fbpx

Рес публика најавува: Приказни од регионот #6

„Нов бран, стари политики“

Државите ширум Балканот се соочија со нов удар од КОВИД-19 во претходните неколку месеци. Властите побрзаа да воведат низа од мерки, целејќи да се справат со пикот на инфекциите до крајот на летото. Некои држави повторно воведоа полициски часови, други воведоа задолжителни сертификати за вакцинација, а секоја држава се соочува со свои внатрешни предизвици додека се обидува да се справи со пандемијата.

Стапките на вакцинација сѐ уште не се на задоволително ниво во повеќето држави од регионот, а со оглед на тоа дека следат постудени месеци, луѓето ќе бидат понаклонети да се собираат во затворени простори. Во повеќето држави почна и училишната година, во некои со физичко присуство, што носи предизвици само по себе. Сето ова е причина за загриженост, затоа што властите во голема мера не беа во состојба да реагираат на брз, координиран и транспарентен начин во однос на предизвиците наметнати од пандемијата.

Во „Приказни од регионот #6“ ќе прочитаме како властите ширум Балканот се справуваат со пандемијата во овие разбранувани времиња. Се надеваме дека можеме едни од други да учиме од нашите искуства, како позитивни, така и негативни. Тоа е единствениот начин да почнеме да го гледаме нашиот излез од цврстите стеги на пандемијата.

Почнуваме во петок (1. октомври) со првиот напис.

Шестото издание на „Приказни од регионот“ го спроведуваат Рес Публика и ИКС, во соработка со партнерите од Хрватска (Lupiga), Косово (Sbunker), Србија (Autonomija), Босна и Херцеговина (Analiziraj.ba), Црна Гора (PCNEN), Словенија (DKIS), Албанија (Exit) и Грција (Macropolis).

„Приказни од регионот“ е иницијатива што е имплементирана од Рес Публика и Институтот за комуникациски студии, во рамки на проектот „Поврзување на точките: Подобрени политики преку граѓанско учество“, воден од ИКС, a со поддршка од Британската амбасада во Скопје.

Нашите партнери

PCNEN LOGO PARTNERI
PCNEN LOGO PARTNERI
PCNEN LOGO PARTNERI
PCNEN LOGO PARTNERI
PCNEN LOGO PARTNERI
PCNEN LOGO PARTNERI
PCNEN LOGO PARTNERI
PCNEN LOGO PARTNERI
PCNEN LOGO PARTNERI
PCNEN LOGO PARTNERI
PCNEN LOGO PARTNERI
PCNEN LOGO PARTNERI

Паника без вакцини, сега има и „за фрлање“

Младен Обреновиќ

Mladen Obrenovic 400x500Поради силното влијание на противниците на вакцинација, но и поради фактот дека Босна и Херцеговина многу доцнеше со масовната имунизација, процентот на вакцинирани граѓани е исклучително низок. Последните податоци укажуваат дека целосно вакцинирани не се ниту 12 отсто од возрасното население (ниту секој осми жител), а земјата е прва во Европа по бројот на починати на милион жители.

Кога немаше вакцини во Босна и Херцеговина, а бројките на заболени и починати беа на највисоко рамниште, незадоволните граѓани со право ги прозиваа властите затоа што не се способни да им пружат заштита против Ковид-19. Потоа вакцините, на почетокот како донации, а подоцна и преку COVAX и EU4HEALTH механизмот, како и преку директни набавки, почнаа да пристигаат. Овозможена беше вакцинација прво за најстариот и најзагрозениот дел од населението, а со спуштањето на старосната граница полека исчезнуваше интересот, без оглед што е овозможена вакцинација на сите – без повик или најава. Денес вакцини имаме и премногу, буквално и за фрлање, затоа што во наредниот месец и пол, ако не бидат искористени, големи количини ќе мора да бидат уништени.

Додека епидемиолошката состојба од ден на ден се влошува, а бројките на заболени (надминаа четирицифрени износи на дневна основа) и починати (одамна се двоцифрени) секојдневно растат, од пунктовите за вакцинација доаѓаат необични слики. Ако е најавено доаѓање вакцини Фајзер, коишто се прилично малку во понудата, се создаваат големи метежи и долги колони.

