fbpx

#Республика ИНТЕРВЈУ со Слободан Велевски, професор на Катедрата за урбанизам при Архитектонскиот факултет во Скопје

Рес публика: Растот и развојот на Скопје во третата деценија од 21 век има многу отворени прашања и многу предизвици, но веројатно клучното со коешто ќе го отвориме разговорот, е дали Скопје има урбанистичка визија?

Слободан Велевски: Генерално кога се обмислува градот, архитектурата и урбанизмот следат два правци. Едниот правец е оној на стратегијата, а другиот е оној на идејата, односно на визијата. Стратегијата е процес на правење на нештата и тоа многу често се врзува со различни плански документи, како што е генералниот план за еден град. Меѓутоа визијата во суштината ја носи идејата. Идејата за тоа каков град сакаме да имаме. Дали сакаме да имаме град кој што е зелен, кој што ќе има дваесеттина метри квадратни зеленило по жител, како што Скопје имало непосредно после земјотресот, во ’70-‘80 години или ќе имаме не толку зелен град. Точно не можеме да знаеме колку, меѓутоа јас верувам дека тоа е околу 6-7 метри квадратни зеленило по жител. И сега секако може да размислуваме за сите оние загадувања, бучави, квалитет на живеење, дали сакаме да имаме град на многу автомобили, на многу нови згради, на многу нови метри квадратни или на многу нови жители. Генерално и визијата и стратегијата за еден град, кога тој се планира, се базираат на податоци. Ние за жал немаме попис веќе 20 години. Кај нас пописот се подразбира како една алатка за чист политички опортунизам, а не за планирање. Како да знаеме дали некаде ни треба нова градинка, ново училиште, дали ни требаат нови паркови, или може да градиме извесни згради, други инфраструктурни објекти, ако не знаеме колку луѓе сме? Така што Скопје е  апсолутно е град којшто имал и стратегија и визија во историјата. Но, во моментот имаме стратешки документи, а не сум сигурен дека имаме визија.

Velevski Vo Skopje ne viree bio svetot tuku probisvetot 1

Рес публика: Кога зборуваме за стратегиите, секој градоначалник за време на кампањата си има како џокер во рака, а тоа е сообраќајот во Скопје. Се изнаслушавме за трамваи, метроа, тролејбуси, сообраќајница под плоштад, сообраќајница на кејот на Вардар... А сѐ уште се возиме со автобусите на ЈСП. Дали Скопје има сообраќајна стратегија?

Слободан Велевски: Да, има сообраќајна стратегија, исто како што има и генерални детални планови. Меѓутоа таа е трома, спора и застарена. Сообраќајот, исто како и градот еволуира и се развива. Потребите се развиваат, така што нешто што било, што се мислело дека е добро пред 50 години, не значи дека и сега нешто што се реализира избрзано, ќе биде корисно. Да го земеме на ум проширувањето на булеварот „Климент Охридски“. Го имавме еден од најубавите шеталишта, булеварски, па дури и со зелен простор помеѓу коловозите, нешто што е навистина исклучителен квалитет и што повеќе го нема во Скопје. Ние го проширивме булеварот и сега имаме ленти кои практично не се користат. Избрзувањето на некои идеи за сообраќај, исто така може да е и проблем. Апсолутно е коректно и добра е оваа нова иницијатива сега што се прави – новиот мост преку Вардар, кај Аеродром, односно се поврзува Аеродром со Керамидница, се бајпасира еден голем дел од сообраќајот што секојдневно го обременува центарот на Скопје. Знаете како, со сообраќајниците навистина, и со сѐ друго, човек треба да внимава на балансот. Повеќе улици, значат повеќе автомобили, повеќе улици во Центар, значат повеќе автомобили во Центар. А ние имаме град со проблематичен центар во сообраќајна смисла. Тоа е една работа. Друга работа е да речеме ползувањето на можностите што ти ги дава јавниот транспорт и во таа смисла оваа иницијатива за брз јавен транспорт, за некој хибрид помеѓу автобуси, тролејбуси нешто што е условно кажано, решение за градови кои што не почнуваат од нула, градови што постојат, како што е Скопје, со обременети со постојни проблеми, јас се надевам и верувам дека ќе го подобри сообраќајот во градот. Значи нема да го реши, но ќе го подобри. Сега доаѓаме до тунелот под Кале. Дали има потреба да се избрзува? Не велам дека е лошо, меѓутоа треба да темпираме кога го правиме. И една многу битна работа. Сообраќајот на градот е дел од проектирањето на градот. Кај нас има една навика, за сообраќајот на градот да се консултираат само сообраќајните инжинери. Апсолутно ги почитувам знаењата коишто ги имаат. Нивните знаења се неприкосновени. Меѓутоа сепак тие не можат да ги видат, бидејќи не се обучени да ги согледаат просторните реперкусии на градот. Значи едно е кога решавате сообраќај, а друго е како тој коридор влијае на градот околу себе. Сообраќајот во градот е исто така и еден аспект кој што многу влијае на социјалниот контекст. Едно е, Генералниот урбанистички план во кој се предвидува сообраќајот, генералната сообраќајна мрежа на градот, дава насоки, меѓутоа тој не ги дава во целост решенијата. Тие решенија се разработуваат понатаму. Меѓутоа, пред да почне да се прави било каква разработка на тие проекти, мора да се проверат овие реперкусии на ваквите инфрастуктурни коридори.  

