер се утврди дека подолг период прегледувал информации поврзани со премиерот Андреј Пленковиќ и претседателот Зоран Милановиќ. Токму на социјалните мрежи, помеѓу група граѓани, Безук е прогласен за херој.

Пофрапантно од тоа би било да го чуете градоначалникот на Вуковар – Иван Пенав (кој со самиот факт што врши одговорна функција во Вуковар, најдобро би требало да знае што носи поттикнувањето на омраза) како терористичкиот напад го нарекува „бунт“. Премиерот Пленковиќ, во својствен манир, навремено „издаде потерница“ за обвинетите, повторно заборавајќи да се погледне во огледало и да сфати дека и тој самиот соучествувал во радикализацијата на општеството и дека таа не започнала на социјалните мрежи – нејзиното грдо лице го гледаме од основањето на Република Хрватска.

Дури и понапредни држави членки на Европската Унија се немаат спротивставено на радикализацијата, а како сведоштво за тоа, меѓу другото е и страотниот случај на трикратното убиство кое исто така се случи во октомври минатата година, во Ница, Франција. Имајќи ги предвид различните народи и нивната свест, Европа во иднина ја чека задача која не е воопшто лесна – Унијата ќе мора со заеднички сили да се соочи со бранот на омраза.

И на крајот, доаѓаме до човековите права за коишто, за разлика од повеќето развиени земји во Европа, во Хрватска се говори многу повеќе отколку што се спроведуваат на дело. Тоа е особено видливо во прашањето на женските права. Преку активностите на граѓанскиот сектор, неодамна се донесени нужни законски измени поврзани со насилството врз жените, а за да дознаеме колку донесените закони навистина се спроведуваат на дело, доволно е да се ѕирне во фејсбук-групата „# i mene se tiče“, па да се види целата бизарност на пресудите. Еве, да земеме пример и да се потсетиме на пресудата од 2020 година, со која полицаец кој сексуално ја вознемирувал колешката цела ноќ е ослободен од делото затоа што истото го направил САМО ЕДНАШ.

Да резимираме, Хрватска не ги искористи добро осумте години членство ниту по прашање на европските пари, ниту по таканаречените европски вредности. Можеме само да се надеваме дека во иднина, конечно ќе биде подготвена за Европа.

 

Овој блог е објавен во рамки на иницијативата „Приказни од регионот“ која ја спроведува Рес публика во соработка со HAD (Словенија), Анализирај.ба (БиХ), Sbunker (Косово) Не давимо Београд (Србија), Макрополис (Грција) PCNEN (Црна Гора) и Lupiga (Хрватска).

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Бојана Губерац (Bojana Guberac)

Бојана Губерац е новинарка на хрватскиот портал Lupiga.com, кој го спроведуваше проектот „Чекор понатаму: Предизвици на европска Хрватска“ во последните четири години. Во својата работа, таа е посветена на прашањата за човековите права, говорот на омраза и насилството врз жените. Таа пишува и за порталите CroL и Žene i mediji. Работела како новинар во програмата за култура и вести на окружната телевизија Канал Ри, Радио Ријека, Радио Сова и Хрватската радио-телевизија, како и во порталите Нови лист, Рипортал и Кварнер Њуз (Novi list, Riportal i Kvarner News). Во 2019 година таа создаде перформанс што се занимава со секундарна виктимизација на жени жртви на насилство, од кој е создаден експерименталниот филм „Пострашно од тупаница“. Во слободното време пишува поезија.