За другите вакцини, а на располагање се АстраЗенека и Синофарм, нема речиси никаков интерес. Особено е одбегнувана првата, а за тоа придонесе негативната кампања и мноштвото дезинформации во време на почетокот на примената на таа вакцина во други делови од светот, па од страв од нуспојави и компликации луѓето одбиваат АстраЗенека. Сите обиди на одговорните лица да ги разубедат се покажаа како неуспешни.

Недоверба од граѓаните

Со доста голема недоверба и силно влијание од противниците на вакцинацијата, но и поради фактот дека Босна и Херцеговина прилично многу доцнеше со масовната имунизација и во однос кон соседството, и во однос кон светот, процентот на вакцинирани граѓани е исклучително низок. Последните податоци укажуваат дека целосно вакцинирани не се ниту 12 отсто од возрасното население, значи ниту секој осми жител.

Објаснувајќи зошто луѓето одбегнуваат вакцинација, социологот Славо Кукиќ наведува дека постојат глобални фактори, како: силна антиваксерска заедница, сомнеж дека сѐ е производ од интересите на крупниот капитал и потребата за што поголем профит, но и локални фактори што важат во Босна и Херцеговина: недоверба во еден доминантен светски систем на вредности, недоверба кон луѓе, политички партии, институции...

„Таа недоверба е производ од тоа што просечниот човек во Босна и Херцеговина го проживеа во изминатите 30 години, време во кое постојано е манипулиран, па постои дел од свеста дека е субјект на постојана манипулација, национални или капиталистички интереси, светски заговори... Тој дел од недовербата се прелева и кон одбивањето да биде инструмент на еден светски експеримент“, смета Кукиќ.

Од друга страна, според податоците на Worldometers, Босна и Херцеговина до 20. септември имала 10.203 лица починати од последици од КОВИД-19, така што со 3.134 починати на милион жители е на второ место во светот, а на прво во Европа (предничи само Перу, а зад неа се Унгарија, Македонија и Црна Гора).

Економијата поважна од здравјето на луѓето

Додека суровата корона-статистика ја става Босна и Херцеговина на самиот неславен светски врв, на претставниците на власта очигледно им е поважна некоја друга статистика – онаа економската. Властите главно се фалат со растот на производството и на самиот БДП, па дури зборуваат и за најдобри економски резултати во историјата, а критичарите ги предупредуваат дека годинешните податоци не ги споредуваат со минатогодишните, кога поради коронавирусот сѐ запре.

Panika bez vakcini sega ima i za frlanjeИзвор: balkans.aljazeera.net

Но, притоа се заборава порастот на речиси сите цени, особено на храната, што не го следи и порастот на платите на работоспособното население и пензионерите. Со констатација дека расте сѐ освен платите и пензиите, Радио Слободна Европа неодамна објави податоци според кои просечната плата во ентитетот Република Српска изнесува 521 евро (просечната пензија изнесува 207 евра), а за потрошувачката кошничка потребно е да се издвојат 984 евра, додека во ентитетот Федерација БиХ вработените просечно примаат 510 евра (пензијата во просек изнесува 218 евра), додека за потрошувачка им требаат 1.057 евра месечно.

Коментирајќи го растот на цените на храна, при што како пример го зеде поскапувањето на маслото, премиерот на Федерацијата БиХ, Фадил Новалиќ, политичар и претходно познат по несмасни изјави, објасни дека 37 отсто повисока цена значи дека граѓаните ќе купат 37 отсто помалку од таа намирница. Тој повлече паралела со 40 отсто поевтините компири, но и со поевтиното гориво.

„Ако купувате масло, ќе купите 37 отсто помалку. Ќе купите помалку литри. Наместо 100 ќе купите 63. Ако купувате гориво ќе добиете 10 отсто повеќе“, пресмета Новалиќ.

Новалиќ и претходно, кога на граѓаните не им беше до забава, предизвикуваше внимание во јавноста, особено во контекст на коронакризата. Прво, додека вакцини пристигаа само од донации, а граѓаните навалија на вакцинација во Србија (и денес заминуваат таму во потрага по Фајзер) рече: „Ако сакавме да глумиме држава, ние вакцини ќе набавевме во декември“. Иако во раната пролет бараше помош, зашто немаше замисла како да набави вакцини, подоцна се правдаше дека во Босна и Херцеговина „не потрчале први“ по вакцини зашто не сакал граѓаните да бидат „експериментални зајчиња“. Кога беше предупреден дека би требало да стартува широка кампања за повикување на граѓаните на вакцинација, тој одговори: „Најпрво треба да имаме вакцини за да правиме кампања за вакцинација“.