Рес публика: Во контекст на тоа, ги доведуваме во прашање слободните површини за коишто Живко Поповски велеше дека „Градот ќе биде голем ако успее да ги сочува тие слободни површини“. И слободната површина на фабриката „Треска“ успеа да се спаси пред пандемијава со одлука за јавен конкурс?

Слободан Велевски: Очекувањата од конкурсот за фабриката „Треска“ се големи. Големи се и во јавноста, но големи се и во архитектонскта професија, во дискурсот на архитектурата и урбанизмот. Како ќе се развива конкурсот, сѐ уште е рано да кажам, бидејќи сѐ уште не е објавен. Она што знам е дека е во подготовка. Позитивен сум во однос на конкурсот: прво сметам дека мора вакви парчиња од градот да одат на јавен конкурс, независно дали земјиштето е приватно или е државно. Зошто кај нас има една интенција, зборувам во архитектонската фела дека приватната сопственост е неприкосновена и дека сопствениците на земјиштето нивните барања мора априори да се задоволени. Никој не ја негира приватната сопственост. Меѓутоа таа сопственост значи и одговорност. Знаете како - кога планирате градови, зборувам за постоечки градови оти ретко во светот се прават нови градови практично не се прават - кога планирате град, најголем дел од територијата на тој град е изграден. И многу малку се слободните површини. Овие слободни површини, дали се паркови, градски шуми или некои девастирани градски површини, неизградени, се последните резервоари слободен простор. И - да, некои од тие земјишта се приватна сопственост, меѓутоа таа приватна сопственост и мора да биде внимателна, како ќе се артикулира во дефинирање на главниот квалитет на живеење во градот. Доколку конкурсната програма се направи во согласносто барањата на сопствениците на земјиштето, апсолутно не треба да се негираат тие, меѓутоа треба да се земат предвид и потребите на јавниот интерес за слободни површини особено вакви „жустри“ делови што е централно градско подрачје. Јас верувам дека конкурсот за фабриката „Треска“ ќе стане модел. Скопје е модернистички град, поради  земјотресот, поради таа постземјотресна обнова. Како модернистички град значи дека, вклучително и она што го спомнавте за професор Поповски, постои генералниот концепт на модерен град, значи дека имате многу слободни површини во коишто се набоцкани зградите. Се разбира, тука се и сообраќајниците и сѐ друго што треба да има еден град. Тоа е еден неверојатен ресурс којшто ние последниве 30 години комплетно го растуравме со градоградењето, со апсолутно неквалитетно градење на Скопје. И сега се држиме цврсто за овие последни бастиони коишто на некој начин треба да овозможат да се подобри квалитетот на живеење. Треба да бидеме внимателни. Скопје 2014 беше реализиран преку конкурси. А знаеме што се случи за Скопје 2014. И да не се повторуваме.

Velevski Vo Skopje ne viree bio svetot tuku probisvetot 1

Рес публика: Но исто, на два километри од Центар, во Општина Кисела вода имаме друго отворено прашање - „Расадник“, кадешто се предвидуват да никнат скоро 100 згради и каде постоечкиот ДУП е четири пати поголем од она што го предвидува ГУП-от за тој простор. Има ли простор за ревидирање на ДУП-от токму таму? Тоа е повторно слободна површина. Дали има простор за ревидирање на постојниот ДУП за „Расадник“?

Слободан Велевски: Секако дека има. Причината е онаа што ја наведовте - надминување на сите можни параметри којшто ги претпоставил планот од повисок ранг. Кога проектирате одредена површина на градски простор, се прашувате „Каде ја проектирам? Што проектирам? Колку квантитативно проектирам?“ И за сите овие три прашања потоа треба себеси како автор да си одговорите „Зошто го правам сето ова“? Ако дадете одговор којшто во себе ги задоволува сите засегнати страни, тогаш проектот е добар. Јас мислам дека со Деталниот урбанистички план за „Расадник“ имаме проблем. Имаме проблем во квантитативна смисла. Имаме проблем што перспективно, овој план нема да антиципира квалитет за поширокиот контекст на градот, особено за оние контакт зони коишто се настојуваат во „Расадник“. „Расадник“ е неверојатен ресурс што го имаше градот. Кажувам имаше во градот, бидејќи мислам дека тој дел, „Расадник“ како „Расадник“ беше големо парче зелена површина којашто беше управувана од Институтот за земјоделство, или за шумарство, не ме држете за збор. Меѓутоа тој беше отсечен од населбата, бидејќи беше физички ограден. И тоа се случуваше во текот на ’90-тите години. Пред 15 - 20 години, не знам дали помни јавноста, се случи пожар таму. Кога ќе ги видите снимките од пожарот, ќе видите дека пожарот гореше само на територијата кадешто има само зеленило таму.  Наеднаш немавме веќе  зелена површина и тоа можеше да стане градежно земјиште. Ова се недопустливи работи. Ова е процес од 15 - 20 години на девастирање на одредена површина на  градски простор.  Пробата за „Расадник“ веќе ја имаме направено. Еве таму веќе постојат дваесетина згради коишто се изградени непосредно до „Расадникот“. Одете и видете каков е квалитетот на живеење таму.  Имаме сообраќајници, паркиралишта и згради. Мислам дека Скопје е веќе уморен како град од тој профитерски урбанизам. Тоа е тотално отсуство на еманципација - и на граѓаните, и на локалните власти, на инвеститорите и на сопствениците. Ние сите и како граѓани мора да размислуваме не само за нашите лични интереси, туку и за интересите на поширокиот градски контекст. Во таа смисла, во „Расадник“, да, може да се гради, меѓутоа, колку и што, мислам дека е време да се размисли и тоа пред да почнат да работат багерите.

Рес публика: Заиграа багерите на просторот на Скопскиот саем - катче кое што беше белег на овој град. Дали можеше да се најде таму едно поинакво решение?

Слободан Велевски: Да, Скопски саем е уште една тажна приказна. Скопје е град, кој што имаше саем, а сега нема. И тука секој пат можете да ги поделите мислењата. Или јас сум критички расположен кон колегите архитекти и себе како архитект се разбира, дека ние знаеме да импровизираме со нашите изјави. Па така можете да најдете и во архитектонската професија такви тврдења – „па тоа е застарен концепт на економско промовирање итн, дека градовите што ги имаат земјите не знаат што да прават со нив..“. Тотално е небулозно. Еве Солун го надградува, го развива Саемот. Небулозно  е да се тврди дека еден град не треба да има Саемски комплекс.  Не е надминат тој концепт на промоција. И во таа смисла Скопје претрпе огромна загуба. Второ е нивото на економичноста на тој објект.  Значи едно е оној функционален аспект, вториот е архитектоснки аспект. И во двата случаи Скопје многу загуби со Скопски саем. Се разбира, бев вака резигниран кога видов дека се сруши Скопски саем. Човек е беспомошен, што може друго да прави. Ние сите делуваме во области во кои сме стручни да делуваме. Па така со студенти од трета година, на Урбанистичко планирање на Архитектонскиот факултет поставивме задача, дали може да има станбена населба, бидејќи таму се предвидува голем трговски центар и станбена населба, а притоа Саемот да остане. Резултатите беа изненадувачки. Тоа парче од територијата кадешто беше поставен Саемот, апсолутно можеше да функционира со 70-80 % од параметрите кои што сега ќе се изградат, а притоа Саемот да остане.  Просто неверојатно со која леснотија рушиме и менуваме работи. Тој е тој недостанок на еманципација што претходно го спомнав.