Политичарите како лош пример

Самата кампања мина прилично незабележано, иако во неа беа вклучени познати граѓани, музичари, спортисти, но и верски авторитети, зашто нивниот збор сепак е слушан, па дури и фудбалски тренери од соседството, како Мирослав Чиро Блажевиќ, кој е роден во Травник и кој своевремено создаде вистинска мала ренесанса на репрезентативниот фудбал на Босна и Херцеговина, собирајќи симпатии од многумина.

Не помагаат ниту пропишаните епидемиолошки мерки, зашто речиси веќе никој не ни обрнува внимание на нив. Особено не политичарите, коишто со лош пример покажуваат дека за нив сѐ е можно и дозволено. На секои две седмици за мерките одлучуваат енитетските штабови, па ги спуштаат на пониските рамништа на властите. Федерацијата БиХ поради влошената состојба им нареди на кантоните воведување порестриктивни мерки врз основа на проценката на епидемиолошката состојба во кантонот, односно во општината, како и засилен надзор врз примената на епидемиолошките мерки.

Граѓаните се повикани на вакцинација којашто, заедно со придржувањето до превентивните мерки, би ја намалила бројката на заболени и умрени. И Штабот за вонредни состојби на Република Српска ги повика граѓаните доколку не се вакцинирале, тоа да го сторат што побрзо.

Медиумите во Босна и Херцеговина неодамна изнесоа податок дека 340.183 дози на вакцини во Федерацијата БиХ, од кои дури 319.930 вакцини АстраЗенека, набрзо ќе бидат неупотребливи, со потсетување дека во Република Српска таква судбина веќе доживеаја 55.000 дози. (Споменатата бројка вакцини на коишто им се заканува пропаст се однесува на октомври, а до крајот на годината би можело да им бидат додадени уште 100.000 дози. Одговорните од Заводот за јавно здравство сепак очекуваат дека нема да бидат уништени баш сите количини, зашто многу граѓани чекаат втора доза.)

Имунолозите предупредија дека малку е сторено за едукација на населението за важноста на вакцинацијата, со потсетување дека не постои ниту еден лек или вакцина што не може да предизвикаат несакани последици, но тие се занемарливи – на ниво на статистичка грешка. Залудни се и другите апели од експерти и научници дека сите вакцини се проверени и безбедни, па нема причина за бирање. Обврска за вакцинација не е – и веројатно нема да биде – воведена, токму како што сите најави велат и дека нема да постојат строги мерки како целосно затворање (lockdown), па сѐ останува на молбите и препораките коишто не се слушани баш од сите.

Кога властите на Кантонот Сараево неодамна ги предупредија оние што не се вакцинирани дека би можеле да се соочат со можни рестрикции, како забрана за влез во установи на коишто тие се сопственици, на протести излегоа педесетина граѓани, побараа оставки од одговорните и се заканија со кривични пријави. Се спротивставија, како што кажа Мерима Спахиќ, една од учесниците на протестот, на „ограничување на човековите слободи и ставањето 'меѓу четири ѕида' на лицата што не сакаат во своите тела да примат нешто за коешто мора да се потпише дека никој не е одговорен ако му се случи нешто“. Кантоналните власти потоа не усвоија никакви мерки.

Во меѓувреме, пораките кон граѓаните дека е неопходно да земат пример од далечниот Нов Зеланд или од поблиската Данска, затоа што во спротивно коронавирусот и понатаму ќе управува со животите на граѓаните, а нормализацијата на состојбата ќе зависи од други фактори, исто така не се сериозно сфатени. Летната лежерност набргу ќе биде заменета со есенска депресија. Неодговорното однесување само ќе ја влоши.

 

Блогот е објавен во рамки на иницијативата „Приказни од регионот“ која ја спроведуваат Рес публика и ИКС, во соработка со партнерите од Хрватска (Lupiga), Косово (Sbunker), Србија (Autonomija), Босна и Херцеговина (Анализирај.ба), Албанија (Exit News), Црна Гора (PCNEN), Словенија (DKIS) и Грција (Macropolis).

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Скринингот во училиштата да се прави барем еднаш н...
„Борците за слобода“ што ја загрозуваат демократиј...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Понеделник, 25 Октомври 2021

Следете нè