Velevski Vo Skopje ne viree bio svetot tuku probisvetot 1

Рес публика: Горливо прашање – паркингот спроти хотелот „Холидеј Ин“. Застана поради мораториумот. И каква е иднината со тој простор?  И тука, во првичните планови сопственците беа тие кои што го имаа водечкиот збор.

Слободан Велевски: Ова недефинирано парче, паркингот пред  „Холидеј Ин“ е просторен остаток бидејќи е нереализирана визија од постземјотресниот проект за Скопје. Практично така е оставен, девастиран. Сега во формална смисла, доколку се донесе Деталниот урбанистички план за „Расадник“, ќе го имаме истиот проблем што сега го имаме со деталниот урбанистички план којшто постои за „Холидеј ин“. Едноставно е погрешен Тој е толку е максималистички, што всушност што и да се направи таму, колку и да се реализира од тоа, ќе биде погрешно. Стварно е глупост да се тврди, како што се тврдењата на колеги – архитекти, но генерално и на општинските власти, дека јавен архитектонски конкурс не се прави за приватна сопственост. Тоа е така ако имаме парцела. Меѓутоа ако имаме толку важни парчиња од градскиот простор во централното градско подрачје коешто е меѓу последните бедеми што може да се опросторат, да се профитира од него, а тоа е и и социјален градски простор, тогаш тука нема што да се дискутира. На просторот којшто гравитира околу „Холидеј Ин“ ако направите еден круг, со Центар позициониран на оваа локација и радиус од еден километар, ќе видите дека овој простор тангира 100.000 жители. Тука гравитираат околу 100.000 жители кои што од својот дом, до овој простор се на не повеќе од десетина минути пешачење. И сега вие кажете ми - ја заштитувате приватната сопственост на сопствениците на тоа земјиште?! А приватната сопственост на овие 100.000 луѓе околу нив? Како ќе функционираат тие? Кој е квалитетот што сега го имаат, а кој е тој што  ќе го немаат ако се реализира тоа? Каква ќе биде вредноста на нивните станови ако се изградат толкави грдосии таму и толку големи објекти. Ај сега да ги поразговараме и тие работи. Ете тука се тие групите на граѓани. Јас сум среќен дека почнаа да се будат. Исто така сум среќен и дека градските власти се расположени да разговаат со нив. И тоа е веројатно дел од процесот на еманципација на градско живеење.

Velevski Vo Skopje ne viree bio svetot tuku probisvetot 1

Рес публика: Кому треба ваков град?

Слободан Велевски: Може ќе ме обвините дека ќе бидам вулгарен, меѓутоа јасен: градот како што се гради последниве 30 години, а се интензивираше во последниве 15 години, секако не му треба на био-светот. Пробисветите добро виреат.

Рес публика: Пред неполн месец е потпишан договор за подготовка за Генералниот урбанистички план. Колку можеме ние граѓаните, стручната фела како Вас, да влијаат за похуман живот во Скопје. Има ли шанса да направиме подобар град за живот?

Слободан Велевски: Апсолутно. Јас сум секогаш оптимист. Таман работа да не би се бавел со овој размер на урбанизам како дел од архитектурата, доколку не сум оптимист. Точно е дека многу работи се згрешени во градот. Меѓутоа и точно е дека може да се подобрат. Секогаш може да биде подобро од тоа што е.  Мислам дека многу од работите што ги дискутиравме, може да се коригираат со новиот генерален план. Точно е дека тој може да изнедри и стратегија, а и визија.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Ана Зафирова

  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.

    Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил.

    Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите.

    Повеќе

  • 1

Следете нè